Положбата на мајката и нејзините одговорности

Адвентен дом

Ликот на лош сопруг

Изедначена со сопругот. – Жената треба да го заземе местото кое Бог ѝ го одредил на почетокот, да биде изедначена со сопругот. На светот му се потребни мајки кои се мајки не само по име туку во вистинска смисла на зборот. Со сигурност можеме да кажеме дека должностите на жената се посвети од должностите на мажот. Жената треба да ја сфати светоста на својата работа и во сила и Божји страв да ја прифати својата задача. Таа треба да ги научи своите деца да бидат полезни во овој свет и подготвени за домот во подобар свет. {АД 231.1}

Сопругата и мајка не смее да ја жртвува својата сила и да дозволи нејзините моќи да спијат, потпирајќи се целосно на својот сопруг. Нејзината личност не може да исчезне во личноста на нејзиниот сопруг. Таа мора да знае дека е изедначена со својот сопруг да стои покрај него, верна во своите должности, како и тој во своите. Нејзината задача во воспитување на децата е во секој поглед благородна и возвишена како и секоја положба на која би била поставена, дури и да е тоа положба на водач на народот. {АД 231.2}

Кралица во домот. – Мајката е кралица во својот дом. Во нејзини раце е изградбата на карактерот на нејзините деца за да можат да бидат оспособени за повисок, бесмртен живот. Ниту ангелот не би можел да посака повозвишена задача, затоа што со извршување на оваа работа таа Му служи на Бога. Таа само нека го сфати возвишениот карактер на својата задача и тоа ќе ја вдахне со храброст. Нека биде свесна за вредноста на својата задача и нека се облече во целото Божјо оружје, за да може да се спротивстави на искушението да ги прифати световните мерила. Нејзината работа има вредност и за овој и за идниот живот. {АД 231.3}

Мајката е кралица во домот, а децата се нејзини помошници. Таа треба мудро да управува со својот дом, со достоинството на една мајка. Нејзиното влијание во домот треба да биде над сѐ; нејзиниот збор закон. Ако е христијанка која ја води Бог, таа ќе ја има почитта од своите деца. {АД 232.1}

Децата треба да се учат да ја почитуваат својата мајка, не како роб чија работа е да ги разгалува, туку како кралица која ќе ги води и ќе управува учејќи ги овде малку, онде малку, начело по начело, правило поправило. {АД 232.2}

Споредување на вредностите. – Мајката ретко кога ја почитува својата работа и често ја смета за непријатна домашна работа. Од ден во ден, од недела во недела таа ги извршува истите работи, без видливи резултати. На крајот на денот, не е во состојба да каже колку ситни работи завршила. Кога својата работа ќе ја спореди со постигнувањето на сопругот, таа смета дека не направила ништо што вреди да се спомне. {АД 232.3}

Таткото често доаѓа дома со одредена гордост и гласно набројува сѐ што постигнал во текот на денот. Неговите забелешки покажуваат дека очекува од мајката да го служи, затоа што таа не направила ништо освен што се грижела за децата, подготвувала јадење и ја средувала куќата. Таа не била трговец кој купува или продава; таа не била земјоделец кој обработува земја; таа не била механичар значи не направила ништо од што би се уморила. Тој ја критикува, приговара, наредува како да е господар на создавањето. Сето тоа уште повеќе ја обесхрабрува сопругата и мајка, затоа што во текот на денот многу се уморила од својата работа, а не гледа што направила. {АД 232.4}

Кога би се кренала завесата и таткото и мајката би можеле да ја видат дневната работа онака како што ја гледа Бог и како Неговите сезнајни очи ја споредуваат работата и на едниот и на другиот, би се зачудиле на небесното откритие. Тогаш таткото би гледал на својата работа во поскромно светло, додека мајката би добила ново охрабрување и сила својата работа да ја продолжи мудро, истрајно и трпеливо. Дури сега ја знае нејзината вредност. И додека таткото се занимавал со она што мора да пропадне и да исчезне, мајката се занимавала со развојот на умот и на карактерот, работејќи не само за овој туку и за идниот живот. {АД 233.1}

Бог ѝ доделил работа. – Колку голема среќа би имало кога мајката би можела да ја разбере големината на своите должности и одговорности и колку голема ќе биде наградата за нејзината верност! {АД 233.2}

Мајката која радосно ги извршува должностите кои се наоѓаат пред неа, ќе види дека нејзиниот живот е скапоцен, затоа што Бог ѝ ја доделил работата која треба да ја заврши. Во оваа работа таа не мора да дозволи да ѝ закржлави нејзиниот мозок, а размислувањето да ѝ ослабне. {АД 233.3}

Бог на мајката ѝ дал работа да ги подигне своите деца во Божји страв. Пред нивните нежни умови треба постојано да се издига Божјата љубов. Кога ги кара, таа треба да им каже дека тоа го прави според Божјиот совет и дека Тој не е задоволен од лажење, невистина и од лоши постапки. Така детските умови можат толку да се поврзат со Бога, што сѐ што ќе прават и ќе кажат ќе биде за Негова слава. Во подоцнежните години тие нема да бидат слични како трската на ветер, која се лелее помеѓу склоностите и должностите. {АД 233.4}

Да се водат децата кон Исус не е сѐ што се очекува… Овие деца треба да се воспитаат и подготват да станат Христови ученици, за „нашите синови… да бидат како билки кои весело растат во младоста; нашите ќерки како прекрасно изработени столбови во дворот“. Оваа работа на изградување, облагородување и усовршување ѝ припаѓа на мајката. Карактерот на детето мора да се изгради. На плочата на детското срце мајката мора да ги вреже поуките кои вечно ќе траат; таа сигурно ќе се сретне со Божјото негодување ако ја запостави оваа света работа или дозволи нешто да се вмеша во неа… Мајката христијанка примила задача од Бога, која нема да ја запостави ако е тесно поврзана со Бога, проникната со Неговиот Дух. {АД 234.1}

Нејзината величествена и благородна задача. – На секоја мајка ѝ се пружени предности со непроценлива вредност, бескрајно скапоцени интереси. На секојдневните должности кои жените ги сметаат за заморна задача, треба да се гледа како на величествена и благородна работа. Предноста на мајката е со своето влијание да биде на благослов на светот; кога таа прави така, ќе му донесе радост на своето срце. Таа може да ги израмни патиштата за нозете на своите деца, кои водат низ сонце и сенки на славните небесни висини. Само тогаш кога во својот живот се труди да го следи Христовото учење, мајката може да се надева дека карактерот на своите деца ќе го обликува според Божјиот пример. {АД 234.2}

И покрај толку работи кои мајката мора да ги направи, нејзината најсвета работа е работата со нејзините деца. Меѓутоа, колку често оваа работа се остава настрана само за да се задоволи некоја себична желба! На родителите им се доверени сегашните и вечни интереси на нивните деца. Тие треба да ги држат уздите во свои раце и да управуваат со својот дом во чест на Бога. Божјиот закон треба да биде нивно начело, а љубовта мерило во сѐ. {АД 234.3}

Нема поголема ниту посвета работа. – Ако женетите мажи се посветат на делото, оставајќи ги своите сопруги во домот да се грижат за децата, тогаш работата која ја извршува сопругата и мајка е исто така возвишена и важна како и работата што ја врши сопругот и таткото. Иако тој работи на евангелско поле, и таа е евангелист во домот, а нејзините грижи, маки и товари често го надминуваат товарот на мажот и татко. Нејзиното дело е свето и важно. Сопругот кој се занимава со јавна евангелска работа можеби ќе добие чест од луѓето, додека работникот во домот можеби никогаш нема да прими земно признание за својот труд. Но ако таа се бори за најголемите интереси на своето семејство, ќе се труди карактерите на нејзините членови да ги изгради според божествениот Пример, ангелот записничар ќе го запише нејзиното име како име на еден од најголемите евангелисти на светот. Бог не гледа онака како што гледа човекот со својот ограничен вид. {АД 235.1}

Мајката е Божји соработник во обраќањето и спасувањето на своето семејство. Таа треба практично да ја покаже библиската религија и да прикаже како нејзината сила нѐ контролира во секојдневната работа и задоволства, учејќи ги своите деца дека можат да се спасат само со милоста, низ верата која е Божји дар. Ова постојано поучување за тоа што е Христос, Неговата љубов, Неговата добрина, Неговата милост, откриена во големиот план на спасение, за нас и за нив, ќе остави свет впечаток на срцето. {АД 235.2}

Обучувањето на децата претставува многу важен дел од Божјиот план во откривањето на силата на христијанството. На родителите почива свечена одговорност така да ги изградат своите деца, што кога ќе појдат во светот, да прават добро, а не зло на оние со кои се дружат. {АД 235.3}

Соработник на проповедникот. – Проповедникот има своја работа, а мајката своја. Таа треба да ги доведе кај Христа своите деца за Тој да ги благослови. Таа самата треба да ги прими Христовите зборови и да ги пренесе на своите деца. Таа е должна од нивната рана младост да ги поучи на самосовладувањето и самоодрекувањето, за навиките на умереност и чистота. Мајката може така да ги воспита своите деца, што тие ќе дојдат со отворени и нежни срца да ги слушаат зборовите на Божјиот слуга. На Господ му се потребни мајки кои во сите подрачја од животот во домот ќе ги усовршат даровите кои им ги дал Бог и ќе ги подготват своите деца за небесното семејство. {АД 236.1}

На Господ му се служи исто толку, ако не и повеќе, со верното извршување на домашните работи како и со проповедањето на неговите зборови надвор од домот. Како што учителите се воспитувачи на децата во училиштето, така и родителите треба да знаат дека се воспитувачи на децата во домот. {АД 236.2}

Полезноста на христијанската мајка во оваа нејзина работа не смее да се попречува со никаква домашна работа. Здравото влијание кое го врши таа во семејниот круг може и треба да направи тоа да се почувствува во соседството и во Божјата црква. Домот не е затвор за посветената сопруга и мајка. {АД 236.3}

Таа има животна задача. – Жената треба да е свесна за светоста на својата работа и Божји страв и сила да го преземе извршувањето на својата задача. Нека ги научи децата да бидат полезни во овој свет и подготвени за оној другиот. Ние ги поздравуваме христијанските мајки. Ние ве преколнуваме како мајки да ја сфатите својата одговорност и да не живеете да си угодувате на себеси, туку да Го прославите Бога. Христос не си угодувал на Себе туку го зел ликот на слуга. {АД 236.4}

Светот е полн со расипано влијание. Модата и обичаите имаат силна моќ над младината. Ако мајката пропушти да ги воспита, да ги води и да ги ограничува своите деца, според својата природа таа брзо ќе го прифати злото и ќе се одврати од доброто. Секоја мајка често нека оди кај Спасителот со молитва: „Научи нѐ, кои се правилата за воспитување на децата и што треба да се прави со нив“? Таа не треба да го заборави упатството кое Господ го дал во Својата реч и ќе ја добие мудроста што ѝ е потребна. {АД 237.1}

Обликува божествен лик. – Постои Бог на небото, од чиј престол зрачи светлина и слава осветлувајќи ја верната мајка, која настојува да ги воспита своите деца да се спротивстават на влијанието на злото. Според важноста никаква работа не може да се изедначи со нејзината работа. Таа како уметник нема да ја слика убавината на платно ниту како вајар ќе ја изваја од мермер. Таа нема како писател да ги претвори благородните мисли во силни зборови ниту како музичар убавите чувства да ги изрази со мелодија туку нејзино е со Божја помош во човечката душа да го развие божественото обличје. {АД 237.2}

Мајката која го цени ова ќе ги смета за скапоцени своите предности. Таа искрено ќе настојува со својот карактер и со својот начин на воспитување да им го пренесе на децата својот највисок идеал. Сериозно, трпеливо и храбро, таа ќе настојува да ги усоврши своите способности, за во воспитувањето на своите деца да може правилно да ја искористи силата на умот. На секој чекор таа сериозно ќе се прашува: „Што рекол Бог“? Таа внимателно ќе ја проучува Неговата реч, својот поглед ќе го задржи на Христа за, нејзиниот секојдневен живот, кој поминува во грижи и должности, да може да биде вистински одраз на единствениот вистински Живот. {АД 237.3}

Верната мајка е запишана во книгата на бесмртната слава. – Самоодрекувањето и крстот се нашиот дел. Дали ќе ги примиме? Ниту еден од нас не треба да очекува дека во него, кога ќе дојдат последните големи неволји, ќе се развие дух на самоодрекување и љубов кон небесниот дом само затоа што тогаш му е потребен. Не, туку во нашето секојдневно искуство треба да го покажеме тој дух и да го налеваме во срцето и духот на своите деца со совет и примери. Мајките во Израел можеби не се борци, но тие можат да воспитаат борци кои ќе го земат сето оружје и кои храбро ќе се борат во Господовите битки. {АД 238.1}

Мајки, судбината на вашите деца во голема мера се наоѓа во ваши раце. Ако ја запоставите вашата должност, ќе ги зацврстите во редовите на непријателот и од нив ќе направите негово оружје за уништување на душите. Меѓутоа, со побожен пример и верно поучување вие можете да ги донесете кај Христа и да ги направите оружје во Неговите раце за спасение на многу души. {АД 238.2}

Ако работи верно со Христа, нејзината работа (на христијанската мајка) ќе биде овековечена. Поклониците на модата никогаш нема да ја видат ниту да ја сфатат бесмртната убавина на работата на христијанските мајки; тие ќе ги исмејуваат нејзините старомодни мислења и нејзината едноставна, неукрасена облека додека Величеството на небото ќе го запише името на овие верни мајки во книгата на бесмртната слава. {АД 238.3}

Моментите се скапоцени. – Целиот иден Мојсеев живот, големата задача која ја исполнил како водач на Израел, сведочи за важноста на работата на христијанската мајка. Нема друга работа која може да се спореди со тоа… Родителите треба да започнат воспитание и образование на своите деца уште додека се многу мали, додека не станат христијани. Тие ни се доверени со задача да ги воспитуваме, не за наследници на земниот престол, туку за цареви за Бога, кои ќе владеат во бескрајните векови. {АД 238.4}

Секоја мајка треба да биде свесна дека нејзините моменти се скапоцени; нејзиното дело ќе биде испитано во свечениот ден на пресметката. Тогаш ќе се воспостави дека многу пропусти и злосторства кои ги направиле мажите и жените произлегле од незнаењето и невнимателноста на оние чија должност била нивните детски нозе да ги водат на прав пат. Тогаш, исто така ќе се утврди дека многу луѓе, кои го благословиле светот со светлината на генијалноста, вистината и светоста, произлегле од начелата кои го раздвижувале нивното влијание и успех и христијанската мајка која се молела. {АД 239.1}