Заеднички обврски

Адвентен дом

Заеднички обврски

Секој има свои одговорности. – Двајца кои својот интерес го поврзале за цел живот имаат одредени особини и лични одговорности. Секој ќе има своја работа, а жените не треба да се ценат според обемот на работа кој можат да го завршат како што го правиме тоа со животните. Жената треба да биде украс за семејниот круг како сопруга и пријател на разумниот маж. На секој чекор таа треба да се праша: “дали тоа е мерка за вистинска женственост? И: „Како своето влијание во домот ќе го направам да биде слично на Христовото“? Сопругот треба да ѝ стави до знаење на својата сопруга дека ја цени нејзината работа. {АД 114.1}

Жената треба да го почитува својот сопруг. Сопругот е должен да ја сака и охрабрува својата сопруга. Како што нивниот брачен завет ги соединува, така и нивната вера во Христа треба да ги соедини во Него. Ништо не може толку да му угоди на Бога, како што можат оние што влегле во заедницата брак и што настојуваат да учат од Исуса и да бидат сѐ повеќе вдахновени со Неговиот Дух. {АД 114.2}

Сега треба да ги исполнувате обврските кои што пред брак не сте ги имале. „Облечете се… во добрина, понизност, кроткост, трпение”. „Живејте во љубов, како што и Христос нѐ сакал нас“. Обрнете внимание на следново упатство: „Жени, слушајте ги своите мажи како Господа. Затоа што мажот е глава на жената како што и Христос е глава на црквата… Но како што црквата го слуша Христа така и жените да ги слушаат своите мажи во сѐ. Мажи, сакајте ги своите жени, како што Христос ја сака црквата и Себеси се предаде за неа“. {АД 114.3}

Божјо упатство за Ева. – На Ева ѝ било кажано дека отсега ќе ја очекува тага и болка. Господ ѝ рекол: „И твоите желби ќе бидат под власт на твојот маж, и тој ќе ти биде господар“. При создавањето, Бог ја изедначил со Адам. Да останале послушни на Бога во согласност со Неговиот голем закон на љубовта тие засекогаш би останале во склад еден со друг; но гревот внел раздор и нивната заедница можела да се одржи и сочува само ако едниот се покори на другиот. Ева прва згрешила и паднала во искушение затоа што се одвоила од својот партнер што било против Божјото упатство. Адам паднал во грев поради нејзиното наговарање и затоа таа е ставена под власт на својот сопруг. Доколку отпаднатиот човечки род ги почитувал начелата кои ги содржи Божјиот закон, оваа пресуда, иако била последица на гревот, би била благослов на луѓето. Меѓутоа, злоупотребата на првенството кое мажот го добил често ја правело несреќна судбината на жената, а нејзиниот живот тежок. {АД 115.1}

Ева била целосно среќна покрај својот сопруг во својот едемски дом. Меѓутоа, како и кај немирните современи Еви, и неа ѝ била привлечна надежта дека ќе добие поголема позиција од онаа којашто Бог ѝ ја одредил. Настојувајќи да се подигне над таа положба, таа паднала длабоко под неа. Сличен крај ќе доживеат сите оние кои немаат желба со радост да ги прифатат своите животни должности во согласност со Божјиот план. {АД 115.2}

Жени бидете покорни; мажи сакајте. – Често се поставува прашањето: „Зар жените не треба да имаат свои желби“? Библијата јасно ни кажува дека мажот е глава на семејството. „Жени, слушајте ги своите мажи“. Кога овој налог вака би завршил, би можеле да кажеме дека положбата на жената не е на завидно ниво; во многу случаи тоа е многу тешка и мачна позиција и би било подобро кога би имало помалку бракови. Мнозина мажи застануваат на следниве зборови: „Жени, слушајте..”., но ние ќе го прочитаме налогот до крај, а тој гласи: „како Господа“. {АД 115.3}

Бог очекува жените пред себе постојано да го имаат Божјиот страв и Неговата слава. Целосна покорност му припаѓа само на Господа Исуса Христа, кој ја купил со бескрајна цена на својот живот да биде Негово дете. Бог ѝ дал совест, која не може да ја прекрши, а да не добие казна. Нејзината личност не смее да исчезне во личноста на нејзиниот сопруг, затоа што Христос ја купил. Погрешно е мислењето дека жената со слепа предаденост треба да прави сѐ што мажот ѝ вели, ако знае дека кога така постапува, ќе му нанесе штета на своето тело и дух, кои се откупени од сатанското ропство. Постои еден кој е поголем од нејзиниот маж, тоа е нејзиниот Откупител, а таа треба да биде покорна на својот маж така како што тоа Бог го одредил како Господа. {АД 116.1}

Кога мажите бараат целосна покорност од своите жени, тврдејќи дека жените немаат глас ниту право во домот и дека мораат да покажат целосна покорност, тие ги ставаат своите жени во позиција спротивна на Библијата. Вака толкувајќи го Светото писмо, тие стануваат против неговите правила за брачната заедница. Ваквото толкување е израз на чисто самоволие на кое немаат право. Меѓутоа, во Писмото стои: „Мажи, сакајте ги своите жени и не лутете им се“. Зошто мажот би се лутел на својата сопруга? Ако мажот ги забележува грешките кај неа како и недостатоците, горчината нема да го отстрани злото. {АД 116.2}

Жените да бидат покорни на мажите како и мажите покорни на Христа. – Многу мажи во својот однос кон сопругите не го прикажале правилно Господа Исуса во Неговиот однос кон црквата, затоа што не се држат до Господовиот пат. Тие велат дека нивните жени мораат во се да им се покоруваат. Меѓутоа, Божјата намера не била сопругот да има власт како глава на домот ако и самиот не му се покорил на Христа. Тој мора да биде под водство на Христа за да може да го претстави Христовиот однос кон црквата. Ако е груб, остар, самобендисан, немилостив, себичен и злобен, нека не кажува никогаш дека мажот е глава на жената и дека таа во сѐ мора да му се покорува; затоа што тој не е Господ ниту е сопруг во вистинска смисла на зборот… {АД 117.1}

Мажите треба да го проучуваат споменатиот пример и да настојуваат да го сфатат симболот којшто е кажан во Ефесјаните, за односот на Христа кон црквата. Мажот во своето семејство треба да биде сличен на Спасителот. Дали тој секогаш ќе ја чува својата благородна мажественост предадена на Бога, тежнеејќи да ги подигне својата сопруга и деца? Дали околу себе ќе создава чиста и пријатна атмосфера? Дали истрајно ќе ја негува Исусовата љубов, која за него мора да биде постојано начело во домот, ако бара да се почитува неговиот авторитет? {АД 117.2}

Секој сопруг и татко нека се труди да ги разбере Христовите зборови, но не еднострано, занимавајќи се со покорноста на жената кон мажот туку во светлината на крстот од Голгота, треба да го пронајде своето место во семејниот круг. „Мажи, сакајте ги своите жени како што и Христос ја сака црквата и Себеси се предаде за неа, за да ја освети очистувајќи ја со водено капење со зборови“. Исус се предал Себеси да умре на крстот за, под влијание на Светиот Дух, да може да нѐ исчисти и сочува од секој грев и нечистота. {АД 117.3}

Заедничко трпение. – Мораме да го имаме Божјиот Дух, инаку никогаш нема да живееме усогласено во домот. Ако го има Христовиот дух, сопругата ќе внимава на своите зборови; таа управува со својот дух, ќе биде покорна, а сепак нема да смета дека е робинка туку пријател на својот сопруг. Ако сопругот е Божји слуга, тој нема да господари над својата жена; тој нема да биде себичен и строг. Ако сме притиснати со грижи, не можеме да негуваме дух на семејна љубов, затоа што, ако Господовиот Дух престојува во домот тогаш е претслика на небото… Ако еден погреши, другиот ќе покаже слично трпение како Христовото и нема да се отуѓат. {АД 118.1}

Ниту мажот ниту жената не треба да се обидуваат да владеат еден над друг. Не обидувајте се да го принудувате вашиот брачен другар да се покорува на вашите желби. Ова не можете да го правите и да ја сочувате љубовта еден кон друг. Бидете љубезни, трпеливи и попустливи, чувствителни и учтиви. Со Божјата милост ќе успеете да се усреќите еден со друг, како што тоа сте ветиле во својот брачен завет. {АД 118.2}

Попуштајте си еден на друг. – Мажите и жените во бракот често постапуваат како недисциплинирани, лоши деца. Мажот си го бара своето, а жената своето, и никој нема намера да попушти. Ваква состојба може да доведе до голема несреќа. И мажот и жената мораат да бидат подготвени да си попуштаат еден на друг. Нема изгледи за среќа ако и двајцата упорно настојуваат да го прават она што го сакаат. {АД 118.3}

Сѐ додека сопружниците не го прифатат Христовиот начин на живот, Неговата кроткост и понизност, кај нив ќе се открие нападен, неразумен дух, кој често се гледа и кај децата. Силната и недисциплинирана волја секогаш е подготвена да владее. Таквите треба да ги проучуваат Павловите зборови: „Кога бев мало дете како дете зборував, како дете размислував; кога станав маж, го отфрлив детското“. {АД 118.4}

Совладување на семејните тешкотии. – Тешко е да се совладаат семејните тешкотии дури и тогаш кога сопружниците се обидуваат праведно да ги поделат своите различни должности, ако не го покорат своето срце на Бога. Како мажот и жената можат да ги поделат интересите во својот семеен живот, а и понатаму да се сакаат и почитуваат еден со друг? Тие мораат да имаат заеднички интерес за сѐ што припаѓа во нивниот дом, а сопругата ако е христијанка, ќе има интерес за својот сопруг како другар, затоа што сопругот треба да биде глава во домот. {АД 119.1}

Совет до едно нехармонично семејство. – Твојот дух не е добар. Кога ќе заземеш став, не ги проценуваш доволно работите и не мислиш на последиците, упорно го задржуваш своето гледиште, кое своеволно го внесуваш во своите молитви и разговори, иако знаеш дека твојата жена не го дели твоето мислење. Наместо да ги цениш чувствата на својата жена и љубезно да ги избегнуваш, како што тоа би го направил секој благороден човек, оние работи за кои знаеш дека не се согласувате, ти настојуваш да се занимаваш со неважни прашања и упорно настојуваш да ги истакнеш без оглед на сфаќањата во својата околина. Ти сметаш дека другите немаат право да имаат поинакви погледи од тебе. Таквите плодови не растат на христијанско дрво. {АД 119.2}

Брате мој и сестро моја, отворете ја вратата на своето срце за Исус. Повикајте Го во храмот на својата душа. Помогнете си еден на друг во совладување на тешкотиите, кои се појавуваат во семејниот живот на сите луѓе. Во острата борба морате да го победите својот непријател сатаната, и ако очекувате Бог да ви помогне во таа борба, морате да се соедините и да одлучите да победите, да ги запечатите своите усни да не зборуваат злобни зборови, па ако е потребно паднете на своите колена и извикајте: „Господе, закани му се на непријателот на мојата душа“! {АД 119.3}

Христос создава единство. – Ако се исполни Божјата волја, сопружниците ќе се почитуваат еден со друг и ќе ги негуваат љубовта и довербата. Сѐ што може да го помати мирот и единството во семејството треба одлучно да се отстрани, а да се подигнат љубезноста и љубовта. Оној кој ќе покаже дух на нежност, трпение и љубов, ќе почувствува дека му се враќа со истиот дух. Таму каде што владее Божјиот Дух, нема да се зборува за нескладност на брачната заедница. Ако Христос, надежта за слава, се насели во нас, во домот ќе владее единство и љубов. Христос кој живее во срцето на сопругата целосно ќе се согласува со Христос кој живее во срцето на сопругот. Тие заедно ќе се борат за домовите, кои ги подготвува Христос за оние кои Го љубат. {АД 120.1}