Развод

Адвентен дом

Морални начела

Бракот – доживотен договор. – Во умот на младите бракот е обвиткан со романтика и затоа тешко може да се ослободи од ова обележје кое му дава фантазија и да го вреже во умот сознанието за важните одговорности кои го опфаќаат брачниот завет. Овој завет ја спојува судбината на две личности со врски кои ништо не би смеело да ги раскине освен раката на смртта. {АД 340.1}

Секоја одлука за стапување во брак треба внимателно да се разгледа, затоа што тоа е чекор кој се прави за цел живот. И мажот и жената мораат внимателно да размислат дали во животната променливост ќе останат верни еден на друг до крај. {АД 340.2}

Исус ги исправа погрешните сфаќања за бракот. – Кај Евреите било дозволено мажот да ја отпушти својата жена поради најневажни навреди и тогаш жената имала право повторно да се омажи. Таквиот обичај предизвикал големи несреќи и грев. Во проповедта на Гората, Исус јасно кажал дека брачната врска не може да се раскине, освен во случај на прекршување на брачниот завет. Тој вели: „Секој кој ја остава својата жена освен за прељуба, ја наведува да прави прељуба; и кој зема распуштеница, исто така прави прељуба“. {АД 340.3}

Кога фарисеите Го прашале подоцна за законот за развод, Исус ги потсетил Своите слушатели за институцијата брак, воспоставена во времето на создавањето. „Мојсеј ви дозволи поради тврдоста на вашето срце,“ рекол Тој, „да ги отпушатате своите жени; а од почетокот не беше така“. Ги потсетил на блажените денови во Едем кога Бог кажал дека „сѐ беше многу добро“. Бракот и саботата, двете установи кои се создадени за слава на Бога и за благослов на човештвото, потекнуваат од тогаш. Кога Создателот со брачен завет ги соединил рацете на светиот пар зборувајќи дека „мажот ќе ги остави својот татко и својата мајка и ќе се прилепи кон својата жена и тие двајца ќе бидат едно“, го прогласил законот за бракот за сите Адамови деца до крајот на времето. Тоа што самиот вечен Татко го прогласил за добар, бил закон кој на луѓето требало да им донесе највозвишен благослов и да им овозможи најголем развој. {АД 340.4}

Исус дошол во нашиот свет за да ги исправи грешките и да го обнови Божјото морално обличје во човекот. Погрешните мислења за бракот нашле место во умовите на израелскиот учител. Тие ја укинале светата установа бракот. Човекот станал со толку тврдо срце, што за секоја ситница можел да се одвои од својата жена или ако така одлучил, можел да ја одвои од децата и да ја избрка од домот. Ова се сметало за голем срам, а често било проследено со најголемите страдања на отфрлената жена. {АД 341.1}

Христос дошол да го отстрани ова зло и затоа своето прво чудо го направил на свадба. Со тоа му објавил на светот дека чистиот и неизвалкан брак е света установа. {АД 341.2}

Совет за оној кој размислува за развод. – Твоето сфаќање за брачниот однос не е правилно. Брачниот завет не може да го раскине ништо ниту да го поништи, освен обесчестување на брачната постела. Живееме во опасно време, кога не можеме да бидеме сигурни во ништо, освен во цврстата непоколеблива вера во Исуса Христа. Нема такво срце, кое сатаната со своите измами не може да го оддалечи од Бога, освен ако тоа не стражари во молитва. {АД 341.3}

Ако твојот ум бил мирен, твоето здравје би било многу подобро; твојот ум станал збунет и неурамнотежен и затоа твоето мислење за разводот е погрешно. Со своето размислување не можеш да ги оправдаш своите сфаќања. Луѓето немаат право сами на себе да си создаваат закон, да го избегнуваат Божјиот закон и да им удоволуваат на своите склоности. Тие мораат да се потпрат на Божјото возвишено морално начело на правдата… {АД 342.1}

Бог спомнал само една причина поради која една жена може да го напушти својот сопруг или мажот својата жена, а тоа е прељубата. Во молитва внимателно размислете за оваа причина. {АД 342.2}

Совет за разведен пар. – Брате мој и сестро моја, одредено време не сте живееле заедно. Не требало да тргнете по овој пат и до ова не би дошло ако и двајцата сте негувале трпение, љубезност и попустливост која секогаш треба да постои помеѓу сопружниците. Ниту еден од вас не би требало да ја наметнува својата волја и да ги спроведува своите лични идеи и планови, не грижејќи се за последиците. Ниту еден од вас не би требало да прави што сака. Дозволете благотворното влијание на Божјиот Дух да дејствува на вашите срца и да ве оспособи за работа во воспитување на вашите деца… Молете се на својот небесен Татко да ве сочува од искушение да си упатите еден на друг нетрпелив, груб и безобзирен збор, мажот на жената и жената на мажот. И двајцата имате несовршен карактер. Вашето меѓусебно однесување не било разумно, затоа што не сте го прифатиле Божјото водство. Ве преколнувам да се покорите на Бога. Кога сте во искушение предизвикувачки да прозборите, воздржете се и не кажувајте ништо. {АД 342.3}

Бидејќи не сте го совладале овој недостаток во својот карактер, во тоа ќе бидете искушувани. Меѓутоа, мораме да ја победиме секоја лоша навика. Целосно предајте се на Бога. Паднете на Карпата, Исус Христос и скршете се. Како сопружници владејте со себе. Тргнете кај Христа за помош. Тој со радост ќе ви ја даде својата бесплатна милост… {АД 342.4}

Покајте се пред Бога за својот претходен животен пат. Сложете се и соединете се како маж и жена. Заборавете ги непријатните и несреќни случувања од минатото. Бидете храбри во Господа, затворете ја вратата на душата која е отворена кон Земјата, а отворете ја кон небото. Ако својата молитва за светлина ја упатите кон небото, Господ Исус, Кој е светлина и живот, мир и радост ќе ја слушне вашата молба. Тој, Сонцето на правдата, ќе го просветли вашиот ум и ќе го осветли храмот на душата. Ако со добредојде го прифатите сјајот на светлината на Неговата присутност во вашиот дом, вие нема да изговорите зборови кои ќе предизвикаат тага. {АД 343.1}

За жената која е злоупотребувана. – Го примив твоето писмо и како одговор на него би рекла: Не ти советувам да се вратиш кај Д… ако во него не забележиш темелни промени. Господ не е задоволен со идеите кои ги имал во минатото за она што и прилега на жената… Ако тој и понатаму се држи до своите претходни гледишта, иднината за тебе нема да биде подобра од минатото. Тој не знае како се постапува со сопругата. {АД 343.2}

Многу сум тажна поради ова. Го жалам и Д… но не можам да ти советувам против своето мислење да се вратиш кај него. Ова ти го велам искрено, како што му зборував и нему; би било опасно за тебе повторно да се ставиш под негово управување. Се надевав дека тој ќе се смени… {АД 343.3}

На Господа му е познато сѐ што си доживеала… Биди храбра во Господа; Тој нема да те остави ниту да те заборави. Те жалам со целото срце. {АД 343.4}

За еден оставен сопруг – Носи го својот крст. – Не гледам што уште може да се направи во овој случај; сметам дека единствено што можеш да направиш е тоа да престанеш да мислиш на својата жена. Ако таа по никоја цена не сака да живее со тебе, ниту ти ниту таа не би биле среќни кога би го пробале тоа. Бидејќи таа јасно и одлучно ти го покажала својот став, тебе не ти преостанува ништо друго туку да го земеш својот крст и да ја покажеш својата храброст. {АД 344.1}

Иако разведена – сѐ уште во брак пред Бога. – Според земните закони, жената правно може да биде разведена од својот маж, а сепак да не биде разведена пред Бога во согласност со возвишениот Закон. Само еден грев, и тоа прељубата, може мажот или жената да ги ослободи пред Бога од брачниот завет. Иако земните закони можат да го одобрат разводот тие, во светлина на Библијата, во согласност со Божјите закони, и понатаму се сопружници. {АД 344.2}

Видов дека сестрата… сѐ уште нема право да се омажи за друг човек. Меѓутоа, ако таа или која и да е друга жена, добие законско право на развод затоа што нејзиниот маж е виновен за прељуба, таа е слободна да се омажи за оној кој ќе го избере. {АД 344.3}

Одвојување од неверниот партнер. – Ако жената не верува и ако се спротивставува, мажот, според светиот Божји закон, не може да ја отфрли само поради тоа. Во согласност со Божјиот закон, тој мора да остане со неа, додека самата не одлучи да си отиде. Тој може да страда поради нејзиното противење и често да биде изложен на угнетување; тој ќе најде утеха, сила и поткрепа во Бога, Кој дава милост во секоја прилика. Тој мора да биде човек со чисти мисли, одлучни и цврсти начела и Бог ќе му даде мудрост да знае по кој пат треба да тргне. Нагонот нема да владее со неговиот разум, затоа што цврсто ќе ги држи уздите и така ќе ја контролира својата страст. {АД 344.4}

Совет за жената – смени ја природата. – Добив писмо од твојот сопруг. Можам да кажам дека постои една правилна причина мажот да се одвои од жената, а жената од мажот, а тоа е прељубата. {АД 345.1}

Ако вашите природи не се усогласени, зар не би било на слава на Бога да ги смените? {АД 345.2}

Мажот и жената треба да го негуваат меѓусебното почитување и љубов. Тие мораат да го чуваат духот, зборовите и постапките, така што ништо од она што би рекле или би направиле, да не предизвикува или повредува. Треба да се грижат еден за друг и да направат сѐ што можат за да ја зајакнат взаемната љубов. {АД 345.3}

И на едниот и на другиот ви велам: Барајте го Господа. Во љубов и добрина извршувајте ги своите должности еден кон друг. Мажот треба да ја негува внимателноста и да прави што може повеќе за да го обезбеди своето семејство. Тоа ќе направи жената да го почитува… {АД 345.4}

Сестро моја, на Бога не можеш да му угодиш ако и понатаму останеш таква каква што си. Прости му на својот сопруг. Тој е твој сопруг и сама ќе ги примиш благословите ако се трудиш да бидеш верна и полна со љубов кон него. Законот на љубезноста нека владее на твоите усни. Ти можеш и мораш да го смениш својот став. {АД 345.5}

И двајцата морате да размислувате како да се услогласите и да не се разидувате… благите постапки ќе создадат неочекувани промени во вашиот живот. {АД 345.6}

Разводот и припадноста во црквата. – Во случајот на сестрата А.Г. на која и е направено зло, ние како одговор на прашањето… би рекле дека тоа во повеќето случаи е појава кај оние кај кои гревот надвладеал, како што тоа е случај со нејзиниот сопруг, дека не се доволно свесни за своите подлости. Меѓутоа, некои кои доаѓаат при себе, се враќаат во црквата, но не пред да ја заслужат довербата на Божјиот народ со безусловно признание и период на искрено каење. Оваа појава укажува на тешкотиите кои не се гледаат во други случаи, а ние би го додале следново: {АД 346.1}

1. Во случај на прекршување на седмата заповед, ако престапникот не покажува искрено каење, ако оштетената страна може да добие развод, слободна е да го направи тоа, доколку со тоа не ја влошува својата состојба и состојбата на своите деца ако ги има. {АД 346.2}

2. Ако тие со разводот на бракот, себе си и своите деца не ги доведат во потешка состојба, во Светото писмо не постои ниту еден стих кој ја смета невината страна виновна затоа што останува во брачната заедница. {АД 346.3}

3. Времето, трудот, молитвата, трпението, верата и побожниот живот можат да доведат до реформи. Да се живее во заедница со некој кој го погазил брачниот завет, кој е осрамотен со неморална љубов, а за тоа не е свесен, е како душата да ви ја јаде црв; но сепак разводот е доживотна, болна рана. Бог нека биде милостив кон невината страна! Пред да се влезе во брак мора добро да се размисли. {АД 346.4}

4. Зошто? О, зошто мажите и жените, кои би можеле да бидат почитувани и добри, кои на крајот би можеле да дојдат на небото, толку евтино се продаваат на ѓаволот, ги повредуваат своите најсакани пријатели, ги срамотат своите семејства, нанесуваат срам на Божјото дело и на крајот одат во пропаст? Боже, биди милостив! Зошто оние кои ги надвладеало злото не би покажале покајание кое одговара на големината на нивниот грев и не појдат кај Христа за милост и ако е возможно, за исцелување на раните кои ги нанеле? {АД 346.5}