1 февруари — Мигот што незапирливо се приближува

Мараната — Господ доаѓа

Мигот што незапирливо се приближува

1 февруари

„Но кој ќе го издржи денот на Неговото доаѓање, и кој ќе издржи, кога ќе се појави Тој? Зашто Тој е како оган, што растопува, и пепелница што чисти,“ (Малахија 3:2) {МАР 40.1}

„Поради својата грешност, израелскиот народ не смеел да се приближи кон гората кога Бог имал намера да слезе на неа за да го објави својот закон, зашто сите би биле уништени со разгорената слава на неговото присуство. Кога со таква манифестација на неговата сила било обележано местото избрано за објавување на Божјиот закон, колку пострашен ќе биде неговиот суд кога ќе дојде да ги оправда тие свети прописи? А како ќе ја поднесат неговата светост во големиот ден на крајната пресметка оние што го газеле неговиот авторитет? {МАР 40.2}

Кога божественото присуство се покажало на Синај, славата Господова во очите на Израелците изгледала како оган кој уништува сè. Но кога Христос ќе доаѓа во славата на сите свети ангели, сета земја ќе биде како во пламен од неопишаната светлина на неговото присуство. … {МАР 40.3}

Откако е создаден човекот, никогаш не се видела таква манифестација на Божјата сила како што бил случајот при објавувањето на законот на Синај. … Среде најстрашни потреси на вознемирената природа се слушнал Божји глас од облакот како звук на труба. Планината се тресела од подножјето до врвот, а илјадници Израелци, пребледени и тресејќи се од страв, паднале ничкум на земја. Оној, чијшто глас тогаш ја потресол земјата, порачува: ’Уште еднаш Јас ќе ја потресам не само земјата, туку и небото‘ (Евреите 12:26). {МАР 40.4}

Кога Мојсеј се вратил од гората каде што бил во Божјо присуство и каде што ги примил плочите на сведоштвото, грешниот израелски народ не можел да ја поднесе светлината што зрачела од неговото лице. А како ќе можат грешниците да гледаат во Божјиот Син кога ќе дојде во слава на Отецот и опкружен со сите небесни чети да им суди на престапниците на својот закон и на сите оние што го презреле и го отфрлиле неговото помирување? {МАР 40.5}

Но среде луњата на божествените казни, Божјите деца ќе немаат причина да се плашат. Господ ’ќе му биде заштита на Својот народ и одбрана за синовите Израелови‘ (Јоил 4:16). Оној ден, кој на престапниците на Божјиот закон ќе им донесе страв и пропаст, на послушните ќе им осамне ’со неискажлива и славна радост‘ (1 Петрово 1:8).“ (Патријарси и пророци, стр. 339–341) {МАР 40.6}