Образованието и карактерот

Илустрација за поглавјето „Образованието и карактерот“

Воспитување

Образованието и карактерот

„И тврдина на времето твое,

ќе биде мудроста и знаењето"

(Исаија 33:6)

Вистинското образование не ја потценува вредноста на научните и литературни достигања; но повеќе од познавањето на фактите, тоа ја вреднува енергијата; повеќе од енергијата, добрината; повеќе од интелектуалното достигање, карактерот. На светот не му се толку потребни луѓе со блескав ум колку луѓе со благороден карактер. Нему му се потребни луѓе со чиј карактер владеат цврсти принципи.

„Главно е мудроста”, затоа „придобивај мудрост”. „На мудрите јазикот добри знаења искажува” (Изреки 4:7; 15:2). Оваа мудрост се добива преку вистинското образование. Таа нѐ учи како најдобро да употребиме не само една туку сите свои сили и постигања. На тој начин тоа го опфаќа целиот круг на нашите должности – кон себе, кон светот и кон Бога.

Изградбата на карактерот е најважното дело, кое некогаш им било доверено на човечките суштества; и никогаш порано неговото вредно изучување не било толку важно како сега. Никогаш ниту една претходна генерација не морала да се соочува со толку тешки проблеми; никогаш порано момчињата и девојките не биле изложени на толку големи опасности како што се оние што денес им се закануваат.

Во време како што е нашето, каква е насоката на образованието што се дава? На кои движечки сили во човекот тоа најчесто му се обраќа? На самољубието. Голем дел од образованието што се дава, не го заслужува тоа име. Со вистинското образование се сузбиваат себичната амбиција, копнежот за власт, непочитување на правата и потребите на човештвото – пороци кои како проклетство го притискаат нашиот свет. Бог со Својот план за животот му одредил место на секое човечко суштество. Секој треба потполно да ги развие своите таленти; ако биде верен во тоа, без оглед дали има малку или многу дарови, тој е достоен за почит. Во Божјиот план нема место за себично ривалство. Оние кои се мерат „себеси според себеси и меѓусебно се споредуваат не се мудри” (2. Коринтјаните 10:12). Што и да правиме, мора да биде направено „„од душата, како за Господа, а не за луѓе; знаејќи дека од Господа ќе ја примите наградата на наследството. Служете Му на Господа Христа!” (Колосјаните 3:23,24). Службата што ја извршуваме е скапоцена и скапоцено е и образованието што го добиваме со примената на овие принципи. Но, колку е поинаков најголемиот дел од денешното образование! Со него детето уште од најрани години се поттикнува на натпреварување и ривалство; се негува себичноста, коренот на секое зло.

На тој начин се разгорува борбата за првенство; се поддржува системот на „бубање”, кој во толку случаеви го уништува здравјето и онеспособува за полезна служба. Во многу други случаи, натпреварувањето наведува на непочитување; а негувајќи амбиција и незадоволство, го загорчува животот и придонесува светот да биде полн со оние немирни, незауздани духови кои се постојана закана за општеството.

Меѓутоа, опасноста не е само во методите. Таа се наоѓа и во материјалот што се проучува.

Какви се делата врз кои во текот на најприемчивите години од животот мора да се задржува умот на младите? Во текот на изучувањето на јазикот и литературата, од кои извори ги учиме младите да пијат? – Од изворите на паганството; од кладенци во кои се слевала расипаноста на прастарото незнабоштво. Од нив се бара да проучуваат автори за кои сите знаат дека немаат никакво почитување кон принципите на моралот.

За колку современи автори може да се каже истото! Колкумина со складноста на изразот и убавината на јазикот само ги прикриваат принципите кои, кога би биле отворено изнесени, со својата изопаченост би предизвикале одвратност кај читателите.

Освен тоа, тука е и мнозинството писатели на измислици кои намамуваат пријатни мечтаења во кули од облаци. Овие автори можеби не можат да се обвинат за неморалност, но во нивните дела нема помалку зло. Тие на илјадници им ги одземаат времето, енергијата и самодисциплината што ги бараат сериозните животни проблеми.

Речиси исти такви опасности се закануваат и при вообичаениот начин на изучување на науката. Еволуцијата и на неа сличните заблуди се предаваат во училиштата од сите степени, од градинките до универзитетите. Така, изучувањето на науката, кое би требало да овозможи знаење за Бога, е толку помешано со човечките шпекулации и теории што наведува на неверување.

Дури и изучувањето на Библијата, на начин на кој, за жал, често се извршува во училиштата, му го скратува на светот непроценливото богатство на Божјата Реч, „високата критика” со своето расчленување, нагаѓање и преправање ја уништува верата во Библијата како божествено откровение; таа на Божјата Реч и ја одзема силата да управува со човечкиот живот, да го издига и инспирира.

Кога младите зачекоруваат во светот за да се соочат со неговото мамење на грев – со страста за натрупување пари, со забавите и попустливоста, со разметливоста, со изобилството и настраностите, со надмудрувањата, подлостите, искористувањата и упропастувањето – со какви учења ќе се сретнат во него?

Спиритизмот тврди дека луѓето се безгрешни полубогови; дека „секоја душа ќе си суди сама на себе”; дека „вистинското сознание го издигнува човекот над сите закони”; дека „сите сторени гревови се безопасни”; дека е „добро сѐ што се прави” и дека „Бог не осудува”. Најподлото човечко суштество тој го претставува како да е на Небото и таму ужива висока почест. Така, тој на сите луѓе им објавува: „Не е важно што правите; живејте како што сакате, небото е ваш дом”. Мнозина на тој начин стануваат наведени дека желбата е највисокиот закон, дека раскалашноста е слобода и дека човекот одговара единствено пред себеси.

Како да се заштити доблеста кога тие се сретнуваат со едно такво учење на самиот праг од животот, тогаш кога нагоните се најсилни, а потребата за зауздување и непорочност најголема? Што ќе го спречи светот да не стане втор Содом?

Во исто време анархијата се обидува да ги отстрани сите закони, не само божествените, туку и човечките. Централизација на богатството и моќта; големи здружувања за збогатување на малцинството на сметка на мнозинството; здружувања на сиромашните класи за одбрана на сопствените интереси и барања; дух на немири, побуна и крвопролевање; ширење на истите учења кои довеле до француската револуција по целиот свет – сето тоа се стреми да го вмеша светот во борба слична на онаа што ја протресе Франција.

Денешната младина мора да се соочи со вакви влијанија. За да може да се одржи среде такви пресврти, таа треба сега да ги положи темелите на карактерот.

Во секоја генерација и во секоја земја вистинскиот темел и пример за изградба на карактерот беше ист. Божествениот закон: „Љуби Го Господа, својот Бог – со сето свое срце… и својот ближен како себеси” (Лука 10:27), големиот принцип кој се одразил во животот и карактерот на нашиот Спасител, е единствениот сигурен темел и единствен сигурен водич.

„И тврдина на времето твое, силата на спасението твое ќе биде мудроста и знаењето” (Исаија 33:6) – онаа мудрост и она знаење кое само Божјата Реч може да ги даде.

И денес вистината е иста како и тогаш кога на Израелот му биле изговорени зборовите за послушност кон Божјите заповеди: „Тоа ќе биде во очите на народите ваша мудрост и ваша разумност” (Второзаконие 4:6).

Еве ја единствената заштита на личната чесност, непорочноста на домот, благосостојбата на општеството и стабилноста на народот! Среде сите животни потешкотии, опасности од противречни барања, единственото сигурно правило е да се прави она што Бог го вели: „Господовите повелби се праведни” и „кој постапува така нема да се колеба никогаш” (Псалми 19:8; 15:5).