Животот на големите луѓе

Воспитување
Животот на големите луѓе
„Плодот на праведникот
е дрво на животот",
(Изреки 11:30)
Светата историја изнесува многубројни прикази на резултатите од вистинското воспитување. Таа изнесува многу примери на благородни луѓе чиј карактер бил формиран според божествените упатства, луѓе чиј живот им бил на благослов на нивните ближни и кои стоеле во светот како Божји претставници. Помеѓу нив ги вбројуваме Јосиф, Даниел, Мојсеј, Елисеј и Павле -двајцата најголеми државници, најмудриот законодавец, еден од најверните реформатори и, изземајќи Го Оној Кој говорел како што човек никогаш не говорел, најславниот учител што овој свет го запознал.
Уште во раните денови од својот живот, токму во мигот кога како момчиња влегувале во периодот на зрелост, Јосиф и Даниел биле оттргнати од нивните домови и, како заробеници, одведени во незнабожечка земја. Особено Јосиф бил изложен на искушенија проследени со големи пресврти во неговиот живот. Во татковиот дом тој бил нежно и негувано дете; во куќата на Петефри, роб, потоа довереник и следбеник; сестран човек, образуван преку учење, набљудување и контакти со другите луѓе, во занданите на фараонот бил државен затвореник, неправедно осуден и без надеж дека некогаш ќе се оправда или ќе биде ослободен; а потоа повикан да застане на чело на нацијата во миг на голема криза – што го оспособило да го сочува својот интегритет?
Никој не може да стои на висок брег без опасност. Како што бурата, која го остава негибнат цветот во долината, го корне од корен дрвото на врвот на планината, така и жешките искушенија кои ги оставаат негибнати обичните луѓе напаѓаат на оние кои заземаат високи места на полето на успехот и честа. Но, Јосиф подеднакво го издржал и искушението со неволји и искушението со благосостојба. Покажал иста верност во палатата на фараонот како и во затворската ќелија.
Во детството Јосиф научил да Го љуби Бога и да се бои од Него. Често во татковиот шатор, под ѕвезденото сириско небо, ја слушал приказната за моќната визија кај Ветил, за скалите од небото до земјата, за ангелите кои се симнувале и качувале и за она што му било откриено на Јаков од престолот на височините. Ја слушал приказната за борбата кај Јавок кога, откажувајќи се од своите омилени гревови, Јаков излегол како победник и ја добил титулата „Божји кнез”.
Додека Јосиф уште како момче ги чувал стадата на својот татко, неговиот чист и едноставен живот поволно влијаел врз развојот на неговите физички и духовни способности. Доаѓајќи во врска со Бога преку природата и проучувајќи ги големите вистини кои, како свет залог преминувале од татко на син, се здобил со сила на умот и непоколебливост во принципите.
Во кризата на својот живот, кога се наоѓал на страшниот пат од домот на неговото детство во Ханан, кон ропството што го чекало во Египет, фрлајќи последен поглед врз ритчињата кои ги криеле шаторите на неговиот род, Јосиф се сетил на Бога на неговиот татко. Се сетил на поуките што ги примал во детството, и потресен до дното на душата одлучил да се покаже како верен – секогаш да се однесува како што му доликува на еден слуга на небесниот Цар.
Живеејќи со горчлив живот на странец и роб, слушајќи ја и гледајќи ја опачината, примамуван од убавините на незнабожечкото богослужение, богослужение проследено со сите привлечности на богатството, културата и кралскиот сјај, Јосиф останал непоколеблив. Ја научил лекцијата на верно исполнување на должностите. Тој, преку верност на секоја положба, од најниската до највисоката, ги развил сите способности за највисока служба.
Во времето кога Јосиф бил повикан на дворот на фараонот, Египет бил најголем народ. Немало поголем од него во цивилизацијата, уметноста и науката. Јосиф управувал со работите на тоа царство во време на најголеми потешкотии и опасности; тоа го правел на начин кој му ја донел довербата на владетелот и народот. Фараонот „го постави за домаќин на својот дом, за управител на сиот свој имот. Да ги врзува кнезовите по своја волја, и да ги учи неговите старешини на мудрост” (Псалм 105:21,22).
Вдахновението ни ја открива тајната на Јосифовиот живот. Со зборови полни со божествена сила и убавина, Јаков вака проговорил за својот најмил син, кога им искажувал благослови на своите деца:
„Јосиф е плодоносна гранка,
плодна гранка покрај извор,
гранчињата и се простираат над ѕидот.
Стрелци го огорчија,
стрелаа на него, и го гонеа.
Но неговиот лак останува цврст,
Мишките му зајакнаа,
преку рацете на Силниот Бог Јаковов,
Од Бога, твој Татко, кој ќе ти помага,
преку Сесилниот, кој ќе те благословува
со небесни благослови одозгора,
со благослови на бездната одоздола,
Со благословите на татка ти,
што ги надвишуваат благословите на старите гори
и убавините на вечните брегови –
тие нека се спуштат врз Јосифа,
на посветениот меѓу браќата!’’
(Создавање 49:22-26)
Сидрото на Јосиф биле верноста кон Бога, верата во Невидливиот. Тоа била тајната на неговата слава.
„Мишките му зајакнаа преку рацете на силниот Бог Јаковов“.
Даниел, пратеник на Небото
Даниел и неговите другари во Вавилон во својата младост биле, навидум поголеми миленици на среќата отколку Јосиф во првите години од неговиот живот во Египет; сепак, и тие биле ставени на речиси исто толку тешка проба на карактерот. Од сразмерната едноставност на своите јудејски домови, овие момчиња од царски род биле доведени во највеличествениот од сите градови, на дворот на неговиот најмоќен монарх, и биле издвоени да се подготват за посебна служба на царот. Фактот дека тие, обожаватели на Господа, биле заробеници во Вавилон; дека садовите од Божјиот дом биле ставени во храмот на вавилонските богови; дека самиот цар на Израелот бил заробеник во рацете на Вавилонците, победниците горделиво го истакнувале како доказ дека нивната религија и обичаите се подобри од религијата и обичаите на Евреите. Во такви околности, дозволувајќи понижувања за кои Израелците самите биле виновни поради оддалечувањето од Неговите заповеди, Бог му дал на Вавилон доказ за Својата врховна власт, за светоста на Своите барања и за сигурните плодови на послушноста. Тоа сведоштво било дадено на единствениот можен начин – преку оние кои останале цврсти во својата верност.
На самиот праг на својот животен повик, Даниел и неговите другари се нашле пред решавачка проба. Налогот да им се донесува храна од царската трпеза ја одразувал наклонетоста на царот и неговата грижа за нивната благосостојба. Но, бидејќи делумно била принесена на жртва на идолите, храната од царската трпеза била наменета за идолопоклоничка служба; и, ако момчињата го прифателе овој израз на царската наклонетост, би се сметало дека се соединиле со него во оддавањето почести на лажните богови. Верноста кон Бога им забранувала да учествуваат во искажување таква почест. Освен тоа, тие не се осмелувале да го изложат својот физички, душевен и духовен развој на разорното влијание на раскошот и распусноста.
Даниел и неговите другари биле верно подучувани на принципите на Божјата Реч. Тие научиле да го жртвуваат земското за духовното и да се стремат кон највисокото добро. И наградата не изостанала. Нивната навика да се воздржуваат и нивното чувство на одговорност како Божји претставници ги поттикнале способностите на нивните тела, духот и душата да се развијат на најблагороден начин. По завршувањето на нивното образование, кога биле испрашувани со другите кандидати за високи положби во царството, „не се најде ниеден како Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј” (Даниел 1:19).
На вавилонскиот двор биле собрани претставници од сите земји, луѓе со нај одбрани таленти, најбогато надарени со природни дарови и со највисока култура што овој свет можел да ја даде; сепак, помеѓу сите нив никој не бил подобар од еврејските заробеници. Никој не можел да се натпреварува со нив во физичка сила и убавина, во живоста на умот и литературните достигања. „И во сѐ мудро и умно за што ги испитуваше царот, се најде дека се десетпати повешти од сите волшебници и гатачи што ги имаше во сето негово царство” (Даниел 1:20).
Непоколеблив во својата предаденост на Бога, непопустлив кон самиот себе, Даниел како момче со своето благородно достоинство и љубезно искажување почит се здобил со „приклонетост и љубов” на незнабожечкиот службеник под чиј надзор се наоѓал. Истите особини го одбележувале и неговиот живот. Бргу се издигнал до положбата на првиот министер во царството. Во текот на владеењето на неколку последователни владетели, пропаѓање на државата и воспоставување на соперничко царство, покажувал толкава мудрост и државничка способност, толку совршена тактичност, човечност и таква вистинска добрина на срцето, поврзана со верност кон принципите, што дури и неговите непријатели морале да признаат дека „не можеа да најдат повод, ниту пак грешка, зашто беше верен” (Даниел 6:4).
Додека со непоколеблива доверба се потпирал на Бога, Даниел го обзел дух на пророчка сила. Додека од луѓето ја примил почеста да ги носи одговорностите на дворот и да биде упатен во државните тајни, Бог му укажал чест да биде Негов претставник и го научил да ги толкува тајните на идните векови. Незнабожечките владетели, во допир со небесниот претставник, биле принудени да Го признаат Даниеловиот Бог. „Навистина”, рекол Навуходоносор, „вашиот Бог е Бог над боговите и Цар над царевите. Откривател на тајните”. А Дариј, во својот проглас до „сите племиња, народи и јазици што живеат по сета земја”, Го возвисил „Даниеловиот Бог” како „жив Бог, Тој останува довека! Неговото царство нема да пропадне”, Кој „избавува и спасува… прави знаци и чудеса на небесата и на земјата” (Даниел 2:47; 6:25-27).
Праведни и чесни луѓе
Со својата мудрост и праведност, непорочност и подготвеност да прават добро во секојдневниот живот, со своето посветување на интересите на еден идолопоклонички народ, Јосиф и Даниел се покажале како верни на принципите на своето рано воспитување, верни на Оној чии претставници биле. Во Египет како и во Вавилон целата нација ги почитувала овие луѓе; и во нив незнабошците, како и сите народи со кои доаѓале во допир, виделе приказ на Божјата добрина и добродетел, приказ на Христовата љубов.
Каква животна задача им била дадена на тие благородни Евреи! Колку малку сонувале за својата висока положба кога се простувале со домот на своето детство! Верни и непоколебливи, тие се му потчиниле на божественото водство, така што Бог преку нив можел да ја исполни својата намера.
Истите големи вистини што биле откриени преку овие големи луѓе, Бог сака да ги открие преку младината и децата на нашите денови. Историјата на Јосиф и Даниел е приказ на она што Бог ќе го стори за оние кои ќе Му се покорат и ќе се стремат со цело срце да ја исполнат Неговата намера.
Најголемата потреба на светот е потребата од луѓе – луѓе кои не можат ниту да се купат ниту да се продадат, луѓе кои во длабочината на својата душа се праведни и чесни, луѓе кои не се плашат да го наречат гревот со неговото вистинско име, луѓе чија совест е верна на должноста како што магнетната игла му е верна на полот, луѓе кои ќе стојат на страната на праведноста па дури и небото да се урне.
Но таквиот карактер не е плод на случајот; тој не може да и се припише на личната наклонетост или на даровите на Провидението. Благородниот карактер е плод на самодисциплина, покорување на пониската природа на повисоката – предавање на самиот себе во служба на Бога и ближните од љубов.
Младите мораат да ја разберат вистината дека даровите што им се доверени не им припаѓаат ним. Силата, времето и разумот се само позајмени богатства. Тие Му припаѓаат на Бога, и секое младо суштество треба да одлучи да ги употреби за највозвишени цели. Младите се лози од кои Бог очекува род; ѓакони чии таленти мораат да се умножуваат; светлина која треба да ја осветли темнината на светот.
На секое момче и девојка и на секое дете му е одредена работа која треба да ја изврши за да се прослави Бог и да се облагороди човештвото.
Елисеј, верен во малку
Своите рани години пророкот Елисеј ги поминал во тишината на селскиот живот, поучуван од Бога и природата и дисциплиниран со полезна работа. Во време на речиси сеопшт отпад, припадниците на домот на неговиот татко се вбројувале меѓу оние кои не ги свиткале колената пред Ваал. Нивниот дом бил дом во кој се славел Бог и во кој верноста на должностите се сметала за животно правило.
Како син на богат земјоделец, Елисеј се фатил за професијата што му била најблиска. Иако бил надарен со способност да биде водач на луѓе, тој добил образование што го подготвувало за извршување на секојдневните, животни должности. За да може мудро да управува, морал да научи да слуша. Верноста во малку го подготвувала за поголеми одговорности.
Иако кроток и со смерен дух, Елисеј бил енергичен и цврст. Негувал љубов и страв Божји, и со понизно извршување на секојдневната тешка работа се здобивал со постојаност во намерите и благородност на карактерот, растејќи во божествена милост и знаење. Соработувајќи со таткото во домашните обврски, тој учел да соработува со Бога.
На Елисеј му бил упатен пророчкиот повик додека орал во полето заедно со слугите на неговиот татко. Кога Илија, воден од Бога во изборот на својот наследник, ја фрлил својата наметка врз рамениците на младиот човек, Елисеј го разбрал и го послушал повикот. Тој „тргна по Илија за да му служи” (1. Царевите 19:21). Од Елисеј во почетокот не се барало ништо големо; неговата обука и понатаму се состоела од извршување на секојдневните обврски. За него се зборувало како за оној кој на својот господар, Илија, му ги полевал рацете. Како личен слуга на пророкот, тој продолжил да се покажува верен во малку, додека секој ден во него зацврснувала одлуката да се посвети на повикот кој Бог му го одредил.
Уште при првото повикување, неговата одлука била ставена на проба. Во мигот кога станал да тргне по Илија, пророкот му наредил да се врати дома. Морал да размисли за цената – и самиот да одлучи дали ќе го прифати или ќе го одбие повикот. Но, Елисеј ја разбрал вредноста на можноста што му се укажала. За никаква световна вредност тој не би се согласил да се откаже од можноста да стане Божји весник, ниту да се откаже од предимството да има заедница со Неговиот слуга.
Кога времето поминало и Илија бил подготвен да биде земен на Небото и Елисеј бил подготвен да стане негов наследник. И повторно неговата вера и одлучност биле ставени на проба. Следејќи го Илија на неговата службена обиколка, знаејќи дека наскоро ќе настапи промена, на секое место го слушал повикот на пророкот да се врати. „Остани ти тука”, барал Илија, „зашто Господ ме праќа во Ветил!” Но, во својата поранешна работа, додека управувал со плугот, Елисеј научил да не паѓа со духот и да не се обесхрабрува; и сега, кога ја ставил својата рака на плуг во друго подрачје на должности, не дозволил да биде одвратен од својата намера. Секогаш кога му бил упатен повик да се врати, тој одговарал: „Жив ми Господ и жива ми твојата душа, јас нема да останам!” (2. Царевите 2:2).
„И така тргнаа обајцата… тие двајца се задржаа на брегот на Јордан. Тогаш Илија ја зеде својата наметка, ја свитка и удри со неа по водата, а водата се раздели на две страни, и обајцата поминаа по суво. А кога поминаа, Илија му рече на Елисеј: барај што да сторам уште за тебе пред да бидам земен од пред тебе? А Елисеј одговори: Духот што го имаш ти нека биде двоен во мене! Илија одговори: Многу бараш: ако ме видиш кога ќе бидам земен од пред тебе, ќе ти биде така; ако пак не видиш, не ќе ти биде. И додека тие така одеа и разговараа, ете: огнена кола и огнени коњи се јавија; ги раздвоија двајцата и го однесе Илија во виор на небо.
Елисеј гледаше и викаше: Татко мој, татко мој! Израелева кола и неговите коњаници! и веќе не го виде. Тогаш ги зеде своите облеки и ги раскина на две. И ја крена Илиевата наметка, што беше падната од него, та се врати и застана на брегот на Јордан. Тогаш ја зеде Илиевата наметка и удри по водата, велејќи: Каде е Господ, Илиевиот Бог? и кога удри по водата, таа се раздели на две страни, и Елисеј помина. Тоа го видоа отстрана пророчките синови, кои беа исто од Ерихон, и рекоа: Илиевиот дух остана на Елисеј! и му тргнаа во пресрет, се фрлија пред него на земјата” (2. Царевите 2:6-15).
Оттогаш Елисеј го зазел местото на Илија. Оној што се покажал верен во најмалото, се покажал верен и во големото.
Илија, човек од сила, бил Божјо орудие за отстранување на мошне големи зла. Идолопоклонството поддржувано од Ахав и незнабоежечката Језавела, а кое го завело народот, било соборено. Пророците на Ваал биле победени. Целиот израелски народ бил длабоко потресен, и мнозина повторно почнале да Му служат на Бога. Како наследник на Илија бил потребен човек кој ќе може да го води Израелот по сигурни патеки со внимателно и трпеливо поучување. Раното воспитување под Божјото водство го подготвило Елисеј за ова дело.
Ова е поука за сите. Никој не може да знае каква намера има Бог со него додека го воспитува; но сите можат да бидат сигурни дека верноста во малку е доказ на подготвеност за поголеми одговорности. Секое дело во животот го открива карактерот и само оној кој во малите должности ќе се покаже „како работник, кој не треба да се срамува” (2. Тимотеј 2:15), ќе биде почестен од Бога со доверување поголеми одговорности.
Мојсеј силен со вера
Мојсеј бил помлад од Јосиф и Даниел кога му била одземена грижливата заштита на домот на неговото детство; меѓутоа, истите влијанија што ги формирале нивните животи го формирале и неговиот. Тој поминал само дванаесет години со своите еврејски роднини; но токму во текот на овие години бил поставен темелот на неговата големина, утврден со раката на личноста за која малку се зборува.
Јохаведа била жена и робинка. Нејзиниот удел во животот бил скромен, нејзиниот товар тежок. Но, ниту една друга жена, освен Марија од Назарет, не му донела поголем благослов на светот. Знаејќи дека наскоро нема да може повеќе да се грижи за своето дете, бидејќи тоа ќе им биде доверено на чување на оние кои не Го познаваат Бога, таа уште посериозно настојувала да ја поврзе неговата душа со Небото. Се трудела да всади верност и љубов кон Бога во неговото срце. Тоа дело било верно извршено. Ниту едно подоцнежно влијание не можело да го наведе Мојсеј да ги отфрли принципите на вистината кои мајката со своите проучувања и примерот на својот живот грижливо ги всадила.
Од скромниот дом во Гесем, синот на Јохаведа преминал во палатата на фараонот, кај египетската принцеза која го дочекала како сакан и мил син. Во египетските училишта Мојсеј се здобил со највисоко граѓанско и војничко образование. Надарен со голема привлечност, со благороден изглед и става, со префинет дух и кралско држење и славен како војсководител, тој станал гордост на нацијата. Египетскиот цар бил припадник на свештеничката класа; и Мојсеј, иако одбивал да учествува во незнабожечкото богослужение, бил упатен во сите тајни на египетската религија. Бидејќи Египет во тоа време сѐ уште бил најмоќната и најцивилизирана нација, Мојсеј, кого го очекувала владетелска положба, бил и наследник на највисоките почести што овој свет можел да ги понуди. Но тој избрал нешто поблагородно. Мојсеј ги жртвувал египетските почести за Божјата чест и за ослободувањето на неговиот поробен народ. Тогаш, во посебна смисла, Бог го презел неговото воспитување.
Мојсеј сѐ уште не бил подготвен за своето животно дело. Морал да научи да зависи од божествената сила. Тој погрешно ја разбрал Божјата намера. Се надевал дека ќе го ослободи Израелот со силата на оружјето. Поради тоа ставил сѐ на коцка и, загубил. Поразен и разочаран, станал бегалец и прогонет во туѓа земја.
Во дивината на Мадијам, Мојсеј поминал 40 години како чувар на овци. Иако се чинело дека е засекогаш одвоен од својата животна мисија, тој, всушност, се здобивал со воспитување неопходно за нејзиното исполнување. Мудроста на управување со неукото и недисциплинирано мноштво мора да се добие со самосовладување. Грижејќи се за овците и нежните јагниња, тој морал да се здобие со искуство кое од него ќе направи верен и трпелив пастир на Израелот. За да може да стане Божји претставник, тој морал да учи од Него.
Влијанијата што го опкружувале во Египет, наклонетоста на неговата помајка, неговата сопствена положба на царски внук, раскошот и порокот кој мамеле на десет илјади начини, префинетоста, мудрувањето и мистицизмот на лажната религија, сето тоа оставило трага врз неговиот ум и карактер. Но сето тоа исчезнало во строгата едноставност на пустината.
Мојсеј бил сам со Бога среде свечената величественост на самотијата во планините. Насекаде било напишано името на Создателот. Се чинело дека Мојсеј стои во Божјото присуство и дека е засолнет со Неговата сила. Тука исчезнало неговото чувство дека сѐ може сам. Во присуството на Бесконечниот, тој сфатил колку човекот е слаб, неспособен и кусоглед.
Тука Мојсеј се здобил со она што го загубил во текот на сите години од својот напорен и со грижи оптоварен живот – чувството на Божјата лична присутност. Не само што со векови однапред гледал во времето кога Христос ќе се појави во тело, туку Го видел Христа како ги следи војските на Израелот на сите нивни патувања. Неразбран и погрешно претставен, принуден да поднесува укори и навреди, да се соочува со опасности и смрт, тој бил способен да издржи, „зашто издржа како да Го гледа невидливиот” (Евреите 11:27).
Мојсеј не само што размислувал за Бога, туку и Го видел. Бог секогаш стоел пред него во визија. Никогаш не го губел предвид изразот на Неговото лице.
За Мојсеј верата не била погодување, туку реалност. Верувал дека Господ на посебен начин управува со неговиот живот; и го признавал Бога во сите пригоди во животот. Се надевал дека Тој ќе му даде сила да се спротивстави на секое искушение.
Тој сакал големото дело што му било доверено да го направи успешно во најголема мерка, и затоа целосно се потрпел врз божествената сила. Чувствувал потреба од помош, се молел за неа, ја примал со вера и одел напред надевајќи се во таа сигурна сила.
Тоа било искуството на Мојсеј добиено во текот на четириесет годишното школување во пустината. Бесконечната Мудрост не го сметала тој период премногу долг, ниту цената премногу висока за да му даде еден таков вид на искуство.
Резултатите од тоа воспитување, поуките кои се таму објавени, се поврзани не само со историјата на Израелот туку и со сето она што од тоа време до денес придонесувало за напредок на светот. Највисоко сведоштво за големината на Мојсеј е судот кој за неговиот живот го изрекло вдахновението: „Не се појави веќе пророк во Израел еднаков на Мојсеја, кого Господ го познаваше него лице в лице” (Второзаконие 34:10).
Павле, радосен во службата
На верата и искуството на галилејските ученици кои го следеле Исус во евангелската работа им се придружиле огнената одлучност и интелектуалната сила на еден рабин од Ерусалим. Римски граѓанин, роден во незнабожечки град; Евреин не само по потекло туку и според животното воспитување, патриотската ревност и предаденост на религијата; воспитан во Ерусалим крај нозете на најугледните рабини и поучен на сите закони и преданија на татковците, Савле од Тарс во најголема мерка ја делел гордоста и предрасудите на својот народ. Уште како момче, станал угледен член на Синедрионот; го сметале за човек што ветува, ревен бранител на исконската вера.
Во теолошките училишта во Јудеја, Божјата Реч била потисната со човечки шпекулации; толкувањата и преданијата на рабините и ја одземале силата. Самовозвишувањето, властољубивоста, љубоморната исклучивост, лицемерието и презривата горделивост биле владеечки принципи и побуди на овие учители.
Рабините се разметнувале со својата супериорност не само над припадниците на другите народи туку и над своите сопствени сонародници. Обземени од дива омраза кон своите римски поробувачи, тие цврсто одлучиле да ја повратат својата национална големина со силата на оружјето. Ги мразеле и убивале Исусовите ученици чија вест на мирот толку очигледно се спротивставувала на нивните честољубиви планови. Савле бил еден од најогорчените и најбезмилосни учесници во тоа гонење.
Во воените училишта во Египет, Мојсеј го научил законот на силата, и влијанието на тоа учење врз неговиот карактер било толку силно што му биле потребни четириесет години смиреност и врска со Бога и природата за да се оспособи да го води Израелот со законот на љубовта. И Павле требал да ја научи истата лекција.
Појавата на Распнатиот пред вратите на Дамаск го сменила целиот тек на неговиот живот. Прогонувачот станал следбеник, а учителот ученик. Деновите на темнина, поминати во самотија во Дамаск, во неговото искуство изгледале како години. Предмет на неговото проучување биле старозаветните списи врежани во неговата меморија, а учител му бил Христос. И нему осаменоста на природата му станала училиште. Отишол во Арапската пустина за да ги проучува Писмата и да учи од Бога. Ја ослободил својата душа од предрасудите и преданијата што го обликувале неговиот живот, и примал поуки од Изворот на вистината.
Неговиот подоцнежен живот бил вдахновен единствено со принципот на пожртвуваноста, со службата на љубовта. „Јас сум им должник”, рекол тој, „и на Грците и на варварите, и на мудрите и на неразумните”. „Зашто, Христовата љубов нѐ опфаќа” (Римјаните 1:14; 2. Коринтјаните 5:14).
Павле, најголемиот учител меѓу луѓето, ги прифатил најниските како и највисоките должности. Ја познавал неопходноста од физичка, како и од умствената работа, а самиот работел како занаетчија за да се издржува. Тој продолжил да прави шатори и покрај секојдневното проповедање на евангелието во големите центри на цивилизацијата. „Самите знаете”, им кажал на разделба на старешините на црквата во Ефес, „дека овие раце им послужија на моите потреби и на оние, кои беа со мене” (Дела 20:34).
Иако имал високи интелектуални способности, Павле со својот живот откривал сила на една уште поретка мудрост. Во неговите учења се објавени, а во неговиот живот применети принципи со највисока важност, принципи кои им биле непознати на најголемите умови на тоа време. Тој ја имал најголемата од сите мудрости, мудроста која и дава длабочина на проникливоста и го исполнува срцето со сочувство, која поврзува човек со човек, разбудува подобра природа во него и го инспирира за повисок живот.
Слушајте ги неговите зборови изговорени пред незнабошците од Листра, додека ги упатува кон Бога откриен во природата, кон изворот на сѐ што е добро, Кој ни дава „од небото дождови и плодоносни времиња и ги полни нашите срца со храна и веселба” (Дела 14:17).
Гледајте го во ќелијата во Филипи каде, и покрај измаченоста на телото, неговата благодарствена песна ја прекинува полноќната тишина. По земјотресот кој ја отворил вратата на затворот, повторно се слуша неговиот глас кој му искажува зборови на охрабрување на незнабожечкиот стражар: „Не прави си себе никакво зло, зашто сите сме тука” (Дела 16:28) – секој човек е на своето место, задржан од присуството на еден затвореник. Уверен во реалноста на верата која го одржувала Павле, стражарот прашува за патот до спасението и со целиот свој дом се соединува со друштвото на прогонетите Христови ученици.
Гледајте го Павле во Атина пред соборот на Ареопаг, како на науката одговара со наука, на логиката со логика и на филозофијата со филозофија. Забележете како, со тактичност родена од божествената љубов, укажува на Господ како- на „непознатиот Бог,” Кого неговите слушатели во незнаење Го обожуваат; и како, наведувајќи зборови на еден од нивните поети, Го опишува како Татко чии деца се тие. Слушајте го како, во тоа време на строга поделеност на општествени слоеви, кога човечките права биле сосема непризнати, ја изнесува големата вистина за братството на сите луѓе, изјавувајќи дека Бог „направи целиот човечки род да потекнува од еден човек и да се насели по лицето на целата на Земја”. Потоа како покажува дека низ сите Божји постапки кон човекот се провлекува, како златна нишка, Неговата добронамерност и милост. Тој „им определи одредени времиња и граници на нивните живеалишта, за да Го бараат Бога; не би ли Го напипале и нашле некако, зашто Тој не е далеку од ниеден од нас” (Дела 17:23,26,27).
Слушајте го на Фистовиот двор, кога царот Агрипа, уверен во вистинитоста на евангелието, воскликнал: „Уште малку па ќе ме убедиш да станам христијанин!” Со каква нежна човечност Павле му одговара покажувајќи на своите синџири: „Би Го молел Бога и за малку и за многу не само ти, но и сите, што ме слушате денес, да станете такви, каков што сум и јас – но без овие окови” (Дела 26:28,29)
Така му поминал животот, опишан со неговите сопствени зборови: „Често патував; бев во опасности од реки, во опасност од сонародници, во опасности од разбојници, во опасности од народи; во опасности од град, во опасности од пустина, во опасности по море, во опасност од лажни браќа, во труд и тешкотија, многупати во неспиење, во глад и жед, во многу постење, на студ и во голотија” (2. Коринтјаните 11:26,27).
„Кога нѐ навредуваат”, рекол тој, „ние благословуваме; кога нѐ гонат ние поднесуваме; кога нѐ клеветат ние се обраќаме благо”, „како жалосни, но секогаш радосни; како бедни, да збогатуваме други, како оние кои немаат ништо, а имаат сѐ” (1.Коринтјаните 4:12,13; 2. Коринтјаните 6:10).
Тој својата радост ја наоѓал во служењето, а кон крајот на својот тежок живот, осврнувајќи се на сите негови борби и победи, можел да каже: „Извојував добра борба” (2. Тимотеј 4:7).
Овие сведоштва имаат животно значење. Но нивното значење за никого не е толку длабоко како за младите. Мојсеј се откажал од царството што го очекувало, Павле од предимството да биде богат и почитуван во својот народ, за живот полн со носење товар во службата за Господа. На мнозина животот на овие луѓе им изгледа како живот на откажување и жртва. Дали е навистина така? Мојсеј го сметал Христовиот срам за поголемо богатство од сето египетско благо. Тој мислел дека е така, затоа што навистина така и било. Павле изјавува: „Но тоа што ми беше некогаш придобивка, тоа го сметав за загуба поради Христа. Во суштина, и јас и сега сметам сѐ за загуба заради преважното познавање на Христа Исуса, Мојот Господ, заради Кого изгубив сѐ и се сметам за отпад, за да Го придобијам Христа” (Филипјаните 3:7,8). Тој бил задоволен со својот избор.
На Мојсеј му биле понудени палатата на фараонот и царскиот престол; но во тие господски дворови имало грешни задоволства кои ги наведувале луѓето да заборават на Бога и тој наместо нив ги одбрал „постојаното добро и справедливоста” (Изреки 8:18). Наместо да се поврзе со големината на Египет, тој избрал да го поврзе својот живот со Божјата намера. Наместо да му дава закони на Египет тој, по божествено упатство, му пропишал закони на светот. Станал орудие преку кое Бог на луѓето им дал принципи кои се заштита на домот и општеството, кои се аголен камен на напредокот на народите – принципи кои денес најголемите луѓе на светот ги признаваат како темел на сѐ што е најдобро во владите кои ги поставуваат луѓето.
Големината на Египет лежи во прав. Неговата моќ и цивилизација поминале. Но делото на Мојсеј никогаш не може да пропадне. Големите принципи на праведноста, на чии воспоставувања тој им го посветил животот, се вечни.
Животот на Мојсеј, исполнет со работа и грижи кои го притискале неговото срце, бил осветлен од присуството на Оној Кој е „избран меѓу десет илјади други” и „Сиот е од љубезност” (Песна над песните 5:10,16). Со Христа на патувањето низ пустината, со Христа на гората на преобразувањето, со Христа во небесните дворови – на Земјата бил благословен и на благослов, а на Небото почитуван.
И Павле во неговите разновидни задачи го поддржувала окрепувачката сила на Христовото присуство. „Сѐ можам”, рекол тој, „преку Христа, Кој ми дава сила”. „Кој ќе нѐ одвои од Христовата љубов? Неволјата ли, или притеснувањето, или гонењето, или гладот, или голотијата, или гибелта или мечот?… Но во сѐ ова победуваме надмоќно преку Оној, Кој нѐ возљуби. Зашто сум уверен дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашноста, ни иднината, ни силите, ни височината, ни длабочината, ниту некое друго создание, ќе може да нѐ оддели од Божјата љубов, која е во Христа Исуса, нашиот Господ” (Филипјаните 4:13; Римјаните 8:35-39).
Постои, меѓутоа, идна радост која Павле ја очекувал како награда за својот труд – истата онаа радост поради која Христос го претрпел крстот и не се осврнувал на срамот – радоста да ги види плодовите од својата работа. „Зашто, што е наша надеж, или радост, или венец, или пофалба?” – им пишувал тој на обратениците во Солун. „Та не сте ли вие пред нашиот Господ Исус Христос при Неговото доаѓање? Да, вие сте наша слава и наша радост” (1. Солунјаните 2:19,20).
Кој може да процени какво влијание имало животното дело на Павле врз светот? Колку од сите тие благотворни влијанија кои го ублажуваат страдањето, ги тешат жалосните, го задржуваат злото, го издигнуваат животот над сѐ што е себично и телесно и го осветлуваат со надеж во бесмртност, колку од сето тоа треба да му се припише на делото на Павле и неговите соработници додека носејќи го евангелието за Божјиот Син незабележани патувале од Азија кон бреговите на Европа?
Колкава вредност би имал животот на секого кога би станал орудие во Божји раце за ширење на такви благословени влијанија? Колку ќе биде прекрасно во вечноста да се набљудуваат плодовите на едно такво животно дело?
