15 јануари — Да го воздигнеме Исус како средиште на нашата надеж

Мараната — Господ доаѓа

Да го воздигнеме Исус како средиште на нашата надеж

15 јануари

„Јас, Исус, го испратив Својот ангел да ви го посведочи ова по црквите. Јас сум корен и род Давидов, сјајната ѕвезда Деница.“ (Откровение 22:16) {МАР 23.1}

„Пред нас се ужасите на последните денови. Во нашата работа треба да ги предупредиме луѓето за опасноста во која се наоѓаат. Да не дозволиме свечените вистини објавени преку пророците да останат занемарени. Кога нашите верници барем делумно би се разбудиле и би сфатиле колку се блиску настаните опишани во Откровението, во нашите цркви би настапила реформа и многу повеќе луѓе би поверувале во пораката. Немаме време за губење. … Изнесувајте нови начела и давајте ѝ што повеќе место на јасно изложената вистина. Таа ќе биде како меч со две острици. Внимавајте да не заземете непромислено непријателски став. Ќе дојде време кога ќе треба мирно да стоиме и да го гледаме Божјото избавување. Нека зборува Даниел, нека зборува Откровението и нека ја кажат вистината. Во секој настан што го изложувате, воздигнете го Христос како средиште на сета наша надеж, и претставувајте Го како ’корен и род Давидов, сјајната ѕвезда Деница‘ (Откровение 22:16). {МАР 23.2}

Во потрагата по вистината не одиме доволно длабоко. Секој што верува во вистината за сегашното време ќе се најде во положба во која од него ќе се бара да ја образложи својата надеж. Божјиот народ ќе биде повикан да застане пред цареви, кнезови, владетели и земски великодостојници. Божјите луѓе мора навистина да знаат што е вистината. Тие мора да бидат обратени мажи и жени. Бог преку Својот Свет Дух може за миг да ве научи повеќе отколку што би можеле да научите од најголемите луѓе на земјата. Вселената ја набљудува борбата што се води на Земјата. По бескрајно висока цена Бог му дал на секого можност да го стекне знаењето што ќе го направи мудар за спасение. Со каков жар ангелите гледаат кој ќе ја искористи оваа можност! Кога на Божјиот народ му се изнесува порака, тој не треба веднаш да ѝ се спротивстави. Треба да ја земе Библијата и да ја испита пораката според законот и сведоштвата. Ако не ја издржи таа проверка, пораката не е вистинита. Бог сака нашите умови да бидат отворени. Тој сака да ни ја даде Својата благодат. Секој ден можеме да изобилуваме со добри нешта, зашто Бог може да ни ги отвори сите небесни ризници.“ (Testimonies to Ministers and Gospel Workers, стр. 118–119) {МАР 23.3}