← Назад кон лекцијата

3. Сведоштво

Елена Вајт · Оригинални страници 22–32

Оригинална страница 22Покажано ми е дека брат Б, поради своите сериозни карактерни недостатоци, не може да биде тесно поврзан со Божјото дело бидејќи тука мораат да се прифатат значајни одговорности. Тој има соодветни умни способности, но своето срце и љубов тој не ги посветил на Бога, па затоа не може да му се довери толку значајна работа како што е публикација на вистината во канцеларијата во Батл Крик. Една грешка или запоставување на должност во оваа работа се одразуваат на големо врз Божјото дело. Брат Б не ги увидува своите недостатоци и затоа не се поправа. {3С 22.1}

Сеопфатноста на нашиот карактер ја сочинуваат нашите навики и во најситните детали. Ти, брате мој, си склон да го потценуваш значењето на ситните настани во секојдневниот живот. Тоа е голема грешка. Ниту една должност која треба да се изврши не е безначајна. Секоја постапка има своја тежина, или на вистинската или на погрешната страна. Само со примена на начелата и во најситните детали од секојдневниот живот ние се проверуваме и нашите карактери се образуваат. Во различни околности во животот ние биваме испитувани и тестирани и така стекнуваме сила да се спротивставиме на поголемите и позначајни проби преку кои мораме да поминеме за да се оспособиме за поголеми и поодговорни положби. Умот преку секојдневни проби мора да се вежба на навики на верност, на чувство на правда и должност кои треба да ги става над личните склоности и задоволства. Луѓето со така насочен дух не се колебаат помеѓу доброто и злото, како што трската се лула на ветрот, туку штом ќе се појави некој проблем, тие веднаш увидуваат дека е во прашање начело и инстинктивно, без долга расправа, се одлучуваат за она што е исправно. Тие се верни затоа што се научиле себеси на навики на верност и вистина. Верни во малку, тие стекнуваат неопходна сила со леснотија да останат верни и во поголеми работи. {3С 22.2}

Со воспитувањето кое брат Б го имал, во него не се зајакнати оние возвишени морални особини кои би го оспособиле сам во Божја сила да застане во одбрана на вистината, па сред најжестокото спротивставување да остане во начелото цврст како карпа, морално непоколеблив, не поведувајќи се по пофалбите или осудата од страна на луѓето, подготвен подобро да умре отколку да ја гази својата совест. Таков карактер се бара во издавачкиот уред од кој треба да излегуваат светите и возвишени вистини, на кои светот треба да биде испитан. {3С 22.3}

Оригинална страница 23Во ширењето на Божјото дело се бараат луѓе со високи морални вредности, луѓе чии срца се вдахновени со света ревност, луѓе цврсто определени, кои не дозволуваат лесно да бидат поместени, подготвени за крстот и круната да ги жртвуваат сите себични интереси. На делото на сегашната вистина му се потребни луѓе кои се верни на чувството на правда и должност, чиј морален интегритет е постојан и чии енергии одговараат на барањата на Божјото провидение. Овие доблести се подрагоцени од какво било богатство кое може да се вложи во Божјото дело. Енергичноста, моралниот интегритет и непоколебливоста во борбата за правда претставуваат особини кои не можат да се заменат со никаква количина на злато. Луѓето кои ги имаат овие особини шират позитивно влијание каде и да се најдат. Нивниот живот говори посилно од најубедливиот говор. Бог повикува луѓе со срце, ум и морална беспрекорност, луѓе кои може да ги направи чувари на Својата вистина и кои нејзините свети начела коректно ќе ги претставуваат во својот секојдневен живот. {3С 23.1}

Брат Б во извесен поглед има способности кои малкумина ги имаат. Кога со сето срце би му се посветил на делото, тој во редакцијата би можел да заземе значајна и за Бога прифатлива положба. За неговото влијание во редакцијата или во која било гранка на делото да биде онакво какво што треба да биде, тој треба да се обрати, да се понизи како мало дете, барајќи чиста религија на срцето. Меѓутоа, тој вршеше штетно влијание на сите кои работат во редакцијата, а посебно на младите. За ширењето на неговото влијание придонесе водечката положба на која се наоѓаше. Не се однесуваше совесно, имајќи го секогаш пред очите Божјиот страв. Укажуваше наклонетост на поединци повеќе отколку на други. Запоставувајќи ги оние кои со својата верност и способности заслужиле посебно охрабрување, ги ожалостуваше и доведуваше во забуна токму оние на кои требаше да им укаже најголемо внимание. Таквите кои својата наклонетост и внимание пристрасно ги укажуваат на еден или двајца на штета на другите, не би требало да се држат ниту еден ден на положба во редакцијата. Таквата несвета пристрасност кон оние кои можеби угодуваат на нашата вообразба на штета на другите, кои се совесни, кои се бојат од Бога и во Неговите очи се длабоко подобри, претставува навреда за Бога. Ние треба да го цениме она што Бог го цени. Украсот на тивок и понизен дух, Тој го цени многу повеќе отколку надворешната убавина, накитот, богатството или почестите на овој свет. {3С 23.2}

Оригинална страница 24Вистинските Христови следбеници за свои блиски пријатели нема да ги бираат оние кои имаат сериозни недостатоци во карактерот и на чиј пример не треба да се угледаат, додека имаат можност да се дружат со оние кои совесно ги извршуваат своите деловни и верски должности. Оние на кои им недостигаат начелност и верност обично повеќе влијаат на обликувањето на карактерот на своите блиски пријатели отколку оние кои се добро урамнотежени и способни да ги управуваат оние и да влијаат врз оние кои имаат карактерни недостатоци и на кои им недостига духовност и посветеност. {3С 24.1}

Влијанието на братот Б, ако е непосветено, ги изложува на опасност душите на оние кои го следат неговиот пример. Со својата остроумност и подготвеност да тактизира тој ги восхитува луѓето околу себе, наведувајќи ги да му ги припишуваат оние квалификации кои всушност ги нема. Своето време во редакцијата тој го минуваше безгрижно. Ако тоа се однесуваше само на него, злото немаше да биде толку големо, но тој со својата водечка положба негативно влијаеше и на другите. Совесно и внимателно не водеше сметка каков пример им дава на останатите на своето работно место, а особено на приправниците. Кога, покрај своите умни способности, би поседувал и високо чувство на морална одговорност, брат Б би можел да биде од непроценлива корист за редакцијата. Кога постојано би се раководел според начелото, не допуштајќи што било да го одврати од патот на должност или да го наведе да се согласи на некој погрешен чин, тој со своето влијание значително би ги подобрил другите; но склоноста да попушта на личните задоволства го навела да ја изневери својата должност. Ако во од Бога дадена сила останал верен на начелото и на своето лично осведочување во поглед на вистината и правдата, не наседнувајќи на критика ниту ласкање, би бил далеку подобар и насекаде би ширел многу поповолно влијание. На брат Б му недостигаат особини на претпазливост и економичност. Нему му недостига тактичност која би го оспособила да се прилагоди на барањата на Божјото провидение и да биде секогаш подготвен за акција. Тој сака луѓето да го фалат. Се поведува по околностите и лесно подлегнува на искушенијата, така што на неговиот интегритет не можете да се потпрете. {3С 24.2}

Оригинална страница 25Брат Б не е постојан и цврст во верата. Тој се раководи според моменталните чувства, а не според начелата. Во своето срце тој не е исправен пред Бога и пред очите не му е Божјиот страв ниту славата на Неговото име. Тој во сè постапува како да се занимава со обични работи и воопшто не ја чувствува светоста на делото во кое е ангажиран. Самооткажување и штедливост немаше воопшто во неговиот живот и затоа тој нема никакво искуство во тоа. Тој понекогаш ревно се залага и покажува интерес за делото. Потоа повторно поминува некое време во безгрижност и пропушта драгоцени моменти во безначајни разговори, попречувајќи ги така и другите да ги вршат своите должности и давајќи им пример на немарност и несовесност. Божјото дело е свето и бара луѓе со исклучителна честитост. Потребни се луѓе на кои силното чувство на правда ниту во безначајните детали не им дозволува своето работно време да го минуваат несовесно и некоректно, луѓе кои ќе сфатат дека ракуваат со пари кои му припаѓаат на Бога и кои од тоа нема да присвојат ниту еден цент за лична употреба; луѓе кои во отсуство на своите работодавци ќе бидат исто толку совесни и точни, грижливи и вредни во својата работа како и во нивно присуство, докажувајќи со својата верност дека не им е цел само да им угаѓаат на луѓето кои ги гледаат, туку дека се навистина совесни, верни, вистински работници кои го прават она што треба, не за да добијат пофалба од луѓето, туку затоа што тие го сакаат и се одлучуваат за исправното поради возвишеното чувство на своја обврска кон Бога. {3С 25.1}

Родителите не се верни во воспитувањето на своите деца. Тие не увидуваат дека е неопходно да го обликуваат умот на децата со постојано дисциплинирање. Тие им даваат само површно воспитување, подарувајќи повеќе внимание на украсување, отколку на вистинско воспитување со кое способностите се развиваат така што енергиите на душите правилно се насочуваат, а умните способности со вежба се зголемуваат и зацврстуваат. За да можат умните способности да служат на слава на Бога, тие треба да се негуваат. На образованието на умот треба да се посвети посебно внимание, а тоа ќе го постигнеме со настојување секоја умна способност да ја зајакнуваме со практична употреба во нејзиниот посебен домен. Ако родителите им дозволат на своите деца да се поведуваат по личните склоности и задоволства, занемарувајќи ги своите должности, тие ќе формираат таков карактер и нема да бидат подготвени за никаква одговорна положба во животот. Желбите и склоностите на младите треба да се ограничуваат, слабите точки во нивниот карактер да зајакнуваат, а претерано изразените желби да се сузбиваат. {3С 25.2}

Оригинална страница 26Ако дозволиме која било способност да остане неразвиена или спречена во својот правилен развој, Божјата намера за нас нема да се оствари. Секоја способност треба правилно да се развива, и на секоја треба да ѝ се посвети должно внимание, бидејќи тие меѓусебно се надополнуваат и секоја мора со употреба да се развива за да бидеме луѓе со добро урамнотежен ум. Ако на децата и младите им се дозволи со постојана употреба да развиваат само некои свои способности на штета на другите, тие, кога ќе станат возрасни, ќе останат со неурамнотежен дух и нескладен карактер. Тие можат да бидат подготвени и силни во извесен поглед, но многу слаби и неподготвени во други исто толку важни области. Нема да се развијат во потполни мажи и жени. Нивните недостатоци ќе бидат упадливо забележливи, фрлајќи сенка на целиот нивен карактер. {3С 26.1}

Брат Б негува речиси несовладлива склоност за разгледување на знаменитости и излети во цел на задоволства. Тој напразно троши време и пари за да ја задоволи својата желба за таков вид на екскурзии. Себичната љубов кон задоволствата го наведува да ги занемарува своите свети должности. Брат Б сака да проповеда, но никогаш не се нафати на таа работа толку ревно за да чувствува: „Тешко на мене ако не го проповедам евангелието”. Работата во редакцијата која бара негова постојана грижа, тој често ја напушта за да одговори на повикот на некој од своите браќа од други цркви. Кога, чувствувајќи ја возвишеноста и сериозноста на Божјото дело за ова време, би одел напред во самооткажувањето, потпирајќи се на Бога и издигнувајќи го Христовиот крст, би можел да биде корисен. Но тој светоста на делото најчесто ја сфаќа толку лесно, што секој повик да посети некоја црква го користи како прилика за остварување на своите лични задоволства, накратко кажано, како патување за задоволство. Каква спротивност помеѓу неговиот пат и патувањето на апостолите кои излегле во светот обременети со речта на животот и во манифестирање на Духот, го проповедале распнатиот Христос. Со своето самооткажување и истакнување на крстот, тие укажувале на патот на животот. Тие имале заедница со Христа во Неговите страдања и најголема желба им била да го запознаат Исуса Христа и тоа распнатиот. Не барале лични задоволства, ниту се грижеле за својот земен живот. Не живееле за да си угаѓаат себеси, туку за да прават добро, спасувајќи ги душите за кои Христос умрел. {3С 26.2}

Оригинална страница 27Брат Б може успешно да изложува аргументи за доктринарните точки, но поуките за посветување, самооткажување и носење на крстот тој не ги применува практично во сопствениот живот. Со своите говори тој може да допре до ушите на своите слушатели, но бидејќи посветувачкото влијание на тие вистини не се одразува во неговото срце и живот, тој не е во состојба длабоката претстава за вистината и за нејзината важност во поглед на судот, пред кој мора да се реши случајот на секој поединец, неизбришливо да ја втисне во нивниот ум. Брат Б со вежбање не навикна своите мисли и склоности да ги држи под контрола и неговото однесување - штом ќе заврши богослужението - не е примерно. Тој се однесува како на себе да не го чувствува товарот на делото и со својот пример на површност и несериозност, тој го спушта критериумот на верата, ставајќи го на исто ниво и светото и несветото. {3С 27.1}

Брат Б не е волен да го носи крстот, ниту да го следи Исуса од јаслите па сè до судницата и до Голгота. Во желба да ги задоволи личните склоности и уживања, тој се изложи на најтешки неволји. Тој допрва треба да научи дека потпирањето на сопствената сила и мудрост е всушност само слабост и лудост. Ако постојано го имал на ум фактот дека е ангажиран во Божјото дело, дека е должник на Оној Кој му ги подарил времето и талентите и Кој со право бара да ги употреби во Негова слава - ако верно и совесно ги извршувал своите должности - не би паднал во таа тешка и долга болест. Тој со месеци боледуваше поради настинка на која се изложи на еден од тие свои излети за задоволства и ако за него толку сесрдно не се молеа во вера оние кои чувствуваа дека тој не се подготвил за смртта, тој и ќе умреше од тоа. Ако тогаш умреше, ќе беше затекнат во полоша положба од онаа во која се наоѓа неупатениот грешник. Но Бог милостиво ги услиши молитвите на Својот народ и му ги продолжи деновите на живот за да има можност да се покае поради својата несовесност и да го откупи времето. Со својот пример тој заведе на погрешен пат многумина во Батл Крик. {3С 27.2}

Оригинална страница 28Брат Б се подигна од својата болест, но колку малку тој и неговото семејство се чувствуваа понизени од Божјата рака. Дејствувањето на Божјиот Дух и мудроста која доаѓа одозгора немаат цел да нè направат среќни во самозадоволството, туку да ни го обноват во душата сознанието за вистинската светост. Колку би било подобро за овој брат ако болеста го поттикнеше совесно да го преиспита своето срце и да ги разоткрие несовршеностите на својот карактер, за да може да ги отфрли и од печката на неволјите да излезе понизен и прочистен како злато, одразувајќи го Христовиот лик. {3С 28.1}

Црквата му помогна да закрепне од болеста на која самиот се изложи. Му беа обезбедени болничари, а трошоците за неговото лекување во поголем дел ги носеше црквата; сепак ниту тој ниту неговото семејство не знаат да го ценат сето добро кое им беше направено од страна на црквата. Тие сметаат дека сето тоа што е направено за нив всушност и го заслужиле. Откако закрепна, брат Б има неправедно мислење за мојот сопруг, затоа што не го одобруваше неговиот начин на живот, кој беше за секаква осуда. За да му наштети на влијанието на мојот сопруг, се здружи со некои слични на себе и откако ја напуштија редакцијата, тој нема никакво чувство за правда. Тестот на Божјата проверка ќе ја покаже сета беда на неговата положба. {3С 28.2}

Брат Б сè уште не ја научи лекцијата на самооткажување и спротивставување на желбите за задоволства - а тоа е лекција која мора да ја научи ако сака на крајот сепак да се спаси. Тој ќе мора уште еднаш да помине низ процесот на поостро испитување, бидејќи претходната проба не ја издржа како што треба. Со постојано оправдување на себеси, тој го предизвика Божјото неодобрување и осуда. Од лично искуство тој многу малку знае што значи да се учествува со Христа во Неговите страдања. Склон е кон покажување, не штедејќи ги ниту малку своите средства. Господ го гледа сето тоа. Тој ги одмерува внатрешните чувства и склоности на срцето. Тој го познава човекот. За да ја провери нашата верност, Тој бара да Го љубиме со сето срце, сета душа и со сета своја сила. Љубителите на задоволства можат да имаат облик на побожност проследен дури и со извесен вид на самооткажување, можат понекогаш да жртвуваат и време и пари, а сепак да не бидат подготвени во потполност да му се предадат на Бога и својата волја да ја подредат на Неговата волја. {3С 28.3}

Оригинална страница 29Влијанието на девојките Д во Батл Крик е многу погубно. Тие не се добро воспитани. Нивната мајка ја запостави светата должност и на своите деца не им ускратуваше ништо. Не ги подигаше во Божји страв ниту во склад со Неговите совети. Им попушташе, штитејќи ги од каква било одговорност, сè додека не станаа потполно неподготвени за наједноставните домашни должности во животот. Таа ги научи своите ќерки да мислат само за својот надворешен изглед, но не им го свртуваше вниманието на возвишеноста на внатрешниот украс. Тие млади девојки се полни со суета и горделивост. Нивните мисли се нечисти, нивните разговори изопачувачки; па сепак во Батл Крик има поединци кои го сакаат друштвото на ваквите; а не е можно да се дружите со такви, а да не се спуштите на нивно ниво. Со овие девојки не се постапуваше строго како што бараше случајот. Тие го сакаат друштвото на момчињата и младите луѓе кои претставуваат предмет на нивните размислувања и нивните разговори. Во своето изопачено однесување, тие се тврдоглави и полни со самодоверба. {3С 29.1}

Цело ова семејство е склоно на покажување (во облекувањето). Мајката не е разумна и достоинствена жена. Таа не е способна да подига деца. На облекувањето на своите ќерки, за да се расфрла со тоа, таа подаруваше поголемо внимание отколку на внатрешното украсување. Својата волја, со примена на дисциплина, таа никогаш не ја прилагоди на Божјата волја. Во своето срце таа не е исправна пред Бога. Дејствувањето на Неговиот Дух на срцето, благодарение на кое желбите и чувствата се доведуваат во покорност на Христа, за неа е туѓо и непознато. Таа ги нема оние својства кои ја издигнуваат и облагородуваат душата и не го разликува светото од обичното. Своите деца ги пушти да работат што сакаат. Страшното искуство кое го имаше со двете најстари деца не ја остави врз нејзиниот ум длабоката импресија која ја бараа околностите. Ги научи децата својата љубов и внимание да ги подаруваат само на облекувањето, суетата и лудостите. Своите две помлади ќерки не ги подложи на никаква дисциплина. А. Д. (нејзиниот син), под поволни влијанија, би можел да стане благородно момче, но тој мора уште многу да научи. Склон е повеќе да се раководи според склоностите отколку според должноста. Своеволно и упорно се оддава на задоволства и нема јасна претстава за должноста на еден христијанин. Задоволувањето на своите барања и лични склоности тој со задоволство го прогласува за своја должност. Задоволувањето на своите лични желби тој сè уште не го победил. Неопходен му е појасен духовен вид, за да може да сфати што значи да се посвети на Бога и да ги разбере високите барања кои Бог ги поставува пред него. Сериозните пропусти во неговото воспитување се одразуваат во неговиот живот. {3С 29.2}

Оригинална страница 30Ако братот Б со своите способности, како раководител во редакцијата беше добро урамнотежен и совесен, неговата работа на тоа работно место можеше да биде од голема вредност, и тој би можел да заработи двојна плата. Но, со оглед на сите негови пропусти и несветото влијание кое го ширеше во последните години, за редакцијата би било подобро без него, дури и кога би работел бесплатно. Братот и сестра Б воопшто не научија да штедат. Задоволувањето на апетитот и желбата за задоволства и расфрлање имаат преовладувачко влијание во нивниот живот. За нив е подобро да имаат помали примања, бидејќи се склони да потрошат сè што ќе примат, колку и да е тоа. Штом ќе примат плата, тие со уживање ја трошат и кога ќе искрснат непредвидени потреби или неволји секогаш ги затекнуваат потполно неподготвени. Дваесет долари седмично тие би потрошиле исто толку лесно како и дванаесет. Ако беа штедливи домаќини, подготвени на самооткажување, братот и сестра Б досега можеа да имаат своја куќа, а покрај тоа и нешто заштеда во случај на непредвидена потреба. Меѓутоа, тие не научија да штедат како што тоа го прават другите, од чија помош понекогаш зависат. Нивниот карактер на Божјиот суд нема да се најде совршен ако пропуштат да се поправат и во овој поглед. {3С 30.1}

Оригинална страница 31Брат Б е долго предмет на големата Христова љубов и сомилост, па сепак никогаш не почувствува дека би требало да се угледа на својот голем Пример. Тој упорно бара, како да има право на тоа, и целиот живот бараше на овој свет да помине подобро отколку што помина нашиот Господ. Тој никогаш не ја сфати сета длабочина на незнаење и грев од кои Христос сака да го подигне, за да може да го врзе за Својата божествена природа. {3С 31.1}

Страшно е за некој да се занимава со свети работи кога срцето и рацете не се посветени. Страшна е одговорноста да се биде Христов соработник; да се стои пред народот како Негов претставник не е ниту малку едноставно. Фактот дека делата на секој поединец ќе се испитуваат на судот е страшна реалност. Апостолот вели: „Зашто не се проповедаме себеси туку Исуса Христа, нашиот Господ”. „Зашто Бог кој заповеда од темнината да засветли светлина, блесна во нашите срца поради просветлување на спознавањето на Божјата слава во лицето на Исуса Христа”. Доволноста на овој апостол не се наоѓала во него самиот, туку во благородното влијание на Христовиот Дух, кој ја исполнувал неговата душа, доведувајќи ја секоја мисла во покорност на Христа. Силата на вистината која го следи проповедањето на Божјата реч ќе биде животен мирис за живот или смртен за смрт. Од проповедникот се очекува да биде жив пример на Христовиот ум и дух, живо послание кое го читаат и можат да го сфатат сите луѓе. Јас треперам при помислата дека дури и меѓу адвентистите на седмиот ден има проповедници непосветени од вистината која ја проповедаат. Победа за нив може да издејствува само брзото и силно дејствување на Божјиот Дух на нивното срце, давајќи им спознавање и јасна претстава за Божјата слава. {3С 31.2}

Проповедањето на братот Б не било проследено со посветувачкото влијание на Божјиот Дух. Тој е во состојба да зборува течно и своето излагање убаво да го образложи, но во неговите проповеди недостига духовност. Неговите апели не допираат до срцата со една нежност која е нова за нив. Тие можат да бидат убаво составени, но срцата на нивните слушатели не се трогнати и разнежени од чувството на Спасителовата љубов. Грешниците не стануваат осведочени и привлечени од чувството дека „минува Исус Назареецот”. Грешниците треба јасно да се осведочат за Христовата близина и подготвеност да им подари спасение. Пред народот треба да биде истакнат само Спасителот, додека срцето на говорникот треба да биде потчинето и исполнето со Неговиот Дух. Самото нагласување, погледот и изговорениот збор, со неодолива сила треба да влијаат на срцата на слушателите и на нивниот ум. Исус треба да биде во срцето на проповедникот. Ако неговите зборови и тонот на неговиот глас оддишуваат со нежноста на Христовата љубов, тоа ќе биде благослов подрагоцен од сите богатства, задоволства и слава кои може да ги даде овој свет, бидејќи таквиот благослов не може да помине, а да не го изврши она за што е испратен. Така оставениот впечаток ќе предизвика длабоко осведочување на слушателите и многумина ќе се запрашаат: „Што треба да правам за да бидам спасен?” {3С 31.3}

Оригинална страница 32Бог на секој од нас ни доверил света доверба, за која нè смета одговорни. Според Неговата намера ние треба своите умни способности и таленти кои ни ги дал да ги користиме на начин со кој, правејќи добро, најмногу ќе придонесеме за оддавање слава на Дародавецот. За сите свои умни способности ние му должиме само на Бога. Тие свои способности ние можеме да ги развиваме и со контролирање да ги насочиме така што ќе служат токму на онаа намера за која ни се и дадени. Должни сме својот ум со воспитување да го привикнуваме на развојот на сите енергии на душата и на секоја способност. Со користење на сите способности и умот ќе зајакне и ќе се остварат токму оние цели поради кои тие способности ни се и дарувани. {3С 32.1}

Многумина во голема мера пропуштаат прилики да прават добро затоа што својот ум го напрегаат само во еден правец, занемарувајќи грижливо да подарат внимание на оние поединости за кои мислат дека не се способни. Така некои послаби способности остануваат потполно неразвиени, бидејќи напорите кои треба да се вложат за истите да се пробудат и активираат, не се ниту малку пријатни. Сите сили на умот треба да се увежбуваат, сите способности да се развиваат. Моќта на забележување, расудувањето, помнењето и сите умни способности треба со увежбување подеднакво да се зајакнуваат за да имаме добро урамнотежен ум. {3С 32.2}

← Назад кон лекцијата