27 јануари — Да го задобиеме небото

Мараната — Господ доаѓа
Да го задобиеме небото
27 јануари
„Бидете будни во секое време и молете се, за да го избегнете сето она што треба да се случи и да застанете пред Синот Човечки!“ (Лука 21:36) {МАР 35.1}
„Деновите во кои живееме се свечени и значајни. Божјиот Дух постепено, но сигурно се повлекува од Земјата. … {МАР 35.2}
Состојбата во светот покажува дека времето на неволјата е пред нас. Дневните весници се полни со предупредувања за страшен судир во блиска иднина. Често се случуваат дрски грабежи. Чести се и штрајковите. Кражби и убиства има на секој чекор. Луѓе опседнати од демони ги одземаат животите на мажи, жени и мали деца. Луѓето се заслепени од порокот и се оддаваат на секој вид зло.“ (9. Сведоштво, стр. 11) {МАР 35.3}
„Целиот свет е вознемирен. Знаците на времето се застрашувачки. Настаните што следат фрлаат свои сенки пред себе. Божјиот Дух се повлекува од Земјата, а на копно и на море се случуваат несреќи една по друга. На Земјата наидуваат бури, земјотреси, пожари, поплави и убиства од секаков вид. … Луѓето брзо се редат под знамето кое сами го одбрале. Неспокојно тие чекаат и ги набљудуваат постапките на своите водачи. Има души кои чекаат и стражарат, работејќи на доаѓањето на нашиот Господ. Други се редат под командата на првиот голем отпадник. Малку се оние кои со срце и душа веруваат дека постои пекол што треба да се избегне и небо што треба да се задобие. {МАР 35.4}
Кризата полека ни се прикрадува. Сонцето свети на небото, минувајќи по својот вообичаен пат и небото сè уште ја објавува Божјата слава. Луѓето сè уште јадат и пијат, садат и ѕидаат, се женат и се мажат. Трговците сè уште купуваат и продаваат. Луѓето меѓусебно се судираат, борејќи се за највисоки позиции. Љубителите на задоволства сè уште ги полнат театрите, коњските трки и казината. Насекаде владее голема возбуденост, но времето на милост бргу се приближува кон крајот и сечија судбина ќе биде решена за вечност. … {МАР 35.5}
Низ вековите и до нас допираат опомените на нашиот Господ од Маслиновата Гора: ’Само пазете се: вашите срца да не бидат натежнати од прејадување и пијанство, и тегобни грижи за овој живот, за да не ве затекне оној ден ненадејно‘.“ (Копнежот на вековите, стр. 636) {МАР 35.6}
