23 јануари — Нетолеранција и прогонство

Мараната — Господ доаѓа
Нетолеранција и прогонство
23 јануари
„Помнете ги зборовите што ви ги реков Јас: ниеден слуга не е поголем од својот господар. Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазија, и вашите ќе ги запазат.“ (Јован 15:20) {МАР 31.1}
„Прогонството во своите разни облици е одраз на еден принцип кој ќе постои сè додека постои сатаната и додека христијанството има животна сила. Ниту еден човек не може да Му служи на Бога, а со тоа да не предизвика против себе отпор кај четите на темнината. Злите ангели ќе го нападнат, вознемирени дека неговото влијание може да им го земе пленот од рацете. Злите луѓе, укорени од неговиот пример, ќе се здружат со нив и со примамливи искушенија ќе се обидат да го одделат од Бога. Ако не успеат со овие средства, тогаш ќе употребат сила да извршат притисок врз совеста. {МАР 31.2}
Но сè додека Исус, како човеков посредник, се наоѓа во небесното Светилиште, ограничувачкото влијание на Светиот Дух ќе го почувствуваат и владетелите и народот. Тој сè уште до извесна мера ги контролира земните закони. Кога би ги немало овие закони, состојбата во светот би била многу полоша отколку што е сега. Додека многу владетели се активни орудија на сатаната, Бог има и Свои орудија меѓу водачите на народите. Непријателот ги инспирира своите слуги да предлагаат мерки кои во голема мера ќе го попречуваат Божјото дело; но под влијанието на светите ангели, државниците кои се бојат од Бога се спротивставуваат на таквите предлози со несоборливи аргументи. На овој начин неколку луѓе ќе ја задржат моќната струја на злото. Противењето на непријателите на вистината ќе биде задржано за да може третата ангелска вест да го изврши своето дело. Кога ќе биде објавена последната опомена, таа на себе ќе го привлече вниманието на овие луѓе поставени на одговорни места преку кои сега Господ работи, и некои од нив ќе ја прифатат, и во времето на неволјата ќе се приклучат кон Божјиот народ. … {МАР 31.3}
’А и вие, чеда Сионови, радувајте се и веселете се во Господ, вашиот Бог; зашто Тој ви дава умерен дожд, па ќе ви праќа дожд – пролетен дожд и есенски дожд, како и порано.‘ (Јоил 2:23) ’И ете во последните дни, рече Бог, ќе излеам од Мојот Дух на секое тело.‘ ’И тогаш, секој што ќе го повика името Господово, ќе се спаси.‘ (Дела 2:17,21) {МАР 31.4}
Големото дело на евангелието нема да се заврши со помала манифестација на Божјата сила од онаа што го одбележала неговиот почеток.“ (Големата борба, стр. 610–611) {МАР 31.5}
