Добро и лошо друштво
Адвентен дом
Гостопримство
Она што влијае на нас и нашите деца. – Секое друштво кое сме го создале, колку и да е мало, влијае на нас. Од тоа колку му попуштаме на тоа влијание, ќе зависи и обликот на пријателството, постојаноста во односите и нашата љубов и почитување од оној со кој се дружиме. {АД 459.1}
Ако се дружиме со оние, чие влијание ќе нѐ наведе да ги заборавиме возвишените Господови барања, предизвикуваме искушение и ја слабееме својата морална моќ да му се спротивставиме. Тогаш примаме и негуваме дух на идеите на своите пријатели, а светото и вечното добива помала вредност од нивните идеи. Така, за кратко време стануваме пронижани со намерата на непријателот на секоја правда. {АД 459.2}
Кога ќе потпаднат под такво влијание, младите потешко се спротивставуваат отколку старите. На нивниот ум влијае сѐ лицата кои ги набљудуваат, гласовите кои ги слушаат, местата кои ги посетуваат, друштвото во кое се движат и книгите кои ги читаат. Не е возможно доволно да се истакне значењето кое го има друштвото за овој и идниот свет, друштвото кое го бираме за себе и посебно за своите деца. {АД 459.3}
Опасност од лошо друштво. – Светот не треба да биде наше мерило. Ние не треба да се дружиме со лошите и да го примиме нивниот дух, затоа што тие ќе го одвлечат нашето срце од Бога за да им служиме на лажни богови. Постојаната душа цврста во вера, може да направи многу добра; таа може да биде најголем благослов за оние со кои се дружи, затоа што Господовиот закон е во нејзиното срце. Ние не можеме без проблем да се дружиме со оние кои го газат Божјиот закон и да ја сочуваме својата вера чиста и неизвалкана. Ние ќе го попримиме нивниот дух и ако не се одвоиме од нив, на крајот ќе се поврземе со нив и ќе ја поделиме нивната пропаст. {АД 459.4}
Евреите биле заведени да го погазат Божјиот закон и да го предизвикаат Неговиот суд над народот затоа што се дружеле со идолопоклоници и учествувале во нивните свечености. На истиот начин сатаната и денес успешно нѐ наведува на грев, поттикнувајќи ги Христовите следбеници да се дружат со лошите и да учествуваат во нивните забави. „Затоа излезете од кај нив и одвојте се, зборува Господ, и не допирајте се до нечисто“. Бог денес бара од Својот народ, исто како и од стариот Израел, да се разликува од светот во обичаите, навиките и начелата. {АД 460.1}
Самсоновиот своеволен избор. – Бог посебно се грижел за Самсон, за да може да се подготви за делото за кое бил повикан. На самиот почеток на животот бил опкружен со најповолни услови за развој на физичката сила, умствената крепост и моралната чистота. Но, под влијание на лошото друштво тој престанал да се потпира на Бога како единствена човекова сигурност и затоа го зафатила поплавата на злото. Оние кои на патот на должноста паѓаат во искушение, можат да бидат сигурни дека Бог ќе ги сочува: но, ако луѓето своеволно се изложат на силата на искушението, тие порано или подоцна ќе паднат. {АД 460.2}
Подмолниот квасец на злото. – Драги ученици, вас дење и ноќе ќе ве следат молитвите на вашите родители. Слушајте ги нивните молби и опомени и не го бирајте друштвото на безобѕирни пријатели. Вие не можете да сфатите како квасецот на злото подмолно ќе го расипе вашиот ум и ќе ги ослаби вашите добри навики и наведувајќи ве на повторување на лошите постапки ќе придонесе за развојот на лошиот карактер. Можеби не ја воочувате реалната опасност мислејќи дека ќе бидете во состојба толку лесно да го правите она што е добро како претходно, пред да му попуштите на искушението, но тоа е заблуда. Родителите и учителите кои го сакаат Бога и го имаат Неговиот страв можат да ве опоменат, молат и советуваат, но сето тоа може да биде напразно ако не му се покорите на Бога и не ги усовршите даровите кои Тој ви ги дал за Своја слава. {АД 460.3}
Чувајте се од рамнодушните. – Ако децата се дружат со оние кои разговараат за она што е неважно, земно, нивниот ум ќе се спушти до исто ниво. Кога слушаат како се презираат верските начела, а нашата вера се потценува, кога ги слушаат подмолните забелешки на сметка на вистината, тоа ќе се зацврсти во нивниот ум и ќе го обликува нивниот карактер. {АД 461.1}
Ништо не може толку лесно да ги ослаби и отстрани сериозните впечатоци и добрите желби како дружењето со разгалените, невнимателни и лоши личности. Без обѕир каква привлечна моќ ќе имаат таквите личности со својата досетливост, зајадливост и шеги, фактот дека кон верата пристапуваат лесномислено и рамнодушно е доволна причина да не се дружиме со нив. Колку повеќе се залагаат за нешто друго, толку повеќе треба да се чуваме од нивното влијание, затоа што нивниот живот во неверство изобилува со опасни ситници. {АД 461.2}
Световното друштво ги привлекува и примамува сетилата, така што побожноста, Божјиот страв и верноста ја губат својата сила и човекот не може да се одржи. Христовиот понизен и скромен живот целосно е непривлечен. За многумина кои тврдат дека се Божји синови и ќерки, Исус, Величеството на Небото е „како корен во сува земја; нема живот ни убавина во него“. {АД 461.3}
Љубовта кон световните роднини. – Не можеме да му служиме на Бога и на светот во исто време. Своите чувства не смееме исклучиво да ги насочиме кон световните роднини кои не сакаат да ја запознаат вистината. Ние можеме да се трудиме, додека со нив се дружиме, да ги осветлиме со својата светлина; но, нашите зборови, нашето однесување, нашите обичаи и постапки не треба во ништо да се прилагодуваат на нивните замисли и обичаи. Ние сме должни во секој разговор да ги запознаеме со вистината. Ако тоа не е возможно, за нашата духовност ќе биде подобро што помалку да сме во нивно друштво. {АД 462.1}
Чувајте се од недоследните. – Не е добро христијаните да се дружат со оние чиј морал е лабав. Опасна е блиската, секојдневна заедница која го исполнува времето, а воопшто не придонесува за силата на умот или моралот. Ако моралната атмосфера која ги опкружува луѓето не е чиста и посветена туку извалкана со расипаност, оние кои ја вдишуваат таа атмосфера ќе откријат дека таа речиси незабележливо делува на умот и срцето за да ги отруе и упропасти. Опасно е да се биде близок со оној чиј ум според карактерот се занимава со она што е ниско. Оние кои по природа се совесни и ја сакаат чистотата, постепено и незабележливо ќе се спуштат на исто ниво и ќе станат соучесници и заговорници во безумието и моралната празнина со која се постојано во допир. {АД 462.2}
Доброто име е поскапоцено од златото. Младите се склони да се дружат со оние кои се послаби во морален и интелектуален поглед. Каква вистинска среќа може една млада личност да очекува ако своеволно се дружи со пријателите чии мисли, чувства и однесувања не се на исто ниво? Некои имаат расипан вкус и навики; и оние кои се дружат со таквите, ќе станат слични на нив. Ние живееме во опасно време кое би требало сите срца да ги исполни со страв. {АД 462.3}
Страв од исмејување. – Децата треба да имаат другари кои не го исмејуваат она што е чисто и возвишено туку ќе се застапуваат за она што е правилно. Стравот од исмејување наведува многу млади да попуштат во искушението и да појдат по патот на грешникот. Со пример и совет мајките можат многу да направат на своите деца да им покажат како да бидат чесни сред презирот и исмејувањето. {АД 463.1}
Зошто младите го немаат на ум фактот дека оние кои се подготвени да ги водат другите на забранети патишта, лесно ги совладува искушението, дека се сатански оружја кои ги поттикнуваат лошите навики, исмејувањето на оние кои се совесни и кои сакаат да ја сочуваат чистотата на својот карактер? {АД 463.2}
Пример за другите. – Млади пријатели, не поминувајте ниеден час во друштво со оние кои можат да ве онеспособат за чистото и свето Божје дело. Не правете пред другите ништо што не би го правеле пред своите родители, или од што би сте се срамеле пред Христа и светите ангели. {АД 463.3}
Некои можеби ќе мислат дека овие опомени не важат за почитувачите на саботата. Но, оние на кои се однесуваат знаат на што мислам. Ви велам, млади, чувајте се; не можете да направите нешто што ќе биде сокриено од очите на ангелите и самиот Бог. Не можете да правите зло, а тоа да не влијае на другите. Освен што вашите постапки го откриваат видот на материјалот што го вградувате во зградата на својот карактер, тие силно влијаат на другите. Никогаш не заборавајте дека му припаѓате на Бога, дека Тој скапо ве откупил и дека Нему морате да му положите сметка за сите дарови кои ви ги доверил. {АД 463.4}
Потребната помош е ветена. – Да не ги препуштаме своите деца на друштвото на расипаните и изопачените. Понекогаш Бог во Својата промисленост може да ги доведе младите во друштво на оние кои се расипани и неумерени. Тој ќе им даде одлучност и сила да се спротивстават на искушението, како што го направил тоа со Даниел и неговите другари во Вавилон ако сакаат да соработуваат со Него. Тие мораат да бидат постојано поврзани со Бога. Мораат да се одржат чисти, одбивајќи да направат нешто со што би го осрамотиле Бога, живеејќи секогаш така за Негова слава. Тие мораат да ги бараат душите, работејќи сериозно за оние кои го изгубиле Божјото обличје, настојувајќи да ги поправат, подигнат и облагородат. {АД 464.1}
Изберете разумни и сериозни другари. – Младите кои живеат во склад со Христа ќе изберат другари кои ќе им помогнат да го прават она што е правилно, а ќе го избегнуваат друштвото кое не помага во развојот на правилните начела и благородните цели. Секаде може да се најдат млади чиј ум е вработен со она што нема вредност. Кога ќе дојдат во допир со вакво друштво, оние кои целосно се на Христова страна, ќе стојат цврсто на страната на она што разумот и свеста им велат дека е правилно. {АД 464.2}
Сите кои сакаат да стекнат добар карактер треба да се дружат само со оние кои се сериозни и кои тежнеат кон побожноста. Оние кои ја пресметале цената и сакаат да ѕидаат за вечност треба да бираат добар материјал за својата зграда. Ако употребуваат црвливо дрво, ако се задоволни од мааните на својот карактер, тогаш нивната зграда е осудена на пропаст. Секој нека внимава како ѕида. Бурата на искушение ќе се нафрли на зградата. Ако не е солидно и добро ѕидана, таа нема да ја издржи пробата. {АД 464.3}
И безгрижните ќе научат да ја сакаат правдата, ако се дружат со оние кои живеат во склад со начелата. Кога го прават она што е добро, во срцето ќе се развие одбивност кон она што е лошо и не благородно и што не се согласува со начелата на Божјите зборови. {АД 465.1}

