Пријател на своите деца

Адвентен дом

Заедно носете ги товарите

Да се помине времето со децата. – Многу татковци ја губат златната можност да ги привлечат и врзат своите деца за себе. Кога ќе се вратат од работа дома, тие треба со задоволство да поминат извесно време со своите деца. {АД 220.1}

Татковците треба да се ослободат од своето лажно достоинство, да се откажат од некои безначајни задоволства за да имаат време да се позанимааваат со децата, учествувајќи во нивните мали неволји, врзувајќи ги за своите срца со силната врска на љубовта, создавајќи такво влијание на нивните млади умови, што ќе го сметаат свет татковиот совет. {АД 220.2}

Заинтересирајте се за синовите. – Таткото кој има синови треба да создаде тесна заедница со своите синови, да им биде од полза со своето поголемо искуство и да разговара со нив толку едноставно и нежно, што ќе ги врзе за своето срце. Тој нека им покаже дека постојано му се на срце нивните најдобри интереси и нивната среќа. {АД 220.3}

Оној кој во семејството има синови мора да знае дека без оглед на својата професија никогаш не смее да ги запостави душите кои се доверени на негова грижа. Тој ги донел на свет овие деца и станал одговорен пред Бога да направи сѐ што е во негова моќ за да ги сочува од лошо друштво, од световните пријатели. Своите немирни деца, тој не смее целосно да ги препушти на мајчината грижа. Тоа за неа е премногу тежок товар. Тој мора да направи сѐ да биде добро и за мајката и за децата. За мајката може да биде премногу мудро да го води воспитанието на своите деца. Во таков случај, таткото треба да го преземе поголемиот дел од тој товар. Тој мора да настојува по секоја цена да ги спаси своите деца. {АД 220.4}

Учете ги децата да бидат полезни. – Таткото, кој е глава на своето семејство, треба да знае да ги учи своите деца како да бидат полезни и вредни. Ова е негова најзначајна задача. Во текот на првите години од животот на синот, обликувањето на природата на детето на прво место ѝ е доверено на мајката. Но таа треба да знае дека во таа работа ѝ помага нејзиниот сопруг. Ако се занимава со работа која речиси целосно му оневозможува да биде полезен за семејството, тој треба да побара друго вработување кое ќе му овозможи извесно време да помине со своите деца. Ако ги запостави, тој е неверен на задачата која Бог му ја доверил. {АД 221.1}

Таткото може така да влијае на своите деца, што тоа ќе биде посилно од привлечноста на овој свет. Тој треба да ја проучува природата и карактерот на членовите во својот мал круг, за да може да ги сфати нивните потреби и опасности и така да се подготви да го задуши злото и да го поттикне доброто. {АД 221.2}

Без оглед на тоа каква работа извршува, тоа не е толку важно, за да може да најде изговор поради запоставување на воспитанието и подготовка на своите деца за држење на Господовиот пат. {АД 221.3}

Занимавајте се со различната природа. – Таткото не смее да биде толку преокупиран со работа или со проучување на книги, што ќе нема време да ја проучува природата и потребата на своите деца. Тој треба да им помогне, наоѓајќи начини како да ги вработи своите деца со полезна работа која одговара на нивната променлива природа. {АД 221.4}

Татковци, поминете со своите деца што повеќе време. Настојувајте да ја запознаете нивната природа, за да можете да знаете како да ги воспитате во согласност со Божјата реч. Од вашите усни никогаш нека не излезе збор на обесхрабрување. Не внесувајте тежина во домот. Бидете пријатни, љубезни, нежни кон своите деца, но немојте неразумно да попуштате. Пуштете ги да се соочат со мали разочарувања, низ кои секој мора да помине. Не охрабрувајте ги да доаѓаат со своите неважни обвинувања со кои ги клеветат другите. Учете ги да се поднесуваат еден со друг, да имаат доверба и да ја сочуваат меѓусебната доверба и почитување. {АД 222.1}

Придружете им се во работата и разонодата. – Татковци… поврзете ја љубовта со авторитетот, љубезноста и сочувството со цврста контрола. Дајте им на своите деца малку од своето слободно време; запознајте се со нив; дружете се со нив во нивната работа и во нивната разонода и стекнете ја нивната доверба. Негувајте пријателство со нив, особено со своите синови. Така силно ќе влијаете на доброто. {АД 222.2}

Дајте им поуки од природата. – Таткото треба да настојува да го олесни товарот на мајката… Покажете им го на децата прекрасното цвеќе, високите дрвја, на чиј лист може да се забележи Божјата љубов. Таткото треба да ги поучува дека Бог кој го создал сето тоа, го сака она што е убаво и добро. Христос им ги посочил на учениците лилјаните во полето и птиците во воздухот и им рекол дека Бог се грижи за нив и дека исто така ќе се грижи и за луѓето, кои се повредни од цвеќињата и птиците. Кажете им на децата дека можеме да потрошиме многу време во надворешно украсување, но дека нашиот изглед, никогаш не може да биде толку убав и привлечен како едноставното цвеќе во полето. Така нивните мисли ќе ги отстраните од она што е вештачко кон она што е природно. Така децата ќе научат дека Бог ја создал сета убавина и дека сака да му ги предадат најдобрите и најсвети чувства на своето срце. {АД 222.3}

Таткото може да ги однесе децата во градина и да им ги покаже пупките и богатството на боите на расцветаните цвеќиња. Во ова тој може да ги даде најважните поуки за Создателот, отворајќи ја пред нив големата книга на природата, во која секое дрво, цвет и тревка ја изразуваат Божјата љубов. Тој во детското срце, може така да ја втисне вистината дека Бог кој толку многу се грижи за дрвјата и цвеќињата, многу повеќе ќе се грижи за луѓето кои ги создал според Својот облик. Така, рано може да им стави до знаење дека Бог сака децата да бидат убави, без вештачко украсување, но со убавина на карактерот, љубезни и пријатни, што ќе го исполни нивното срце со радост и среќа. {АД 223.1}