Ликот на лош сопруг
Адвентен дом
Пријател на своите деца
Сопругот кој очекува жената да носи двоен товар. – Во многу семејства има деца со различна возраст, од кои на некои им е потребно не само внимание и мудри мајчини постапки туку и остар, но и со љубов кажан татковски збор. Малку се такви татковци кои го гледаат ова во вистинско светло. Тие ја забораваат својата должност и така ставаат двоен товар на мајката, а во исто време мислат дека можат да ги критикуваат и осудуваат нејзините постапки во склад со своето гледиште. Оптоварена со свеста за одговорноста и критиките на својот сопруг, сиротата жена и мајка често се чувствува виновна за она што го направила несвесно или во незнаење, но и тогаш кога направила најдобро што може според околностите. Наместо да ги цени и одобрува нејзините неуморни напори и да го израдува нејзиното срце, таа живее под облакот на тагата и укорот затоа што нејзиниот сопруг, запоставувајќи ги своите должности, очекува од неа да ги исполни нејзините и неговите должности без оглед на околностите. {АД 224.1}
Многу сопрузи доволно не ја ценат и не ја сфаќаат грижата и тешкотиите кои ги поднесуваат нивните сопруги, обично целиот ден врзани со непрестајно извршување на домашните работи. Тие секогаш се враќаат дома со намуртени чела, не внесувајќи сонце во семејниот круг. Ако ручекот не е подготвен на време, уморната сопруга, која во исто време е и домаќинка, дадилка, готвачка и домашна помошничка, сѐ истовремено, наместо поздрав прима префрлања. Строгиот сопруг би можел да се смилува и од грижливата и уморна мајка да го земе расплаканото дете, за да може ручекот што побргу да биде подготвен. Меѓутоа, ако детето е немирно и нерасположено во татковите раце, тој ретко ќе смета дека му е должност да постапува како дадилка, обидувајќи се да го смири. Тој не застанува за да сфати колку часови мајката морала да го трпи раздразливото дете туку нетрпеливо ја повикува: „Еве ти го мајко, твоето дете“. Зар тоа дете не е и негово? Не е ли и тој обврзан трпеливо да го носи делот од товарот во одгледување на своите деца? {АД 224.2}
Сопруг заповеда и владее. – Твојот живот би бил многу посреќен кога не би мислел дека ти е дадена секаква власт затоа што си маж и татко. Твоите постапки покажуваат дека не ја разбираш својата положба како глава на семејството. Ти си нервозен господар на кого често му недостасува правилно размислување, така што без оглед на тоа како гледаш на своите постапки во таквите ситуации, тие не изгледаат доследни за твојата сопруга и деца. Кога еднаш ќе заземеш некој став, ретко си подготвен да го измениш. Подготвен си до крај да ги спроведеш своите намери, а често го правиш она што не чини, тоа би требало да го увидиш. Тебе ти е потребна многу, многу поголема љубов, трпение, а помалку решеност да ја спроведеш својата волја со зборови и постапки. Патот по кој сега одиш покажува дека ти си пред сѐ, средство за притисок и неволји отколку глава на семејството… {АД 225.1}
Настојувајќи другите да ги принудиш во секоја ситница да ги спроведат твоите идеи, ти почесто правиш поголеми штети отколку да се откажеш од своите ставови. Ова е точно и тогаш кога твоите идеи се сами по себе добри, но во многу ситуации погрешни. Тие се принудени поради твојата недоследна организација. Поради тоа на погрешен начин го спроведуваш она што не е добро. {АД 225.2}
Ти имаш посебно мислење за управувањето со своето семејство. Ти се служиш со некоја независна и своеволна сила, која не му дава слобода на никој околу тебе. Сметаш дека како глава на своето семејство, си доволен и дека таа глава е доволна да го придвижи секој член, како што рацете на работникот ја придвижуваат машината. Ти го наметнуваш и го присвојуваш авторитетот. Тоа не му е драго на небото и ги растажува ангелите. Си се однесувал во своето семејство како човек кој е единствениот кој може да владее. Те навредило кога сопругата се обидела да се спротивстави на твоето мислење или на твоите одлуки. {АД 226.1}
Раздразлив и кавгаџиски настроен маж. – Сопрузи, дајте им можност на своите сопруги да го изградат својот духовен живот… Многумина го поттикнуваат духот на незадоволството сѐ додека не станат како возрасни деца. Тие не се ослободуваат од тој дел од своето детство. Тие ги негуваат овие чувства, додека целиот живот не го загорчат со своите мрзоволни забелешки. И не само својот туку и туѓиот живот. Тие го носат во себе Исмаиловиот дух, чија рака се кревала на секого и сечија на него. {АД 226.2}
Себичен и нерасположен сопруг. – Братот Б. според својата природа не внесува сончева светлина во својот дом. Тука треба да започне неговата лична работа. Тој е посличен на темен облакот колку на зрак светлина. Толку е себичен, што нема добри зборови за своите домашни, особено кон личностите на кои им е потребна неговата љубов и почит. Тој е нерасположен, сака да владее и да заповеда; неговите зборови често сечат и оставаат рана која не се обидува да ја лекува со тоа што ќе го ублажи својот дух, ќе ги признае своите грешки и лоши постапки… {АД 226.3}
Братот Б. мора да омекне; тој треба да го негува духот на нежност и љубезност. Тој треба да биде многу нежен и благ кон својата сопруга која му е рамна во сѐ; тој не би смеел да изговори ниту еден збор кој би фрлил сенка во нејзиното срце. Тој треба да започне реформа во домот: треба да ја негува љубовта и да ги победи неусогласените, груби, бесчувствителни и неблагородни црти на својата природа. {АД 227.1}
Нерасположен, себичен и злобен сопруг и татко не само што самиот не е среќен туку нерасположението го пренесува на сите домашни. Тој ќе ги ожнее последиците кога ќе ја види својата сопруга овената и болежлива, а своите деца упропастени од неговата лоша природа. {АД 227.2}
Себичен и нетрпелив сопруг. – Ти премногу очекуваш од својата сопруга и од децата. Премногу критикуваш. Кога самиот би негувал весела и ведра природа и би им зборувал љубезно и нежно, би внел радост и ведрина во својот дом наместо облаци од жал и несреќа. Премногу го цениш она што го мислиш, заземаш крајни гледишта и не дозволуваш мислењето на твојата сопруга да најде место во твоето семејство. Самиот не си негувал почит кон својата сопруга ниту децата си ги учел да го почитуваат нејзиното мислење. Не си дозволил сопругата да биде еднаква со тебе туку уздите на управување и контрола си ги зел во свои раце и цврсто ги држиш. Твојата природа не е исполнета со љубов и сочувство. Ако сакаш да бидеш победник и ако сакаш Бог да го благослови твоето семејство, треба да ги негуваш овие црти на карактерот. {АД 227.3}
На оној кој не ја почитува христијанската учтивост. – Ти гледаш на љубезноста, нежноста и сочувството како на слабост; сметаш дека ти е под чест да зборуваш нежно, благо и љубезно со својата сопруга. Тука грешиш, не знаејќи во што се состои вистинската машкост и достоинство. Склоноста да не постапуваш љубезно, ги открива слабостите и недостатоците во твојот карактер. Она што го сметаш за слабост, Бог го смета за вистинска христијанска љубезност, која треба да ја покаже секој христијанин. Тоа бил духот што го открил Христос. {АД 228.1}
Сопрузите треба да ја заслужат љубовта и наклонетоста. – Ако сопругот е суров, полн со барања и подготвен да ги критикува постапките на својата сопруга, тој не може да го очекува нејзиното почитување и наклонетост, затоа што бракот за неа станал товар. Таа нема да го сака својот сопруг, затоа што тој не се обидува да стане таков за да може таа да го засака. Сопрузите треба да бидат грижливи, внимателни, постојани, верни и сочувствителни. Тие треба да покажат љубов и сочувство… Кога сопругот има благороден карактер, чисто срце, возвишен ум, што треба да биде особина на секој христијанин, тоа ќе се види и во брачниот живот… Тој ќе се труди сопругата да биде здрава и храбра. Ќе настојува да упати зборови на утеха и да создаде атмосфера на мир во домот. {АД 228.2}
Десетти дел
МАЈКАТА КРАЛИЦА НА ДОМОТ

