22 јануари — Проучувајте ги Даниел и Откровението

Мараната — Господ доаѓа
Проучувајте ги Даниел и Откровението
22 јануари
„Блажен е оној кој чита и оние кои ги слушаат зборовите на ова пророштво и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.“ (Откровение 1:3) {МАР 30.1}
„Треба да се објави порака што ќе ги разбуди црквите. Треба да се вложи секој напор светлината да стигне и до нашиот народ и до целиот свет. Ми беше покажано дека пророштвата на Даниел и Откровението треба да се отпечатат како мали книги со објаснувања и да се испратат низ целиот свет. И нашиот народ треба да добие светлина што ќе му биде сосема јасна.“ (Testimonies to Ministers and Gospel Workers, стр. 117) {МАР 30.2}
„Оние што го јадат телото и ја пијат крвта на Божјиот Син ќе ја изнесат од книгата на Даниел и од Откровението вистината вдахновена од Светиот Дух. Ќе тргнат на дело со сила што никој нема да може да ја запре. Ќе се отворат устите на децата за да објават тајни што биле скриени од човечките умови. … {МАР 30.3}
Многу пророштва ќе се исполнат бргу едно по друго. Наскоро ќе се придвижат сите сили. Ќе се повтори искуството од минатото. Старите судири повторно ќе оживеат и опасности ќе го демнат Божјиот народ на секој чекор. Напнатоста го обзема човештвото и проникнува во сè на Земјата. … {МАР 30.4}
Проучувајте го Откровението заедно со книгата на пророкот Даниел, зашто историјата ќе се повтори. … Со сите предности што ги имаме во верата, треба да знаеме многу повеќе отколку што знаеме денес. {МАР 30.5}
Ангелите копнеат да проникнат во вистините што им се откриваат на луѓето кои со скрушени срца го бараат Божјото слово и се молат за подолго, пошироко, подлабоко и повозвишено познавање што само Бог може да го даде. {МАР 30.6}
Како што се приближуваме кон крајот на историјата на овој свет, пророштвата за последните денови бараат сериозно проучување. Последната книга на Новиот завет е полна со вистини што треба да ги разбереме. Сатаната им ги помрачил умовите на мнозина, па тие бараат секаков изговор да не го проучуваат Откровението. Но Христос овде, преку Својот слуга Јован, открил што ќе се случува во последните денови и вели: ’Блажен е оној кој чита и оние кои ги слушаат зборовите на ова пророштво и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.‘“ (Testimonies to Ministers and Gospel Workers, стр. 116–117) {МАР 30.7}
