Односот на воспитувањето кон откупувањето

Илустрација за поглавјето „Односот на воспитувањето кон откупувањето“

Воспитување

Односот на воспитувањето кон откупувањето

„Познавањето на Божјата слава

во лицето на Исуса Христа”

(2. Коринтјаните 4:6)

Гревот го одвоил човекот од Бога. Без планот на спасението судбината на човекот би бил вечното одвојување од Бога и темнината на бескрајната ноќ. Спасителот со Својата жртва повторно ја овозможил врската со Бога. Ние не можеме лично да дојдеме во близината Божја; поради својот грев не можеме да го гледаме Неговото лице; но, можеме да Го набљудуваме и да разговараме со Него во Исуса, Спасителот. „Познавањето на Божјата слава” е откриено „во лицето на Исуса Христа” (2.Коринтјаните 4:6). Бог „го измири светот со Себе во Христа” (2. Коринтјаните 5:19)

„И Словото стана тело и се всели меѓу нас… полн со благодат и вистина” (Јован 1:14). „Во Него имаше живот и животот им беше светлина на луѓето” (Јован 1:4). Христовиот живот и смртта, цената на нашето откупување, за нас не се само ветување и залог за живот, ниту само средство кое би ни ги отворило сокровиштата на мудроста: тие се пошироко и повозвишено откровение на Неговиот карактер отколку што имале дури и безгрешните жители на Едем.

И додека Христос му го отвора Небото на човекот, животот што Тој ни го дава го отвора срцето на човекот за Небото. Гревот не само што нѐ одвојува од Бога, туку во душата на човекот ги уништува и желбата и моќта да Го запознае. Христова цел е да го оневозможи сето тоа влијание на злото. Тој има моќ да ги оживее и обнови способностите на душата парализирана од гревот, да ги оживее и обнови потемнетиот ум и изопачената волја. Тој ни ги отвора богатствата на вселената и, благодарение на Него, добиваме способност да ги препознаеме и ползуваме.

Христос е „Светлина која го осветлува секој човек што доаѓа во светот” (Јован 1:9). Како што преку Христа секое човечко суштество има живот, така преку Него секоја душа прима и некаков зрак од божествената светлина. Во секое срце постои не само интелектуална туку и духовна сила, чувство за она што е праведно, желба за добро. Но, постои и противничка сила која се бори против тие принципи. Последицата од јадењето од дрвото за познавање на доброто и злото се гледа во искуството на секој човек. Во човечката природа постои тенденција кон злото, сила на која човекот не може сам да и се спротивстави. За да и се спротивстави на таа сила, за да ја досегне онаа висока цел која, во длабочината на својата душа, ја смета за единствено исправна, само една сила може да му помогне. Таа сила е Христос. Соработката со таа сила е најголемата потреба на човекот. Зарем во целиот воспитен напор оваа соработка не би требала да биде највисока цел?

Вистинскиот учител не може да се задоволува со второкласна работа. Тој не се задоволува со тоа што ќе ги упати своите ученици кон идеал понизок од највисокиот што можат да го достигнат. Не може да биде задоволен ако им овозможи само некакво техничко знаење, ако од нив направи добри книговодители, умешни занаетчии и успешни трговци. Негов стремеж е во нив да ги всади принципите на вистината, послушноста, честа, чесноста и непорочноста – принципи кои од нив ќе направат позитивна сила во градењето на стабилноста и напредокот на општеството. Тој, пред сѐ, сака тие да ја научат големата животна лекција за несебична служба.

Кога душата ќе се запознае со Христа, прифаќајќи ја Неговата мудрост како водач, Неговата сила како сила на срцето и животот, овие принципи стануваат жива сила за обликување на карактерот. Кога ќе се воспостави оваа заедница, ученикот го нашол изворот на мудроста. Нему му стои на располагање сила да ги оствари во себе своите најблагородни идеали. Тој има предимство да го постигне највисокото воспитување потребно за животот во овој свет. Обучувајќи се тука, стапува на патеката која води во вечност.

Во највисока смисла, делото на воспитувањето и делото на откупувањето се едно исто дело, бидејќи во воспитувањето, како и во откупувањето, „никој не може да постави друга основа, освен онаа што е поставена, која е Исус Христос”. „Зашто во него благоволи Отецот да пребива сета полнота” (1. Коринтјаните 3:11; Колосјаните 1:19)

Во изменети околности, вистинското воспитување и денес се управува според планот на Создателот, според планот на едемското училиште. Адам и Ева примале поуки преку директна заедница со Бога; ние ја гледаме „светлината на познавањето на Божјата слава” во Христовото лице.

Големите принципи на воспитувањето остануваат непроменети. „Утврдени се за сите времиња, довека” (Псалм 111:8); затоа што тоа се принципи на Божјиот карактер. Прво настојување на учителот и негова постојана цел треба да биде да му помогне на ученикот да ги разбере овие принципи и да стапи во таква врска со Христа што тие принципи ќе станат сила која управува со неговиот живот. Учителот, кој ќе ја прифати оваа цел, навистина е Христов соработник, работник заедно со Бога.