Вера во семејството
Адвентен дом
Обединети напори
Место за вера во семејството. – Верата во семејството се состои во подигање на децата во Господовата наука и страв. Секој член на семејството треба да е воспитан со Христовите поуки, секоја душа треба будно да внимава сатаната да не го излаже и оттргне од Христа. Ова е цел која секое семејство треба да ја постигне и во тоа не смее да се обесхрабрат. Кога родителите се грижливи и внимателни во давањето на упатства и настојуваат своите деца да ги воспитаат на Божја слава, тие соработуваат со Бога, а Бог соработува со нив во спасување на душите на децата за кои Христос умрел. {АД 317.1}
Верското воспитување значи многу повеќе отколку обично образование. Тоа значи да се молите со своите деца, учејќи ги како да се приближат кон Христа и да Му ги кажат сите свои потреби. Тоа значи дека во својот живот морате да покажете дека Исус ви е сѐ, дека Неговата љубов ве прави трпеливи, љубезни, кротки, а сепак одлучни како Аврам да им заповедате на своите деца. {АД 317.2}
Вашето однесување во домот се бележи во небесните книги. Оној кој сака да биде свето суштество на небото, мора да стане свето суштество во своето семејство. Ако татковците и мајките се вистински христијани во своето семејство, тие ќе бидат корисни верници во црквата и во состојба да ги водат работите во црквата и во општеството онака како што ги водат во своето семејство. Родители, не дозволувајте вашата вера да биде празно исповедање туку жива реалност. {АД 317.3}
Верата како дел од можното воспитание. – Религијата во домот е многу запоставена. Мажите и жените покажуваат големо интересирање за странските мисии. Тие се жртвуваат за нив и така се обидуваат да ја смират својата совест, мислејќи дека со жртвувањето за Божјото дело ќе се искупат за својата незаинтересираност во својот дом да го покажат вистинскиот пример. Домот е нивното особено поле на работа и Бог не прима никаков изговор за негово запоставување. {АД 318.1}
Во домот во кој верата е практично искажана, ќе се изврши големо добро. Религијата ќе ги води родителите во домот да го извршат токму она дело што Бог го одредил. Децата ќе бидат воспитани во Господовата наука и страв. {АД 318.2}
Причината што современите момчиња и девојки не покажуваат поголема склоност кон верата се наоѓа во нивното нецелосно воспитување. Ако дозволиме попуштање на телесните желби или не ја казнуваме непослушноста на нашите заповеди, тогаш не покажуваме вистинска љубов кон децата. Дрвото се витка додека е младо. {АД 318.3}
Ако очекуваме верата да влијае на општеството, таа прво мора да изврши влијание во семејството. Кога децата би биле воспитувани во домот да го сакаат Бога и да имаат Божји страв, излегувајќи во светот, тие би биле подготвени да ги воспитуваат своите семејства за Бога. Верата не треба да се одвојува од домашното воспитување. {АД 318.4}
Религијата во домот и претходи на религијата во црквата. – Темелот на напредокот на црквата се поставува во домот. Влијанијата кои се покажуваат во семејниот живот се пренесуваат на црковниот живот; поради тоа најпрво во домот треба да се почне со извршување на црковните должности. {АД 318.5}
Каква вера развиваме во домот, таква ќе имаме и во црквата. Направете го домот тврдина. Посветете го своето семејство на Бога и тогаш зборувајте и постапувајте во домот како христијани. Бидете љубезни, трпеливи и кротки, свесни дека сте учители. Секоја мајка е учител, но таа треба да биде и ученик во Христовото училиште, за да можат да поучуваат и така да им помогнат на децата да го обликуваат вистинскиот карактер. {АД 319.1}
Таму каде што се чувствува недостаток од религија во домот, исповедањето на верата нема вредност… Многумина се лажат мислејќи дека карактерот ќе се преобрази за Христовото доаѓање, но кога Тој ќе дојде, срцето нема да се обрати. Тука мораме да ги исправиме недостатоците на својот карактер и додека трае времето на проба, мораме да ги совладаме со Христовата милост. Тука е местото на кое се оспособуваме за небесното семејство. {АД 319.2}
Многу е потребно во домот да негуваме вистинска побожност и нашите зборови да бидат исправни инаку нашето сведоштво во црквата нема да има никаква вредност. Вашата религија ќе биде напразна ако во домот не покажете благост, љубезност и учтивост. Кога во домот би имало повеќе искрени побожности, во црквата би имало поголема сила. {АД 319.3}
Верското воспитание е неопходно. – Болно е да се пуштат децата да растат без познавање за Бога. {АД 319.4}
Родителите прават најстрашна грешка кога го запоставуваат верското воспитание на своите деца, сметајќи дека во иднина ќе им биде добро и дека кога ќе пораснат, самите ќе тежнеат кон верското искуство. Зар не гледате, дека сатаната ќе ја посее нивата на срцето со какол, ако вие не го посеете скапоценото семе на вистината, љубовта и небесните вредности. {АД 319.5}
Често на децата им се дозволува да раснат без верско воспитание, поради тоа што родителите мислат дека тие се премногу млади за да можат да ги прифатат христијанските обврски… {АД 320.1}
Додека се сѐ уште во семејството, на децата без двоумење треба да им се помогне да го изградат својот однос кон верата. {АД 320.2}
Родителите треба да им откријат на своите деца што смеат, а што не смеат да прават. Тоа треба да го направат одлучно и со целосно совладување. Секој напор од нивна страна, направен љубезно и трпеливо, ќе обликува во карактерот на нивните деца особини на постојаност и одлучност… Татковците и мајките се должни во вистинско време да го решат ова прашање, така што детето нема да ја погазува саботата, да ги запоставува богослуженијата и семејната молитва, како што нема ни да помисли да краде. Родителските раце се должни да кренат ограда. {АД 320.3}
Мудрото Христово воспитание треба да започне уште од најраните години. Децата треба да се упатуваат на вечните вредности, додека срцата им се способни да примаат впечатоци; родителите треба да знаат дека живеат, зборуваат и дејствуваат пред очите на живиот Бог. {АД 320.4}
Родители, во кој правец одите? Дали постапувате во склад со мислите дека вашите деца треба да бидат ослободени од секакви верски насочувања? Дали ги оставате без совети и опомени во годините на детството и младоста? Дали им дозволувате да го прават тоа што го сакаат? Ако е така, тогаш ја запоставувате одговорноста што ви ја доверил Бог. {АД 320.5}
Прилагодете ги упатствата според возраста на детето. – Родителите треба да почнат да зборуваат за Исус, за да можат децата да се напојуваат со скапоцената вистина за бебето од Витлеем, штом ќе можат тоа да го сфатат. Во детскиот ум развијте склоност кон едноставната побожност, која одговара на нивните години и способности. Во молитва донесете ги своите деца кај Исус, за тоа што Тој им дал способност да ја сфатат верата, исто онака како што им овозможил да ги составуваат првите зборови. {АД 320.6}
Додека се многу млади, децата се многу чувствителни кон божествените влијанија. За таквите деца Господ води особена грижа; воспитани во Господовата наука, тие се помош, а не пречка на своите родители. {АД 321.1}
Заеднички негувајте ја верата во домот. – Таткото и мајката се одговорни за сочувување на верата во домот. {АД 321.2}
Мајката не треба себеси да се оптоварува со големи грижи и поради тоа да не ѝ остане време за духовните потреби на нејзиното семејство. Родителите треба да бараат помош од Бога за својата работа. На колена пред Него тие најдобро ќе ги сфатат своите големи одговорности и тука своите деца можат да ги предадат на Оној кој никогаш не греши во советите и упатствата… {АД 321.3}
Таткото во семејството не смее да ја препушти на мајката сета грижа околу духовното воспитание. На татковците и мајките им е доверена голема работа, секој од нив да го исполни својот дел во подготовка на децата за испитот на големиот суд. {АД 321.4}
Родители, воведете ги децата во својот верски живот. Прегрнете ги со рацете на својата вера и посветете ги на Христа. Не дозволувајте ништо да ве одврати од вашите обврски правилно да ги воспитате. Не дозволувајте никаква земна работа да ве наведе да ги заборавите. Никогаш не дозволувајте вашиот христијански живот да ги одвои од вас. Пријдете заедно кај Господа; запознајте ги со божествената вистина. Помогнете им да се дружат со оние кои го сакаат Бог. Доведете ги помеѓу Божјиот народ како деца на кои сакате да им помогнете да го изградат карактерот за вечноста. {АД 321.5}
Религијата во домот што сѐ таа може да постигне? Таа ќе го изврши делото кое Бог сака да го изврши во секое семејство. Децата ќе бидат воспитани во Господовата наука. Нивното воспитание ќе им помогне да станат членови на Господовото семејство. {АД 322.1}
Децата и родителскиот пример. – Сѐ остава трага на умот на младите. Тие внимателно го набљудуваат изгледот на лицето, го наслушнуваат гласот и буквално го имитираат однесувањето на возрасните. Раздразливите и лоши татковци и мајки им даваат поуки на своите деца кои подоцна, кога би можеле, со задоволство би ги поништиле. Во животот на своите родители децата мораат да ја видат доследноста, која е во согласност со нивната вера. Со доследен живот и самосовладување, родителите можат да го обликуваат карактерот на своите деца. {АД 322.2}
Бог го цени побожното семејство. – Татковците и мајките во чиј дом Бог е на прво место, кои ги учат своите деца дека стравот Господов е почеток на мудроста, Го прославуваат Бога пред ангелите и пред луѓето, прикажувајќи му го на светот добро изграденото, дисциплинирано семејство, семејство кое го сака и го слуша Бога, наместо да се бунтува против Него. Христос не е странец во нивните домови; Неговото име е блиско, почитувано и прославувано. Ангелите се радуваат во домот во кој владее Бог и во кој децата се учат да ја почитуваат верата, Библијата и својот Создател. Таквите семејства можат да се потпрат на ветувањето: „Ќе ги почитувам оние кои Мене ме почитуваат“. {АД 322.3}
Како Христос влегува во домот. Кога е во срцето, Христос влегува во семејството. Таткото и мајката чувствуваат потреба да живеат живот на послушност на Светиот Дух, така што небесните ангели, кои им служат на наследниците за спасение, би им послужиле и на нив како учители во домот, учејќи ги и одгледувајќи ги за делото на поучување на своите деца. Така во домот е лесно да имаш мала црква, која го почитува и прославува Откупителот. {АД 323.1}
Направете ја побожноста привлечна. – Направете го христијанскиот живот привлечен. Зборувате за Земјата која ќе стане дом на Христовите следбеници. Кога ќе го направите тоа, Бог ќе ги води вашите деца во секоја вистина, исполнувајќи ги со желба да се подготват за становите кои Христос отишол да ги подготви за оние кои Го сакаат. {АД 323.2}
Родителите не смеат да ги учат своите деца на формална побожност; тие мораат вечните начела да ги направат привлечни за нив. {АД 323.3}
Со својата ведрина, со својата христијанска љубезност и со своите нежни чувства, родителите треба да ја направат привлечна Христовата вера; тие мораат да бидат одлучни, барајќи почитување и послушност. Во детскиот ум мораат да се втемелат исправни начела. {АД 323.4}
Ние треба да ги поттикнеме младите да живеат правилен живот. За ова не е доволно златото и среброто. Да им ја откриеме Христовата љубов, милост и добрина, скапоценоста на Неговите зборови и радоста на победникот. Настојувајќи во оваа работа, вие ќе извршите дело кое ќе трае вечно. {АД 323.5}
Зошто некои родители немаат успех. – Иако тврдат дека се религиозни, некои родители не го истакнуваат пред своите деца фактот дека на Бога треба да Му се служи и да се слуша и дека удобноста, задоволството и склоностите немаат никакво влијание на Неговите барања. „Почеток на мудроста е стравот Господов“. Оваа вистина мора да се вткае во самиот живот и карактер. Правилното сфаќање за Бога, кое се стекнува со познавање на Исуса Христа, Кој умрел за ние да бидеме спасени, треба да биде втиснато во нивниот ум. {АД 323.6}
Можеби вие, родители, мислите дека немате време сето тоа да го постигнете. Меѓутоа, морате да најдете време да ја извршите својата работа во семејството инаку сатаната ќе се потруди да ја пополни празнината. Од својот живот отстранете сѐ што би можело да го спречи извршувањето на таа работа, а своите деца воспитувајте ги онака како што сака Тој. Запоставете го сето она што е минливо, живејте скромно, ограничете ги своите барања, но заради Христа немојте да го запоставите верското воспитување за своите деца и за самите себе. {АД 324.1}
Секој член на семејството треба да биде посветен на Бога. – Упатствата кои Мојсеј ги дал за Пасхата се полни со значење и можат да се применат на родителите и на децата во ова наше време… {АД 324.2}
Таткото требало да постапува како свештеник во домот, а ако него го нема, најстариот жив син би требало да го изврши свечениот чин на прскање на надвратникот со крв. Тоа е симболично дело кое треба да се изврши во секое семејство. Родителите треба да ги соберат своите деца во домот и да им го претстават Христа како нивна Пасха. Таткото треба да го посвети секој член во својот дом на Бога и така да го изврши делото прикажано со пасхалната свеченост. Опасно е кога се препушта свеченоста во туѓи раце. {АД 324.3}
Родителитехристијани нека одлучат да останат верни на Бога и нека ги соберат своите деца во домот, а надвратниците ги попрскаат со крв која го прикажува Христа како Оној кој единствено може да ги заштити и спаси, така што ангелотодмаздник ќе пројде покрај скапоцениот домашен круг. Светот треба да види дека во нашиот дом дејствуваат повисоки влијанија. Родителите треба да одржуваат жива врска со Бога, стоејќи секогаш на Христовата страна, покажувајќи ја Неговата милост како големо добро кое родителите можат да го исполнат. {АД 324.4}

