Заблуди кои ја следат мајчината работа

Адвентен дом

Влијанието на мајката

Мајката може да помисли дека најзината работа е безначајна. – Мајката често мисли дека нејзината работа не е важна. Тоа е работа која многу ретко се цени. На другите малку им се познати нејзините грижи и товари. Нејзините денови се преполни со извршување на мали должности, кои бараат трпеливи напори, самосовладување, тактичност, мудрост и самопожртвувана љубов; сепак не може да се пофали дека постигнала нешто големо. Таа толку добро работела во куќата, што сѐ течело како подмачкано. Честопати уморна и збунета, таа сепак настојувала љубезно да им се обраќа на своите деца, да ги усреќи и нивните мали нозе да ги поведе на прав пат. Таа мисли дека не направила ништо. Но тоа не е така. Небесните ангели ја набљудуваат загрижената мајка и од ден на ден ги забележуваат нејзините товари. Нејзиното име можеби не е познато во светот, но е запишано во животната книга на Јагнето. {АД 244.1}

Вистинската сопруга и мајка… ќе ги извршува своите должности достоинствено и радосно, не сметајќи го за понижување со своите раце да го работи сето она што е потребно за домот да биде уреден. {АД 244.2}

Дали тоа е поневажна служба. – Колку е оваа работа важна! Сепак, слушаме дека некои мајки тежнеат кон евангелската работа! Само кога би можеле да појдат во туѓа земја, би сметале дека прават нешто полезно. Меѓутоа, прифаќањето на секојдневните домашни должности и нивното верно извршување, им изгледа исцрпувачко и неблагодарно. {АД 244.3}

Мајките кои тежнеат за евангелска работа, ја имаат во својот домашен круг… Зар душите на нејзините деца не вредат толку колку што вредат душите на многубошците? Со каква грижа и нежност таа би морала да го следи развојот на нивниот ум, а сите нивни мисли да ги поврзе со Бог! Кој може толку добро како побожната мајка исполнета со љубов? {АД 245.1}

Има и такви кои мислат дека не создаваат според Божјата волја ако не се непосредно во врска со проповедањето на евангелието; но тоа не е така. Секој има работа која треба да ја заврши за Господа; убава работа е да изградиш уреден и пријатен дом. И најскромните таленти, ако примателот го дал своето срце на Бога, ќе направи животот во домот да биде таков каков што сака Бог. Јасна светлина ќе засвети како дело на службата за Бога извршена со целото срце. Мажите и жените можат исто така да Му служат на Бога како и проповедникот од проповедалницата, кога го почитуваат она што го слушнале и кога своите деца ги воспитуваат да живеат по Божја волја и да се плашат од него да не Го разжалостат. {АД 245.2}

Жените кои подготвено и со желба работат сѐ што ќе им дојде до рака, кога во ведар дух им помагаат на мажите да ги носат своите товари и ги подготвуваат своите деца за Бога, тие се проповедници во највозвишена смисла на зборот. {АД 245.3}

Верските активности не смеат да ја заменат грижата за семејството. – Ако ја запоставиш својата должност како сопруга и мајка, а своите раце ги пружаш кон Господа, во нив да ти стави друга работа, биди сигурна дека Тој нема Себеси да си противречи; Тој ти укажува на должноста која треба да ја извршиш во домот. Ако мислиш дека ти е доверена некоја повозвишена и посвета работа од оваа, ти се лажеш самата себеси. Со верноста во својот дом, работејќи за душите кои ти се најблиски, ти всушност се вежбаш да работиш за Христа на едно пошироко поле. Меѓутоа, биди сигурна дека оние кои ги занемаруваат должностите во својот дом не се подготвени за работа со душите надвор од домот. {АД 245.4}

Господ не те повикал да го запоставиш својот дом, својот сопруг и децата. Тој никогаш не прави така и никогаш нема така да постапува… Ниту еден момент не мисли дека Бог ти доверил работа која ќе те одвои од твоето скапоцено мало стадо. Немој да дозволиш да се обесхрабрат со дружење со недолично друштво и да ги затворат своите срца кон мајката. Тоа би значело светење во погрешен правец; ако правиш така, тогаш на своите деца им отежнуваш да станат она што Бог очекува да бидат и на крајот да го придобијат небото. Бог се грижи за нив, а исто така мораш и ти штом тврдиш дека си Негово дете. {АД 246.1}

Првите години од нивниот живот го претставуваат периодот кога треба да работите, да внимавате, да се молите и да ја поттикнувате секоја добра наклонетост. Таа работа мора да оди без застој. Можеби ќе те повикаат на родителски состаноци, на часови на заедничко шиење, за да можеш таму да ја извршуваш евангелската работа; но ако нема верен и угледен воспитувач кој ќе остане со твоите деца, твојата должност е да одговориш дека Господ ти доверил друго дело кое никако не смееш да го запоставиш. Ти не смееш да претераш во ниту една работа која ќе те онеспособи во работата за воспитување на твоите малечки да станат она што Бог очекува. Како Христов соработник, ти мораш добро подготвени и воспитани да ги поведеш кај Христа. {АД 246.2}

За многу недостатоци во воспитувањето на детскиот карактер виновна е мајката. Мајката не треба да ги прифати обврските во црквата кои ќе ја натераат да ги запостави своите деца. Најдобрата работа што може да ја изврши мајката, се состои во тоа да внимава во воспитувањето на своите деца да не изостанува ниту една алка… {АД 246.3}

Мајката не може на било кој друг начин да ѝ помогне на црквата така, како кога своето време ќе го посвети на оние кои зависат од нејзините упатства и изградба. {АД 247.1}

Не треба да барате пошироко подрачје на работа. – Некои мајки сакаат да работат во евангелската работа, а ги запоставуваат наједноставните должности кои им се на дофат на рацете. Тие ги занемаруваат децата, нивниот дом не е ведар и среќен, често се слушаат навреди и приговори, а младите пораснуваат со чувство дека домот е најнепривлечно место на светот. Поради тоа нетрпеливо го чекаат моментот кога ќе отидат од него и не се притеснуваат да тргнат во широкиот свет; нив не ги задржува влијанието на домот и нежните совети на домашното огниште. {АД 247.2}

Родителите чија цел требало да биде врзување на овие млади срца за себе, ги упропастуваат можностите што Бог им ги дал, слепи се за најважните должности во својот живот, и залудно тежнеат кон некоја поширока евангелска работа. {АД 247.3}