← Назад кон лекцијата

5. Сведоштво

Елена Вајт · Оригинални страници 263–267

Оригинална страница 263Во ________ има луѓе кои би требало да бидат луѓе, а не момчиња, чиишто мисли би требало да бидат насочени кон небото, а не на земјата и сетилноста. Но, нивниот духовен поглед е замрачен; големата љубов на Спасителот не ги освоила нивните души. Тој има многу нешта да ви каже, но вие денес не можете да ги примите. Вие сте деца кои растат и не сте во состојба да ги сфатите Божјите тајни. Бог подигнува луѓе за Своето дело, но тие ќе ја изневерат Неговата доверба ако дозволуваат нивното сведоштво да се прилагодува на сфаќањата на непосветените срца. Тој ги подготвува луѓето за времето што доаѓа. Тоа ќе бидат понизни, богобојазни луѓе, луѓе кои не заостанале ниту се служат со лукавство, туку луѓе кои се морално независни и кои ќе одат во Господен страв. Тоа ќе бидат благи, благородни, учтиви луѓе, кои нема да свртуваат од вистинскиот пат, туку ќе ја објавуваат вистината во праведност, без разлика дали луѓето ќе сакаат да ја слушаат или не. {5С 263.1}

Ми беше покажано дека оние луѓе кои знаат за вистината, а сепак своите способности ги посветуваат на своите земни интереси се неверни. Тие не живеат на тој начин со своите добри дела да го осветлуваат патот на вистината и за другите. Сите нивни копнежи се насочени кон една цел: да станат вешти и лукави луѓе во овој свет. Тие забораваат дека Бог им подарил способности за да ги искористат за напредок на Неговото дело. Ако верно ја вршат својата должност, многу души ќе приведат кон Господа. Но многу се изгубени заради нивната немарност. {5С 263.2}

Оригинална страница 264Бог ги повикува оние што ја познаваат Неговата волја, Неговата реч да ја спроведуваат на дело. Слабоста, малодушноста и неодлучноста ги предизвикуваат нападите на сатаната и оние кои дозволуваат во нив да се развијат овие особини безнадежно ќе потонат во брановите на искушенијата. Од секој кој го исповеда Христовото име се бара да израсне до висината на Христовиот раст, кој е глава на христијанскиот живот. {5С 264.1}

На сите нам ни е потребен водач преку животните неволи, како што на пловецот му е потребен кормилар кој ќе го спроведе меѓу песочните наноси и покрај карпестата река. А каде ќе го најдеме овој водач? Ние, драги браќа, ве упатуваме на Библијата. Вдахновена од Бога, пишувана од свети луѓе, таа јасно и точно ги покажува должностите на старите и младите. Таа го издигнува духот, го скротува срцето и ѝ дава спокој и света радост на нашата душа. Библијата претставува совршено мерило на карактерот; таа е непогрешлив водач во сите прилики, до самиот крај на животниот пат. Земете ја како свој најдобар советник, како правило на својот секојдневен живот. {5С 264.2}

Треба повеќе да ја користиме секоја благодат што ни се дарува за душата сѐ повеќе и повеќе да изобилува со Божјата љубов. "За да можете да го распознавате најдоброто, та да бидете чисти и беспрекорни во денот на Христос, полни со плодот на праведноста, кој е преку Исус Христос" (Филипјаните 1:10, 11). Вашиот христијански живот мора да стане силен и одлучен. Вие сте во состојба да го постигнете високиот степен на совршенство што ви е откриен во Светото Писмо, и вие тоа морате да го постигнете, ако сакате да бидете Божји деца. Не можете да стоите неподвижно, морате да напредувате или да назадувате. Морате да имате духовно сознание за, "вкоренети и утврдени во љубовта, да можете да разбирате со сите светии што е ширина и должина, што е длабочина и височина, и да ја осознаете Христовата љубов што го надминува секое знаење, за да се исполните со сета полнота Божја" (Ефесјаните 3:18, 19). {5С 264.3}

Многу луѓе кои добро ја познаваат вистината и кои се способни да ја бранат со силни докази, не прават ништо за изградба на Христовото царство. Ние ги сретнуваме одвреме навреме, но тие не изнесуваат никакви нови сведоштва за лични искуства во христијанскиот живот, ниту пак ни зборуваат за нови победи задобиени во светата војна. Наместо тоа ќе забележите дека тие секогаш се исти, дека употребуваат исти изрази во молитвата и во обраќањето кон луѓето. Во нивните молитви нема никакви нови мисли, тие не покажуваат подлабоко познавање на Божјите нешта, подлабока и пожива вера. Овие луѓе не се живи билки во Господовата градина, кои пуштаат нови гранки и нови листови и околу себе шират прекрасен мирис на еден свет живот. Тие не се развиваат како христијани. Нивните погледи и цели се ограничени, а нивниот ум ограничен, така што со ништо не ја збогатуваат ризницата на христијанското познавање. Тие и не се трудат во тој правец. Не се научиле да гледаат на луѓето и на нештата како што Бог гледа на нив, така што во многу случаи непосветеното сожалување им штети на душите и во голема мера го осакатува Божјото дело. Ужасно е духовното мртвило кое преовладува денес. Мнозина живеат формален христијански живот и сметаат дека гревовите им се простени, иако се лишени од вистинското познавање за Христа како и секој грешник. {5С 264.4}

Оригинална страница 265Браќа, сакате ли да се ограничите во христијанското растење или ќе напредувате во божествениот живот? Каде што има духовно здравје, тука има и духовен напредок. Божјото дете расте до полна возраст на маж и жена во Христа. Во неговиот развиток нема граници. Ако Божјата љубов е живо начело во душата, нема да има тесни и ограничени погледи, туку ќе има љубов и верност во опомените и укорите, сесрдност во работата и добра волја да се понесат товари и да се примат одговорности на себе. {5С 265.1}

Некои не сакаат да ја прифатат работата во која се бара самоодрекување. Тие покажуваат голема нетрпеливост кога од нив се бара да примат некоја должност. "Зошто е потребно да стекнувам ново знаење и искуство?" - кажуваат тие. Со тоа сѐ е објаснето. Тие мислат дека „се богати и се збогатија и ништо не им треба" додека небото ги смета за сироти, мизерни, слепи и голи. На ваквите Вистинскиот Сведок им кажува: "Те советувам да си купиш од Мене злато низ оган пречистено, за да се збогатиш; и бела облека, за да се облечеш, и да не се гледа срамот на голотијата твоја, и со очна маст намачкај ги очите твои за да гледаш" (Откровение 3:18). Токму тоа задоволство покажува дека сето тоа ви е потребно. Вие сте духовно болни и Христос треба да биде ваш лекар. {5С 265.2}

Оригинална страница 266Во Светото Писмо има илјадници други камења на вистината кои се сокриени за оној кој бара само по површината. Рудникот на вистината никогаш не се исцрпува. Колку повеќе го проучувате Светото Писмо со понизно срце, сѐ поголем ќе биде вашиот интерес и вие сѐ повеќе ќе бидете подготвени да воскликнете како Павле: "О, длабочино на богатство, мудрост и знаење Божјо! Колку се несфатливи Неговите судови и неистражливи Неговите патишта!" (Римјаните 11:33). Секој ден треба да научите нешто ново од Светото Писмо. Истражувајте го како сокриено богатство, бидејќи тоа содржи зборови на вечен живот. Молете се за мудрост и разбирање за да ги разберете тие свети зборови. Ако постапувате така, ќе почувствувате дека сте примиле нова и драгоцена светлина во поглед на прашањата поврзани со вистината и вие сѐ повеќе и повеќе ќе го цените Светото Писмо. {5С 266.1}

"Близу е денот велик на Господ, близу е - и брзо доаѓа" (Софонија 1:14). Исус кажува: "Еве ќе дојдам скоро”. Секогаш треба да мислиме на овие зборови и да постапуваме како навистина да веруваме дека Господовото доаѓање е близу и дека сме патници и странци на земјата. Животната енергија на Божјата црква мора да стапи во дејство заради големата цел на самообнова; секој верник мора да биде активен помошник на Бога. "Зашто преку Него и едните и другите имаме пристап кај Таткото во еден Дух. И така, вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите и членови на Божјото семејство, зашто се утврдивте на темелите поставени од апостолите и пророците, имајќи Го како камен темелник Самиот Исус Христос, врз Кого целата зграда, стројно зглобена, прераснува во свет храм на Господ; врз Кого и вие ќе се соѕидате во живеалиште Божјо преку Духот" (Ефесјаните 2:18-22). Ова е посебно дело кое мора да се оствари во слога, единство на Духот и во врски (сојуз) на мир. Не треба да се дозволува никакво критикување, сомневање и неверие. {5С 266.2}

Горноколумбиската и Севернопацифичката Област заостануваат цели години. Некои, кои би требало да бидат јаки и зацврстени во Христа, уште се како деца во поглед на сфаќањето и искуственото познавање на делувањето на Божјиот Дух. После долгогодишно искуство, тие се во состојба да ги сфатат само почетните начела на големиот систем на верата и учењата кои ја сочинуваат христијанската вера. Тие не го сфаќаат совршенството на карактерот на кого ќе му биде упатена пофалбата: "Добро направено". {5С 266.3}

Оригинална страница 267Браќа, вашата должност, среќа, идна корисност и конечното спасение ве повикуваат да ги прекинете врските на својата приврзаност кои ве поврзуваат за сѐ што е земно и минливо. Меѓу вас постои некое непосветено сочувство кое е слично на љубовна сентименталност и кое е земско и сетилно. Ќе бидат потребни големи напори од ваша страна за да го искорените ова и да го измените својот живот, бидејќи не сте се поврзале со Силата на Израел, заради што вашите способности ослабеа. Вие сега гласно сте повикани ревно да ги искористите сите средства на благодатта за да бидете преобразени по карактерот и да израснете до полна возраст на мажи и жени во Христа Исуса. {5С 267.1}

Ние треба да задобиваме големи победи, а ако не ги извојуваме ќе го загубиме небото. Телесното срце мора да биде распнато, бидејќи е наклонето на морална расипаност која завршува со смрт. Ништо не може да ѝ помогне на душата освен животодавното влијание на евангелието. Молете се силната енергија на Светиот Дух со Неговата освежувачка, обновувачка и преобразувачка сила да падне како електричен шок на парализираната душа проникнувајќи го со нов живот секој нерв, повратувајќи го во духовно здравје целиот човек од неговата замреност и земска сетилност. На тој начин ќе станете учесници во божествената природа, затоа што ќе се спасите од расипаноста која преку похота е во светот, и во вашата душа ќе се огледува сликата на Оној преку чии рани сте излечени. {5С 267.2}

Бог бара од нас во вид на десетоци и дарови да Му вратиме еден дел, од оние дарови што ни ги позајмил. Тој овие дарови ги прима како акт на скромна покорност од наша страна и благодарно признавање на нашиот долг спрема Него за сите благослови што ги уживаме. Значи треба да даваме со задоволство, говорејќи како Давид: "Но од Тебе е сѐ, и добиеното од Твојата рака Ти го дадовме" (1. Летописи 29:14). Да се задржува за себе повеќе отколку што е потребно води кон сиромаштија. Бог долго ги трпи некои, Тој сѐ ќе испита и испроба, но Неговото проклетство сигурно ќе ги снајде себичните следбеници на вистината кои го сакаат светот. Бог го познава срцето, Неговото око ја гледа секоја мисла и секоја желба. Тој кажува: "Зашто Јас ќе ги прославам оние, кои Мене Ме прославуваат, а оние, кои Мене Ме презираат ќе бидат презрени" (1. Самоилова 2:30). Тој знае кого треба да го благослови, а кои го заслужуваат Неговото проклетство. Тој никогаш не греши, бидејќи ангелите верно ги бележат сите наши постапки и зборови. {5С 267.3}

← Назад кон лекцијата