Однесување

Илустрација за поглавјето „Однесување“

Воспитување

Однесување

„Љубовта не се однесува непристојно"

(1. Коринтјаните 13:4,5)

Вредноста на убавото однесување е на премногу мала цена. Мнозина добри по срце, не покажуваат срдечност во однесувањето. Мнозина кои заслужуваат почит поради својата искреност и чесност, покажуваат жален недостиг од топлина. Овој недостиг ја расипува нивната сопствена среќа и има неповолно влијание врз нивната служба за другите. Непристојните често, од чиста непромисленост, жртвуваат голем дел од најубавите и најполезни животни искуства.

Родителите и наставниците треба да посветат особено внимание на негувањето на ведрината и убавото однесување. Сите можат да имаат радосно лице, љубезен глас, пристојно однесување, а сето тоа се елементи со влијание. Децата ги привлекува ведрото и весело однесување. Бидете кон нив љубезни и пристојни и тие ќе се однесуваат исто така кон вас и едни кон други.

Вистинската пристојност не се учи преку едноставно применување на правилата на бон тонот. Секогаш треба да се внимава на пристојноста во однесувањето; секаде каде што принципите не се загрозени, разбирањето кон другите ќе нѐ наведе да ги почитуваме прифатените обичаи; но вистинската пристојност не нѐ принудува да ги жртвуваме принципите пред конвенционалноста. Таа не признава општествени разлики. Таа нѐ учи да се почитуваме себеси, да го почитуваме достоинството на човекот како човек, да го почитуваме секој член на големото човечкото братство.

Постои опасност да им се придаде преголема важност на самиот стил и формата на однесувањето и премногу време да се посвети на подучување во тоа подрачје. Животот исполнет со неуморни напори, кој ги очекува сите млади, тешката, често непријатна работа потребна за извршување на обичните животни должности, а уште повеќе за олеснување на тешкиот товар на незнаење и беда во светот – сето тоа остава малку место за конвенционалности.

Мнозина многу ја нагласуваат важноста на правилата на формалната пристојност и покажуваат малку почит кон сѐ, колку и да е добро, што не ги задоволува нивните извештачени мерила. Таквото воспитување е погрешно. Тоа го охрабрува горделивото критизерство и тесноградата исклучивост.

Суштината на вистинската пристојност е разбирање за другите. Најважно и најсолидно образование е она кое поттикнува на љубезност кон сите. Онаа таканаречена култура која младите не ги учи да им бидат послушни на родителите, да ги вреднуваат нивните добри страни, да имаат трпение кон нивните недостатоци, да им помагаат во нивните потреби; која не ги исполнува со разбирање и нежност, со широкоградост и услужност кон младите, старите и несреќните, а со пристојност кон сите – таквата култура е промашена.

Вистинска благородност на мислите и однесувањето попрво ќе се добие во училиштето на божествениот Учител, отколку со било какви држења до утврдените правила на однесување. Неговата љубов, која го пленува срцето, го облагородува карактерот и го обликува по оглед на Неговиот карактер. Таквото воспитување дава небесно достоинство и небесно чувство за она што е пристојно. Тоа на човечката природа и дава пријатност, а на однесувањето отменост какви што никогаш не можат да се добијат со површната угладеност на помодарското општество.

Библијата бара пристојност, и изнесува многу описи на несебичен дух, отмена убавина и пријатен темперамент, што се обележја на вистинската угладеност. Сето тоа се сепак само одблесоци на Христовиот карактер. Секоја вистинска нежност и пристојност во светот, дури и меѓу оние кои не го признаваат Неговото име, доаѓа од Него. Тој сака тие особини совршено да се одразуваат во Неговите деца. Негова намера е луѓето во нас да ја гледаат Неговата убавина.

Најдоброто излагање за убаво однесување кое е воопшто забележано, е содржано во прекрасниот налог на Спасителот, и во зборовите кои Светиот Дух ги искажал преку апостол Павле – тие зборови мораат да бидат неизбришливо запишани во меморијата на секое човечко суштество, без оглед дали е младо или старо:

„Како што Јас ве љубев вас, така и вие да се љубите еден со друг: (Јован 13:34).

„Љубовта долго трпи,

полна е со добрина;

љубовта не завидува,

не се фали,

не се вообразува;

Не се однесува непристојно,

не го бара своето,

не се раздразнува,

не држи сметка за зло;

Не и се радува на неправдата,

а и се радува на вистината;

се премолчува, се верува,

на сѐ се надева, сѐ трпи.

Љубовта никогаш не престанува”.

(1. Коринтјаните 13:4-8)

Страхопочитта е втората скапоцена доблест која треба грижливо да се негува. Вистинската стравопочит кон Бога произлегува од сознанието за Неговата неограничена големина и од свеста за Неговото присуство. Срцето на секое дете мора да биде длабоко проткаено со таа свест за Невидливиот. Детето мора да научи да ги почитува времето и местото на молитвата како и заедничките богослуженија и да ги смета за свети затоа што Бог е присутен. Кога страхопочитта се искажува со ставот и однесувањето, се продлабочува и чувството кое ја поттикнало.

И за младите и за старите би било добро да ги проучуваат, често да ги повторуваат и да размислуваат за оние зборови од Светото писмо кои покажуваат како треба да се почитува местото кое Бог особено го почестил со Своето посебно присуство.

„Собуј ги обувките од нозете” му рекол Бог на Мојсеј крај разгорената грмушка, „зашто местото на кое стоиш, е света земја” (Излез 3:5).

Откако ги видел ангелите во визија, Јаков воскликнува: „навистина Господ се наоѓа на ова место, но јас не знаев!… Не е друго, освен дом Божји, ова е врата небесна” (Создавање 28:16,17)

„Но Господ е во Својот свет храм: сета земја нека замолчи пред Него” (Авакум 2:20).

„Зашто величествен е Господ, нашиот Бог,

велик Цар над сите богови…

Дојдете да се поклониме и да паднеме,

Да Му се поклониме на Бога, нашиот Создател”.

„Тој нѐ создаде, а не ние самите,

Негов народ сме и овци од Неговото пасиште.

Влезете со благодарници низ Неговите порти;

со песни во Неговите дворови;

фалете Го, славете Му го, името”

(Псалм 95:3-6; 100:3,4)

Треба да се покаже стравопочит и кон Божјото име. Никогаш не би смееле да го изговориме тоа име премногу лесно или непромислено. Дури и во молитвата треба да се одбегнува негово често и непотребно повторување. „Свето е и страшно Неговото име!” (Псалм 111:9). Додека го изговараат, ангелите ги покриваат своите лица. Со какво стравопочитување ние, паднати и грешни, би требале да го изговараме со нашите усни!

Мораме да покажеме стравопочит и кон Божјата Реч. Мораме да го почитуваме и печатениот текст, никогаш не смееме да го употребуваме во обични цели ниту со нив да постапуваме немарно. Писмото никогаш не треба да се цитира во шега или да се прераскажува за да се искаже некоја духовитост. „Секое Божји збор е чист”, „како сребро претопено во земјана печка пречистено седумпати” (Изреки 30:5; Псалм 12:6).

Децата, пред сѐ, треба да научат дека вистинското стравопочитување се покажува преку послушноста. Ништо што Бог заповедал не е неважно, и нема друг начин да се покаже стравопочит кој би Му бил толку пријатен како што е послушноста кон она што Тој го рекол.

Треба да се покаже стравопочит и кон Божјите претставници – кон проповедниците, учителите и родителите кои се повикани да зборуваат и дејствуваат во Негово име. Почитувајќи ги нив, Му укажуваме чест на Бога.

Бог особено бара укажување на нежна почит кон остарените. Тој вели: „Седите коси се венец на слава; доколку се наоѓаат на патот на праведноста” (Изреки 16:31). Таа говори за битките кои се водени, и за победите кои се постигнати; за носените бремиња и совладаните искушенија. Таа говори за изморените стапки кои се приближуваат кон одморот, за местата кои наскоро ќе бидат празни. Помогнете им на децата да мислат на тоа и тие ќе им го разубават патот на старите со својата пристојност и почитување и ќе внесат милност и убавина во својот млад живот слушајќи ја заповедта: „Стани пред седа глава; почитувај го лицето на старецот” (Левитска 19:33).

Татковците и мајките и учителите би морале многу повеќе да ги вреднуваат одговорноста и честа што Бог им ја дал со тоа што ги направил Негови претставници пред детето. Карактерот откриен во секој допир со детето ќе му ги прикаже, за добро или за зло, овие Божји зборови:

„Како што таткото ги милува синовите, така Господ ги милува оние, кои се бојат од Него” (Псалм 103:13). „Како што мајката го теши синот, така и Јас ќе ве утешам” (Исаија 66:13).

Среќно е она дете во кое овие зборови разбудуваат љубов, благодарност и доверба; дете на кое нежноста, праведноста и трпеливоста на таткото, мајката и учителот му ги прикажуваат Божјата љубов, праведност и трпеливост; дете кое преку довербата, покорноста и стравопочитувањето кон своите земски заштитници учи да покажува доверба, послушност и стравопочит кон својот Бог. Оној, кој на детето или ученикот му дал таков дар, му предал богатство кое е многу поскапоцено од богатствата на сите векови – богатство кое е трајно како вечноста.