Каде да пронајдеме место за својот дом?
Адвентен дом
Каде да пронајдеме место за својот дом?
Начела коишто треба да нѐ раководат во изборот на место за дом. – Бирајќи место за нашиот дом, Бог пред сѐ сака да ги имаме на ум моралните и верски влијанија кои ќе нѐ опкружуваат нас и нашето семејство. {АД 131.1}
Треба да одбереме такво друштво коешто ќе има најповолно влијание на нашиот духовен напредок, да ја искористиме секоја помош која ни се нуди. Сатаната ќе се труди што повеќе да ги умножи пречките за да го направи што потешко нашето напредување кон небото. Можеме да дојдеме и во тешка положба, затоа што човекот не може секогаш да ја одбира својата околина, но, во секој случај, не смееме своеволно да се изложиме на влијание кое е неповолно за изградба на христијански карактер. Ако должноста нѐ принуди да дојдеме во неповолна средина, треба да ја дуплираме будноста и молитвата за Христовата милост да нѐ сочува од расипаност. {АД 131.2}
Евангелието нѐ учи… да ги почитуваме нештата според нивната вистинска вредност и да вложиме напори за она што е од највисока вредност она што останува. Оваа поука е потребна на оние на кои почива одговорноста за избор на местото за свој дом. Тие не смеат да дозволат да бидат одвратени од највозвишената цел… {АД 131.3}
Во потрагата по местото за вашиот дом, во изборот, нека ве води оваа цел. Чувајте се од желбите за богатство, барањата на модата или обичаите на општеството. Мислете за она што ќе придонесе најмногу во едноставноста, чистотата, здравјето и вистинските вредности… {АД 131.4}
Наместо да живеете таму каде можат да се видат само делата на човечките раце, каде што она што се гледа и слуша често создава зли мисли, каде што вревата и метежот предизвикуваат умор и немир, одете таму каде што ќе ги гледате Божјите дела. Побарајте мир за духот во убавината и суштината на природата. Вашето око нека се задржи на зелените полјани, шумите и бреговите. Гледајте го синото небо, ослободено од градскиот чад и прав и вдишете го оживувачкиот небесен воздух. {АД 131.5}
Првиот дом како пример. – Домот на нашите први родители би требало да стане пример за домовите на нивните деца, кога тргнале да ја населат Земјата. Тој прв дом, украсен со Божјата рака не била некоја блескава палата. Во својата злоба, луѓето уживаат во величествени и скапоцени живеалишта и се фалат со делата на своите раце; меѓутоа, Бог на Адам му дал место во градината. Тоа требало да биде негов дом. Синото небо било покрив, земјата, украсена со прекрасно цвеќе и тепих од живо зеленило била под, додека зелените гранки на величествените дрвја биле настрешница. Ѕидовите на тој дом биле украсени со величествени украси дела на големиот Уметник. Околината на домот на светиот пар била поука за сите времиња: вистинската среќа не се наоѓа во попуштање на злобата и луксузот, туку во заедница со Бога преку Неговите дела. Кога луѓето помалку би обрнувале внимание на она што е вештачки направено и кога би развиле поголема едноставност, би дошле поблиску до исполнувањето на Божјите намери при нивното создавање. Злобата и честољубието никогаш не можат да се за дозволат. Но оние кои се навистина мудри ќе најдат вистинско и возвишено задоволство на изворите на радост, коишто Бог на сите им ги ставил на дофат на раце. {АД 132.1}
Бог го одбра земниот дом за Својот Син. – Исус дошол на оваа Земја за да ја изврши најголемата работа којашто никогаш дотогаш не била направена помеѓу луѓето. Тој дошол како Божји пратеник, да ни покаже како да живееме за да ги постигнеме најголемите животни резултати. Кои услови Бесконечниот Татко ги одбрал за својот Син? Скромен дом помеѓу галилејските ридови; семејство кое се издржувало со чесна работа, живот на едноставност; секојдневно соочување со тешкотиите и сиромаштијата; самопожртвуваност, штедливост и трпелива радосна служба; секојдневно проучување покрај мајката, со отворени страници на Светото писмо; тишина на зората или залезот во зелената долина; света служба на природата; проучување за создавањето, за пророштвата и заедницата на душата со Бога тоа биле ситуациите и можностите во Исусовиот ран живот. {АД 132.2}
Домовите во Ветената земја. – Воспитанието кое започнало во пустината, продолжило во Ветената земја под околности коишто биле поповолни за создавање на добри навики. Луѓето овде не живееле во густо населени градови туку секое семејство имало свој имот, кој на сите им обезбедувал благослов на добро здравје и природен и нерасипан живот. {АД 133.1}
Влијанието на средината врз развојот на Јовановиот карактер. – Христовиот гласник, Јован Крстител, го добил првото воспитание од своите родители. Најголем дел од својот живот го поминал во пустината… самиот одлучил да се откаже од уживањето и раскошот на градскиот живот, кој го заменил со строг живот во пустината. Таа околина помогнала во создавањето на навики на едноставност и самоодрекување. Непопречен од вревата на овој свет, тој можел да ги проучува поуките од природата, од откровението и од провидението… Од детството му е укажувано на неговата задача и тој ја прифатил светата доверба. За него самотијата во пустината била полезно излегување од општеството во кое преовладувало презир, неверство и валканост. Тој не се посомневал во својата моќ да се спротивстави на искушението и да го избегне постојаниот контакт со гревот, кој би направил да ја изгуби смислата и тежината на гревот. {АД 133.2}
Други големци подигнати во едноставни домови. – Така било и кај повеќето најдобри и најоблагородени луѓе на сите времиња. Читајте ја историјата за Авраам, Јаков и Јосиф, за Мојсеј, Давид и Елисеј. Проучувајте го животот на луѓето во плодните времиња, кои стоеле на најдоверливите и најодговорни места. {АД 134.1}
Колку од нив се подигнати во едноставни домови. Малкумина од нив знаеле за раскош. Младоста не им проаѓала во забави. Мнозина морале да се борат со сиромаштија и во немање. Рано научиле да работат, а нивниот активен живот на отворено поле им дал сила и вредност за сите нивни способности. Натерани да се потпрат на себе си, научиле да се борат со тешкотиите и да ги совладуваат препреките; така стекнале храброст и истрајност. Тие ги прифатиле поуките за самодоверба и владеење со себе си. Заштитени од лошото друштво, уживале во природната разонода и доброто друштво. Биле едноставни во својот вкус и умерени во своите навики. Ги раководеле начелата и тие израснале во чистота, сила и вистина. А кога биле повикани за своето животно дело, во него ја внеле сета сила на телото и умот, и живоста на духот, способноста да планираат и да ги исполнуваат плановите и истрајност во спротивставување на злото што ги направило сила за доброто на овој свет. {АД 134.2}

