Остарени родители

Адвентен дом

Проповедничко семејство

„Почитувај го својот татко и својата мајка“. – Обврската која ја имаат децата да ги почитуваат своите родители, трае доживотно. Ако родителите се изнемоштени и остарени, децата треба да покажат љубов и внимание во склад со потребите на таткото и мајката. Благородно и одлучно, децата треба да ги обликуваат своите постапки така што, доколку е потребно самоодрекување, ќе го отстранат секој страв и неизвесност од умот на своите родители… {АД 360.1}

Децата треба да бидат воспитани така што ќе ги сакаат таткото и мајката и ќе се грижат нежно за нив. Деца, грижете се сами за нив, затоа што ниту една друга рака не може да направи мали дела на љубезност со таква наклонетост каква имате вие. Искористете ги скапоцените можности да сеете семе на љубезност. {АД 360.2}

Нашите обврски кон родителите никогаш не престануваат. Нашата љубов кон нив, како и нивната кон нас, не се мери со годините ниту со далечината, а нашата одговорност не можеме никогаш да ја отфрлиме. {АД 360.3}

Децата нека запомнат добро, дека во најдобар случај, остарените родители имаат малку радости и утеха. Ништо не може толку да го растажи нивното срце како очевидната негрижа на нивните деца. Да се разжалости остарениот или беспомошен татко или мајка е најголем грев што децата можат да го направат. {АД 360.4}

Израмнете го патот. – Кога децата ќе пораснат, некои од нив мислат дека ја извршиле својата должност ако на родителите им обезбедиле стан. Нудејќи им само храна и покрив над главата, тие не им укажуваат љубов и сочувство. Кога ќе остарат родителите, кога копнеат за љубов и сочувство, децата бесчувствително им го ускратуваат вниманието. Не постои време во кое децата на својот татко или мајка можат да им ги скратат почитувањето и љубовта. Сѐ додека се живи родителите, децата треба со радост да ги почитуваат и да ги ценат. Во животот на остарените родители тие треба да внесат што повеќе расположение и сонце. Тие се должни до смрт да им ги отстрануваат препреките од животниот пат. Во овој свет нема подобра пофалба од онаа која ја заслужува детето кое ги почитувало своите родители ниту подобар извештај во небесните книги од оној кој истакнува дека ги сакал и ги почитувал Таткото и мајката. {АД 360.5}

Неблагодарност кон родителите. – Зар е возможно децата да станале толку нечувствителни кон потребите на таткото и на мајката, дека не се подготвени, колку што е во нивна моќ, своеволно да ги отстранат сите нивни грижи и неволји, стражарејќи над нив со непоколеблива грижа и посветеност? Како можат синот или ќерката да ги препуштат таткото или мајката во туѓи раце, други луѓе да се грижат за нив! Дури и ако мајката е неверна и непријатна, тоа не го ослободува детето од обврската што Бог ја ставил на него да се грижи за своите родители. {АД 361.1}

Некои родители се одговорни за непочитувањето. – Кога родителите ќе му дозволат на детето да не им укажува почитување во раното детство, давајќи му слобода да одговара незадоволно дури и грубо, во подоцнежните години ќе пожнеат страшна жетва. Кога родителите не бараат благовремена и совршена послушност од своите деца, тие пропуштаат да постават добар темел на нивниот карактер. На тој начин тие ги подготвуваат своите деца кога ќе остарат да не им го пружаат должното почитување и ги растажуваат нивните срца кога се приближуваат кон смртта, доколку Христовата милост не ги промени срцата и не го препороди карактерот на нивните деца. {АД 361.2}

Не се одмаздувајте на неправедните родители. – Еднаш некоја ќерка рекла за својата мајка: „Секогаш сум ја мразела својата мајка, а мојата мајка ме мразеше мене”. Овие зборови се запишани во небесните книги, кои ќе се отворат и ќе се објават на судниот ден, кога секому ќе му се даде според неговите дела. {АД 362.1}

Ако децата мислат дека родителите во детството постапувале строго со нив, дали тоа ќе им помогне да пораснат во милост и познавање на Исуса Христа, дали ќе им помогне да засветат со Неговото обличје, ако го негуваат духот на одмазда кон своите родители, особено кога ќе станат стари и изнемоштени? Зар нема токму беспомошноста на родителите да има потреба од детска љубов? Дали потребите на остарените татко и мајка ќе разбудат благородно чувство во срцето, а Христовата љубов ќе ги мотивира да постапуваат кон родителите со љубезно внимание и почит? Не дозволувајте срцето да ви стане тврдо како челик. Како може ќерката која го почитува Христовото име да негува омраза кон својата мајка, особено кога е болна и стара? Нежноста и љубовта кон родителите треба да најдат значајно место во срцето на децата. {АД 362.2}

Трпеливо со слабостите. – Особено е страшна помислата дека детето во омразата се врти против својата остарена и изнемоштена мајка, која покажува слабости кои ја следат староста. Колку трпеливо, колку нежно, децата треба да постапуваат со таквата мајка! Изговарајте нежни зборови кои не раздразнуваат. Вистинскиот христијанин никогаш нема да биде нељубезен, во никакви околности нема да ги запоставува таткото или мајката туку ќе ја почитува заповедта: „Почитувај ги твоите татко и мајка“. Бог рекол: „Почитувај го лицето на старецот..”. {АД 362.3}

Деца, вашите родители, кои се слаби и неспособни да се грижат за себе, нека ги проживеат своите последни денови исполнети со задоволство, мир и љубов. Поради Христа, дозволете им да се симнат во гроб примајќи од вас само зборови на љубезност, љубов, милост и простување. Вие сакате Бог да ве сака, да има сожалување кон вас, да ви прости и да ви помогне во секоја болест, нема ли тогаш да постапувате со другите онака како што би сакале да постапуваат со вас? {АД 363.1}

Грижа за остарените. – Проблемот на згрижување на нашите постари браќа и сестри кои немаат свои домови постојано се наметнува. Што може да се направи за нив? Повторно ми беше покажано на светлината која Бог претходно ми ја даде: основањето на институција за грижа за старите каде тие би биле заедно, не е најдобро решение. Нив не треба да ги праќате други да се грижат за нив. Членовите на секое семејство треба да ги негуваат своите роднини. Кога тоа не е возможно, обврската преминува на црквата и таа треба да го прифати тоа како должност и придобивка. Сите кои го имаат Христовиот дух, ќе покажат особено почитување и нежност кон слабите и остарените. {АД 363.2}

Предноста која донесува радост и задоволство. – Помислата дека послужиле за добро на своите родители, на децата ќе им пружи задоволство во текот на целиот живот и ќе им донесе особена радост, кога и на нив ќе им биде потребна љубовта и сочувството. Оние чиишто срца се исполнети со љубов ќе ја сметаат за неискажана предност можноста да ја отстранат секоја пречка од патот на своите родители. Тие ќе се радуваат што придонеле последните денови на нивните мили родители да бидат исполнети со утеха и мир. Да се направи поинаку, да се ускрати на беспомошните стари родители љубезната служба на синовите и ќерките, би ја исполнило душата со грижа на совест, во крајните денови, доколку нашите срца не се стврднале и оладиле како камен. {АД 363.3}

Тринаесетти дел

УПОТРЕБА НА ПАРИТЕ