Делата на апостолите
Оригинална страница 346Додека на обратениците внимателно им го изнесувал јасното учење на Светото писмо за поддржување на Божјото дело, и додека за себе и за Варнава, како проповедници на евангелието, рекол: „Зар само јас и Варнава немаме право на издршка?“ (1. Коринтјаните 9:6) и додека зборувал за занимавање со световни работи за да можат да се намират потребите, Павле и самиот често, за време на својата служба во големите центри на цивилизацијата, се занимавал со својот занает и од тоа живеел. {ДА 346.1}
Евреите сметале дека физичката работа не е нешто необично или нешто што понижува. На Евреите уште преку Мојсеја им биле дадени поуки своите деца да ги навикнуваат на работа; се сметало за грев да им се дозволи на децата да израснат ненавикнати на физичка работа. Дури и за детето, подготвувано за света служба, познавањето на практичниот живот се сметало за неопходно. Секое момче, било тоа дете на богати или сиромашни родители, учело некој занает. Се сметало дека родителите, кои пропуштиле на своите деца да им помогнат да се здобијат со такво знаење, отстапуваат од изричните упатства дадени од Бога. Сообразно со тој обичај, и Павле, уште во својата рана младост изучил занает - изработка на шатори. {ДА 346.2}
Оригинална страница 347Пред да стане Христов ученик, Павле заземал висока општествена положба и не морал да работи физичка работа за да си обезбеди средства за својот живот. Меѓутоа, подоцна, кога потрошил сè што имал за напредок на Христовото дело, тој повремено работел во својот занает за да заработи за животните потреби. Тоа особено се случувало кога работел во места во кои неговите побуди би можеле погрешно да се сфатат и толкуваат. {ДА 347.1}
Првпат читаме дека Павле, кога бил во Солун, проповедајќи ја Божјата реч, со свои раце заработувал за своите животни потреби. Пишувајќи им на тамошните верници на црквата, Павле кажува: „Напротив, бевме благи меѓу вас“, а потоа додава: „Браќа, вие ги помнете нашиот труд и мака, како работевме ноќе и дење за да не обремениме некој од вас, додека го проповедавме Божјото евангелие.“ Во своето второ послание до Солунјаните, Павле за себе и за своите соработници кажува: „Ниту јадовме дарум нечиј леб, туку работевме во труд и напор, ноќе и дење, за да не му бидеме на товар некому од вас. Не затоа што немавме право на тоа, туку за ние сами да бидеме пример што ќе го следите“ (2. Солунјаните 3:8,9). {ДА 347.2}
Во Солун Павле наишол и на такви кои не сакале да работат со свои раце. Подоцна за нив тој пишувал: „Имено, слушаме дека некои меѓу вас живеат неуредно, ништо не работат, туку се занимаваат со празни работи. На таквите им заповедаме и ги молиме во Господа Исуса Христа да работат со смиреност и да си го јадат својот сопствен леб.“ Додека бил на мисионерска мисија во Солун, Павле се трудел ним да им даде личен пример. „Зашто и кога бевме со вас, ви го заповедавме ова: ‘Ако некој не сака да работи, нека и не јаде’“ (2. Солунјаните 3:11,12,10). {ДА 347.3}
Оригинална страница 348Во сите векови сатаната се трудел напорите на Божјите слуги да ги попречи внесувајќи во црквата дух на фанатизам. Така било и во времето на Павле, па и во подоцнежните векови, во времето на реформацијата. Виклиф, Лутер и многу други, кои со своето влијание и со својата вера претставувале благослов за човештвото, се судрувале со вешто поттурени измами со кои непријателот се обидува претерано одушевените, неурамнотежените и непосветените луѓе да ги заведе во фанатизам. Така заведени поединци проповедале дека вистинската светост го издигнува духот над секоја земна мисла и луѓето ги наведува да се воздржуваат од секоја работа. Други, заземајќи екстремно гледиште за некои текстови од Светото писмо, проповедале дека е грев да се работи - дека христијанинот воопшто не би смеел да мисли на земните благодати за себе и за своето семејство, туку дека својот живот мора потполно да им го посвети на духовните интереси. Учењето и личниот пример на апостол Павле претставувале вистински укор за тие екстремни гледишта. {ДА 348.1}
Додека бил во Солун, Павле не зависел исклучиво од трудот на своите раце. Осврнувајќи се подоцна на своите доживувања во тој град, тој им пишувал на Филипјаните, благодарејќи им за даровите што ги примил од нив. Тој за тоа кажува: „Ми испративте во Солун еднаш и по вторпат, за моите потреби“ (Филипјаните 4:16). И покрај тоа што ја примил таа помош, Павле се трудел на Солунјаните да им даде пример на трудољубивост, за никој да не може да го обвини за лакомост, а исто така и со личен пример да им упати практичен укор на оние кои имале фанатично гледиште за физичката работа. {ДА 348.2}
Оригинална страница 349Кога првпат бил во Коринт, Павле се нашол меѓу луѓе кои ги сомничеле побудите на секој странец. Грците што живееле крај морето биле способни трговци. Толку долго ја вежбале вештината во трговските работи, што почнале да сметаат дека трговијата е побожност и дека на секој начин, чесно или нечесно, треба само да заработуваат пари. Павле го запознал нивниот карактер и не сакал да им даде можност да зборуваат како и тој го проповеда евангелието само да се збогати. Тој со полно право можел да бара материјална поддршка и од коринтските браќа, но доброволно се откажал од тоа право со цел, неоснованото сомнение дека евангелието го проповеда само да заработи, да не го осуети неговиот успех како проповедник. Се трудел да отстрани секоја можност за погрешно толкување само со една цел - пораката на евангелието да не ја загуби својата сила. {ДА 349.1}
Набргу по пристигнувањето во Коринт, Павле „таму најде еден Евреин по име Акила, родум од Понт, кој неодамна беше дошол од Италија, заедно со жена си Прискила“. Тие биле „од истиот занает“ што го имал и Павле. Откако Клаудиј со указ наредил сите Евреи да го напуштат Рим, Акила и Прискила дошле во Коринт каде што се занимавале со изработка на шатори. Павле се распрашал за нив и кога дознал дека се бојат од Бога и дека ги одбегнуваат порочните влијанија со кои биле опкружени, тој „остана кај нив да работи, зашто нивниот занает беше изработка на шатори. А секоја сабота водеше расправа во синагогата и ги убедуваше Евреите и Грците“ (Дела 18:2-4). {ДА 349.2}
Оригинална страница 350Подоцна Сила и Тимотеј му се придружиле на Павле кој сè уште бил во Коринт. Тие браќа донеле со себе и прилози од македонските цркви наменети за помагање на делото. {ДА 350.1}
Во своето второ послание упатено до верниците во Коринт, пишувано подоцна, кога таму веќе била основана силна црква, Павле го спомнува начинот на кој живеел меѓу нив. „Грев ли сторив“, ги прашал Павле, „понижувајќи се самиот за да ве издигнам вас, кога бесплатно ви го проповедав Божјото евангелие? Зедов од други цркви, примајќи од нив плата, за вам да ви служам. А кога бев кај вас и бев во нужда, никому не му бев на товар; зашто за моите потреби се погрижија браќата кои дојдоа од Македонија. И се пазев во сè, и ќе се пазам, да не ви бидам на товар. Христовата вистина е во мене, и оваа моја пофалба нема да биде ограничена во ахајските краишта“ (2. Коринтјаните 11:7-10). {ДА 350.2}
Павле објаснува зошто така постапил во Коринт. Тој не сакал да им даде можност за забелешки на оние кои бараат повод (2. Коринтјаните 11:12). Додека се занимавал со изработка на шатори, истовремено верно го проповедал евангелието. Самиот тој сведочи за својата работа: „Знаци на вистински апостоли беа извршени меѓу вас во секакво трпение, во чудотворни знаци, чуда и сили.“ И додава: „Во што бевте помалку од другите цркви, освен што јас не ви бев товар? Простете ми ја таа грешка! Еве, готов сум да дојдам кај вас и по третпат и нема да ви бидам на товар, зашто не го барам вашето, туку вас... А јас со најголемо задоволство ќе потрошам сè и самиот ќе се потрошам за вашите души“ (2. Коринтјаните 12:12-15). {ДА 350.3}
Оригинална страница 351За време на долгиот период од својата служба во Ефес, каде што три години работел ширејќи го евангелието во таа област, Павле повторно се занимавал со својот занает. Во Ефес, како и во Коринт, апостолот го израдувало присуството на Акила и Прискила, кои го придружувале при неговото враќање во Азија пред крај на неговото второ мисионерско патување. {ДА 351.1}
Имало луѓе кои му забележувале на Павле што се мачи заработувајќи со свои раце, тврдејќи дека тоа не е во согласност со работата поврзана со проповедањето на евангелието. Зошто Павле, проповедник од највисок ранг, на ваков начин ја поврзува физичката работа со проповедањето на Божјата реч? Зар работникот не е достоен за својата плата? Зошто тој го губи своето време правејќи шатори кога очигледно би можел многу подобро да го употреби? {ДА 351.2}
Но Павле не сметал дека на тој начин губи време. Додека работел со Акила, тој бил во постојан допир со големиот Учител, не пропуштајќи ниту една прилика да сведочи за него како Спасител и да им помогне на оние на кои навистина им била потребна помош. Неговиот дух секогаш се збогатувал со нови духовни сознанија. На оние што работеле со него им давал поуки од духовен карактер, а едновремено и пример на трудољубивост и совесност. Бил еластичен, вешт и вреден работник, а и другите ги повикувал: „Не заостанувајте во ревноста; бидете горливи во духот, служејќи му на Господа“ (Римјаните 12:11). Работејќи во својот занает, апостолот дошол во допир со луѓе до кои на друг начин не би можел да допре. Тој на своите соработници им покажал дека и вештината во вообичаените дејности претставува дар од Бога кој дава и дар и мудрост дарот правилно да се употреби. Ги поучувал дека и во секојдневната напорна работа треба да го слават Господа. Неговите раце огрубени од работа, ниту малку не ја намалувале силата на возбудливите повици што ги упатувал како проповедник на христијанството. {ДА 351.3}
Оригинална страница 352Павле понекогаш работел ден и ноќ, не само да си обезбеди средства за сопствено издржување, туку и да им помогне на своите соработници. Тој својата заработувачка ја делел со Лука и му помагал на Тимотеја. Понекогаш дури и гладувал за да ги ублажи потребите на другите. Неговиот живот бил полн со несебичност. Пред крај од својата служба, при прошталниот говор што го одржал пред старешините на ефеската црква во Милет, Павле со право можел да ги подигне пред нив своите раце, огрубени од работа, и да каже: „Сребро, злато или облека не посакав од никого. Самите знаете дека овие раце им послужија на моите потреби и на оние кои беа со мене. Во сè ви покажав дека така треба да се трудите и да им помагате на немоќните и да си спомнувате на зборовите на Господа Исуса, како што рече самиот Тој: ‘Поблажено е да се дава, отколку да се зема’“ (Дела 20:33-35). {ДА 352.1}
Ако проповедниците сметаат дека се изложени на тешкотии и скудност во Христовата служба, во мислите нека се пренесат во работилницата во која работел Павле. Нека имаат на ум дека тој, од Бога одбран човек, додека се занимавал со изработка на шатори, всушност работел за насушен леб кој по правило веќе го заработил со својот труд како апостол. {ДА 352.2}
Работата е благослов, а не проклетство. Мрзливоста и неактивноста ја уништуваат побожноста и го жалостат Светиот Дух. Застојаната бара е штетна и одвратна, додека чистата, течна вода, носи здравје и радост насекаде каде што поминува. Павле знаел дека тие што ја занемаруваат физичката работа и движењето, набргу ќе станат немоќни. Тој сакал да ги поучи младите проповедници и мисионерите, работејќи со свои раце да ги засилат мускулите и телото за да можат да ги поднесат тешкотиите и лишувањата што ги очекуваат при проповедањето на евангелието. Тој исто така увидувал дека и на неговото учење ќе му недостига виталност и сила ако сите делови на својот организам не ги користи како што треба. {ДА 352.3}
Оригинална страница 353Мрзливецот го губи непроценливото искуство што се стекнува со верно извршување на секојдневните животни должности. Безброј илјадници човечки суштества живеат само затоа за да уживаат во благодатите што Бог милостиво ги излива врз нив. Тие забораваат да му донесат на Господа дар на благодарност за богатствата што им ги доверил. Забораваат дека, тргувајќи мудро со талентите што им се позајмени, мораат едновремено да бидат и произведувачи и потрошувачи. Кога би го сфатиле делото што, според намерата на Господарот, треба да го извршат како негови помагачи, тие не би ги одбегнувале должностите. {ДА 353.1}
Корисноста на младите луѓе кои сметаат дека се повикани од Бога да бидат мисионери и проповедници во голема мера зависи од начинот на кој тие пристапуваат кон својата работа. Тие што ги одбрал Бог за проповедничка служба ќе дадат докази за својот висок позив и со сите сили ќе се трудат да се развијат во способни работници. Тие ќе настојуваат да се здобијат со искуство кое ќе им овозможи да планираат, да организираат и да спроведуваат во дело. Ценејќи ја светоста на својот позив, тие по пат на самодисциплина ќе стануваат сè послични на својот Учител, откривајќи ја Неговата добрина, Неговата љубов и вистина. И откако ќе покажат сесрдност при умножувањето на талентите што им се доверени, црквата треба промислено да им помогне. {ДА 353.2}
Оригинална страница 354Не треба сите што сами за себе мислат дека се повикани за проповедници да се поттикнуваат тие и нивните семејства да се стават на товар на црквата, таа постојано да ги финансира. Постои опасност ласкањето и немудрото поттикнување да наведат поединци со ограничено искуство да очекуваат потполно издржување без никаков сериозен напор од нивна страна. Средствата што се одредени за ширење на Божјото дело не смеат да ги трошат луѓе што сакаат да проповедаат само затоа за да можат да примаат плата и на тој начин да задоволат една себична желба за лесен живот. {ДА 354.1}
Младите луѓе, кои своите способности сакаат да му ги посветат на проповедничкиот позив, ќе најдат полезна поука во примерот што го дава Павловото престојување во Солун, Коринт, Ефес и на други места. Иако бил речит говорник и од Бога одбран да изврши посебно дело, тој никогаш не сметал дека напорната работа понижува, ниту пак некогаш се колебал да поднесе жртва за делото што го сакал. „До овој час гладуваме и жеднееме, и необлечени сме, и нè бијат, и талкаме, и се трудиме работејќи со свои раце. Кога нè навредуваат, ние благословуваме; кога нè прогонуваат, ние поднесуваме“ (1. Коринтјаните 4:11,12). {ДА 354.2}
Еден од најголемите учители на човештвото, Павле, со радост извршувал најниски, како и највозвишени должности. Во неговата служба за Господа, кога го барале тоа околностите, Павле радо се фаќал за својот занает. Покрај сето тоа, тој секогаш бил подготвен да ја остави својата световна работа за да се соочи со непријателите на евангелието или да ја искористи поволната прилика да ги придобие душите за Исуса. Неговата ревност и трудољубивост претставуваат осуда и вистински укор за мрзливоста и за желбата за удобност. {ДА 354.3}
Оригинална страница 355Примерот на Павле претставува сушта спротивност на сфаќањето што се ширело во тоа време во црквата - дека евангелието можат со успех да го проповедаат само оние кои се потполно ослободени од секоја физичка работа. Тој на практичен начин покажал што можат да сторат посветените поединци, во многу места, без оглед на тоа што тие не се проповедници. Неговиот пример многу понизни работници инспирирал со желба да сторат сè што можат за напредок на Божјото дело, а едновремено да се издржуваат со својата секојдневна работа. Акила и Прискила не биле повикани сето свое време да го посветат на проповедање на евангелието, а сепак Бог ги употребил тие понизни работници на Аполо, кој подоцна станал прочуен поборник за христијанството, поцелосно да му го покажат патот на вистината. Господ употребува разновидни орудија за остварување на своите намери. {ДА 355.1}
Пред евангелските работници, кои сами се издржуваат, се отвора широко поле на работа. Мнозина можат да стекнат драгоцено искуство во службата на евангелието, иако извесен дел од времето поминуваат во некоја физичка работа; така тие стануваат добри работници во значајната служба на оние полиња каде што за тоа се чувствува потреба. {ДА 355.2}
Пожртвуваниот Божји слуга, кој неуморно се залага во речта и во науката, носи тешко бреме на своето срце. Таквиот работник својот труд не го мери со работни часови. Неговите примања немаат никакво влијание врз неговата работа, ниту пак тој ја напушта својата должност поради неповолните услови или околности. Тој својот работен налог го примил од небото и оттаму очекува награда кога ќе го заврши делото што му е доверено. {ДА 355.3}
Оригинална страница 356Според Божјата намера, таквите работници би требало да се ослободат од непотребните грижи за физичкиот опстанок за да им се даде целосна можност да го послушаат налогот што му го дал Павле на Тимотеја: „Размислувај за тоа и стој во тоа“ (1. Тимотеј 4:15). Иако тие мора да се трудат со работа и со вежба да ја одржуваат виталноста на духот и телото, сепак, не е Божји план тие да бидат присилени голем дел од своето време да го посветуваат на земните работи. {ДА 356.1}
Иако се подготвени да се трошат и да бидат потрошени при проповедањето на евангелието, тие верни работници не се поштедени од искушенија. Некои од нив непријателот огорчено ги напаѓа кога при работата ги попречуваат и ги оптоваруваат грижи поради немарноста на црквата да им даде соодветна финансиска поддршка. Кога ќе видат дека нивниот труд не се цени како што треба, тие стануваат потиштени и обесхрабрени. Навистина, тие очекуваат својата праведна награда да ја добијат на Божјиот суд, и тоа ги одржува; но во меѓувреме нивните семејства мора да имаат храна и облека. Кога би почувствувале дека се ослободени од своите должности што ги ставил Бог пред нив, тие радо би заработувале со своите раце. Меѓутоа, тие увидуваат дека нивното време му припаѓа на Бога и покрај кратковидоста на оние чијашто должност би била да им стават на располагање доволно средства. Издигнувајќи се над искушенијата да се фатат за работа која бргу би им донела толкава заработувачка за ништо повеќе да не им биде потребно, тие продолжуваат да се залагаат за напредокот на делото коешто им е помило и од животот. Од таа причина тие можат да бидат присилени да го земат за пример Павле и за извесно време да се занимаваат и со некоја физичка работа едновремено со службата на евангелието. Тие тоа не го прават од личен интерес, туку заради интересите на Божјото дело на земјата. {ДА 356.2}
Оригинална страница 357Има мигови кога на Божјиот слуга, поради недостиг на средства потребни за една темелна и совесна работа, му се чини наполно неможно да го продолжи делото што мора да се изврши. Некои стравуваат дека со средствата што им се ставени на располагање не можат да го извршат сè она што го сметаат за своја должност. Но, ако сепак продолжат напред со вера, ќе се покаже Божјото спасение и нивните напори ќе бидат наградени со успех. Оној кој им заповедал на своите следбеници да одат по сиот свет, ќе поддржи секој работник кој, прифаќајќи го неговиот налог, настојува да ја објавува неговата порака. {ДА 357.1}
При изградувањето на своето дело Господ не е секогаш подготвен на своите слуги да им ги открие сите свои намери. Тој понекогаш ја искушава верата на својот народ ставајќи го во околности што го присилуваат да оди напред само со вера. Често своите слуги ги доведува во мачна и речиси безизлезна положба и им заповеда да одат напред, иако им се чини дека веќе ги наквасиле своите нозе во брановите на Јордан. Во такви мигови, кога молитвите на неговите слуги се издигнуваат кон него со најсесрдна вера, Бог пред нив го отвора патот и ги изведува „на пространо место“. {ДА 357.2}
Кога Божјите весници ќе ја сфатат својата должност кон занемарените делови на Господовото лозје и кога во духот на најголемиот Мисионер неуморно се залагаат за преобратување на душите, Божјите ангели приготвуваат за нив пат и наоѓаат средства потребни за напредување на делото. Оние кои се посветени со Духот, радо ќе се прилагодат за да го поддржат делото што се врши за нив. Тие радо ќе се одѕвијат на секој повик за помош, а Божјиот Дух ќе влијае врз нивните срца да му дадат поддршка на Господовото дело, не само во својата земја, туку и во странските полиња. Така ќе се зголеми силата и на оние што се залагаат на други места, и делото Господово ќе напредува онака како што одредил Тој. {ДА 357.3}
← Назад кон лекцијата