Спроведете го штедењето
Адвентен дом
Божји претставници
„Соберете ги парчињата“. – Во една прилика Христос им дал на учениците поука за штедењето, поука која го заслужува нашето внимание. Направил чудо и нахранил илјадници гладни кои го слушале Неговото поучување; но кога сите јаделе, не дозволил да се фрлаат остатоците. Оној кој можел со света божествена сила да нахрани големо мноштво, барал од Своите ученици да ги соберат остатоците, ништо да не пропадне. Оваа поука е исто толку корисна за нас како и за луѓето од она време. Божјиот Син се грижел за потребите на земниот живот. Тој не ги заборавил скршените парчиња по гозбата, иако таква гозба можел да направи кога сакал. {АД 381.1}
Поуките на Исус Христос мораме да ги примениме во сите облици од практичниот живот. Штедењето мораме да го спроведеме во сѐ. Мораме да ги собереме парчињата, за ништо да не пропадне. Постои религија која не го допира срцето и која затоа станува форма изразена со зборови. Таа не е внесена во практичниот живот. Верските должности и најголемата човечка мудрост во деловниот живот мораат да се здружат. {АД 381.2}
Во самоодрекувањето следете го Христа. – За да се запознае со разочарувањата, нападите и искушенијата кои ги погаѓаат човечките созданија, Христос се симнал до најдлабокото страдање и понижување. Тој поминал по патот по кој треба да појдат Неговите следбеници. Тој им вели: „Кој сака да тргне по Мене, нека се откаже од себеси, нека го земе својот крст и нека тргне по Мене”. Меѓутоа, христијаните не се секогаш расположени да го прифатат самоодрекувањето на кое Спасителот ги повикува. Тие не се подготвени да се откажат од своите желби, за да можат повеќе да му дадат на својот Господ. Човекот вели: „Моето семејство има големи барања и мене ми треба многу за да го издржувам”. Ова покажува дека тој и неговите домашни треба да добијат поука за штедењето, на кое ги учи Христовиот живот… {АД 381.3}
Секој е изложен на искушение да ги задоволи себичните, претераните барања, но секогаш да имаме на ум дека Господ на животот и славата дошол на оваа Земја да го поучи човештвото со поуки на самоодрекување. {АД 382.1}
Оние кои не живеат за себеси нема да ја потрошат секоја пара за да ги задоволат своите нереални желби и потреби, туку ќе имаат на ум дека се Христови следбеници и дека и на другите им е потребна храна и облека. {АД 382.2}
Штедете за потребите на Божјото дело. – На младите треба да им се каже дека тие имаат предност да го помогнат Божјото дело така што ќе примаат поуки за штедење и самоодрекување. Многумина мислат дека мораат да ги задоволат своите барања и за да го постигнат тоа, се навикнуваат да живеат така што ќе го потрошат сето она што го заработиле. Бог сака да бидеме подобри во овој поглед. Грешиме против себе кога сме задоволни што имаме доволно за јадење, пиење и облека. Бог има нешто повозвишено за нас. Кога сме расположени да се откажеме од себичните желби и кога сите свои сили на срцето и умот ги посветиме за Божјото дело, небесните орудија ќе соработуваат со нас да станеме благослов за човештвото. {АД 382.3}
Младите кои се вредни и штедливи, иако можеби сиромашни, можат многу да заштедат за Божјото дело. {АД 382.4}
Кога сме во искушение да потрошиме. – Кога сте во искушение да ги потрошите парите на ситници, имајте на ум дека Христос покажал самоодрекување и пожртвуваност за да го спаси отпаднатиот човек. Да ги учиме нашите деца да покажат самоодрекување и самосовладување. Многу проповедници имаат парични неприлики затоа што не се одрекуваат од својот вкус, апетит и склоности. Многу луѓе материјално пропаѓаат и нечесно ги трошат средствата затоа што се обидуваат да ги задоволат претераните желби на своите жена и деца. Татковците и мајките внимателно со совет и пример треба да ги учат своите деца да штедат! {АД 382.5}
Би сакала во секој ум да врежам свест за страшната грешност во трошењето на Господовите пари на неумерени желби. Трошењето на сумата која изгледа мала, може да поттикне цела низа од ситуации кои ќе стигнат до самата вечност. Кога ќе дојде судот и книгите ќе се отворат, тебе ќе ти се открие загубата доброто кое си можел да го направиш со многу лепти и поголема сума на пари која си ја потрошил исклучиво за себични цели. {АД 383.1}
Внимавајте на секоја паричка. – Не ги трошете своите пари за купување на непотребни работи. Можеби мислите дека овие толку мали суми не претставуваат поголема вредност, но овие ситници ќе се покажат како голема целина. Кога би можеле, ние би ве замолиле за средствата кои се трошат за непотребни работи, за облека и себично попуштање. Сиромаштијата во сите свои облици е околу нас. А Бог ни ја доверил должноста на било кој начин да ги ублажиме страдањата на човештвото. {АД 383.2}
Господ сака Неговиот народ да се одликува со внимание и грижа. Тој сака да негуваат сестрано штедење и ништо да не расфрлаат. {АД 383.3}
Парите кои секојдневно ги трошите на непотребни работи: „Тоа е само денар“, изгледаат малку; но обидете се овие ситници да ги помножите со деновите во една година, па како минуваат годините, бројките ќе изгледаат неверојатни. {АД 384.1}
Не ги имитирајте модерните соседи. – Не е најдобро да се правиме богати или она што не сме ние понизните следбеници на кроткиот и смирен Спасител. Нека не нѐ вознемирува ако нашите соседи градат и ги опремуваат своите куќи на начин кој ние не можеме да го следиме. Како Исус гледа на нашите себични постапки во попуштањето на апетитот, угодувањето на гостите или задоволувањето на личните склоности! За нас може да биде вистинска замка ако тежнееме кон расфрлање, или тоа им го дозволиме на децата за кои сме одговорни. {АД 384.2}
Лично искуство од детството. – Уште во дванаесеттата година, знаев што значи да се штеди. Со својата сестра изучив занает; иако дневно заработувавме само дваесет и пет центи, од таа сума успеавме малку да заштедиме како дар за мисијата. Така малку помалку штедевме, додека не собравме триесет долари. И кога ја разбравме веста за скорото Господово доаѓање проследено со повикот на луѓето и нивните средства, за нас беше предност на таткото да му ги предадеме своите триесет долари со молба да ги вложи во трактати и брошури, за да може веста да допре до оние кои живеат во темнина… {АД 384.3}
Со парите кои ги заработувавме, мојата сестра и јас, купувавме облека. Ги дававме нашите пари на мајка ми велејки и: „Купи ни таква облека за да преостане нешто од парите и за проповедање на евангелието”. И мајката правеше така, воспитувајќи нѐ да мислиме за Божјото дело. {АД 384.4}
Почитувајте ги начелата на штедењето. – Оние чии раце се подготвени да дадат за Божјото дело, да ги ублажат неволјите на страдалниците и гладните, нема да се покажат како невнимателни, безгрижни и стиснати во својата работа. Тие секогаш ќе настојуваат нивните трошоци да бидат во склад со нивните приходи. Тие го почитуваат начелото за штедење; затоа што чувствуваат должност дека треба да заштедат за да имаат што да дадат. {АД 385.1}

