Воздржување и диететика

Илустрација за поглавјето „Воздржување и диететика“

Воспитување

Воздржување и диететика

„Секој што се бори, се воздржува од сѐ"

(1. Коринтјаните 9:25)

Секој ум мора да ја разбере врската помеѓу едноставниот начин на живот и силниот интелект. На нас лично е да одлучиме дали со нашиот живот ќе управува умот или телото. Младите мораат, секој за себе, да одлучат како ќе го обликуваат својот живот; и не смеат да се штедат никакви напори за да се запознаат силите со кои тие се соочуваат и влијанијата кои го одредуваат карактерот и судбината.

Невоздржливоста е непријател од кој сите мораат да се чуваат. Наглото ширење на ова страшно зло треба да поттикне секого што се грижи за човечкиот род да се бори против него. Праксата во училиштата да се даваат поуки за темите поврзани со трезвеноста, е чекор во добра насока. Такви поуки би требале да се даваат во секое училиште и во секој дом. Младите и децата треба да разберат дека алкохолот, тутунот и другите слични отрови со своето влијание го разурнуваат телото, го затемнуваат умот и духот го прават телесен. Мора да се објасни дека секој што ги употребува овие отрови не може долго да ја задржи полната сила на своите физички, ментални и морални способности.

Но, за да го пронајдеме коренот на издржливоста, мораме да одиме подлабоко отколку што се уживањето во алкохолот или тутунот. Безделничењето, бесцелноста или лошото друштво можат да приготват пат за невоздржливоста. Честопати тие причини можат да се најдат на семејната трпеза, во семејствата кои себеси се сметаат за строго умерени. Сѐ што го попречува варењето на храната, што непотребно го возбудува духот, или на било кој начин го ослабнува организмот, нарушувајќи ја рамнотежата на менталните и физичките сили, ја слабее контролата на умот над телото и така наведува на невоздржливост. Падот на многу талентирани млади животи може да им се припише на неприродните апетити, кои биле предизвикани од штетната исхрана.

Чајот и кафето, зачините, слатките, колачите со богат фил, сето тоа се активни предизвикувачи на лошо варење. Месото е, исто така, штетно. Неговото по природа стимулативно дејство би требало да биде доволна причина против неговата употреба; а речиси општата раширеност на болести кај животните двојно ја зајакнува оваа причина. Тоа ја засилува нервната раздразливост и ги побудува страстите, на тој начин пореметувајќи ја рамнотежата на силите во корист на пониските инстинкти.

Оние кои ќе се навикнат на богата и стимулативна исхрана, по некое време ќе согледаат дека желудникот веќе не им е задоволен со едноставна храна. Тој бара се позачинета, се полута и се постимулативна храна. Бидејќи нервите се пореметени, а организмот ослабнат, волјата е навидум немоќна да им се спротивстави на неприродните апетити. Нежната слузокожа на желудникот станува толку надразнета и воспалена што и најзачинетата храна веќе не овозможува никакво задоволство. Се јавува жед која не може да ја згасне ништо освен силен пијалак.

Треба да се чуваме од почетоците на злото. При подучувањето на младите треба мошне јасно да се нагласи до какви последици доведува навидум малото оддалечување од она што е право. Учениците треба да бидат поучени на вредноста на едноставната и здрава исхрана во спречувањето на желбите за неприродни стимулативни средства. Мошне рано треба да се воспостави навика за владеење со себеси. Младите мораат да бидат проткаени со помислата дека мораат да бидат господари, а не робови. Бог нив ги назначил за владетели на царството кое е во нив, и тие мораат да се служат со царската власт што им е дадена од Небото. Ако ваквите поуки се даваат совесно, последиците од тоа ќе се почувствуваат далеку вон кругот на младите. Со тоа влијание ќе бидат опфатени и спасени илјадници мажи и жени кои се наоѓаат на самиот раб на пропаста.

Исхраната u умствениот развој

На проблемот на влијанието на исхраната врз умствениот развој мора да му се посвети далеку поголемо внимание отколку што беше случај досега. Умната несреденост и тромост се чести последици од грешките во исхраната.

Често се тврди дека апетитот е сигурен водич при изборот на храната. Тоа би можело да биде вистина кога секогаш би се слушале законите на здравјето. Но, со лошите навики кои се пренесувале од генерација во генерација, апетитот толку се изопачил што постојано копнее за некои штетни уживања. И затоа сега не може да му се верува како на водич.

При проучувањето на хигиената, учениците мораат да се запознаат со хранливата вредност на различните продукти. Мораат да им се објаснат последиците од засилената и стимулативна исхрана, како и од употребата на продукти на кои им недостасуваат некои хранливи состојки. Чајот и кафето, белиот леб, киселите краставички во оцет, зеленчукот со лош квалитет, слатките, зачините и колачите од лиснато мрсно тесто не нѐ снабдуваат со потребните хранливи состојки. Многу ученици доживеале слом поради употреба на ваква храна. Многу слаби деца, неспособни за силен напор на умот и телото, се жртви на осиромашена исхрана. Житариците, овошјето, зрнестите плодови и зеленчукот, во правилна комбинација, ги содржат сите прехранбени елементи; и кога ќе се подготват на соодветен начин, ја сочинуваат исхраната која најдобро ги развива и физичката и умствената сила.

Треба да се имаат предвид не само својствата на храната туку и потребите на оној што ја зема. Храната што слободно можат да ја земаат луѓе кои се занимаваат со физичка работа, честопати мораат да ја одбегнуваат оние чија работа е претежно од умствена природа. Исто така, треба да се посвети внимание и на правилната комбинација на продуктите. Умствените работници и оние кои својата работа ја извршуваат седејќи, не би смееле да земаат многу различни видови јадење во текот на еден оброк.

Треба да се чуваме од прекумерно јадење дури и на најздравата храна. Природата не може да употреби повеќе отколку што е потребно за изградбата на различни телесни органи, а претерувањето го оптоварува организмот. За многу ученици се мислело дека доживеале слом поради прекумерно учење, додека вистинската причина била прекумерното јадење. Кога на законите на здравјето им се подарува соодветно внимание, нема многу опасности дека умот ќе се преоптовари; меѓутоа, многу случаи на таканаречено „откажување” на умот можат да му се припишат на преоптоварувањето на желудник кое го заморило телото и го ослабнало умот.

Во најголем број случаеви е подобро да се земаат два, наместо три оброка. Ако вечерата се земе порано, се попречува варењето на претходниот оброк. Ако се земе подоцна, ни самата нема да биде сварена пред заминувањето во постела. Така на желудникот не му се овозможува потребниот одмор. Сонот се пореметува, мозокот и нервите се заморуваат, апетитот за време на појадокот е ослабнат, а целиот организам е неосвежен и неподготвен за дневните обврски.

Не смее да се занемари важноста на редовноста во времето одредено за јадење и спиење. Бидејќи изградувањето на телото се извршува во текот на часовите за одмор, многу е важно, особено за младите, сонот да биде редовен и изобилен.

Колку е тоа можно, треба да се одбегнува нагло внесување на храната. Колку е покусо времето за обедување, толку помало количество храна треба да се земе. Подобро е да се испушти оброк, отколку недоволно да се соџвака храната.

Времето за јадење треба да биде можност за взаемно дружење и освежување. Сѐ што би можело да оптовари или раздразни, треба да биде отстрането. Треба да се негува доверба, љубезност и благодарност кон Давателот на сѐ што е добро, па и разговорот ќе биде радосен, пријатна размена на мисли која ќе подигнува, наместо да заморува.

Умереноста и редовноста во сѐ имаат прекрасна сила и тие повеќе ќе придонесат за развивање на пријатно и ведро расположение, кое толку вреди во разубавувањето на нашата животна патека, отколку околностите или вродената талентираност. Истовремено, така добиената способност на самосовладување ќе се покаже како најскапоцено орудие за успешно соочување со непријатните должности и факти на кои наидува секое човечко суштество.

Патиштата на мудроста се „пријатни и сите нејзини патеки се полни со мир” (Изреки 3:17). Секое момче во нашата земја, на кое му се укажува можност да постигне повеќе од крунисаните глави, треба да размислува за поуката што се крие во зборовите на мудриот човек: „Блазе ти, земјо, кога… твоите кнезови јадат на време, за да се поткрепат, а не за преситување!” (Проповедник 10:17).