Кога небото ќе слезе на земјата
Кога небото ќе слезе на земјата
Откријте го библиското ветување за новата земја и вечниот живот.

Вовед
Пред неколку векови, еден човек во стариот и мрачен англиски затвор Бедфорд сонувал необичен сон. Во сонот, тој видел прекрасен град, кој во Библијата се нарекува Нов Ерусалим. На самиот влез од градот видел група луѓе. А тогаш… да му дозволиме самиот тој да ни го раскаже со свои зборови:
„Токму кога вратата се отвори за да влезат луѓето, погледнав кон нив, и гледај: градот светеше како сонце. По улиците, обложени со злато, слободно се движеше мноштво народ; секој имаше круна на главата, а во рацете палмови гранчиња на победата и златна харфа. Пееја песни на благодарност и слава на Бога. Некои имаа крилја и во својата песна постојано го повторуваа рефренот: „Свет, свет, свет е Господ.“ Потоа вратата се затвори. Гледајќи го сето тоа, посакав и јас да се најдам меѓу нив.“
Тој човек бил Џон Бањан. Поради својата верност кон Бога, бил фрлен во тежок затвор, каде што поминал многу години од својот живот. Додека бил затвореник во ужасниот затвор во Бедфорд, го сонувал овој прекрасен сон и подоцна го објавил во книгата „Патот на христијанинот“. Кога во неговиот сон вратата се затворила, тој посакал да биде меѓу тие среќни откупеници, кои ги видел како Го фалат и слават Господа за Неговата чудесна љубов. Тој копнеел да го доживее небото на земјата.
Вистина е дека Господ еден ден ќе го оствари тоа. Да се сетиме на ветувањето од нашата последна лекција дека, по завршувањето на илјада години, на земјата „од Бога, од небото“ ќе се спушти Новиот Ерусалим.
Кога непокајаните конечно ќе бидат уништени — и коренот и гранчињата — Бог ќе создаде ново небо и нова земја. Овој свет, единствената планета што застранила од Божјиот првобитен план, ќе стане престолнина на целиот универзум. Бескрајна и неспоредлива е љубовта на нашиот небесен Отец, кој ни овозможил таков исход! Таа љубов навистина ја надминува моќта на човечкото сфаќање. Низ бескрајните времиња на вечноста ќе ни причинува задоволство постојано да откриваме нешто ново за Неговата љубов, која ни овозможува избавување.
Денес ќе учиме за наследството на верните и за иднината што со радост можеме да ја очекуваме, ако секој ден своето срце и мисли ги посветиме на Христа.
БОЖЈА НАМЕРА ПРИ СОЗДАВАЊЕТО
Зошто Бог ја создал оваа земја?
„Зашто вака вели Господ, Кој го создаде небото, Тој, Бог, Кој и даде облик на земјата и Кој ја создаде; Тој ја зацврсти, не ја создаде пуста, Тој ја создаде за живеење“
— Исаија 45:18Зошто е создаден човечкиот род?
„Секого, кој се нарекува со Моето име, кого сум го создал за Мое прославување, што сум ги создал и направил“
— Исаија 43:7Човекот е создаден за да Му оддава слава и чест на Господа. Да не беше овој свет извалкан од гревот и да не беше осуетена првобитната Божја намера, сето создадено ќе ја одразуваше Неговата љубов и слава, а луѓето засекогаш ќе беа радосни и среќни во Неговата присутност. Со падот во грев, човекот ги изгубил сите свои големи предности и сега, наместо да Го слави, тој всушност Го срамоти Бога. Но Божјата љубов кон луѓето е толку голема што, и покрај нивната непослушност и омаловажување на Неговата волја, Тој Го дал Својот Единороден Син за сè да биде обновено, така што човекот повторно да го одразува Божјиот карактер.
Со каква цел дојде Христос на земјата?
„Зашто Синот Човечки дојде да го побара и да го спаси она што е загубено“
— Лука 19:10Кога Адам згрешил, го изгубил правото на вечен живот, својот беспрекорен карактер, својот дом во Едемската градина и својата власт над земјата. Христос дојде да го врати сето она што со падот во грев било изгубено. Благодарение само на Него, човекот повторно може да воспостави врска со Бога и да го обнови своето сродство со небесните суштества. Обновената земја ќе биде место каде што засекогаш ќе бидеме во Неговата присутност и ќе Му пееме благодарствени песни.
Што претставува Божјиот план за оние што Му се обраќаат со сето срце?
„Уште малку, и грешникот ќе го нема; ќе го побараш местото негово и нема да го најдеш. А кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир“
— Псалм 37:10,11Што му е ветено на Авраам, како татко на сите што ќе бидат спасени?
„Впрочем ветувањето кон Авраам или кон семето негово – дека ќе биде наследник на светот – беше дадено не преку Законот, туку преку праведноста на верата“
— Римјаните 4:13; да се прочита и Создавање 13:14-16На кој начин е овозможено ветувањето дадено на Авраам да се исполни и за нас?
„А, ако сте, пак, вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, и по ветување наследници“
— Галатјаните 3:29Каква била надежта на сите патријарси, иако живееле во овој грешен свет?
„Но тие сакаа подобра, односно небесна татковина; затоа и Бог не се срами да се нарече нивен Бог; бидејќи им има приготвено град“
— Евреите 11:16„Во Библијата наследството на спасените уште се нарекува и ‘родина’ или татковина (Евреите 11:14-16). Таму небесниот Пастир ќе го води Своето стадо на извори со жива вода. Дрвото на животот ќе дава род секој месец, а листовите на тоа дрво ќе служат за здравје на народот. Таму се вечно жуборливите потоци, бистри како кристал, покрај кои лелеавите дрвја ги фрлаат своите пријатни сенки на патеките подготвени за Господовите откупеници. Таму, пространите рамнини постепено и благо прераснуваат во прекрасни брекчиња, а Божјите гори ги издигнуваат своите возвишени врвови. На овие тивки рамнини покрај тие потоци и реки со вечно живи води, Божјиот народ кој на овој свет толку долго бил само придојденик и патник во минување, најпосле ќе го најде својот дом.“
НОВО НЕБО И НОВА ЗЕМЈА
Каква ќе биде конечната судбина на овој свет?
„И ќе дојде денот Господов, како крадец во ноќно време; тогаш небесата со голема бучава ќе ги снема, и стихиите ќе пламнат и ќе се разрушат, а земјата, и сè што е на неа, ќе изгори“
— 2. Петрово 3:10Што им е, сепак, ветено на верните?
„Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се всели правда“
— 2. Петрово 3:13; да се прочита Исаија 65:17Како е опишана новата земја во Библијата?
Да се прочита: Исаија 11:6-9; 35:1-10; 65:20-25.
Како ќе изгледа Новиот Ерусалим и по што ќе се разликува од градовите во кои живееме или кои ги посетуваме на оваа земја?
„А вие ќе се веселите и ќе се радувате довека за она што Јас го создавам: зашто, ете, Јас ќе го создадам Ерусалим за веселба, а народот негов – за радост. Ќе се радувам за Ерусалим и ќе се веселам за Мојот народ; и нема повеќе да се чуе во него глас од плачење и глас од пискот“
— Исаија 65:18,19; да се види и Откровение 21. поглавјеКаков благослов за спасението ќе претставува дрвото што се наоѓа од двете страни на реката на животот? На кој начин можеме да ги уживаме плодовите на тоа дрво уште на оваа земја?
„И ми покажа чиста река со вода на животот, бистра како кристал, која истечуваше од престолот на Бога и на Јагнето. Сред главната улица и од двете страни на реката – дрвото на животот, што раѓа плодови дванаесет пати, давајќи плод секој месец; а лисјата на дрвото служат за исцелување на народите“
— Откровение 22:1,2ЗАБЕЛЕШКА: „Божјата реч треба да ни биде како дрвото на животот. Секој дел од Библијата има своја намена. Во секое поглавје од Божјата реч се крие поука што треба да ја научиме. Затоа, научете како правилно да ја проучувате Библијата. Таа книга не е обична; таа е вистински воспитувач. За да го извлечете најдоброто од проучувањето на Библијата, морате да ги сконцентрирате своите мисли на предметот што го проучувате – ‘препашете ги колковите на умот свој’. Светиот Дух нè потсетува на Христовите зборови; Тој го просветлува и води умот на искрениот истражувач.“
Што ќе продолжат да проучуваат откупените низ вечноста?
„За да им го покаже на идните векови преизобилното богатство на Својата благодат во добрина кон нас преку Христос Исус“
— Ефесјаните 2:7Кога низ бескрајните времиња на вечноста ќе размислуваме и ќе проучуваме за Божјата милост, колку е само важно нашите мисли уште сега да се задржуваат на таа тема. Ако постојано ја препознаваме Божјата љубов во природата, во дарот на Неговиот Син и во милосрдното водство на Неговото провидение, ќе бидеме преобразени во Неговото обличје. Тогаш, кога ветеното небесно наследство ќе се спушти на земјата, ќе се чувствуваме како во свој дом. Нашите мисли, во мигот на воскресението, ќе продолжат таму каде што смртта ги прекинала. Затоа е неопходно уште сега нашите мисли да бидат постојано насочени кон прекрасните вистини за спасението, а нашиот поглед секогаш да биде вперен во Исуса!
Чиј карактер ќе се одразува во нас кога Исус ќе дојде да нѐ поведе во небесниот дом?
„Гледајте колку голема љубов ни дал Отецот – да бидеме наречени чеда Божји, а тоа и сме! Затоа светот не нè знае, зашто не Го спозна Него. Возљубени, сега сме чеда Божји! Но уште не се покажа што ќе бидеме. Знаеме само дека, кога ќе се покаже, ќе бидеме слични на Него, зашто ќе Го видиме каков што е. И секој што ја има таа надеж во Него, се очистува самиот себе, како што е чист Тој. Секој што прави грев, прави и беззаконие; и гревот е беззаконие. А знаете дека Тој се јави за да ги земе нашите гревови; а грев во Него нема“
— 1. Јованово 3:1-5Проверете го наученото
Одговорете на прашањата, а потоа отворете ги одговорите за споредба.
Покажи ги точните одговори
✧ РЕШЕНИЈА ✧- 1. По завршувањето на илјадагодишниот период (милениумот), по второто воскресение и уништувањето на непокајаните.
- 2. оган; уништени (или проголтани).
- 3. за живеење (или да биде населена). (Исаија 45:18)
- 4. За Мое прославување — да Му оддава слава и чест на Бога. (Исаија 43:7)
- 5. Да го побара и да го спаси она што е загубено. (Лука 19:10)
- 6. (Примери): Уништување на непокајаните; Обновување на земјата (ново небо и нова земја); Спуштање на Новиот Ерусалим; Животот на новата земја (мир, радост); Дрвото на животот и реката на животот; Вечно проучување на Божјата благодат.
- 7. Божјата реч (Библијата).
- 8. Да го запознаеме Бога, да бидеме преобразени во Неговото обличје, да се подготвиме за вечниот живот.
- 9. Божјата љубов и благодат откриена преку Христос Исус. (Ефесјаните 2:7)
- 10. Мисли за Божјата љубов, за спасението, за Исус Христос — мисли кои нè преобразуваат и нè подготвуваат за небото.
