Зборот што го сврте светот наопаку
Агапе
Мислите дека е преубаво тоа што еден мал збор може да го сврти светот наопаку?
Да, еднаш светот бил мошне стресен од група луѓе од Палестина кои носеле вести отелотворени во еден мошне нејасен збор. Нивните преплашени непријатели во Солун (град во денешна Грција) го признаа неговото влијание: „Оние, кои го превртеа наопаку целиот свет, дојдоа и тука“ (Дела 17:6, КП). Гласници натоварени со динамит: Христовите апостоли, посебно Павле и неговиот колега Јован.
Зборот кој го предизвика овој голем подвиг е еден малку познат грчко-римски збор – грчкиот термин агапе (agápē), што значел „љубов“, но бил револуционерен. Дошол носејќи духовен удар кој ги совладал умовите на луѓето, категоризирајќи ги во две групи: едни за, и други против оваа небесна идеја. Тие што биле „за“ би биле трансформирани преку ноќ во безусловно среќни следбеници на Исус, спремни да го изгубат својот имот, да одат во затвор, па дури и да умрат со маченичка смрт за Него. Тие што биле во противничката група бргу станале сурови и крвожедни гонители на оние кои виделе светлина во новиот концепт на љубовта. Никој што ја слушнал оваа новост не можел да остане неутрален.
Мистериозниот експлозив во оваа духовна бомба всушност не бил ни малку сличен на идеите кои биле сон на светските филозофи и професорите по етика. Тоа била нова иновација која ги изненадила и пријателите и непријателите.
Не дека предците не биле запознаени со поимот љубов; всушност тие прилично многу зборувале за неа. Тие имале три или четири зборови за љубовта (нашите денешни јазици најчесто имаат само еден). Но љубовта што дошла да се изрази во агапе безмилосно ги изложила сите други идеи за љубов како не-љубов или како анти-љубов. Одненадеж човештвото дошло до заклучок дека тоа што дотогаш го нарекувале љубов всушност била прекриена себичност. Човечката психа била соголена од новото откровение. Ако би ја прифатиле духовната револуција, тогаш и самите би биле покриени со наметката на агапе; ако не, со тоа што вашите облеки за наводна добрина би биле веќе искинати, тоа би ве претворило во непријател на новата вера. И никој не можел да го врати времето наназад, бидејќи агапе е идеја што дојде во време на својата полнина.
Кога Јован го земал перото за да го напише познатиот цитат: „Бог е љубов“ (1 Јованово 4:8), тој морал да одбере помеѓу неколку грчки зборови. Вообичаената, секојдневната – ерос – содржела јачина на свој начин. Нешто мистериозно и моќно: се мислело дека ерос е изворот на сите живи суштества. Тоа било како порој од скршена брана над сите пречки на човечката волја и мудрост, плима на емоции заедничка за целото човештво. Ако мајката го сакала своето дете, нејзината љубов би била ерос; се сметала за благородна и чиста, исто како зависната љубов на децата спрема нивните родители и меѓусебната љубов на пријателите. Освен тоа, меѓусебната љубов помеѓу мажот и жената била длабок и мистериозен погон.
„Дали е Бог ерос?“ – прашувале античките пагани.
„Да“, одговарале нивните филозофи, вклучувајќи го и големиот Платон, бидејќи ерос е посилен од човековата волја. Тој го произведувал чудото како доаѓале бебињата на овој свет. Тој ги создавал пријателствата и семејствата. И престојува природно во секого. Па затоа, велеле паганите, тој мора да е искрата на божеството во луѓето.
За предците, љубовта била исто што е таа и за нас денес: „слатката мистерија на животот“, еликсирот кој го прави инаку неподносливото постоење подносливо и прифатливо. Платон се надевал дека ќе го промени светот со вид на љубов која тој ја сметал за „небесен ерос“. Зборот што произлегува од него денес има исклучиво сексуално значење, но Платон се обидел да го натера светот да излезе од тоа мочуриште на сензуалноста преку духовно подигнувачка идеја – нешто благородно и инспиративно. Се базирало на повисоко искачување, ослободување од физичката страст, да се биде привлечен кон поголемо духовно добро за душата. Но Јован не можел да си дозволи да напише дека Бог е ерос. Тој ги воодушевил мудреците од тие денови преку изјавата дека „Бог е агапе“. И помеѓу тие две идеи се простира огромна провалија, поширока од разделеноста на истокот до западот.
Идејата на апостолите била револуционерна најмалку на три начини:
- Ние се сакаме со агапе „за да имаме смелост на судниот ден“ (1 Јов. 4:17). Без неа, човекот е во трепет и страв кога помислува на судниот ден. А со неа, истиот тој оди бестрашно во Божјото присуство, поминувајќи ги сите Негови свети ангели, ослободен целосно од срамот и полн со доверба. Такво нешто не било слушнато во тоа време.
- „Во љубовта (агапе) страв нема, туку совршената љубов (агапе) го изгонува стравот, бидејќи стравот подразбира казна. Кој се плаши, не е совршен во љубовта (агапе).“ Стравот со вознемиреност е основата на човековото постоење низ сите векови. Страв кој е премногу длабок за да можеме да увидиме дека нѐ разболува, ја глода виталноста на душата сѐ додека физичките органи, во нивниот отпор, не се ослабнат сѐ до разболување. Години можат да поминат додека тоа не го забележиме или осетиме, и најпосле слабиот орган на телото се распаѓа, па докторите мора да се обидат да го поправат она што агапе би го спречил преку надвладувањето на стравот.
- Секоја возвишена морална и етичка цел на човештвото е ништо без агапе, вели Павле во 1 Коринтјаните 13 – неговото мошне познато поглавје за љубовта. Некој може да зборува „на сите човечки јазици, па дури и на ангелски“, да има „пророчки дар“ и да ги знае „сите тајни“, да го има „сето знаење“, „а и така силна вера, што и планини“ да преместува, и да го раздаде „целиот свој имот“, да го предаде телото да му изгори – а сепак да не ја поседува најважната состојка. Сето тоа „ништо“ не му користи. Но агапе има феноменална карактеристика која „сѐ поднесува“, бидејќи агапе „никогаш не престанува“ (ГП).
Како агапе се разликувала од вообичаената идеја за љубов? Како можела идејата на апостолите да биде голема закана за благородниот концепт на Платон? Одговорот се наоѓа во јасниот контраст на двете идеи.
Секојдневната љубов на луѓето е зависна од убавината или добрината на нејзиниот предмет. Ние природно избираме пријатели кои се добри спрема нас, кои нѐ задоволуваат. Ние се заљубуваме во спротивниот пол кој е убав, среќен, интелигентен и привлечен, а се тргнуваме од оној кој е неубав, злобен, тврдоглав или навредлив.
Спротивно на тоа, агапе не зависи од убавината или добрината на својот предмет. Таа стои сама – суверена и слободна. Древните имале приказна која ја илустрирала нивната највозвишена идеја за љубов:
Адметус бил благороден, згоден млад човек со сите лични квалитети на извонредност. Тој се разболел од болест што гатачката на боговите ја прогласила дека ќе биде фатална, освен ако не се најде некој кој ќе умре на негово место. Неговите пријатели оделе од еден до друг, прашувајќи: „Дали би сакале да умрете за Адметус?“ Сите се сложувале дека тој бил извонреден младич, но „извинете“, велеле тие, „ние не би можеле да умреме за него.“ Неговите родители биле прашани, а тие одговориле: „Ние си го сакаме нашиот син, но извинете – не би можеле да умреме за него.“ На крај, неговите пријатели ја прашале и убавата девојка Алцестис, која го сакала. „Да“, рекла таа, „бидејќи тој е толку добар човек и бидејќи на светот му е некој таков потребен, јас сум подготвена да умрам за него.“
Филозофите, фалејќи се, рекле: „Ова е љубов – подготвеност да се умре за добар човек.“ Замислете го нивниот шок кога апостолите рекле дека тоа воопшто не е љубов: „Навистина, тешко би можел некој да умре за праведник, а за добар – можеби некој и би се решил да умре. Но Бог ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа што Христос умре за нас – да, уште додека бевме грешни“ (Рим. 5:7–8). (Во англискиот превод вели: „уште додека бевме непријатели.“)
Таква вест или ја освојува душата или ја претвора во нескротувачки непријател.
Природната човечка љубов се базира врз чувството на потреба. Таа сама по себе се чувствува лошо и празно, и ѝ е потребен предмет за да го збогати сопствениот живот. Сопругот ја сака својата сопруга затоа што му е потребна, а сопругата го сака сопругот од истата причина. Двајца пријатели се сакаат затоа што си се потребни еден на друг. Тоа е природно. Секој се чувствува празно и осамено.
Бесконечно богата сама по себе, агапе не чувствува потреба. Апостолите рекле дека причината зошто Бог нѐ сака не е затоа што Му требаме, туку затоа што Тој е агапе. „Бидејќи вие ја знаете дарежливоста на нашиот Господ Исус Христос: дека Тој, иако богат, осиромаши заради вас, да се збогатите и вие преку Неговата сиромаштија“ (2 Кор. 8:9). До ден-денес сме запрепастени од идејата за љубовта која „не бара свое“ (1 Кор. 13:5). Дури и црквите изгледаат скоро нескротливи во потрагата да ја претстават Божјата љубов како да го бара своето – мотивација инспирирана од Неговиот стекнат инстинкт. Се претпоставува дека Бог видел скриена вредност во нас; и Тој едноставно направил добра спогодба кога нѐ купил.
Ние заличуваме на она што го обожаваме, така што мноштвото обожаваат таков Бог затоа што и тие бараат добра зделка. Нивната религија е духот на добивката – она што тие сакаат да го задобијат се рајот и неговите награди, „небесните недвижнини“, а овој егоцентричен мотив е она што ги придвижува. Кога агапе ќе се пробие во оваа егоцентрична средина, реакцијата е приближно онаа што се случила кога се пробило во античкиот свет и ги трансформирало животите.
Природната човечка љубов се базира врз чувството на вредност. Многу Африканци сѐ уште го следат античкиот систем на проценување на невестата, кој исто така верно ја отсликува посуптилната основа на сите наши други навики. Износот на „цената на невестата“ што треба да се плати зависи од трошоците за образование што родителите на девојчето ги вложиле во неа: неколку крави се доволни за онаа која едвај може да си го начкрта името, а се бара астрономски мираз за девојчиња кои биле во Оксфорд или Кембриџ.
Ние, исто така, се вреднуваме еден со друг. Малкумина го третираат ѓубраџијата учтиво или со стравопочит како што тоа го правиме со градоначалникот или гувернерот. Како што водата си го бара своето ниво, така и луѓето во друштвото ги бараат оние на нивно „ниво“. Но: „Ако ги сакате оние што вас ве сакаат, каква ќе ви биде наградата? Зар не го прават тоа и цариниците? И ако ги поздравувате само браќата свои, што особено правите?“ – прашува Исус (Матеј 5:46–47). „Тебе те фалат кога си угодуваш“ (Пс. 49:18). Спротивно на тоа, агапе е идеја вон овој свет. Наместо да зависи од вредноста на својот предмет, таа создава вредност во својот предмет.
Да претпоставиме дека имам груб камен во мојата рака. Сум го зел од некое поле. Ако се обидам да го продадам, никој не би ми дал ни денар за него. Ова не е затоа што каменот е својствено лош, туку затоа што е толку вообичаен – тој е безвреден. (Љубовта „ерос“ не е лоша; таа е безвредна затоа што е исто толку вообичаена како и камењата.)
Сега, да претпоставиме дека додека го држам овој груб камен во рацете, го сакам како што мајката го сака бебето. И да претпоставиме дека мојата љубов би можела да делува како алхемија и да го претвори каменот во парче чисто злато. Би си создал богатство. Ова е илустрација на она што нам агапе ни прави.
Ние самите не вредиме ништо повеќе од нејасната хемиска вредност на состојките на нашето тело. Но Божјата љубов нѐ претвора во вредност еднаква на онаа на Неговиот Син: „Ќе направам така, што луѓето да бидат поскапи од чисто злато, а мажите – поскапи од офирско злато“ (ГП) (Исаија 13:12).
Несомнено, сте знаеле некој пример на пропаднат човек, кој се претворил во личност со бесконечна вредност. Џон Њутн (John Newton, 1725–1807) бил еден од нив. Еден безбожен морепловец кој се занимавал со трговија на африкански робови, тој станал пропиен бедник и станал жртва на луѓето што се обидувал да ги пороби. Најпосле, агапе допрело до неговото срце. Тој се откажал од својата пакосна работа и бил претворен во почесен гласник на радосните вести. Милиони го паметат по неговата химна која го открива „чистото злато“ кое тој станал:
„Неверојатна благодат! Колку прекрасно звучи
Таа спаси бедник како мене.
Еднаш бев изгубен, но сега сум пронајден;
Бев слеп, но сега гледам.
Токму таа благодат го научи моето срце да се плаши,
И благодат која ме ослободи од стравот;
Колку скапоцено се откри таа благодат,
Во часот во кој прв пат поверував.“ (Amazing Grace)
Природната човечка љубов оди во потрага по Бога. Сите пагански религии се засноваат на идејата дека Бог е недостиглив исто како лекот за рак. Луѓето си замислуваат дека Тој игра криенка и дека се повлекол од човечките суштества – и дека само поединци се мудри или доволно паметни за да откријат каде Тој се крие. Милиони луѓе одат на долги патувања во Мека, Рим, Ерусалим или други светилишта, барајќи Го. Античките Грци нѐ надминаа сите нас во градењето на прекрасни мермерни храмови на нивните највисоки ридови, во кои мислеле дека мора да Го бараат.
Повторно, агапе е сосема спротивното. Луѓето не го бараат Бога, туку Бог го бара човекот: „Синот Човечки дојде да го побара и да го спаси она што е загубено“ (Лука 19:10). Пастирот ги оставил своите 99 овци кои биле безбедни и си го ризикувал животот да ја најде онаа што била изгубена; жената запалила свеќа и ја пребарала нејзината куќа сѐ додека не ја пронашла изгубената паричка; Духот Божји го барал срцето на блудниот син и го донел дома. Во целата Библија нема приказна каде е потребно изгубената овца да го пронајде својот пастир. Ова ги вознемирува сите вообичаени човечки идеи. Павле бил опседнат со оваа неверојатна идеја: „А праведноста од верата вели: ‘Да не речеш во срцето свое: Кој ќе се искачи на небото?’, што значи да се симне Христос, или: ‘Кој ќе слезе во бездната?’, што значи да се изведе Христос од мртвите.’ А што вели таа? – ‘Блиску до тебе е словото, во твојата уста и во твоето срце’, односно словото на верата, што го проповедаме“ (Рим. 10:6–8).
Тоа, „словото на верата“, е исто толку блиску поврзано со агапе-то, колку што е фотографскиот негатив поврзан со фотографскиот принт. Верата е одговор на искреното човечко срце на ова огромно откривање на агапе, а поентата на Павле е дека ова силно Слово е „блиску до тебе“. Ги слушнавте НОВОСТИТЕ? Еве ги и доказите: Бог веќе ве избра и ве бара таму каде што се криете од Него! Добриот Пастир е секогаш во потрага по нас.
Нашата човечка љубов секогаш посегнува да достигне повисоко. Секое прваче сака да влезе во второ одделение; а пак детето кое има 6 години вели: „Наскоро ќе наполнам 7!!!“. Ниту еден што бара работа не сака да добие уназадување на работното место наместо унапредување. Државниот политичар копнее да влезе во националната трка, и веројатно секој национален сенатор, во одредено време, сонува дека може да стигне до Белата куќа.
Кој досега слушнал претседател доброволно да си даде оставка за да стане селски слуга? Платоновата идеја за љубов никогаш не можела да замисли такво нешто. Ниту пак ние можеме.
Она што го отрезнило античкиот свет е глетката на Некој повисок од претседателот, Кој се спуштал пониско и пониско, сѐ додека Тој не се предал на смрт на крст на местото на злосторникот. Во она што е веројатно најглавното од омилената порака на Павле во Филипјаните 2:5–8, можеме да најдеме седум различни надолни скалила што ги презел Христос за да ни покаже какво е агапе-то:
- „Кој, иако беше во Божји лик, не сметаше дека треба да го искористи тоа што е еднаков со Бога.“ Кога ќе стигнеме на високи позиции во политиката, бизнисот, па дури и во црквата, во нашата природа е да се грижиме од ненадеен неуспех. „Загриженост лежи врз главата која носи круна.“ Но Синот Божји доброволно се одрекува од Неговата круна, мотивиран од оваа чудна и необична љубов – агапе.
- Тој „се лиши Самиот Себе“ или „Сам Себе се понизи“. Ние луѓето ќе се бориме до смрт за да го задржиме нашиот углед. Па и храбрите дела на смелост не се секогаш исто што и понизувањето како што тоа го направил Христос, зашто Павле вели дека можам „да го предадам телото да ми изгори“, а сепак да ми недостасува агапе. Кога рекол дека Христос „се лиши“, тој мислел на доброволно предавање, во вечноста, на сѐ што Му е мило – нешто што е невозможно да се направи без агапе.
- Тој зеде „лик на слуга [роб]“. Можете ли да замислите пострашен живот од тој секогаш да бидете принудени да работите без плата или благодарност? За ангелите се вели дека се слуги, „служителски духови“ испратени да ни служат (Евреите 1:14). Кога Синот Божји би станал како еден од нив, тоа ќе било голема добродушност од Негова страна, бидејќи Тој бил нивниот командант. Но Тој се спушти уште пониско:
- Тој „по изглед се покажа како човек“, „помал од ангелите“ (Псалм 8:5). Не сонце-крунисан, величествен раскош за кој се вели во Битие дека Адам уживал, туку деградираното ниво на паднатиот, обезвреднет човек на грчко-римскиот свет. Ниту едно човечко суштество никогаш не паднало толку ниско, така што Синот Божји станал толку далеку што не може да посегне до него. И штом агапе го украде својот пат до нашите срца, сите траги што останале од стариот дух: „по-свет-сум-од-тебе“ се растопуваат пред него и агапе-то овозможува да се допре до срцата на другите.
- „И откако се најде во лик како човек, Тој се понизи Самиот Себе“ (КП). Со други зборови, Тој не бил роден за да живее лесен живот во палатата на Цезар или на Ирод. Неговата мајка го родила во смрдеата од добитокот, принудена да го завитка нејзиното малечко во партали и да го положи во јаслите на магарето. Неговиот живот станал ист како и оној на мачниот селанец. Но тоа не било доволно:
- Тој бил „послушен сѐ до самата смрт“. Оваа тешка фраза значи нешто поразлично од самиот луд скок на самоубиство во мракот. Самоубиството никогаш не е послушно „сѐ до самата смрт“. Исус останал до крај и се соочил со реалноста. Видот на смртта на кој Христос бил „послушен“ не била бегство од одговорност. Не било исто како Сократовото пиење бучумиш (отровна билка – пр. на прев.). Тоа било како да се оди во пеколот: свесната осуда на секоја клетка на нечие суштество под претпоставената или разбрана намисла Божја. Седмиот чекор кој преку сочувствувањето Христос „го зел“ наместо нас, објаснува колку страшна цена Тој платил за нас:
- „Дури и до смрт на крст.“ Во времето на Исус, таквата смрт била најпонижувачка и најболна можна. Не само што била најсурова измислена дотогаш, не само што била најсрамна – да се биде соблечен гол пред метежот кој ја набљудувал твојата агонија со радост – смртта на крстот носела со себе вграден хорор подлабок од сето тоа. Тоа значело дека Небото те проколнало.
А причината за тоа е што почитуваниот антички писател Мојсеј изјавил дека секој што умира на дрво е „проклет од Бога“ (Второзаконие 21:23). И, се разбира, сите верувале во тоа. Ако некој осуден криминалец бил осуден да биде убиен со меч или дури да биде запален жив, тој сѐ уште можел да се моли и да верува дека Бог ќе му прости и ќе погледне милозливо над него, и можел да почувствува некаква поддршка во својата смрт.
Но кога судијата би рекол: „Мора да умреш на дрво“, целата надеж исчезнувала. Сите би сфатиле дека Бог му свртел грб на никаквецот засекогаш. Ова е причината зошто Павле вели дека Христос, поради нас, станал „проклетство, бидејќи е напишано: ‘Секој да е проклет што виси на дрво’“ (Галатјаните 3:13). Видот на смрт со кој Христос умрел е за оној кој е изгубен, кој сместа мора да загине во очајна безнадежност – тоа е она што Откровението го нарекува „втората смрт“. Се разбира, тоа било милион пати полошо за Христа да издржи отколку што ќе биде за нив, затоа што Неговата чувствителност кон страдањата била бесконечно поголема од која било нивна.
Замислете распнат човек на крст: толпата дошла да навива, исто како што денес се собираме на некој натпревар. Како некој стар, расипан автомобил на кој децата фрлаат камења, тој е од луѓето отпишен, напуштен, за да биде исмеван и малтретиран во неискажлив терор. Не смеете ниту да чувствувате, ниту да изразите сожалување или сочувство кон Него, затоа што ако го сторите тоа, не се согласувате со Божјата пресуда за Него. Вие сте на Божја страна ако му фрлите расипани јајца или домати. Така си помислија луѓето.
Ова била смртта на која Исус станал „послушен“. Во Неговиот очај, Тој извикал: „Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?“ (Матеј 27:46). Молчете и бидете исполнети со почит додека размислувате за тоа. Вие и јас сме тие што требало да го поминат тоа, ако Тој не го зазел нашето место.
Оваа идеја за агапе исчезнала меѓу многуте исповедани Христови следбеници затоа што паганскиот поим суптилно навлегол во нашето размислување. Со ова мислам на доктрината за „природната бесмртност на душата“. Ако не постои такво нешто како вистинска смрт, тогаш Христос не умрел навистина. Ако Тој отишол во Рајот, денот кога Тој бил на крстот (како што многумина погрешно веруваат, поради погрешно поставена запирка во Лука 23:43), тогаш немало вистинско „испразнување“ на Самиот Себе, нема вистинска смрт на крстот, ниту умирање еднакво на втората смрт, која е вистинско нешто. Ако е така, Христос не ја платил – не можел да ја плати – казната за човечкиот грев, и тоа би значело дека ние мораме.
Доктрината за природната бесмртност на душата логично ја прави Христовата жртва да биде сценирана, изглумена сценска претстава за скротување на гневот Божји спрема грешниците, кога всушност Тој бил одржан докрај преку довербата во големата награда што требало да дојде. Но кога темнината ја заземала Голгота, светлината од лицето на Неговиот Татко била целосно повлечена. Неговиот извик: „Зошто ме напушти?“ не бил глумски лелек. Исаија бил во право: „Себеси на смрт се предаде“ (Исаија 53:12) – и тоа „втората смрт“ (Откровение 2:11).
Инфилтрирањето на лажната идеја од античкото паганство започнало веднаш по времето на апостолите, зашто Исус ја предупредил првата од седумте симболични цркви од Откровение, 2. глава: „Ја остави својата прва љубов [агапе]“ (стих 4). Кога Божјиот непријател ја видел моќта спакувана во таа идеја, неговиот прв потег бил да ја доведе раната црква во отпадништво на таа суштинска точка. Можеме да го документираме чекор по чекор прогресивното напуштање на идејата за агапе од страна на таканаречените црковни отци.
Августин, конечно, разработил синтеза на агапе и самоцентрична љубов, што станала основа на средновековниот католицизам. Лутер се обидел да го врати агапето, но за жал, неговите следбеници се вратиле на доктрината за природната бесмртност и повторно агапето скоро изумрело. Светот сега е зрел за своето повторно откривање.
Досега, веројатно можевме да започнеме да го чувствуваме заливот што ја одделува човечката љубов од агапето. Освен ако човечката љубов не се збогати со агапе, таа е навистина всушност маскирана себичност. Дури и родителската љубов може да биде обично барање на „своите потреби“, уште една суптилна форма на себичност.
Нашата сегашна епидемија на брачна неверност е доказ доволно за самоцентричен аспект на интимната љубов. Кога љубовта едни кон други е ерос, се заснова на егоцентрични побуди. Не е ни чудо што умира. Спротивно на тоа, агапе-то „не бара свое“ и „никогаш не пропаѓа“ (1 Коринтјаните 13:5, 8). Запомнете: еросот сам по себе не е нешто лошо; сите постоиме поради него. Но ако вашиот брак е заснован само на ерос, најверојатно тој се упатува кон провалија.
Со оглед на сето ова, останува уште еден контраст помеѓу човечката љубов и Божјата љубов:
Природната човечка љубов сака награда на бесмртност; агапе се осмелува да се откаже од неа. Ова било она што ги поништило сите вредносни системи на античкиот свет.
Бог не ни напишал статија во енциклопедија за агапе. Наместо тоа, Тој го испратил Својот Син да умре на крст, за да можеме да го видиме. Вистинската димензија на таа жртва е дека таа е бесконечна, целосна и вечна.
Христос отиде сѐ до гробот за нас – не затоа што Тој го заслужи тоа, туку затоа што ние го заслуживме. Во последните неколку часови додека Тој висел таму во темнината, Тој ја исцеди чашата на сите човечки маки до капка. Светлото сонце во кое Тој одел додека бил на земјата го снемало.
Сета мисла за наградата што требало да дојде го напуштила Неговиот ум. Не можел да види од другата страна на темниот и ужасен гроб што се отворил пред Него. Бог е агапе, и Христос е Бог, а ете – Тој е таму: умира со смртта што ние ја заслужуваме. (Фактот дека Таткото го повикал назад во живот третиот ден во никој случај не ја намалува реалноста на Неговата целосна посветеност на крстот во наше име.)
Сега дојдовме до нешто вознемирувачко. Не е доволно за нас да кажеме: „Добро, драго ми е што Тој го поминал тоа; но сакаш да кажеш дека морам да научам да сакам со агапе? Невозможно!“
Ние, грешни, самоцентрични смртници, можеме да научиме да сакаме со агапе, зашто Јован рекол: „Љубовта [агапе] е од Бога, и секој кој љуби [со агапе] е роден од Бога и Го познава Бога. Кој не љуби [со агапе], тој не Го познал Бога, зашто Бог е љубов [агапе]“ (1 Јованово 4:7–8).
Мојсеј е пример како некој кој научил.
Еден ден Господ му дал посебен тест. Израел го скршил својот „стар“ завет со тоа што му се поклонуваше на златно теле, и Господ му предложил на Мојсеј да ги избрише со една небесна „Х-бомба“ и да започне од нула, со нов народ — со Мојсеевите потомци.
Искушението да се заземе местото на Авраам, Исак и Јаков било многу реално. Тоа било по Божја волја, а Израел ги поминал сите граници. Му понудил на Мојсеј прекрасно унапредување со слава за сите времиња. И што направил Мојсеј? Ја прифатил понудената чест и дозволил Израел да пропадне?
Мојсеј бил длабоко трогнат. Никогаш не плачел толку многу во животот. Слушнете како, во скршена тегоба, овој смртник — како што сме и ние — се обидува да го промени Божјиот ум:
„Овој народ направи голем грев, бидејќи си направи Бог од злато. И сега прости им го гревот нивни; (—)*…“ Овде Мојсеј се скршил; тој не можел ни да ја заврши реченицата. *(Овде има цртичка и е единствената цртичка во целата Библија на преводот на Кинг Џејмс!) Пред неговите очи поминал ужасот на вечниот пекол што се протега пред него кога би ја имал истата судбина на Израел. Но тој се одлучил. Тој одбрал да биде изгубен со нив: „… ако ли, пак, не, тогаш избриши ме и мене од книгата Твоја, во која си ме запишал“ (Излез 32:31–32).
Мојсеј го издржал тестот. Можам да си замислам како Господ, со своите раце полни со љубов, го прегрнува слугата што плачел — Тој нашол човек со љубов како онаа во Своето срце.
Павле го нашол истото агапе во своето срце, затоа што тој исто така посакал да биде „проклет и одвоен од Христос“ заради својот изгубен народ (Римјаните 9:1–3). Секој што го гледа крстот како во вистинско светло и верува, го наоѓа чудотворното агапе одново создадено во своето срце. На овој начин светот повторно ќе се сврти наопаку: „Бидејќи љубовта [агапе] Христова нѐ гони“, та „живите да живеат не веќе за себеси, туку за Оној Кој умре за нив и воскресна“ (2 Коринтјаните 5:14–15).
Ја промашуваме поентата на Новиот завет ако не го приметиме агапе-то во него. Ние, исто така, ќе останеме во мрак за тоа каква е верата, бидејќи верата во Новиот завет подразбира нашето срце да препознае што е „ширина и должина, што е длабочина и височина“ на Христовото агапе (Ефесјаните 3:18–19). Не може да има вистинска промена на срцето во праведноста преку вера без вистинско нејзино ценење.
Тука сме во последните мигови на времето пред второто Христово доаѓање. Црквата на „остатокот“ од последните денови треба да биде препознаена како оние кои „ги пазат заповедите Божји и верата во Исус“ (Откровение 14:12). Како навистина се „пазат заповедите“? Доаѓа отрезнувачки одговор: агапе „е исполнување на законот“ (Римјаните 13:10). Ништо помалку.
Тоа е основната идеја на последната порака на милоста Божја до светот во Откровение 14:6–12. Ако некој може да се подготви да го пречека Господ кога Тој ќе се врати во слава, таа мора да биде таму. Верата што денес прави чуда во оправдувањето преку вера е одговор на стопеното срце на неверојатното агапе, прикажано во жртвата на Јагнето Божјо. Таа замисла е повторно „во сегашната вистина“ (2 Петрово 1:12).
Додека апостолите се распрснале да ја раскажат својата приказна, крстот станал светски момент на вистината. Во тоа осветлување на откровението, секој човек виде дека ќе биде суден. Крстот станал конечна дефиниција за љубовта; и затоа тој збор АГАПЕ го сврте светот наопаку.
Дозволи и твојот живот да биде свртен наопаку.
