Како да се празнува саботата

← Ризница на ЕвангелиетоЛЕКЦИЈА 21 ОД 30

Како да се празнува саботата

Откријте ги библиските начела за празнување на саботата.

Лекција 21 — Како да се празнува саботата

Вовед

Во последните три лекции учевме за една од двете први божествени установи што самиот Господ ги воспоставил уште при создавањето на светот — бракот и саботата. Според Божјиот план, двете установи мораат да бидат обновени и вратени на нивното вистинско место. Во една од следните лекции ќе учиме за бракот и за среќниот дом, каков што Господ сака Неговите следбеници да го имаат.

Сепак, никој не може вистински да ја празнува саботата или да држи било која друга Божја заповед сѐ додека не Му дозволи на Христа потполно да влезе во неговиот живот. Човекот, по својата грешна природа, е во непријателство со Божјиот закон. Затоа Бог сака да му подари на човекот ново срце, што со едноставен јазик значи — нови мисли. Кога со вера ќе го добиеме Христовиот ум и Неговите мисли, ќе станеме едно со Него и така ќе го засакаме и Неговиот закон. Тогаш ќе можеме да го разбереме искуството на инспирираниот псалмист:

„Со задоволство ќе ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; Твојот закон е во срцето мое“

— Псалм 40:8

…и тоа ќе стане и наше лично искуство. Кога ќе Му дозволиме на Господа во потполност да ги контролира нашите мисли, ќе наоѓаме најголемо задоволство и радост во исполнувањето на Неговата волја. Неговиот закон — израз на Неговите мисли — ќе стане и наша мисла. Еден современ писател тоа прекрасно го опишува:

„Бог ни ги дал Своите свети прописи зашто го љуби човештвото. За да нѐ заштити од последиците на престапот, Тој ни ги открива начелата на праведноста. Законот е израз на Божјата мисла; кога е примен во Христа, тој станува наша мисла. Законот нѐ издигнува над силата на вродените желби и склоности, над искушенијата што водат кон грев. Бог сака да бидеме среќни и затоа Тој ни ги дал начелата на Законот, кои, ако ги почитуваме ќе ни донесат радост и мир.“

— Копнежот на вековите, 308

ДА СЕ ДРЖИ ЗА СВЕТО ОНА ШТО БОГ ГО НАПРАВИЛ СВЕТО

Зошто за нас е толку важно да се сеќаваме на Божјата сила манифестирана во создавањето?

„И навистина, она што е во Него невидливо, односно вечната Негова сила и Божественост, согледливи се уште од создавањето на светот, гледано според Неговите дела, па така тие немаат изговор“

— Римјаните 1:20; да се прочита и Псалм 111:4; 92:5; 2. Коринтјаните 4:6; Исаија 40:18-29

За нас е важно да Го запознаеме Бога и да веруваме во Него како Создател, затоа што Неговата сила, манифестирана во создавањето, може да го врати образот (ликот) на Неговиот возљубен Син во човекот кој е подготвен за покајание. Набљудувајќи ја чудесната манифестација на Божјата создавачка сила во природата, секогаш можеме да бидеме охрабрени, бидејќи истата таа Реч со која во почетокот е создадено сѐ, може и денес да ја оживее душата што е речиси мртва во престапот и гревот. Саботата ги враќа нашите мисли кон Бога, Создателот на небото и земјата. Таа, исто така, го насочува нашето внимание кон Неговата чудесна сила, која може да нѐ спаси од нашите гревови. Да Му бидеме секогаш од срце благодарни на Бога што предвидел таква можност и за нас.

Како се разликува четвртата заповед од останатите девет?

„Помни го саботниот ден, за да го празнуваш“

— Излез 20:8

Скоро сите останати заповеди започнуваат со зборот „не“. Четвртата заповед, пак, е карактеристична по тоа што започнува со зборот „Помни го“. Кога Христос е на прво место во нашите мисли и кога Го сакаме повеќе од сè друго, ние ќе се сеќаваме на саботата во текот на целата седмица. Сите наши планови и работни потфати секогаш ќе бидат во склад со празнувањето на саботата. Нема да го престапиме светиот Божји ден поради дадените околности, туку секогаш ќе настојуваме нашите околности да ги прилагодиме така што без пречки ќе Го славиме Бога во Неговиот свет ден.

Кога, според Библијата, започнува саботата?

„И настапи вечер, и настапи утро – прв ден.“ „И настапи вечер и настапи утро – втор ден“

— Види Создавање 1:5,8,13,19,23,31

„Од едната до другата вечер празнувајте ја вашата сабота“

— Левитска 23:32

Вечерта започнува „кога заоѓа сонцето“ (види Марко 1:32; Второзаконие 16:6; Второзаконие 23:11; Прва книга за царевите 22:35,36; Втора книга Летописи 18:34). Според Библијата, денот отсекогаш се сметал од заоѓање до заоѓање на сонцето. Така било кога била воспоставена саботата, и тоа останува исправно и денес.

ВЛЕГУВАЊЕ ВО БОЖЈИОТ ОДМОР

Што забранил Бог во Својот свет ден?

„Тогаш немој да вршиш никаква работа“

— Излез 20:10

Бог видел дека човекот, ако се препушти на сопствениот избор и волја, би работел седум дена во седмицата и на тој начин целосно би заборавил на својот Создател. Затоа, за да го заштити од претерана работа и од грижите за овој живот, Господ му го дал саботниот одмор. Сѐ што е поврзано со овоземната заработка е забрането да се работи во сабота. Оваа заповед важи не само за секој поединец, туку и за членовите на нашите семејства, како и за оние што престојуваат во нашиот дом.

Колку далеку досегаат вистинските принципи во празнувањето на саботата?

„Ако заради саботата ја воздржиш ногата своја да ги исполнува желбите на твоето срце во светиот Мој ден, и ако ја нарекуваш саботата радост, свет ден Господов, ако ја празнуваш и ако ја почитуваш со тоа да не се занимаваш со обичните работи, да им угодуваш на своите грешни желби и да празнословуваш, – тогаш ќе имаш радост во Господ, а Јас ќе те искачам на височини земни и ќе ти дадам да вкусиш од наследството на Јаков, твојот татко: устата на Господ го изрече тоа“

— Исаија 58:13,14

Овие стихови го опишуваат вистинското празнување на Божјата сабота. Кога Неговиот закон е запишан во нашите срца и мисли (Евреите 8:10), тогаш ова ќе стане и наше искуство. Саботата навистина ќе биде радост и милина за нас. Таа ќе претставува најсреќен ден во седмицата, ден во кој особено можеме да се приближиме до Бога и да одржуваме поинтимна врска со Него отколку во кој било друг ден од седмицата. Најголема радост и задоволство ќе ни биде да Го славиме Бога во тој ден, отфрлајќи ги своите патишта, своите задоволства и работи и целосно посветувајќи му го својот живот и своите интереси. Сатаната настојува да ја озлогласи саботата, прикажувајќи ја како тежок и досаден ден. Меѓутоа, препородениот христијанин увидува дека тоа е ден на радост и духовно окрепнување.

Дали саботата е предвидена како ден за јавно богослужение?

„Во шесте денови да работите, а седмиот ден е сабота – ден за одмор, свето собрание“

— Левитска 23:3

Во кој ден треба да се изврши подготовка за саботата?

„Тој ден беше петок, и саботата веќе настапуваше“

— Лука 23:54; да се прочита и Излез 16:22,23

Ако саботата е ден на кој треба да се сеќаваме во текот на целата седмица, тогаш петокот е посебен ден кога сите подготовки мора да бидат довршени. Готвењето, перењето, чистењето на чевлите, чистењето на куќата, отстранувањето на весниците и световните книги — сето тоа треба да се заврши пред заоѓањето на сонцето. На тој начин членовите на семејството можат да се соединат во благодарност и молитва, со радост поздравувајќи ги светите часови на саботата.

Како, според Божјата намера, треба да ги поминуваме часовите на саботниот ден?

Саботата не е ден за бескорисна неактивност или ден во кој треба да се наспиеме за цела седмица. Тој ден е одвоен за богослужение, здрав одмор и свети дела на побожност. На благотворното проучување на Божјата Реч во сабота можеме да се посветиме многу повеќе отколку во кој било друг ден во седмицата, бидејќи тогаш сме слободни од секоја друга работа. Во овој свет ден можеме да ги поучуваме децата за светата историја, за создавањето и откупувањето. Водејќи ги во природа, можеме да им овозможиме да Го набљудуваат Создателот во Неговите прекрасни дела. Исто така, саботата е ден во кој имаме привилегија да разговараме со Бога во молитва повеќе отколку во кој било друг ден. Колку повеќе се приближуваме до Него на овој ден, толку повеќе и Тој ќе ни се приближи. Да имаме секогаш на ум дека саботниот ден е Господов и Тој ќе биде со нас, давајќи ни ги благословите што ни се најпотребни за да ја почувствуваме радоста од вистинското празнување на саботата. Господ нека ни помогне секој од нас да го доживее ова благословено искуство во својот живот.

Проверете го наученото

Одговорете на прашањата, а потоа отворете ги одговорите за споредба.

Покажи ги точните одговори ✧ РЕШЕНИЈА ✧
  • 1. мисли.
  • 2. Исполнувањето на Неговата волја и празнувањето на Неговиот закон (саботата). „Со задоволство ќе ја исполнам волјата Твоја“ (Псалм 40:8).
  • 3. мисли; мисла.
  • 4. За да нѐ заштити од последиците на престапот, да нѐ издигне над гревот и да ни донесе радост и мир. Затоа што нѐ љуби.
  • 5. откупувањето (или спасението, обновувањето).
  • 6. Затоа што според Библијата денот започнува навечер, при заоѓањето на сонцето. (Создавање 1:5; Левитска 23:32).
  • 7. 1) Да ја нарекуваме саботата радост, свет ден Господов; 2) Да ја воздржиме ногата од одење по свои патишта; 3) Да не им угодуваме на своите желби; 4) Да не празнословиме.
  • 8. Во петок (денот на подготовка). (Лука 23:54).
  • 9. (Примери) Богослужение (свето собрание); проучување на Библијата; молитва; поучување на децата за Бога; прошетка во природа и размислување за создавањето; посета на болни и осамени; дела на милосрдие и помош.