13 јануари — Тој ќе царува вечно

Мараната — Господ доаѓа

Тој ќе царува вечно

13 јануари

„Затруби и седмиот ангел, и по небото одекнаа силни гласови, кои викаа: ’Царството на светот стана царство на нашиот Господ и на Неговиот Христос, и Тој ќе царува во сите векови!‘“ (Откровение 11:15) {МАР 21.1}

„Христовото доаѓање, со кое ќе биде воспоставено царството на правдата, ги инспирирало авторите на светите книги на највозвишени и најогнени зборови. Библиските поети и пророците пишувале за тоа со зборови што гореле со небесен жар. Пеејќи за моќта и величината на Израелскиот Цар, Псалмистот вели: ’Нека се развесели небото и да се возрадува Земјата… пред лицето на Господ, зашто иде, зашто Тој иде да ѝ суди на Земјата. Тој ќе ѝ суди на вселената по правда, и на народите – според Својата вистина‘ (Псалм 96:11–13). {МАР 21.2}

Пророкот Исаија вели: ’Смртта ќе биде проголтана засекогаш, ќе ги избрише Господ Бог солзите од сите лица, и ќе го симне срамот од Својот народ во целата земја, зашто така вели Господ‘ (Исаија 25:8,9). … {МАР 21.3}

Пред да се раздели со Своите ученици, Спасителот ги тешел со уверување дека повторно ќе дојде: ’Да не се плаши срцето ваше… Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење… Одам да ви приготвам место. Кога ќе отидам и ќе ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам вас кај Себе‘ (Јован 14:1–3). … {МАР 21.4}

Ангелите, кои им се јавиле на учениците на Маслиновата Гора по Христовото вознесение, им го повториле ветувањето за Неговото враќање: ’Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак на истиот начин како што Го видовте да оди на небото‘ (Дела 1:11). А апостол Павле, инспириран со Светиот Дух, сведочи: ’Бидејќи Сам Господ по заповед, на гласот на архангел и при труба Божја, ќе слезе од небото‘ (1. Солунјаните 4:16). Пророкот од Патмос вели: ’Ете, иде со облаци, и ќе го види секое око‘ (Откровение 1:7). {МАР 21.5}

Од Неговото славно доаѓање зависи воспоставувањето на сè ’што беше рекол Бог преку устата на сите Свои пророци од создавањето на светот‘ (Дела 3:21). Тогаш ќе се скрши долготрајното владеење на злото. ’Царството на светот‘ ќе стане ’царство на нашиот Господ и на Неговиот Христос, и Тој ќе царува во сите векови‘ (Откровение 11:15).“ (Големата борба, стр. 300–301) {МАР 21.6}