Несовршени примери

Адвентен дом

Заблуди кои ја следат мајчината работа

Замислена маченичка. – Многу домови се многу несреќни поради непотребното незадоволство на домаќинката, која со негодување се одвратува од едноставните домашни должности во својот скромен семеен живот. На своите грижи и должности во домот таа гледа како на тажна судбина; и она што би можела, кога би била со поведра природа, да го преобрати во пријатна, интересна и полезна работа, за неа е обично мачење. Со презир гледа на својот живот како на ропство и себе си се смета за маченичка. {АД 248.1}

Вистина, тркалата на семејната машина не одат секогаш мазно; има многу од она што го искушува трпението и ја преоптоварува силата. Иако мајките не се виновни за околностите со кои не можат да владеат, бесмислено е да се одрекува дека околностите навистина влијаат на нивниот живот и работа. Меѓутоа, тие се виновни кога дозволуваат околностите да завладеат и да ги поткопаат нивните начела, кога ќе се уморат и ќе станат неверни на својата возвишена задача и ќе ги запостават добро познатите должности. {АД 248.2}

Сопругата и мајка која достоинствено ги совладува тешкотиите во кои другите пропаѓаат поради недостаток на трпение и истрајност, станува не само подготвена да ги изврши своите должности туку нејзиното искуство во совладувањето на искушението и на препреките ја оспособува со зборови и со пример да биде вистинска помош на другите. Многумина кои добро се снаоѓаат во поволните околности, изгледа дека го доживуваат преобразувањето на карактерот во неволјите и искушенијата; тие пропаѓаат паралелно со своите неволји. Бог никогаш не сакал да станеме играчка на разните околности. {АД 248.3}

Негување на грешното незадоволство. – Многу сопрузи и деца кои во својот дом не наоѓаат ништо што ги привлекува, кои секогаш се дочекани со префрлање и навреди, бараат удобност и разонода надвор од домот, во гостилница или на некое друго недолично место. Сопругата и мајка, окупирана со домашните работи, често заборава на малите љубезности, кои би го направиле домот попривлечен за таткото и децата, дури и тогаш кога избегнува да ги истакне своите маки и тешкотии во нивно присуство. Додека е зафатена со подготвување на храна и облека, сопругот и синовите како странци влегуваат и излегуваат од домот. {АД 249.1}

Домаќинката може да ги извршува своите надворешни должности со голема точност, но таа може и постојано да се жали на ропството на кое е осудена и да ги преувеличува своите одговорности и немоќ, споредувајќи ја својата судбина со она што мисли дека е подобар живот на една жена… Во беспомошниот копнеж за поинаков живот, таа негува грешно незадоволство, а својот дом го прави непријатно место и за себе и за сопругот и децата. {АД 249.2}

Окупирана со световни глупости. – За родителите и децата сатаната подготвил многу привлечности. Тој знае дека многу успеал ако со својата сила на измама може да влијае на мајката. Патиштата на овој свет се полни со измама, стапици и беда, но се прикажани како привлечни; ако децата и младите не се внимателно подготвени и воспитани, сигурно ќе заталкаат. Бидејќи не ги познаваат и немаат цврсти начела, ќе им биде тешко да се спротивстават на искушението. {АД 249.3}

Носење на непотребен товар. – Многу мајки го поминуваат своето време, не правејќи ништо полезно. Тие своето внимание го посветуваат на она што е минливо, а не застануваат да мислат за она што трае вечно. Колку од нив ги запоставуваат своите деца, кои растат невоспитани, груби и необразовани! {АД 249.4}

Кога родителите, особено мајките, правилно размислуваат за важната, одговорна задача што им ја доверил Бог, тие нема толку да се занимаваат со работи кои се однесуваат на нивните соседи, а со кои немаат ништо. Тие нема да одат од куќа до куќа и да водат празни разговори во кои ќе се занимаваат со слабостите, грешките и недоследностите на своите соседи. Тие ќе чувствуваат толку тежок товар за своите деца, што нема да имаат време да се занимаваат со озборување на своите соседи. {АД 250.1}

Ако жената бара од Бога сила и утеха и во Неговиот страв настојува да ги изврши своите секојдневни должности, таа ќе стекне доверба и почит од својот сопруг и од своите деца кои ќе ги гледа како растат како чесни мажи и жени, со морална сила да го прават она што е добро. Меѓутоа, мајките кои ги запоставуваат своите сегашни можности и дозволуваат нивните должности и товари да ги преземат други, ќе утврдат дека нивната одговорност не се изменила и дека со горчина ќе го пожнеат она што го сееле со невнимателност и безгрижност. Нема случајности во животните работи; жетвата ќе го открие видот на посеаното семе. {АД 250.2}