Однос кон неверниот брачен другар

Адвентен дом

Развод

Дали жената христијанка треба да го остави неверниот маж? – Многу мајки ми пишаа, кажувајќи ми за своите семејни неволји и барајќи мој совет. Еден од овие случаи ќе им послужи како пример за другите. Сопругот и татко не верува и поради тоа на мајката и е многу тешко да ги одгледува своите деца. Сопругот е световен човек, кој се служи со непристојни зборови и пцости кога зборува со сопругата, учејќи ги децата да не ја почитуваат. Кога таа ќе се обиде да се моли со нив, тој влегува во собата, создава врева и почнува да го пцуе Бога, изговарајќи секакви зборови против Библијата. Таа е толку обесхрабрена поради тоа, што животот и станал товар. Какво добро може да направи таа? Каква е ползата за нивните деца ако останат во домот? Таа имала силна желба да направи нешто во Господовото лозје и затоа мислела дека е подобро да го напушти своето семејство отколку да остане, затоа што сопругот и татко постојано ги учи децата да не ја почитуваат и да не ја слушаат. {АД 348.2}

Во ваков случај мојот совет би гласел: Мајки, без оглед на тешкотиите кои ги трпите во сиромаштија, во раните на душата кои ги нанесува грубиот и лош сопруг и татко, не ги напуштајте своите деца; не ги препуштајте на влијанието на безбожниот татко. Вашата задача се состои во тоа да се спротивставите на работата на Таткото, затоа што тој очевидно е под сатанска управа. {АД 348.3}

Биди пример за самосовладување. – Знам дека имаш неволји, но знај дека постои дух кој одбива наместо да привлекува. Твојот маж треба секој ден да гледа жив пример на трпение и самосовладување. Настојувај да му угодиш во сѐ, но да не погазиш ниту едно начело на вистината… {АД 349.1}

Христос очекува Неговата служба да ја посветиме со целото свое битие; срцето, душата, умот и силата. Ако Му го предадеш она што го очекува од тебе, ти ќе Го застапуваш со својот карактер. Дозволи твојот сопруг да го види дејствувањето на Светиот Дух во тебе. Биди внимателна, обѕирна, трпелива и блага. Не му ја натурај вистината. Како жена изврши ги сите свои должности и ќе видиш дали неговото срце ќе биде допрено. Твојата љубов кон него не смее да се олади. Настојувај да му угодиш во сѐ. Твојата вера нека не те одвојува од него. Совесно слушај го Господа, а на мажот угодувај му секогаш кога можеш… {АД 349.2}

Секој нека види дека го сакаш Исуса и дека Му веруваш. Дај доказ и на сопругот и на своите пријатели, и на верните и на неверните, дека сакаш да ја запознаат убавината на вистината. Внимавај да не ја покажеш мачната и претерана грижа која често го расипува и најдоброто дело… {АД 349.3}

Не дозволувај ниту еден збор на прекор или осуда да дојде до ушите на твојот маж. Понекогаш ќе поминуваш низ животни маки, но не зборувај за овие тешкотии. Молчењето е злато. Непромислениот говор само ќе ја зголеми твојата несреќа. Биди весела и радосна. Исполни го својот дом со сонце, а отстранувај ги сенките. Сјајните зраци на Сонцето на правдата нека го осветлат храмот на твојата душа. Тогаш благословот од христијанскиот живот ќе го исполни твојот дом. Тогаш помеѓу вас нема да има несогласување. {АД 349.4}

Совет за оптоварената сопруга. – Ти сега имаш двојна одговорност затоа што твојот маж му свртел грб на Исус… {АД 350.1}

Знам дека чувствуваш голема тага, затоа што стоиш сама во исплнувањето на Божјата реч. Можеби твојот доследен живот на вера и послушност ќе му ја врати вистината на твојот сопруг? Донеси ги милите деца кај Исус. Со едноставни зборови зборувај им за вистината. Пеј им убави соодветни песни кои ја откриваат Христовата љубов. Донеси ги своите деца кај Исус, затоа што Тој ги сака малите деца. {АД 350.2}

Биди весела. Не заборавај дека имаш Утешител, Свет дух, кој ти го пратил Исус. Ти никогаш не си сама. Ако го послушаш гласот кој сега ти зборува и ако без двоумење одговориш на тропањето на вратата на твоето срце и речеш: „Влези, Господе Исусе, да вечерам со Тебе и Ти со мене“, небесниот гостин ќе влезе. И кога Тој, божествениот Весник, ќе остане во тебе, ќе имаш мир и одмор за душата. {АД 350.3}

Сочувај ги христијанските начела. – Домот во кој не му се служи на Бога е сличен на брод во кој нема екипаж. Бурата беснее, а сите на бродот се наоѓаат во опасност да пропаднат. Сметај го својот живот и животот на своите деца скапоцен поради Христа, затоа што еден ден мораш да се сретнеш со нив и со својот сопруг пред Божјиот престол. Твоето христијанско начело не смее да слабее туку постојано да се зајакнува. Без оглед на тоа колку твојот сопруг те лути и колку ти се спротивставува, мораш да покажеш до следна, верна христијанска цврстина. Ако има срце од месо, без оглед на тоа што ќе каже, тој сепак со срцето и разумот ќе мора да те почитува. {АД 350.4}

Божјите барања на прво место. – Мене потоа ми е покажана неговата снаа. Таа е мила на Бога, но ја држат во ропска потчинетост, во страв, во очајување, во сомнеж и затоа е многу нервозна. Оваа сестра не смее да мисли дека својата волја мора да ја покори на безбожниот млад човек, кој има помалку години од неа. Таа треба да знае дека со нејзината венчавка не се укинува слободата на нејзината личност. Во однос на неа Бог има барања кои се повозвишени од било кои други земни барања. Христос ја откупил со Својата сопствена крв. Таа не си припаѓа себеси. Таа пропушта целосно да се довери на Бога и своите осведочувања и совеста ги покорува на еден зол и груб човек, кој е поттикнат од сатаната и кога сака, преку него може да ја заплашува оваа немоќна и плашлива душа. Таа толку пати била вознемирувана, што нејзиниот нервен систем е уништен и таа станала вистинска рушевина. Дали е по Божја волја оваа сестра да биде во таква состојба, да не може да му служи Нему? Не. Нејзината венчавка била ѓаволска измама. Но нека направи најдобро што може, нежно нека постапува со својот сопруг и нека го направи среќен колку што може, а да не ја погази својата совест; ако тој и понатаму остане бунтовник, овој свет ќе му биде сето небо кое некогаш ќе го има. Меѓутоа, не е по Божја волја ако се лиши од одењето на богослужба, за да му се угоди на лошиот маж во кој живее духот на змејот. {АД 351.1}

„И третиот рече: се оженив и затоа не можам да дојдам“. Гревот на тој човек не бил во женидбата туку во тоа што се оженил со личност која го одвоила неговиот ум од повозвишените и многу поважните животни интереси. Човекот никогаш не би смеел да и дозволи на сопругата да ги одвои неговите мисли од Христа или да го наведе да ги одбие милостивите повици на евангелието. {АД 351.2}

Подобро е да спасиш нешто отколку сѐ да изгубиш. – Брате К., доста си обесхрабрен; мораш да бидеш сериозен, цврст и одлучен во намерата да ги исполниш своите должности во семејството и ако е возможно, да ги земеш со себе. Не ги штеди напорите да ги придобиеш да те следат на твојот пат кон небото. Меѓутоа, ако мајката и децата одлучат да не те следат туку настојуваат да те одвојат од твоите должности и верски предности, мораш да продолжиш дури и сам. Мораш да живееш во Господовиот страв. Мораш да пронајдеш можност уште повеќе да присуствуваш на богослуженијата и да добиеш што повеќе духовна сила, затоа што таа ќе ти биде потребна во идните денови. Лотовиот имот го голтнал огнот. Ако мораш да доживееш загуба, не се обесхрабрувај; и ако можеш да спасиш само дел од своето семејство, тоа ќе биде подобро отколку да го изгубиш цело. {АД 352.1}