Родителско водство во друштвените односи
Адвентен дом
Нашите општествени потреби
Моќта на лошите влијанија. – Лошите влијанија кои ги опкружуваат нашите деца се речиси непобедливи; тие го расипуваат нивниот ум и ги водат во пропаст. Умот на младите природно е склон кон бесмислици; во раните години, пред да им се обликува карактерот, а размислувањето да созрее, тие често покажуваат склоност кон друштвото кое на нив влијае штетно. {АД 466.1}
Кога мојот глас би можел да допре до сите родители на земјата, би ги опоменала да не и попуштат на желбата на своите деца во изборот на своите другари. Родителите малку размислуваат за тоа дека младите полесно ги примаат штетните влијанија отколку божествените влијанија. Поради тоа и нивното друштво треба да биде такво да го поттикнува растот во милоста за да може вистината откриена во Божјата реч, да најде место во срцето. {АД 466.2}
Опкружете ги младите колку што е можно со најповолни можности, затоа што друштвото во кое се движат, начелата кои ги прифаќаат, навиките кои ги создаваат, ќе одлучат за непогрешливата точност за нивната корисност овде и за нивните идни вечни предности. {АД 466.3}
Неограничена слобода. – Родители, вие не внимавате доволно на своите синови и ќерки. Без ваше знаење и согласност тие никогаш не би смееле да одат и да доаѓаат кога сакаат. Неограничената слобода која им се дава на децата од ова време предизвикала пропаст кај илјадници. Колку од нив се ноќе слободно на улица, додека родителите се рамнодушни кон друштвото во кое се наоѓаат нивните деца. Често се бира друштво чие влијание само расипува. {АД 466.4}
Под закрилата на темнината, младите се состануваат во групи за да ги добијат првите лекции за играње карти, коцкање, пушење, пиење вино или пиво. Синовите на побожните родители се осмелуваат да влезат во гостилница на вечера од остриги или нешто слично и така се изложуваат на искушение. Самата атмосфера на овие места испушта хули и расипаност. Никој не може да остане долго таму, а да не се расипе. Под влијанието на таквото друштво, младите од кои многу се очекувало, стануваат пијаници и злосторници. Би требало да се чуваме од самиот почеток на злото. Родители, ако не знаете дека нивната околина е беспрекорна, немојте да им дозволите на своите деца да излегуваат навечер за да учествуваат во спортски активности или да се состануваат со други млади за да се забавуваат. Ако строго се држите до ова правило, младите ќе се навикнат да го слушаат и набрзо ќе исчезне желбата да го прекршуваат. {АД 467.1}
Одберете другари за вашите деца. – Родителите треба да имаат на ум дека дружењето со личности со слаб морал и груб карактер смртоносно ќе влијае на младите. Ако не изберат добро друштво за своите деца, ако им дозволат да се дружат со млади со несигурен морал, тие ги ставаат во училиште во кое се учат и применуваат поуки за пороците. Можеби мислат дека нивните деца се доволно силни да се спротивстават на искушението, но како можат да бидат сигурни во тоа? Многу полесно е да се попушти на лошите влијанија отколку да им се спротивставиш. Пред да станат свесни за тоа, нивните деца ќе го прифатат духот на своите другари и ќе се препуштат на пропаста. {АД 467.2}
Опасностите на кои се изложени младите се зголемуваат кога ќе се најдат во друштво на голем број свои врсници со нивните различни карактери и животни навики. Во такви околности многу родители се склони да се опуштат наместо двојно да ги зголемат своите напори да ги чуваат и надгледуваат своите деца. {АД 468.1}
Заедно и во молитва, таткото и мајката треба да ја прифатат големата одговорност своите деца да ги понесат на добар пат. Ако нешто и запостават, тие никако не смеат да им дозволат на своите деца слободно да појдат на патеките на гревот. Многу родители им дозволуваат на децата да одат кај сакаат и да прават што сакаат, да се забавуваат и да бираат лошо друштво. Таквите родители на судниот ден ќе дознаат дека нивните деца го изгубиле небото за тоа што не ги заштитиле во домот. {АД 468.2}
Каде се поминуваат вечерите. – Ако ноќе се отсутни од дома, секој син и секоја ќерка треба да кажат каде биле. Родителите треба да знаат во какво друштво се наоѓаат нивните деца и во чија куќа ја поминуваат вечерта. Некои деца се служат со лага, ги мамат своите родители за да го избегнат откривањето на своите зли постапки. {АД 468.3}
Необработената нива е полна со плевел. – Многу често татковците и мајките на своите деца им дозволуваат самите да си изберат забава, друштво и активност. Последиците се такви какви што може да се очекуваат. Оставете ја нивата необработена, па на неа ќе порасне плевел и чакал. Никогаш нема да видите убав цвет или пак негувани грмушки кои би се подигале над неугледниот, отровен плевел. Безвредното трње слободно расте без грижа и нега, но затоа корисните и убави билки бараат темелна нега. Така е и со нашите млади. За да се создадат добри навики и да се изградат правилни начела, потребна е сериозна работа. За да се исправат лошите навики, потребно е многу внимателност и трпеливост. {АД 468.4}
Доверба во родителското размислување. – Родители, чувајте ги начелата и навиките на своите деца како очите на главата. Не дозволувајте им да создадат пријателства, ако не сте сигурни дека нема да им штетат. Навикнете ги своите деца да имаат доверба во вашето размислување и искуство. Нека знаат дека појасно го согледувате карактерот отколку што тие можат со своето неискуство и дека не можат да ги потценуваат вашите одлуки. {АД 469.1}
Одлучност и љубезност. – Родителите не треба да им попуштаат на склоностите на своите деца туку треба да го следат јасниот пат на должности кои Бог ги одредил. Тие треба со љубов да ги надгледуваат, да ги одбиваат цврсто и одлучно нивните лоши желби, водејќи ги сериозно, истрајно и со молитва од светот кон небото. На децата не треба да им се дозволи да одат кај сакаат, да одат по патишта кои имаат безброј раскрсници, кои ги одвлекуваат од правиот пат. Никој не е во толкава опасност како оние кои не ја гледаат опасноста и кои без желба примаат опомени и совети. {АД 469.2}
Чувајте ги своите деца од секое лошо влијание, затоа што тие во детството се поподготвени да примаат влијанија, како што се моралното достоинство, чистотата и убавината на карактерот или себичноста, нечистотата и непослушноста. Кога еднаш ќе им се дозволи да потклекнат под влијание на духот на негодувањето, злобноста, разгаленоста и нечистотата, тоа ќе ги следи цел живот. {АД 469.3}
Младите тешко се покоруваат на авторитетот затоа што во домот се погрешно воспитани. Јас сум мајка и знам за што зборувам кога велам дека младите и децата не само што се посигурни туку и посреќни кога не живеат и не работат според своите желби. {АД 470.1}
Не дозволувајте децата да одат сами на гости. – Некои родители грешат давајќи им на своите деца премногу слобода. Понекогаш имаат толку доверба во нив, што не ги забележуваат нивните маани. Погрешно е ако им се дозволи на децата да одат далеку во посета без присуство на своите родители или старатели. Тоа лошо влијае на децата. Децата почнуваат да се сметаат за важни, почнуваат да мислат дека имаат одредени права и се навредуваат ако тие права не им се признаат. Тие ги спомнуваат другите деца кои можат да одат кај сакаат и да се враќаат кога сакаат, додека ним тие права им се скратени. {АД 470.2}
Мајката, стравувајќи нејзините деца да не ја прогласат за неправедна, им попушта на нивните желби, со што само им нанесува голема штета. Децата кои одат на посети без присуство на родителите, кои можат да ги воочат и исправат нивните мани, често примаат влијанија кои подоцна тешко се отстрануваат. {АД 470.3}
Неразумни совети и како да им се спротивставиме. – Не им дозволувајте на децата да се оддалечуваат од домот. Ако луѓето ви кажат: „Вашите деца нема да знаат како да се однесуваат во светот“ кажете им на своите пријатели дека тоа толку не ве загрижува, туку дека сакате да ги однесете кај Учителот да ги благослови, како што мајките во минатото ги донеле своите деца кај Исус. Кажете им на своите советници: „Децата се Господово наследство“ јас сакам да бидам верна на својата задача… Моите деца мораат да бидат воспитани така што влијанието во светот нема да ги заведе; кога ќе дојдат во искушение да згрешат, можат мирно и одлучно да кажат: „Не!“. Кажете им на пријателите и на соседите дека своето семејство сакате да го видите во светиот град. {АД 470.4}
Големи искушенија пред младите. – Децата треба така да се воспитуваат за да можат сами да одлучат како ќе се соочуваат со тешкотиите и опасностите. Треба да ги поучите да владеат со себе и достоинствено да ги совладаат тешкотиите. Ако сами не трчаат во опасност и непотребно не се изложуваат на искушенија, ако ги избегнуваат лошите влијанија и лошото друштво, и не по своја волја се најдат во лоша средина, тие со силен карактер ќе застанат зад она што е право, ќе го сочуваат начелото и со Божја сила ќе излезат од борбата неизвалкани. Ако го направат Бог своја заштита, моралните сили на младите, кои правилно се воспитани, ќе успеат да се спротивстават и на најтешките искушенија. {АД 471.1}

