Празници и годишници

Адвентен дом

Добро и лошо друштво

Упатство за празнување на празници. – Видов дека празниците не можеме да ги празнуваме според тоа како што прави светот, но не треба да ги запоставуваме, затоа што со тоа ќе предизвикаме незадоволство кај нашите деца. Во овие денови кога нашите деца се изложени на штетни влијанија и кога ги мамат световните задоволства и возбудувања, родителите треба да размислат што ќе им дадат на своите деца наместо овие штетни уживања. Покажете им на своите деца дека навистина се грижите за нивното добро и нивната среќа. {АД 472.1}

Луѓето од светот и од црквата дошле до сознание дека овие празнични денови се неопходни за здравјето и среќата, но последиците покажуваат дека тие се полни со зло. {АД 472.2}

Ние сериозно се трудевме да ги направиме празниците што поинтересни за младите и децата така што го променивме редот на нештата. Наша цел беше да ги одвратиме од забавата на неверниците. {АД 472.3}

Дали ангелот ќе запише: „Еден ден е изгубен?“ – Кога ќе се заврши денот на уживање, каде е задоволството на оној кој копнеел по него? Како христијански работници, кому му помогнале да живее подобар, повозвишен и почист изгубен живот? Што би виделе кога би го погледнале извештајот кој го запишал ангелот? Еден изгубен ден! Еден изгубен ден за нивната душа, еден изгубен ден за Христовата служба, затоа што не е направено никакво добро. Ќе има уште денови, но нема да го има оној кој е поминат во лесномислен разговор на девојките со момчињата и на момчињата со девојките. {АД 472.4}

Никогаш повеќе нема да се пружат истите можности. Подобро на тој празник да работеле најтешка работа. Тие правилно не го искористиле својот празник и тој влегол во вечноста, за на судот да ги сретне како потрошен ден. {АД 473.1}

Роденден – време да го прославиме Бога. – Кај старите Евреи, според Божјиот налог на роденденот на детето се принесувал дар. Денес гледаме како родителите особено се трудат за роденденот на своите деца да им подготват дарови; од тој ден создале можност да му укажат чест на детето како човечкото суштество да заслужува чест. Во ова сатаната има свое влијание: ги насочил мислите и даровите кон човечките суштества; така децата се окупирани со себеси, како да се предмет на особено внимание… {АД 473.2}

На роденденот децата треба да се поучат дека тие имаат причина да му заблагодарат на Бога за Неговата љубов што за уште една година го сочувал нивниот живот. Така можеме да им дадеме скапоцени поуки. За животот, здравјето, храната и облеката, а особено за надежта за вечниот живот, ние на Дародавецот му ги должиме сите добра; должни сме да Му заблагодариме на Бога за неговите дарови и на својот голем Добродетел да му ги донесеме нашите дарови и благодарности. Небото ги признава таквите роден денски подароци. {АД 473.3}

Роденденот – време да го погледнеме својот годишен извештај. – Овозможете им на децата тој ден да го прегледаат својот живот од изминатата година и да размислат дали би можеле да се соочат со овој извештај запишан во небесните книги. Поттикнете во нив сериозни мисли, дали нивното однесување, нивните зборови, нивните дела се угодни на Бога. Дали настојувале својот живот да го усогласат со Христовиот живот, да биде убав и мил на Бога? Учете ги на Господовото познавање на Неговите патишта и на Неговите правила. {АД 473.4}

Божјото дело на прво место. – Му кажав на своето семејство, но и на своите пријатели: „Јас не сакам никој да ми подготвува подарок за роденден или за Божиќ, доколку немам право да го предадам во Господовата ризница да се употреби за основање на мисија”. {АД 474.1}

Како да го празнуваме Денот на благодарноста. – Се приближува нашиот Ден на благодарноста. Дали тој ќе биде како што во многу случаи бил благодарење лично на нас? Или тоа ќе биде благодарност на Бога? Нашите денови на благодарност може да бидат од голема корист за нашата душа како и за другите, ако ја искористиме оваа можност да се сетиме на сиромашните кои живеат меѓу нас… {АД 474.2}

Има стотина начини како можеме да им помогнеме на сиромашните како да почувствуваат дека тие нам ни укажуваат чест кога ги примаат нашите подароци и ни изразуваат наклонетост. Да имаме на ум дека поблажено е да се дава отколку да се зема. Нашите браќа посветуваат посебно внимание на оние од кои сакаат да им се укаже чест и од кои очекуваат почитување, иако на таквите воопшто не им е потребна помош. Вообичаено е мислењето: Дај им на оние кои ќе ти дадат тебе, но тоа не е библиско давање. Божјата реч е против вакво угодување на себе во давање на нашите дарови: „Кој му дава на сиромавиот нема да му недостасува”. {АД 474.3}

Доаѓа ден кога нашата начелност ќе биде искушана. Да почнеме да размислуваме за тоа што можеме да направиме за Божјите сиромашни. Со наша помош ќе ги направиме соучесници во Божјите благослови. Размислувајте на која вдовица, на кое сираче или на кое сиромашно семејство можете да му помогнете; не правете од тоа голема претстава, туку бидете канал со кој Господовото изобилие како благослов ќе потече кај Неговите сиромашни… {АД 474.4}

Со ова не е опфатена целата наша должност. Дајте еден дар на својот најдобар Пријател. Признајте Го за извор на изобилие; покажете благодарност за Неговата наклонетост; донесете му на Бога дар на благодарност… Браќа и сестри, на Денот на благодарноста имајте едноставен ручек, а парите кои би ги потрошиле на слатки за да му угодите на апетитот, дајте му ги на Бога како дар на благодарност. {АД 475.1}

Не славете повеќе ниту еден Ден на благодарност задоволувајќи го апетитот и прославувајќи се себеси. Ние имаме причина да дојдеме во Господовите дворови со подароци на благодарност што уште една година ги сочувал нашите животи… Ако веќе подготвувате гозба, тоа нека биде за оние на кои им е потребно. {АД 475.2}

Ден на благодарност. – Верувам дека имаме причина за благодарност. Да бидеме радосни во Бога затоа што ни дал многу благослови… Ние сакаме овој Ден на благодарност да биде сѐ што се подразбира под овој збор. Не дозволувајте да се расипе, да се извалка; нека биде она што значи името давање благодарност. Да ги подигнеме своите гласови во славење. {АД 475.3}

Празник за Бога. – Зар не би било добро да го славиме празникот за Бога, кога знаеме за Неговото однесување со нас? Зар не би било добро да размислуваме за Неговите досегашни благослови, да се сетиме на впечатливите опомени кои ја допреле нашата душа за да не го заборавиме Бога? {АД 475.4}

Светот има многу празници, а тој во тие денови се забавува со играње, коњски трки, коцкање, пушење и пијанство… {АД 475.5}

Зар не треба Божјиот народ почесто да се состанува на светите собири на кои може да му заблагодари на Бога за Неговите богати благослови? {АД 476.1}

Празниците – можност за проповедање на евангелието. – Во црквата се потребни луѓе, способни да организираат и да им даваат практична работа на младите мажи и жени, да ги олеснат неволјите на човештвото и да работат на спасението на душите на мажите, жените, младите и децата. Нема сите да можат во оваа работа да го вложат целото свое време, затоа што мораат да заработат за својот секојдневен живот. Таквите имаат свои празници и време, кое можат да го посветат на христијанската работа и така да прават добро, ако веќе не можат да дадат многу од своите средства. {АД 476.2}

Кога ќе дојде празник, направете го што поубав и посреќен ден за своите деца, но во исто време направете го угоден денот за сиромашните и страдалниците. Овој ден нека не помине, а да не сте благодареле и принеле дарови на благодарност кон Исуса. {АД 476.3}