9 јануари — Понизни луѓе ја објавуваат пораката

Мараната — Господ доаѓа
Понизни луѓе ја објавуваат пораката
9 јануари
„А освен тоа, ние имаме нешто уште поверно, а тоа е пророчкото слово; и добро правите што нему му обрнувате внимание, како на светило што свети на темно место, додека денот осамне и Деницата засвети во вашите срца.“ (2 Петрово 1:19) {МАР 17.1}
„За оваа порака (Откровение 14:6,7) е речено дека претставува дел на ’вечното евангелие‘. Проповедањето на евангелието не им е доверено на ангелите, туку на луѓето. Небесните ангели управуваат со тоа дело; тие водат големо движење наменето да му донесе спасение на човечкиот род, но самото проповедање го вршат слугите на живиот Бог што живеат на земјата. {МАР 17.2}
Ова предупредување требало да му го објават на светот верните луѓе кои ги прифатиле упатствата на Светиот Дух и учењата на Неговото слово. Тие внимавале на пророчкото слово, кое е ’нешто уште поверно‘ и кое апостол Петар го споредува со ’светило што свети на темно место, додека денот осамне и Деницата засвети во вашите срца‘ (2 Петрово 1:19). Тие барале знаење за Бога повеќе отколку сите закопани богатства и истото го ценеле повеќе ’отколку ризници со сребро и злато‘ (Изреки 3:14). Ним Господ им открил големи работи за Своето царство. ’Близок им е Господ на оние што имаат страхопочит кон Него; ним им го открива заветот Свој‘ (Псалм 25:14). {МАР 17.3}
Учените теолози ниту ја познавале ниту ја проповедале таа вистина. Кога би биле верни стражари, кога трудољубиво и со молитва би го проучувале Писмото, тие би го запознале времето на ноќта; од пророчкото слово би ги запознале настаните што треба да се одиграат. Но тие тоа не го сториле и поради нивната рамнодушност веста им е доверена на понизните луѓе. Исус рекол: ’одете додека има Светлина за да не ве опфати темнина‘ (Јован 12:35). Тие што ќе ја напуштат светлината што им ја дал Бог или што ќе занемарат да ја бараат додека им е при рака, ќе бидат оставени во темнина. Исус изјавува: ’кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот‘ (Јован 8:12). Оној што искрено ја бара волјата Божја и живее според светлината што ја има, ќе прими уште поголема светлина; на таа душа ќе ѝ биде пратена небесна ѕвезда со посебен сјај да ја води во секоја вистина.“ (Големата борба, стр. 312) {МАР 17.4}
