Привлечни глетки и звуци

Адвентен дом

Подготовка за иднината

Дејството на глетките и звуците. – Имаме причина да бидеме длабоко загрижени за нашите деца, кои на секој чекор се соочуваат со искушенија. За нив е невозможно да ја избегнат средбата со лошото друштво… Тие гледаат сцени, слушаат звуци и се изложуваат на влијанија кои го расипуваат моралот и кои ако сериозно не им се спротивстават, незабележително, но сигурно ќе го расипат срцето и ќе го упропастат карактерот. {АД 406.1}

Секој мора да подигне ѕид против искушенијата. – Во христијанските домови мора да се подигне ѕид против искушенијата. Сатаната се служи со сите средства злосторството и понижувачкиот порок да го направи што попривлечен. Ние не можеме да одиме по улиците на нашите градови, а да не се соочиме со привлечните објавувања на злосторството кое е прикажано во некој роман или се изведува во некој театар. Така умот се навикнува на грев. Во дневните весници на луѓето им се открива она што е подмолно и извртено, а во возбудливите приказни се искажува сето она што може да ги поттикне страстите. {АД 406.2}

Некои родители се толку рамнодушни, толку невнимателни, што им е сеедно во кое училиште одат нивните деца. Тие велат: „Ние сме во светот и не можеме да го напуштиме”. Но родители, ние можеме делумно да излеземе од светот, ако така одлучиме. Ние можеме да избегнеме да видиме многу зла кои толку брзо се множат во овие последни денови. Ние можеме да избегнеме да слушаме за злото и злосторството кое се случува околу нас. {АД 406.3}

Сеењето на беззаконија донесува жетва на злосторства. – Многу познати дневни весници се полни со возбудливи приказни кои ги учат младите на злото и ги водат на патот на пропаста. Речиси и децата станале возрасни во познавање на злосторството. Приказните што ги читаат ги поттикнува на зло. Во фантазијата тие постапуваат во склад со она што им е покажано, додека не им се јави желба да проверат дали можат да направат зло, а да ја избегнат казната. {АД 407.1}

Во живиот ум на децата и младите глетките прикажани во измислени откритија за иднината изгледаат како реалност. Претскажувањето на насилствата и опишувањето на постапките кои ги рушат оградите на законот и на самосовладувањето, влијаат на нивниот дух. Така се наведени да направат злосторства, кои често се поужасни од оние кои овие писатели ги прикажале. Со такво влијание се расипува општеството. Со голем замав се сее семето на беззаконијата. Никој не треба да се чуди што последица на ова е жетва на злосторствата. {АД 407.2}

Мамката на популарната музика. – Вознемирена сум кога секаде гледам лесноумни млади мажи и жени кои тврдат дека веруваат во вистината. Во нивните мисли се чини дека го нема Бог. Нивниот ум е исполнет со бесмислици. Нивниот разговор е празен и бесцелен. Увото им е чувствително кон музиката, а сатаната знае кои органи може да ги возбуди, да го поттикне и маѓепса умот, така што Христос не е потребен. Недостасува духовното тежнеење на душата кон божественото познавање, за растење во милоста. {АД 407.3}

Покажано ми е дека младите мораат да заземат возвишен став и Божјата реч да ја направат свој советник и водач. На младите почиваат свечени одговорности, кои тие лесно ги сфаќаат. Воведувањето на музиката во нивните домови наместо да поттикне на светост и духовност, станало средство кое ги одвраќа нивните умови од вистината. Лесномислените песни и популарната музика како да им одговараат на нивниот вкус. Музичките инструменти го одземаат времето кое било потребно за посветување на молитви. Кога не е злоупотребена, музиката е голем благослов; но кога е злоупотребена, таа е страшно проклетство. Таа возбудува, но не ја дава онаа сила и храброст која христијанинот може да ја најде само пред престолот на милоста, пред кој понизно може да ги искаже своите потреби и со викање и солзи да ја побара небесната сила, за да може да се спротивстави на силните искушенија на злото. Сатаната го води младиот заробеник. Ох, што уште би можела да кажам за да им помогнам да ја скршат неговата моќ на заведување! Тој е способен маѓепсник, кој ги мами во пропаст. {АД 407.4}

Нечисти мисли – нечисти дела. – Овој век е време кое се одликува со расипаност. Со гледање и читање се буди желбата на очите и на страстите. Фантазијата го расипува срцето. Умот наоѓа задоволство во доловување на глетка која ги разбудува сетилата и страстите. Тие одвратни глетки, кои кај себе ги доловува расипаната фантазија, го изопачуваат моралот и ги подготвуваат измамените и заведени суштества да се препуштат на страстите. Потоа следат гревовите и злосторствата, кои суштествата создадени според Божјиот лик ги изедначуваат со животните, водејќи ги на крај во самата пропаст. {АД 408.1}

Не го ставам злото пред своите очи. – Родителите мораат постојано да внимаваат нивните деца да не бидат изгубени за Бога. Давидовиот завет запишан во 101. Псалм треба да биде завет за сите оние на кои почиваат одговорностите за сочувување на влијанието во домот. Псалмистот кажал: „Не ќе оставам, пред моите очи, ништо подмолно. Мразам човек кој прави зло: тој не ќе биде покрај Мене. Развратно срце ќе биде далеку од мене; не сакам да знам за ништо нечесно. Кој го клевети скришно својот ближен, него ќе го погубам. Човек со горди очи и со надуено срце Јас не трпам. Погледот го свртувам кон верните на земјата, за да живеат со Мене. Кој оди по прав пат, тој ќе ми служи. Не ќе живее во Мојот дом, кој постапува подмолно. Кој зборува лага, нема да остане пред Моите очи”. {АД 408.2}

Одлучно кажи: „Нема да поминам ниту еден скапоцен момент во читање на она што нема да ми користи, а што само ќе ме онеспособи да им служам на другите. Своето време и своите мисли ќе ги посветам на оспособување за служба на Бога. Ќе ги затворам очите за она што е лесноумно и грешно. Моите уши му припаѓаат на Господа и нема да ги слушам лукавите непријателски дошепнувања. Мојот глас во ништо нема да се покорува на волјата која не е под влијание на Божјиот Дух. Моето тело е храм на Светиот Дух и сите сили на своето битие ќе ги посветам на чесните настојувања”. {АД 409.1}