1. Сведоштво
Оригинална страница 290Покажано ми е дека мораме будно да внимаваме на секој чекор, одлучно спротивставувајќи се на примамливостите и лукавството на сатаната. Претворајќи се во ангел на светлината, тој заведува илјадници човечки суштества и ги прави свои робови, користејќи се во голема мера со науката и со психологијата на човечкиот ум. Овде тој, незабележливо како змија, се вовлекува за да го попречува Божјото дело. Дури и чудата што Христос ги правел тој се обидува да ги прикаже како производ на човечката вештина и моќ. Кога тој отворено и дрско би го напаѓал христијанството, христијанинот во таква опасност и мака би паднал пред нозете на својот Откупител, и неговиот силен и моќен Ослободител би го присилил дрскиот напаѓач да се повлече. Затоа тој се престорува во ангел на светлината и делува на умот на човечките суштества, примамувајќи го да скршне од единствениот вистински и сигурен пат. Френологијата, психологијата и месмеризмот се науки со чија помош сатаната непосредно се приближува на денешната генерација и работи со онаа сила што ќе биде карактеристична за неговите напори пред крајот на времето на милоста. {1С 290.1}
Читајте 2. Солунјаните 2:8-12: „Тогаш ќе се открие и беззаконикот, кого што Господ Исус ќе го убие со здивот на Својата уста и преку појавата на Своето доаѓање ќе го истреби. Доаѓањето на тој беззаконик ќе биде по дејство на сатаната, со секаква сила и знаци и лажни чудеса, и со секакво неправедно измамување меѓу оние кои загинуваат, затоа што не ја примиле љубовта на вистината, та да би се спасиле. И затоа Бог ќе им испрати сила на заблуда за да поверуваат на лагата, та да бидат осудени сите кои не поверуваа во вистината, а ја засакаа неправдата“. {1С 290.2}
Со посредство на споменатите науки, сатаната незабележливо се приближува до луѓето и, труејќи го умот на илјадници љубопитни луѓе, ги турка на почвата на неверувањето. Сознанието дека тие науки сѐ повеќе се шират му причинува посебно задоволство. Тоа е планот што токму тој го измислил за да може да најде пристап до умот на заинтересираните и така да влијае на нив според својата волја. И додека се верува дека умот на едно човечко суштество може толку силно да делува на другите, сатаната подготвено чека да се наметне, делувајќи со сите свои сили на измамата од сите страни. И додека оние што се посветуваат на изучување на тие науки до небото го воздигаат позитивното влијание што тие науки, според нивното тврдење, го извршиле на нив, тие всушност го воздигаат и слават самиот сатана кој на тој начин делува со сите свои сили, знаци и лажни чуда за да ги прелаже сите оние што се определуваат за неправдата. Ангелот кажа: „Внимавајте на тоа влијание. Судирот меѓу Христос и сатаната сѐ уште не е завршен“. Ваквиот пристап до умот на човекот со посредство на науката претставува лукаво измислен план на неговото сатанско величество за во душата и умот на илјадници луѓе да ја уништи верата во Христос како Месија и Божји Син. {1С 290.3}
Оригинална страница 291Укажано ми е на Божјата сила што се покажала преку Мојсеј кога Бог го пратил да излезе пред фараонот. Знаејќи ја добро својата задача, сатаната веднаш се нашол на местото на случувањата. Тој добро знаел дека Мојсеј е избран од Бога да ги ослободи синовите на Израел од јаремот на ропството, и дека тоа негово дело е всушност претслика на првото Христово доаѓање со цел да ја скрши власта на сатаната над поробениот човечки род и заробениците да ги ослободи од неговата сила. Сатаната знаел дека Христос, кога ќе се појави на Земјата, ќе прави силни чуда, за светот да познае дека Таткото го пратил, и затоа како узурпатор се исплашил за својата власт и се советувал со своите ангели како да постигне двојна цел: 1. да го уништи влијанието на чудата што Бог ги направил преку Својот слуга Мојсеј, со тоа што преку своите агенти ги фалсификувал вистинските чуда што Бог ги направил преку Мојсеј; 2. преку маѓепсниците да изврши влијание кое, протегајќи се низ вековите, во душата на многу луѓе ќе ја уништи вистинската вера во силните чуда што ќе ги прави Христос кога ќе дојде на овој свет. Тој знаел дека неговото царство ќе биде разнишано, зашто Христос ќе ја потчини неговата моќ со која дотогаш владеел над човечкиот род. Силата со која Мојсеј ги правел чудата пред фараонот не била човечка сила. Тоа била Божја сила. Тие знаци и чуда се направени преку Мојсеј за фараонот да се осведочи дека Големиот „ЈАС СУМ“ преку него му упатува повик да ги пушти Израеловите синови за Него да му служат. {1С 291.1}
Оригинална страница 292Фараонот ги повикал маѓепсниците да ги применат своите магии. Тие исто така покажале знаци и чуда, бидејќи сатаната бил нивен помошник и делувал преку нив. Меѓутоа, дури и во тоа Божјото дело се покажало надмоќно над силата на сатаната, зашто вражачите не можеле да ги имитираат сите чуда што Бог ги направил преку Мојсеј. Можеле да фалсификуваат само некои од тие чуда. И стаповите на маѓепсниците се претвориле во змии,* но стапот на Арон ги проголтал. Кога се обиделе да создадат вошки и не успеале, маѓепсниците преку Божјата сила биле принудени дури и пред фараонот да признаат: „Ова е Божји прст“. Правејќи го тоа преку маѓепсниците, сатаната настојувал срцето на тиранскиот владетел уште повеќе да го стврдне пред чудесното појавување на Божјата сила. Се надевал дека Мојсеј и Арон ќе се посомневаат во божественото потекло на својата мисија и дека тогаш вражачите како негови агенти ќе бидат во предност. На сатаната не му било по волја Израелците да се ослободат од египетското ропство за да можат непречено да Му служат на Бог. Кога во својот обид и тие на чудесен начин да создадат вошки не успеале, маѓепсниците веќе не можеле да ги имитираат постапките на Мојсеј и Арон. Бог не му дозволил на сатаната да го продолжи своето измамничко влијание, и затоа маѓепсниците ниту самите себе не можеле да се заштитат од казните што доаѓале. „И маѓепсниците не можеа да стојат пред Мојсеј поради струпјето (чиреви), зашто струпје имаше и на маѓепсниците и на сите Египтјани“ (Излез 9:11). {1С 292.1}
Божјата владејачка сила во овој случај ги погодила и орудијата со кои се служел сатаната, така што Божјиот гнев го почувствувале дури и оние преку кои сатаната така чудесно делувал. Така на фараонот му се дадени доволно докази да верува, кога би сакал да верува. Чудата што Мојсеј ги покажал се направени со Божја сила. Она што маѓепсниците се обиделе да го направат направено е не само со нивна вештина, туку со ѓаволската сила на нивниот бог, кој лукаво го спроведувал нивниот измамнички чин, имитирајќи ги Божјите дела. {1С 292.2}
Оригинална страница 293Како се приближуваме кон крајот на времето, човечкиот ум станува сѐ поподложен на сатанските лукавства. Тој ги наведува измамените смртници и Христовите чудесни дела да ги припишуваат на резултатот на делувањето на општите принципи. За да ја наметне својата власт и своите барања, тој секогаш настојува да ги имитира Христовите дела. Тој тоа обично не го прави отворено и дрско. Во својата препреденост тој знае дека на паднатиот и јаден човек најдобро ќе успее да му се приближи ако му се појави како ангел на светлината. Во пустината кога го искушувал, тој му се приближил на Христос во облик на прекрасен млад човек - посличен на суверен владетел отколку на паднат ангел - и тоа со цитати од Светото Писмо. „Пишано е“, биле неговите први зборови. Но Спасителот, иако измачен од долгиот и исцрпувачки пост, подготвено го дочекал со одговор од Библијата, нагласувајќи ги, исто така, зборовите: „Пишано е“. {1С 293.1}
Читајте во евангелието според Матеј 4:8-11: „Потоа ѓаволот го одведе на многу висока планина и Му ги покажа сите царства на светот и нивната слава и Му рече: ‘Сето ова ќе Ти го дадам, ако паднеш и ми се поклониш’. Но, Исус му рече: ‘Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: «На Господ, твојот Бог, да Му се поклонуваш, и само Нему да Му служиш!»’ Тогаш ѓаволот Го остави и веднаш дојдоа ангели и му служеа.“ {1С 293.2}
Овде сатаната Му го покажал на Христос овој свет во најпривлечна светлина, навестувајќи Му дека не е потребно толку многу да страда за да го задобие царството на оваа земја. Сатаната нагласил дека ќе се одрече од сите свои права што ги имал како владетел на овој свет само ако Христос падне и му се поклони. Незадоволството на сатаната започнало уште на небото затоа што не можел да биде прв и најголем заповедник - рамен на Бог и над Христос. Започнувајќи бунт против Бог, ја загубил својата положба и заедно со своите соучесници бил исфрлен од небото. Кога во пустината му пристапил на Христос кој бил ослабен и изнемоштен од постот, се понадевал дека Христос сега ќе му укаже почитување какво на небото не можел да добие. Но Христос, иако премален и истоштен, ниту за момент не попуштил пред искушението на сатаната, туку - покажувајќи ја Својата надмоќност и авторитет - му наредил на непријателот: „Бегај од Мене, сатано“. Сатаната бил збунет и поразен. Потоа почнал да планира како својата цел - честа што Христос не му ја укажал ниту на небото ниту на земјата - би можел да ја оствари преку човечкиот род. Кога сатаната во својот обид да Го искуша Христос би успеал, планот на спасението би бил скршен и човечкиот род би останал во потполна безнадежност. Меѓутоа, она што при искушувањето на Христос не успеал да го оствари, успеал искушувајќи го човекот. {1С 293.3}
Оригинална страница 294Кога сатаната ќе успее умот на смртниците да го наведе на претпоставката дека во нив самите постои природна сила и способност за големи и добри дела, тие престануваат да се чувствуваат зависни од Бог за она што мислат дека и самите можат да го направат со своја сопствена сила. Таквите не признаваат никаква сила која е над нив. Тие ниту на Бог не му ја оддаваат славата што Му припаѓа и што ја должат на Неговата големина и возвишеност. Целта на сатаната на тој начин се остварува, и тој ликува кога вообразените луѓе се воздигаат самите себе како што и тој самиот се воздигнувал и поради тоа бил исфрлен од небото. Тој знае дека пропаста на човекот што се воздигнува самиот себе е неизбежна исто така како што знае дека и самиот ја проиграл својата среќа токму поради тоа. {1С 294.1}
Искушувајќи го Христос во пустината, сатаната не успеал. Планот на спасението е спроведен. Платена е големата цена за откуп на човекот. И сега сатаната настојува да ги поткопа темелите на христијанската надеж, наведувајќи ги мислите на луѓето на заклучок дека за своето спасение не им е потребна таа голема жртва. Со сета своја „измама на неправдата“, тој на паднатиот човек му подметнува верување дека може да му биде добро и без делото на помирување, дека не треба да зависи од распнатиот и воскреснат Спасител, и дека со своите сопствени заслуги може да ја заслужи Божјата благонаклоност. А потоа ја уништува довербата на човекот во Библијата, знаејќи дека, доколку успее во тоа, сигурно ќе го уништи единственото средство што го разоткрива него самиот. Тој го утврдува умот на луѓето во измамата дека воопшто не постои ѓавол, и оние што ќе поверуваат во тоа не вложуваат никакви напори да се спротивстават на оној кој, според нивното верување, не постои. Така јадните и заслепени смртници на крајот ја прифаќаат поговорката: „Сето она што постои, какво и да е, е исправно“. Тие не признаваат никакво правило според кое би го одмерувале своето однесување. {1С 294.2}
Оригинална страница 295Сатаната мнозина наведува на заклучок дека молитвата упатена на Бога е бескорисна и дека претставува само формалност. Тој добро знае колку на Христовите следбеници им се потребни побожното размислување и молитвата за да ги препознаат неговите лукавства и да се спротивстават на тоа. Со своите измами тој го одвраќа умот од овие важни активности, за душата да не се потпре на помошта од Семоќниот и од Него да прими сила за да се спротивстави на нападите на искушувачот. Укажано ми е на сесрдните и делотворни молитви на Божјиот народ во дамнешното минато. „Илија беше смртен човек како и ние, и сесрдно се помоли на Бога“. Даниел се молел на Бога три пати на ден. Сатаната беснее кога ќе го слушне гласот на сесрдната молитва, бидејќи знае дека ќе доживее неуспех. Даниел бил поставен над сите старешини и управници „зашто во него имаше одличен дух“. Паднатите ангели се плашеле дека неговото влијание ќе ја ослабне нивната контрола над управителите на царството, бидејќи Даниел уживал голем углед. Затоа поттикнувале завист и љубомора во срцата на старешините и управителите кои будно го следеле Даниел за да најдат во него нешто со што би го обвиниле пред царот, но сѐ било напразно. Тогаш овие агенти на сатаната смислиле како повод за негово уништување да ја искористат неговата вера во Бога. Злите ангели создале план, а овие тоа подготвено го спровеле во дело. {1С 295.1}
Царот не знаел за таа подла завера против Даниел. Даниел не престанал да се моли на Бога, и тоа пред отворени прозорци, дури и тогаш кога дознал за царскиот декрет. Тој упатувањето на молитви кон Бога го сметал за толку важно, што со поголемо задоволство би го жртвувал својот живот отколку да се одрече од тоа. И само затоа што се молел на Бога бил фрлен во лавовска јама. Дали на лавовите им било дозволено да го растргнат? Дали Бог го заборавил? О, не! Христос - моќниот заповедник на небесните војски - испратил ангел да ги затвори устите на тие гладни лавови и тие ниту најмалку не го повредиле овој Божји човек кој се молел, и за сето време на неговиот престој мир имало во страшната јама на лавовите. Осведочувајќи се дека Даниел е жив, царот наредил да го извадат од јамата и му укажал најголеми почести. Сатаната и неговите ангели биле многу разјарени поради овој нивен пораз, додека неговите агенти биле осудени на истата страшна смрт што во својата завера ја подготвувале за Даниел. {1С 295.2}
Оригинална страница 296Молитвата со вера претставува голема сила со која христијанинот секогаш, со сигурност, може да му се спротивстави на сатаната. Токму затоа тој секогаш ни дошепнува дека молитвата не ни е потребна. Името на нашиот Застапник Исус Христос, сатаната најмногу го мрази, и кога ние во сесрдна молитва во тоа име бараме помош, војските на сатаната се вознемируваат. Кога ја занемаруваме молитвата, го правиме токму она што тој го сака, бидејќи тогаш многу полесно ги прифаќаме неговите лажни чуда. Она што не успеал да го постигне искушувајќи го Христос, сатаната се обидува да го оствари со своето лукаво измамување на луѓето. Тој понекогаш се појавува во облик на мошне привлечно младо суштество или како некое прекрасно привидение. Тој прави чудесни дела на исцелување, и затоа измамените смртници го слават како добротвор на човечкиот род. Френологијата и месмеризмот премногу се воздигаат. Тие научни дисциплини се добри во своите граници, но често сатаната ги користи како свои најмоќни орудија во своето настојување да ги измами и уништи душите. Неговите вештини и лукавства се примаат како да доаѓаат од небото, а верата во Библијата, која го разоткрива сето тоа, се уништува во умот на илјадници луѓе. На тој начин на сатаната му се укажува божествено почитување што му годи на неговото сатанско величество. Илјадници се обраќаат за совет на тој демонски бог, и постапуваат во согласност со неговите учења. Светот никогаш не бил толку изопачен како сега кога се претпоставува дека месмеризмот и животинскиот магнетизам можат да донесат голема среќа. Токму со посредство на тоа, сатаната ги уништува доблестите и ги положува темелите на спиритизмот. {1С 296.1}
Оригинална страница 297Укажано ми е на библискиот цитат кој особено се однесува на современиот спиритизам: „Браќа, пазете некој да не ве заведе со филозофија и со празна измама што се потпира на човечкото предание, на стихиите на светот, а не по Христос“ (Колосјаните 2:8). Покажано ми е дека со филозофирање за френологијата и животинскиот магнетизам илјадници луѓе се упропастени и доведени до неверство. Ако умот се насочи во тој правец, скоро сигурно е дека ќе ја загуби рамнотежата и ќе падне под контрола на демоните. „Празни измами“ ги окупираат умовите на јадните смртници. Тие се занесуваат со претпоставката дека во самите нив постои сила со која можат да направат големи дела и не гледаат дека им е неопходна една повозвишена сила. Принципите по кои тие се раководат се засновани на „човечкото предание, на стихиите на светот, а не по Христос“. Таквата филозофија Христос на никого не му ја препорачува. Во Неговото учење не може да се најде ништо слично на тоа. Мислите на сиромашните смртници Тој никогаш не ги насочувал во правец на мислењето дека човекот има сила што постои во него, туку ги насочувал извор на мудрост и сила да бараат кај Бога, Творецот на вселената. Посебно предупредување е дадено во стихот 18 од истата глава: „Никој своеволно да не ве мами со смиреномудрост и служење на ангелите, впуштајќи се во она што не го видел, гордеејќи се залудно со својот телесен ум“. {1С 297.1}
Учителите на спиритизмот се приближуваат до луѓето на симпатичен и заводлив начин за да ве измамат, и ако ги слушате нивните измислици, ќе бидете маѓепсани од непријателот на правдата и сигурно ќе го загубите спасението. Кога еднаш ќе паднете под восхитувачкото влијание на архиизмамникот, ќе бидете затруени со тоа, и неговото смртоносно учење ќе ја уништи во вас верата во Христос како Божји Син и вие ќе престанете да се потпирате на заслугите на Неговата крв. Оние што се заведени со ваква филозофија, восхитени се од наградата која е всушност само сатанска измама. Тие се потпираат на сопствените заслуги и доброволно поднесуваат понижување. Дури се подготвени и да се жртвуваат, а го жртвуваат својот здрав разум, верувајќи во потполна бесмислица, прифаќајќи најапсурдни идеи преку некои за кои веруваат дека се нивни умрени роднини и пријатели. Сатаната толку ги заслепува нивните очи и го изопачува нивното расудување така што не го забележуваат злото, и прифаќаат упатства кои, наводно, доаѓаат од нивните мртви роднини и пријатели кои се сега ангели во некоја повисока сфера. {1С 297.2}
Оригинална страница 298Најпривлечната измама со која се служи сатаната е замислена така, да ја придобие наклоноста на оние кои своите мили и драги ги положиле во гроб. Лошите ангели се појавуваат во облик на тие драги покојници и прераскажуваат настани од нивниот живот, па дури и прават некои работи што покојниците ги правеле додека биле живи. На тој начин тие ги измамуваат роднините на мртвите, така што овие навистина почнуваат да веруваат дека нивните покојници сега се ангели што ги заштитуваат со своите крилја и разговараат со нив. Тие свои наводни роднини тие почнуваат да ги обожаваат и на она што тие го кажуваат му придаваат поголемо значење отколку на пишаната Божја реч. Тие зли ангели, претворајќи се во обликот на драгите покојници, Божјото слово или потполно го отфрлаат како измислена приказна или, доколку тоа повеќе одговара на нивните цели, издвојуваат битни цитати што сведочат за Христос и укажуваат на патот за небото, а потоа ја изменуваат смислата на Божјата реч, прилагодувајќи ја на своите изопачени сфаќања, и така ги упропастуваат душите. Сите што тоа го сакаат, ако внимателно ја проучуваат Библијата, можат да се осведочат дека тоа е заблуда измислена за да ги уништи душите. Божјата реч јасно сведочи дека „мртвите не знаат ништо“. „Зашто живите знаат дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат, и веќе за нив нема награда, зашто и споменот за нив е предаден на заборавот, и љубовта нивна, и омразата нивна и љубомората нивна веќе исчезнале, и ќе немаат дел довека во ништо, што се случува на земјата“ (Проповедник 9:5,6). {1С 298.1}
Измамените смртници ги обожаваат злите ангели, верувајќи дека тоа се духовите на нивните мртви роднини и пријатели. Во Божјата реч изрично е нагласено дека мртвите немаат учество во ништо што се случува под сонцето. Спиритистите тврдат дека мртвите знаат сѐ што се случува под сонцето, дека тоа им го соопштуваат на своите пријатели на Земјата, давајќи им драгоцени информации и правејќи чуда. Псалмистот, спротивно на тоа, кажува: „Не ќе Те слават мртвите, Господи, ниту оние што слегуваат во местото на молкот“ (Псалм 115:17). Претворајќи се во ангел на светлината, сатаната ги користи сите можни „измами на неправдата“. Тој, кој бил во состојба Божјиот Син - кога Тој ја примил човечката природа и станал малку понизок од ангел - да го одведе на врвот од храмот, а потоа на висока планина, за да Му ги покаже царствата на овој свет, таа своја сила многу полесно може да ја примени во искушувањето на луѓето, кои во силата и мудроста се далеку пониско од Божјиот Син, дури и тогаш кога Тој на Себе ја зел човечката природа. {1С 298.2}
Оригинална страница 299Во ова изопачено време сатаната стекнува власт над сите што ќе застранат од вистинскиот пат, осмелувајќи се да стапнат на негов терен. Својата моќ над таквите тој ја покажува на мошне загрижувачки начин. Насочено ми е вниманието на зборовите „впуштајќи се во она што не го виделе, гордеејќи се залудно со својот телесен ум“. Покажано ми е дека некои, сакајќи да ја задоволат својата љубопитност, се сплеткуваат со ѓаволот. Тие всушност не веруваат во спиритизам, и со ужас би побегнале при самата мисла дека треба да бидат медиум. Но сепак се изложуваат на опасност, ставајќи се сами во положба во која сатаната може да ја примени на нив својата сила. Тие немаат намера да навлегуваат во тоа, но не се свесни што всушност прават. Тие ризикуваат да дојдат на теренот на сатаната и просто го повикуваат да ги стави под своја контрола. Тогаш овој моќен сотрувач ги смета за свој законски плен и ја применува на нив својата сила против нивна волја. А кога ќе посакаат повторно да владеат со себе, тоа веќе не можат да го сторат. Тие го потчиниле својот ум на сатаната, и тој веќе нема да ги пушти од својот затвор. Така уловената душа, никаква сила не може да ја ослободи, освен Божјата сила како одговор на најсесрдна молитва на Неговите верни следбеници. {1С 299.1}
Оригинална страница 300Единствената наша сигурност се наоѓа во тоа вистината откриена во Божјата реч да ја бараме како сокриено богатство. Значењето на саботата, природата на човекот и сведоштвото на Исус претставуваат големи и значајни вистини што треба да ги разбереме. Ќе се покаже дека тие вистини претставуваат сидро за кое Божјиот народ треба да се држи во овие последни времиња. Но поголемиот дел од човечкиот род со презир ги отфрла вистините откриени во Библијата, и со поголемо задоволство ги прифаќа човечките измислици. „Затоа што не ја примиле љубовта на вистината, та да би се спасиле. И затоа Бог ќе им испрати сила на заблуда за да поверуваат на лагата“ (2. Солунјаните 2:10,11). {1С 300.1}
Најдрски и најизопачени се оние на кои најмногу им ласкаат тие сатански духови, за кои тие веруваат дека се всушност духовите на нивните мртви роднини и пријатели. Таквите најмногу „залудно се гордеат со својот телесен ум и не се придружуваат кон Главата, од Која целото тело, поддржано преку зглобови и врски, расте со растење според Бога“ (Колосјаните 2:18,19). Тие се одрекуваат од Оној што му дава сила на телото за секој негов дел да се развие со развојот одреден од Бог. {1С 300.2}
Празна филозофија. Членовите на едно тело треба да бидат под контрола на главата. Спиритистите го отфрлаат Оној што ја претставува главата и веруваат дека сите членови треба да делуваат самостојно и утврдени закони да ги водат кон напредок и усовршување, без посредување на главата. Меѓутоа, Христос го кажува спротивното: „Јас сум вистинската Лоза, а мојот Татко е лозарот. Секоја прачка на Мене што не раѓа род ја сече, а секоја што раѓа род ја очистува за да донесе повеќе род... Останете во Мене и Јас ќе останам во вас. Како што прачката не може да донесе род сама од себе ако не е на лозата, така ни вие ако не останете во Мене. Јас сум Лозата, а вие сте прачките. Кој останува во Мене и Јас во него, тој ќе донесе многу род, зашто без Мене не можете да сторите ништо. Кој не останува во Мене, ќе биде исфрлен надвор како прачката што е отсечена и ќе се исуши, ќе ја фрлат во оган и ќе ја изгорат“ (Јован 15:1,2,4-6). {1С 300.3}
Оригинална страница 301Христос е извор на нашата сила. Тој е Лозата, а ние сме прачките. Ние мораме да примаме храна од живата Лоза. Лишени од силата и хранливоста на таа Лоза, ние сме слични на членовите на телото што нема глава и се наоѓаме во состојба во која сатаната сака да бидеме, за тој да може да нѐ контролира според својата волја. Тој работи со „секоја измама на неправдата меѓу оние што гинат, зашто не ја примија љубовта на вистината за да се спасат. Затоа Бог ќе им ја испрати силата на заблудата, за да веруваат на лагата“. Спиритизмот е лага. Тој е и заснован на првата голема лага: „Нема вие да умрете“. Илјадници го отфрлаат Христос Кој е глава, а како резултат на тоа, со телото, чии членови работат без Христос како своја глава, мора да управува некој друг, а тоа е сатаната. {1С 301.1}
Покажано ми е дека сатаната не може да владее со умот на човечките суштества, ако тие не се потчинат под негова контрола. Оние што застрануваат од вистинскиот пат сега се наоѓаат во сериозна опасност. Тие со тоа се одвојуваат од Бог и будното бдеење на Неговите ангели, и сатаната, кој одвај чека да ја уништи душата, веднаш е тука да ги изнесе своите измами. Таквите се наоѓаат во најголема опасност, и ако го согледаат тоа и се обидат да се спротивстават на силите на темнината за да се ослободат од стапиците на сатаната, нема тоа да им биде ниту малку лесно. Тие се осмелиле да зачекорат на негова почва, и тој сега полага право на нив. Тој не се притеснува да ги вложи сите свои енергии, повикувајќи ги на помош сите војски на злото, за едно единствено човечко суштество да го оттргнат од рацете на Христос. Оние што просто го повикувале ѓаволот да ги искушува, ќе мора да вложуваат очајнички напори за да се ослободат од неговата сила. Но штом ќе почнат да се залагаат за своето ослободување, Божјите ангели што тие ги жалостеле со своето застранување, веднаш ќе им помогнат. Сатаната и неговите ангели никогаш не се помируваат со тоа дека можат да го загубат својот плен. Тие се препираат и се борат со светите ангели, и таа борба е многу остра. Но кога оние што застраниле од вистинскиот пат ќе продолжат да се молат и во длабока понизност да ги признаваат своите гревови, Божјите ангели кои се надмоќни победуваат и ги ослободуваат од силата на злите ангели. {1С 301.2}
Оригинална страница 302Кога се подигна завесата и кога ми беше покажана изопаченоста на луѓето во овој век, срцето ме заболе и скоро го снема духот во мене. Видов дека жителите на Земјата ја преполнуваат чашата на своите беззаконија. Божјиот гнев сѐ повеќе се разгорува и нема да се смири сѐ додека грешниците не бидат збришани од Земјата. Сатаната е Христов личен непријател. Тој е зачетник и водач на сите бунтови и на небото и на Земјата. Жестокоста на неговиот гнев е сѐ поголема и ние не сме свесни за неговата сила. Кога нашите очи би биле отворени да видат што прават паднатите ангели со оние што се лекомислени и безгрижни, не би се чувствувале толку сигурни. Злите ангели ни се зад пети секој момент. Ние обично очекуваме само лошите луѓе да постапуваат според сугестиите на сатаната, но додека ние своите мисли не ги чуваме грижливо од неговите невидливи агенти, тие на нов и неочекуван начин прават големи чуда пред нашите очи. Дали сме подготвени да им се спротивставиме со Библијата, единственото оружје што со успех можеме да го употребиме? {1С 302.1}
Некои ќе паднат во искушение тие чуда да ги прифатат како да доаѓаат од Бога. Ќе се прават големи чуда, и болни ќе бидат исцелувани пред нашите очи. Дали сме подготвени за искушенијата што нѐ очекуваат кога сатаната ќе ги покажува своите лажни чуда со уште поголема сила? Нема ли мнозина да бидат изненадени и фатени во таа стапица? Отстапувајќи од јасните прописи, од Божјите заповеди и прифаќајќи човечки измислици, мнозина несвесно се подготвуваат да ги прифатат тие лажни чуда. Сега е време да се вооружуваме за борбата што наскоро ни претстои. Верата во Божјата реч, трудољубивото проучување на Библијата со молитва и нејзината практична примена ќе бидат наша заштита од силата на сатаната и ќе нѐ направат победници преку Христовата крв. {1С 302.2}
← Назад кон лекцијата