Историјата и пророштвото

Воспитување
Историјата и пророштвото
„Кој го кажа тоа од стари времиња?
Нели Јас, Господ? Нема друг Бог освен Мене"
(Исаија 45:21)
Библијата е најстарата и најпотполна историја што луѓето ја имаат. Таа потекла чиста од изворите на вечната вистина, а божествената рака низ вековите ја чувала нејзината неизвалканост. Таа го расветлува далечното минато, во кое луѓето со истражување залудно се обидувале да навлезат. Единствено во Божјата Реч ја гледаме силата која ги положила темелите на Земјата и ги раширила небесата. Единствено тука наоѓаме веродостоен извештај за потеклото на народите. Единствено тука историјата на нашиот род е дадена неосквернета со човечка суета или предрасуди.
Во аналите на човековата историја, подемот на народите, подигнувањето и паѓањето на царствата, навидум зависат од волјата и јунаштвото на луѓето. Се чини дека развојот на настаните во голема мерка е одреден од нивната сила, амбиција или каприци. Но, во Божјата Реч завесата е потргната настрана и ние, зад, над, и во сите игри и против-игри на човечките интереси, сила и страсти, ги гледаме орудијата на Семилостивиот кои тивко и трпеливо ги остваруваат намерите на Неговата волја.
Библијата ја открива вистинската филозофија на историјата. Во овие зборови со ненадмината убавина и нежност што апостол Павле ги изговорил пред мудреците на Атина, е изразена божествената намера при создавањето и распоредувањето на расите и народите: „Тој од една крв го создаде целиот човечки род, и да се насели по лицето на целата земја и им определи одредени времиња и граници на нивните живеалишта, за да Го бараат Господа; не би ли го напипале и нашле некако" (Дела 17:26,27). Бог објавил дека секој што сака може да дојде „во врските заветни”. При создавањето, Негова намера била Земјата да биде населена со суштества чие постоење ќе биде на благослов и за нив самите и за нивните ближни и на чест на нивниот Создател. Сите кои го сакаат тоа можат да постапуваат во согласност со оваа намера. За нив е речено: „Овој народот јас го создадов за Себеси, тие ќе ја развестуваат Мојата слава” (Исаија 43:21).
Во Својот закон Бог ги открил принципите кои се темел на секој вистински успех како на народите така и на поединците. „Тоа ќе биде ваша мудрост и ваш разум” – им рекол Мојсеј на Израелците во врска со Божјиот Закон. „Тоа не е за вас празно слово, зашто тоа е ваш живот” (Второзаконие 4:6; 32:47). Благословите кои на овој начин му се гарантирани на Израилот, под истите услови и во иста мерка му се загарантирани на секој народ и секој поединец под целото небо.
Секој земски владетел ја примил својата моќ од Небото; и неговиот успех зависи од тоа како се служи со власта која на тој начин му е доверена. На секого му е упатено словото на божествениот Стражар: „Иако не Ме познаваш, јас те препашав” (Исаија 45;5). И за секого, зборовите кои некогаш му биле изговорени на Навуходоносор, се животна поука: „Искупи ги своите гревови со праведност и своите беззаконија со милосрдие спрема бедните, за да ти продолжи мирот” (Даниел 4:27).
Да се разбере ова – да се разбере дека „праведноста го возвишува народот”, дека „престолот се зацврстува со праведност” и дека „со милоста го одржува својот престол” (Изреки 14:34; 16:12; 20:28); да се препознае примената на овие принципи во покажувањето на Неговата моќ која „ги руши и ги поставува царевите” (Даниел 2:21) – значи да се разбере филозофијата на историјата.
Тоа е јасно претставено само во Божјата Реч. Тука е покажано дека силата на народите, како и на поединецот, не е во можностите или во околностите кои, навидум, ги прават непобедливи; таа не е ниту во нивната самофална големина. Таа се мери со верноста со која ја исполнуваат Божјата намера.
Приказ на оваа вистина наоѓаме во историјата на стариот Вавилон. На царот Навуходоносор вистинската цел на државната управа му била симболично прикажана со едно големо дрво, чија височина „му стигна до небото и се гледаше од сите краиштата на земјата; лисјата негови – многу убави, и плодовите на него – многубројни, и храна на него имаше за сите; под него наоѓаа сенка ѕверовите полски, а по гранките негови си правеа гнездо птиците небески” (Даниел 4:11,12). Оваа слика го покажува карактерот на владата која ја исполнува Божјата намера – влада која ја штити и изградува нацијата.
Бог го издигнал Вавилон за да ја исполни оваа намера. Тој народ го следеле успеси сѐ додека не го постигнал врвот на богатството и моќта, на кои никој по него не се приближил – врв кој во Писмото е прикладно претставен со симболот „глава од злато” (Даниел 2:38).
Но царот пропуштил да ја признае силата која го возвишила. Во горделивоста на своето срце Навуходоносор рекол: „Не е ли тоа големиот Вавилон што јас го изградив за да ми биде царска престолнина – со силата на својата моќ за слава на моето величество” (Даниел 4:30).
Наместо да биде заштитник на луѓето, Вавилон станал горделив и суров угнетувач. Опишувајќи ја суровоста и алчноста на владетелите во Израелот, вдахновената Реч ја открива тајната на падот на Вавилон и на многу други царства од почетокот на светот: „Се храните со масно месо, се облекувате со волна, колете дебели овни, а не ги пасете стадата. Не ги поткрепувате немоќните, не ги лечите болните, не ги преврзувате ранетите, не ги доведувате назад заскитаните, не ги барате загубените, туку господарите со нив преку насилие и жестокост” (Езекиел 34:3,4).
На владетелот на Вавилон му била изречена осуда од страна на божествениот Стражар: „Тебе ти се објавува цару Навуходоносору: царството ти е одземено” (Даниел 4:31).
„Снижи се, седни во правот, девице,
вавилонска ќерко;
седни на земјата без престол…
седи молчејќи, повлечи се во темнина,
халдејска ќерко.
Зашто нема веќе да те викаат
владетелка на царствата”.
„О, ти што престојуваш крај големите води,
и што си богат со секакви блага!
Сега ти дојде крајот твој
и свршетокот на твојата лакомост”.
„Вавилон, украс на царствата,
убавина и горделивост халдејска,
ќе биде како Содом и Гомор кога Бог ги сотре”.
„Ќе им го дадам во посед на ежовите и мочуриштата, ќе го изметам со истребувачка метла, вели Господ Саваот” (Исаија 14:23).
На секој народ кој се појавил на сцената на настаните му било дозволено да го заземе своето место на Земјата за да може да се види дали ќе ја исполни намерата на „Стражарот и Светецот” (Даниел 4:13). Пророштвото го најавило подемот и падот на големите светски царства – Вавилон, Медо-Персија, Грција и Рим. Со секое од нив, како и со народите чија што моќ била помала, историјата се повторувала. Секое царство поминало низ период на проба, секое изневерило, славата му избледела, моќта исчезнала, а неговото место го зазело друго царство.
Иако народите ги отфрлувале Божјите принципи, и со тоа отфрлување ја предизвикувале својата сопствена пропаст, сепак било очигледно дека божествената семоќна намера се исполнувала во сите нивни движења.
Оваа поука е дадена со прекрасен симболичен приказ кој му бил даден на пророкот Езекиел за време на неговото прогонство во земјата на Халдејците. Ова видение било дадено во мигот кога Езекиел бил скршен од тажни сеќавања и тешки претчувства. Земјата на неговите татковци била опустошена, Ерусалим без жители, самиот пророк бил странец во земја во која владееле честољубие и суровост. Додека на сите страни гледал тиранија и зло, неговата душа ја обземала тага и тој деноноќно тажел. Но симболите што му биле покажани откриле една сила повисока од силата на земските владетели.
На брегот на реката Хевар, Езекиел здогледал виор кој навидум доаѓал од север, „голем облак, пламнат оган обвиткан самиот себеси, и блескот имаше околу него, и среде него светлина како боја од злато”. Четири живи суштества придвижувале многу тркалата кои меѓусебно се вкрстувале. Високо над сето тоа „беше нешто како каменот сафир, како престол: на тоа како престол, горе на него, слично на некој човек”. „А под херувимските крила се покажа нешто како човечка рака” (Езекиел 1:4,26; 10:8). Тркалата биле толку комплицирано распоредени што на прв поглед сето тоа личело на хаос; но тие се движеле во совршена хармонија. Небесните суштества, одржувани и водени со раката под крилјата на херувимите, ги придвижувале тркалата; над нив, на престол од сафир, бил Вечниот; а околу престолот виножито, знак на божествената милост.
Како што компликуваниот механизам на тркалата се наоѓал под управата на онаа рака под крилјата на херувимите, така и сложената игра на човечките настани се наоѓа под божествена контрола. Среде судирите и вревата на народите, Оној Кој седи над херувимите и денес сѐ уште управува со работите на оваа Земја.
Историјата на народите кои еден по друг го заземале своето одредено време и простор, несвесно сведочејќи во прилог на вистината чија смисла самите не можеле да ја сфатат, ни се обраќа и на нас. На секој народ и на секој поединец денес, Бог му одредил место во Својот голем план. Денес луѓето и народите се мерат со висулецот во раката на Оној кој не прави грешки. Сите тие со својот сопствен избор ја одредуваат својата судбина, а Бог се води на начин на кој се исполнуваат Неговите намери.
Историјата која големиот ЈАС СУМ ја зацртал во Својата Реч, соединувајќи ја алка по алка во еден пророчки синџир, од вечноста во минатото до вечноста во иднината, ни кажува каде сме денес во одот на вековите, и што може да се очекува во времето што ќе дојде. Сѐ што пророштвото објавило дека ќе се случи сѐ до нашите денови, е забележано на страниците на историјата, и ние можеме да бидеме сигурни дека по својот ред ќе се исполни и сѐ она што сѐ уште треба да се случи.
Конечната пропаст на сите земски царства е јасно проречена во Речта на вистината. Во пророштвото објавено при изрекувањето на Божјата осуда врз последниот цар на Израелот, е дадена веста:
„Вака вели Господ: Соблечи ја митрата и одложи ја круната!… кој се возвишил, ќе биде понижен, и кој се понижил, треба да биде воздигнат. Јас ќе ја соборувам круната, ќе ја соборувам, ќе ја соборувам и веќе нема да ја има, додека не дојде Оној чија што треба да биде; и Нему ќе Му ја дадам” (Езекиел 21:31,32).
Круната земена од Израелот последователно преминувала низ царствата на Вавилон, Медо-Персија, Грција и Рим. Бог вели: „И веќе нема да ја има, додека не дојде Оној чија што треба да биде; и Нему ќе Му ја дадам”.
Ова време е блиску. Денес знаците на времето најавуваат дека стоиме на прагот на големи свечени настани. Сѐ во нашиот свет е зовриено. Пред нашите очи се исполнува пророштвото на Спасителот за настаните што му претходат на Неговото доаѓање: „Ќе чуете за војни и гласови за војни… Зашто ќе се дигне народ против народ, и царство против царство: и ќе има глад и помор и земјотреси на разни места” (Матеј 24:6,7).
Сегашното време е особено важно за сите живи. Владетелите и државниците, луѓе на доверливи положби и со авторитет, мисловните припадници на сите општествени слоеви, го насочиле своето внимание на настаните што се одигруваат околу нас. Тие ги следат напнатите и немирни меѓународни односи. Ја набљудуваат сѐ посилната активност на сите земски елементи и сфаќаат дека нешто големо и одлучувачко наскоро ќе се случи – дека светот се наоѓа на прагот на една страотна криза.
Ангелите сега ги задржуваат ветровите на судирот да не дуваат сѐ додека светот не биде предупреден на судбината што му се заканува; но бурата се подготвува, готова да ја опустоши Земјата; и кога Господ ќе им заповеда на своите ангели да ги одврзат ветровите, ќе избие таков судир што ниту едно перо нема да може да го опише.
Библијата, и само Библијата правилно ги опишува сите настани. Во неа се откриени големите завршни сцени од историјата на нашиот свет, настани во чија сенка веќе се наоѓаме; од татнежот на нивното приближување Земјата трепери, и човечките срца се исполнуваат со страв.
„Ете, Господ ја опустошува земјата и ја прави неплодна; ја изобличува и ги распрснува оние што живеат на неа… зашто тие ги прекршија законите, го изменија уставот, го нарушија вечниот завет… затоа проклетство ја јаде земјата, а жителите нејзини трпат казна … престана веселбата со тимпани; молкна вревата на оние што се веселеа; стивнаа звуците на харфите” (Исаија 24:1-8)
„О, каков ден! Зашто Господовиот ден е близу и доаѓа како запустување од Севишниот… зрната се изгниени под грутките; пусти се житниците, срушени се амбарите, зашто снема жито. Како воздивнува добитокот! Здивени стада говеда, скитаат, зашто им нема пасиште. Па и стада овци ја поднесуваат казната” (Јоил 1:15,17,18).
„Срцето ми се раскинува… не можам да молчам зашто ти слушаш душо моја, звук од труба, боен повик. Соопштуваат гибел врз гибел, сета земја е ограбена” (Еремија 4:19, 20)
„Ја гледам земјата: пуста е, еве и празна; и небесата – нема на нив светлина. Ги гледам горите: тие треперат, а сите ридови се растресени. Гледам: ете нема човек, сите небесни птици одлетале. Гледам: еве, плодното поле запусте, Господ ги разурна сите градови„ (Еремија 4:23-26).
„О, зашто е голем овој ден, сличен нему не бил! Време на неволја е за Јакова, но ќе се избави од неа” (Еремија 30:7).
„Ајде народе Мој, влези во собите и затвори ги вратите зад себе. Скриј се за миг, додека не помине гневот” (Исаија 26:20).
„Зашто ти од направи од Господа
кој е мое засолниште,
Дури Севишниот ти го избра за твоја закрила.
Нема да те најде несреќа,
зло нема да се приближи до твојот шатор” (Псалм 91:9,10)
„Моќниот Господ, Бог прозбори,
ја повика земјата од изгрејсонце до зајдисонце.
Од прекрасниот Сион, Бог заблиста:
нашиот Бог доаѓа и не молчи”.
„Тој ги повикува одозгора небесата и земјата,
за да му суди на Својот народ;
Небесата ја објавуваат Неговата праведност:
Зашто Тој е Бог судија”. (Псалм 50:1-3; 50:4-6)
„Сионска ќерко… таму ќе те откупи Господ од рацете на твоите непријатели. А сега многу народи се собраа против тебе. Тие зборуваат: ‘Нека се обесчести, нашите очи нека се наситат со Сион!’ Но Господовите мисли тие не ги знаат и не ги разбираат Неговите намери” (Михеј 4:10-12). „Те викаа: ‘Истераната’ и ‘Сионка за која никој не прашува.’ „Господ зборува вака: ‘Еве ќе ја изменам судбината на Јакововите шатори ќе им се смилувам на неговите шатори” (Еремија 30:17,18).
„И ќе се рече во тој ден:
Ете, Овој е нашиот Бог, во Него се надевавме,
Тој ќе не спаси;
Тој е Господ, Него го чекавме!
Да се возрадуваме и веселиме
на Неговото спасение”.
„Тој ќе ја проголта смртта засекогаш;… ќе го симне срамот на Својот народ од целата земја: зашто Господ рече така” (Исаија 25:9,8)
„Погледај на Сион, градот на нашите празници: твоите очи ќе го видат Ерусалим, мирно престојувалиште, непоколеблива скинија… Зашто Господ е наш судија, Господ е наш Законодавец, Господ е наш Цар” (Исаија 33:20-22).
„Ќе им суди по праведност на бедните, и прав суд ќе им изречува на бедните на земјата” (Исаија 11:4).
Тогаш ќе се исполни Божјата намера; сите кои живеат под сонцето ќе ги почитуваат принципите на Неговото царство.
„Веќе не ќе се слуша за насилство во твојата земја,
ни за запустување и разурнување на твое подрачје.
Своите ѕидови ќе ги наречуваш Спасение
својата врата – Слава”
„Ќе бидеш основана на праведност.
Ќе бидеш далеку од насилства;
бидејќи ќе нема од што да се плашиш;
далеку ќе биде од тебе и ужасот,
зашто тој нема да ти се доближи”
(Исаија 60:18; 54:14)
Пророците на кои им биле откриени овие големи сцени копнееле да го разберат нивното значење. Тие „бараа и… испитуваа внимателно… на кое и на какво време посочуваше Христовиот Дух, Кој беше во нив… ним им беше откриено дека не служеа за себе, туку за вас со ова што сега ви го објавија… во што ангелите сакаат да вникнат” (1. Петрово 1:10-12).
За нас кои стоиме на прагот на нивното исполнување, колку длабоко значење имаат и колку жив интерес разбудуваат овие описи на она што ќе дојде – описи на настаните кои Божјите деца ги очекувале, на кои внимавале, по кои копнееле и за кои молеле откако нашите прародители ја напуштиле едемската градина!
Во ова време, пред големата конечна криза, како и пред првото уништување на светот, луѓето се занесени во уживања и задоволувања на телесните желби. Окупирани со она што е видливо и поминливо, тие го загубиле предвид она што е невидливо и вечно. Ги жртвувале непропадливите богатства за она што со употреба се истрошува. Нивниот ум треба да се издигне, нивниот поглед на живот да се прошири. Тие мораат да се разбудат од мртвилото на световните соништа.
Од издигнувањето и пропаѓањето на народите, кое е толку јасно прикажано на страниците на Светото писмо, тие треба да научат колку е безвредна славата ако е само надворешна и световна. Вавилон, со сета своја моќ и сјај, какви што светот оттогаш нема видено – моќ и сјај кои на луѓето од тоа време им изгледале толку стабилни и трајни – исчезнал без трага! Пропаднал како „полски цвет"! Така пропаѓа сѐ што не е втемелено на Бога. Непоминливо може да биде само она што е во согласност со Неговите намери и што е одраз на Неговиот карактер. Неговите принципи се единственото трајно нешто во овој свет.
Овие големи вистини треба да ги научат и старите и младите. Ние мораме да го проучуваме остварувањето на Божјата намера како во историјата на народите така и во откровението на идните настани, за да можеме да ја процениме вистинската вредност на она што може и на она што не може да се види; да можеме да разбереме што е вистинската цел на животот; да можеме, гледајќи го она што е минливо во светлината на вечното, да го исползуваме минливото на најдобар и најблагороден начин. И така, учејќи ги тука принципите на Неговото царство и станувајќи негови поданици и граѓани, ние можеме да се подготвиме да влеземе со Него во Неговиот имот, кога Тој ќе дојде.
Тој ден е пред вратата. Времето што останува е мошне кусо за поуките кои треба да се научат, за работата што треба да за изврши и за преобразувањето на карактерот што треба да се постигне.
„Еве што се зборува во Израилевиот дом; ‘Видението, што тој го виде е за далечни денови! Пророкува за далечни времиња!’ Затоа речи им: ‘Господ Бог, зборува вака: ‘Ниедно Мое слово нема веќе да се одложи! Што реков, речено е и сѐ ќе се исполни! – Говори Господ Бог” (Езекиел 12:27,28).
