Ветување за божествено водство

Адвентен дом

Заземи ја градината на срцето

Скапоцено сознание за божествениот пријател. – Вашиот милостив Избавител гледа на вас со љубов и сочувство, подготвен да ве слушне кога се молите и да ви прати помош која ви е потребна. Тој знае за грижите во срцето на секоја мајка и во секоја тешкотија, Тој е нејзиниот најдобар пријател. Неговите вечни раце се подготвени да ја поддржат побожната и верна мајка. Додека бил на Земјата, Тој имал мајка којашто се борела со сиромаштијата, со многу грижи и тешкотии и Тој сочувствува со секоја христијанска мајка во нејзините грижи и тешкотии. Тој Спасител кој тргнал на долг пат да го ослободи загриженото срце на мајката, чија ќерка била опседната со нечист дух, ќе ги слушне молитвите на секоја мајка и ќе ги благослови нејзините деца. {АД 204.1}

Оној кој на вдовицата ѝ го вратил единствениот син кого го носеле да го погребат и денес со многу сочувство приоѓа на ожалостената мајка. Оној кој ронел солзи на сочувство на Лазаровиот гроб и на Марта и Марија им го вратил нивниот погребан брат, кој ѝ простил на Марија Магдалена, кој се сетил на својата мајка додека во маки висел на крстот, кој им се јавил на ожалостените жени и ги пратил да ја објават радосната вести за воскреснатиот Спасител Тој и денес е најдобар пријател на жената, подготвен да ѝ помогне во сите животни околности. {АД 204.2}

Ниту една работа не може да се спореди со работата на христијанската мајка. Таа ја прифаќа својата работа свесна што значи да ги подигне своите деца во Господовата науката. Колку пати таа ќе почувствува дека тежината на нејзиниот товар е поголем од нејзината сила, а тогаш колку е скапоцена предноста во целост во молитва да се предаде на сочувствителниот Спасител! Таа може да го стави својот товар покрај Неговите нозе и во Негово присуство да најде сила која ќе ја одржи и ќе ѝ даде радост, надеж, храброст и мудрост во најтешките моменти. За мајката која е притисната со грижа колку е мило сознанието дека постои таков пријател во сите нејзини тешкотии! Кога мајките почесто би оделе кај Христа и би имале повеќе доверба во Него, нивните товари би биле полесни и тие би нашле мир за својата душа. {АД 204.3}

Бог ги слуша вашите молитви. – Вие нема да можете да ги од гледате своите деца без божествена помош, затоа што ослабената Адамова природа секогаш тежнее да загосподари. Срцето мора да биде подготвено да ги прифати начелата на вистината, за да може да се вкорени во душата и да се црпи потребната храна за животот. {АД 205.1}

Родителите треба да знаат дека ако се држат до Божјите упатства за воспитувањето на децата, ќе примаат помош одозгора. Тие ќе имаат полза од тоа затоа што, поучувајќи ги другите, самите ќе учат. Нивните деца ќе постигнат победа со сознанието кое го стекнале држејќи се до Божјиот пат. Тие се охрабрени да ги победат природните и наследените склоности кон злото. {АД 205.2}

Родители, дали неуморно работите за доброто на своите деца? Небесниот Бог ја гледа вашата загриженост, вашите искрени настојувања, вашето непрестано бдеење. Тој ги слуша вашите молитви. Со трпение и нежност одгледувајте ги своите деца за Господа. Целото небо е заинтересирано за вашата работа… Бог ќе се соедини со вас, крунисувајќи ги вашите напори со успех. {АД 205.3}

Кога ќе се трудите јасно да ја изнесете вистината за спасението и кога ќе ги водите своите деца кон Христа како нивен личен Спасител, ангелите ќе бидат со вас, Бог ќе им даде на родителите милост и ќе умеат кај своите деца да ги разбудат интересирањата за прекрасната историја за витлеемското Дете, кое е единствена надеж на светот. {АД 205.4}

Барајте и ќе добиете. – Во својата толку важна работа родителите мора да ја бараат божествената помош и ќе ја добијат. Дури и ако карактерот, навиките и начинот на живот на родителите биле од поинаква природа, ако поуките кои ги примиле во детството и младоста ги довеле до несакан развој на карактерот, тие не треба да очајуваат. Божјата сила која преобразува може да ги промени наследените и стекнати склоности, затоа што Христовата религија има моќ да го подигне човекот. „Наново роден“ значи преобратен, новороден во Исуса Христа. {АД 206.1}

Да ги поучуваме своите деца во науката на Словото. Ако го повикате Господа на помош, Тој ќе ви одговори. Тој ќе рече: Тука сум, што сакате да направам? Небото е поврзано со Земјата така што секоја душа би можела да биде оспособена за извршување на својата задача. Господ ги сака овие деца. Тој сака да ги воспитате така што ќе станат свесни за својата возвишена положба. {АД 206.2}

Светиот Дух ќе ве води. – Мајката треба да чувствува потреба за водство од Светиот Дух, за да може самата да стекне искуство во покорувањето на патот и на Божјата волја. И тогаш, со Христовата милост, таа може да стане мудар, нежен и сакан учител. {АД 206.3}

Христос направил сѐ за секој родител кој сака да работи под водство на Светиот Дух да добие сила и милост да биде учител во својот дом. Ова воспитување и дисциплина во домот ќе вршат влијание кое изградува и обликува. {АД 206.4}

Божествената сила ќе се соедини со човечките напори. – Без човечките напори божествениот напор нема да има значење. Бог ќе дејствува со Својата сила дури кога родителите целосно ќе се разбудат за светата одговорност која почива на нив и ќе настојуваат правилно да ги воспитаат своите деца. Бог ќе соработува со оние родители кои внимателно и со молитва ќе настојуваат да ги воспитаат своите деца, изградувајќи го така своето спасение, како и спасението на своите деца. Тој ќе направи да сакаат и да го прават она што Му е угодно. {АД 206.5}

Само човечките напори нема да помогнат вашите деца да го усовршат карактерот за небото; но со божествена помош ќе може да се изврши големо и свето дело. {АД 207.1}

Кога како родители ќе ги прифатите своите должности во Божјата сила, решителни дека никогаш нема да попуштите во своите напори ниту да ја напуштите својата должност од децата да го создадете она што Бог го очекува од нив, Бог ќе ве гледа со одобрување. Тој знае дека правите најдобро што можете и Тој ќе ја зголеми вашата сила. Тој самиот ќе изврши дел од работата која мајката или таткото не можат да ја направат; Тој ќе соработува со мудрите, трпеливи, правилно насочени напори на побожната мајка. Родители, Бог нема да го изврши оној дел од работата кој вам ви го доверил да го извршите во својот дом. Не предавајте се на рамнодушноста и не бидете мрзеливи слуги, ако сакате да ги спасите своите деца од опасноста која ги опкружува во светот. {АД 207.2}

Држете се до Исуса кога ќе дојдат неволји. – Родители, соберете ги зраците на божествената светлина која го осветлува Вашиот пат. Живејте во светлина како што и Христос е во светлина. Кога ќе се согласите на работата да ги спасите своите деца и да се одржите на патот на светлината, на вас ќе наидат големи неволји. Но немојте да ја изгубите својата поткрепа. Држете се до Исус. Тој вели: „Или нека се фати за Мојата сила за да направи мир со Мене; ќе направи мир со Мене“. Ќе се појават тешкотии. Ќе се соочите со препреки. Гледајте постојано во Исус. Кога ќе наидат тешкотии, прашајте: Господе, што сакаш да правиме? {АД 207.3}

Колку борбата ќе биде потешка, толку поголема ќе биде нивната (на родителите) потреба да добијат помош од својот небесен Татко, а во согласност со тоа ќе се извојува и значајна победа. {АД 208.1}

Работете со вера. – Родителите треба да ја вршат својата работа трпеливо, со љубов и со вера, примајќи ги многуте Христови благодети. Од нив се очекува да бидат верни. Сѐ треба да прават со вера. Постојано мораат да упатуваат молитви за да може Бог да ја даде Својата милост на нивните деца. Во својата работа тие никогаш не смеат да станат уморни, нетрпеливи или нерасположени. Тие мораат цврсто да се држат до своите деца и до Бога. Ако работат трпеливо и со љубов, сериозно настојувајќи да им помогнат на своите деца да го постигнат највисокото мерило на чистота и скромност, тие ќе успеат. {АД 208.2}

Деветти дел

ТАТКОТО – ГЛАВА НА СЕМЕЈСТВОТО