Учтивост и љубезност

Адвентен дом

Привлечни глетки и звуци

Учтивоста ги совладува животните неприлики. – Начелото кое се наоѓа во советот: „Со братска љубов бидете еден кон друг љубезни“ е темел на семејната среќа. Во секој дом треба да владее христијанска учтивост. Тоа не чини многу, но има моќ да ја омекне природата која без неа би била и груба и остра. Со изградување на вистинска учтивост подготвеност на другите да им го направиме она што би сакале другите да ни го направат нас би се отстранило пола од злото во животот. {АД 421.1}

Учтивоста започнува во домот. – Ако сакаме нашите деца да бидат љубезни, учтиви и да покажуваат љубов, ние мораме да им дадеме пример за тоа. {АД 421.2}

Во односот кој постои помеѓу родителите и во ситниците треба да се види учтивоста. Сестраната љубезност треба да биде закон за домот. Не трпете груб јазик, не изговарајте ниту еден лош збор. {АД 421.3}

Сите можат да имаат радосно лице, љубезен глас, човечко однесување, а сето тоа влијае на нив. Децата ги привлекува ведрото и весело однесување. Бидете кон нив љубезни и човечни и тие исто така ќе се однесуваат кон вас и едни кон други. {АД 421.4}

Вашата учтивост и самосовладување ќе влијае на карактерот на вашите деца повеќе отколку да им зборувате за тоа. {АД 421.5}

Взаемната љубезност го претвора домот во рај. – Кога на своите деца им се зборува љубезно и со пофалба кога се обидуваат да направат добро, родителите можат да ги охрабрат нивните напори и да ги направат многу среќни; тие околу семејниот круг можат да создадат атмосфера на привлечност која ќе ја отстрани секоја темна сенка, а во нив ќе внесе сончева светлина. Меѓусебната љубезност и поднесување ќе го претвори вашиот дом во рај и светите ангели ќе влезат во семејниот круг; но тие ќе го напуштат домот во кој има нељубезни зборови, злобност и расправија. Нељубезноста, негодувањето и гневот ја затвораат вратата за Исус. {АД 421.6}

Учтивоста во секојдневниот живот и љубовта која треба да владее помеѓу членовите на истото семејство, не зависи од надворешните околности. {АД 422.1}

Пријатните гласови, благото однесување и искрената љубов кои се изразуваат во сите постапки, заедно со внимателноста, уредноста и штедењето, ја прават и колибата најсреќен дом. Создателот со наклонетост гледа на таквиот дом. {АД 422.2}

Многумина би требало помалку да живеат за надворешниот свет, а повеќе за членовите на својот семеен круг. Би требало помалку да се покажува извештачената учтивост и љубезност кон странците и посетителите, а поголема учтивост која произлегува од вистинската љубов и сочувство кон саканите кои го опкружуваат нашето огниште. {АД 422.3}

Правилна ускладеност. – Во домот е потребно да се негува правилната ускладеност. Тоа е силно сведоштво во прилог на вистината. Грубиот говор и нечовечното однесување, без оглед кај кого се јавува, укажува на расипано срце. Вистината од небото никогаш не го понижува оној кој ќе ја прифати, никогаш не го прави непристоен или груб. Со своето влијание, вистината омекнува и чисти. Кога младите ја прифаќаат вистината со срцето, таа ги прави учтиви и внимателни. Христијанската учтивост се прима само со дејствување на Светиот Дух. Таа не се покажува во извештаченоста и бесмисленото смеење. Овој вид на учтивост можете да го сретнете кај луѓето во светот, но на нив им недостасува вистинската христијанска учтивост. Правилната ускладеност, вистинската учтивост се стекнува само со познавање на Христовото евангелие. Правилната ускладеност, правата учтивост тоа е љубезноста која се укажува на сите, и на учените и на простите, и на богатите и на сиромашните. {АД 422.4}

Суштината на вистинската човечност е обѕирноста кон другите. Најважното и најсолидното образование е она кое поттикнува на соучество и љубезност кон сите. Таа таканаречена култура која не ги учи младите да бидат послушни на родителите, да ги ценат нивните добри страни, да имаат трпение кон нивните недостатоци, да им помагаат во нивните потреби; кои не ги прават внимателни и нежни, широкогради и услужни кон младите, старите и несреќните, а човечни кон сите таквата култура е промашена. {АД 423.1}

Христијанската учтивост е златна нишка која ги соединува членовите на семејството во врска на љубовта која секој ден станува сѐ поблиска и посилна. {АД 423.2}

Златно правило – закон на семејството. – Највозвишените правила кои ги одредуваат општествените и семејни односи можат да се најдат во Библијата. Таа содржи не само најдобро и најчисто мерило за моралност, туку и највозвишениот закон за учтивоста. Проповедта на нашиот Спасител на Гората содржи скапоцени упатства и за старите и за младите. Оваа проповед треба често да се чита во семејниот круг, а нејзините скапоцени поуки да се применуваат во секојдневниот живот. Златното правило: „Сѐ она што сакате да ви го прават луѓето вам, правете им го на нив,“ како и упатството од апостолот: „Почитувајте се еден со друг,“ треба да се прогласи за закон на семејството. Оние кои го негуваат Христовиот Дух во домот ќе покажат учтивост, дух на добрина и во малите должности. Тие постојано ќе се трудат да ги направат среќни сите околу себе, заборавајќи на себе во своето љубезно внимание кон другите. Тоа е род кој расте на христијанското дрво. {АД 423.3}

Златното правило е начело за вистинската учтивост, а најдобро е прикажано во Исусовиот живот и карактер. Со каква ли само благост и убавина зрачел секојдневниот живот на нашиот Спасител! Каква ли само пријатност се ширела од самата Негова присутност! Истиот дух ќе се покаже и во Неговите деца. Оние во кои престојува Исус, ќе бидат опкружени со божествена атмосфера. Нивните бели облеки на чистота испуштаат мирис од Господовата градина. Нивните лица отсјајуваат со Неговата светлина, осветлувајќи ја патеката на несигурните и уморни нозе. {АД 424.1}

Најдобрата дискусија за убавото однесување. – Најдобрата дискусија за убавото однесување која некогаш е забележана е содржана во прекрасниот налог на Спасителот и во зборовите кои Светиот Дух ги кажал преку апостолот Павле тие зборови мораат да бидат неизбришливо врежани во помнењето на секое човечко битие, и на младите и на старите: {АД 424.2}

„Како што јас ве сакам вас, така и вие меѓусебно да се сакате“. {АД 424.3}

„Љубовта долго трпи, љубовта е милостива; Љубовта не завидува;

Љубовта не се фали, Не се вообразува,

Не се однесува непристојно, Не го бара своето,

Не се раздразнува,

Не држи сметка за зло,

Не и се радува на неправдата, А и се радува на вистината, Сѐ премолчува, сѐ верува,

На сѐ се надева, сѐ трпи. Љубовта никогаш не престанува”. {АД 424.4}

Библијата бара човечност и изнесува многу описи на несебичниот дух, отмена милост и пријатен темперамент, кои се обележја на вистинската ускладеност. Сепак, сите тие се само отсјај на Христовиот карактер. Секоја вистинска нежност и човечност во светот, дури и помеѓу оние кои не го признаваат Неговото име, доаѓа од Него. Тој сака тие особини совршено да се одржуваат кај Неговите деца. негова намера е луѓето во нас да ја гледаат Неговата убавина. {АД 425.1}

Христијанството го прави човекот благороден. Христос бил учтив дури и кон Своите гонители; Неговите вистински следбеници ќе се одликуваат со истиот дух. Да го погледнеме Павле кога бил изведен пред владетелите. Неговиот говор пред Агрипа ни служи како пример на права љубезност, како и на убедливо зборување. Евангелието не ја поддржува формалната учтивост, вообичаена во светот туку онаа која потекнува од правата љубезност на срцето. {АД 425.2}

Ние не се залагаме за она што светот го нарекува учтивост, туку за учтивоста која секој ќе ја понесе во домот на благословените. {АД 425.3}

Учтивост поттикната од љубов. – И највнимателното негување на надворешниот облик на пристојност не е во состојба да ја исклучи сета суровост, грубото осудување и непристојниот говор. Вистинската ускладеност не може да се открие сѐ додека „ЈАС“ стои на првото место. Во срцето мора да престојува љубовта. Правиот христијанин ги црпи желбите за своите постапи од својата длабока љубов кон Учителот. Од коренот на неговата љубов кон Христа се јавува несебичност кон неговите браќа. {АД 425.4}

Од сѐ што се бара, сака и негува, ништо пред Бога нема толкава вредност како чистото срце и благодарниот и тивок дух. {АД 425.5}

Ако божествената складност на вистината и љубовта постои во срцето, тоа ќе се открие во зборовите и делата… Духот на правата добрина мора да живее во срцето. На оној кој ја поседува, љубовта му дава гладост, пристојност и убаво однесување. Љубовта го украсува лицето и го ублажува гласот; таа облагородува и го подига целиот човек. Таа го доведува во склад со Бога, затоа што таа е небесна вредност. {АД 426.1}

Правата човечност не се учи со едноставно применување на правилата на убаво однесување. Секогаш треба да се внимава на пристојноста во однесувањето; секаде каде што начелата не се загрозени, вниманието кон другите ќе нѐ наведе да ги почитуваме прифатените обичаи; но вистинската човечност не нѐ принудува да ги жртвуваме начелата за конвенционалноста. Таа не ги признава општествените разлики. Таа нѐ учи на почитување на сами себеси, на почитување на достоинството на човекот, на почитување на секој член на големото човечко братство. {АД 426.2}

Љубовта се изразува со поглед, зборови и дела. – Пред сѐ родителите треба да ги опкружат своите деца со атмосфера на радост, учтивост и љубов. Домот во кој владее љубов и во кој таа се изразува со погледи, зборови и дела е место на кое ангелите со радост престојуваат. Родители, дозволете сончевите зраци на љубовта, радоста и среќното задоволство да го осветлат вашето срце; дозволете таквото влијание да завладее со вашиот дом. Покажете дух на љубезност и простување, барајте вашите деца да појдат по вашите стапки и да ги негуваат сите овие вредности кои го направиле домот среќен. Така создадената атмосфера за децата ќе биде она што воздухот и сонцето се за растителниот свет, затоа што ќе дадат здравје и крепост на умот и телото. {АД 426.3}

Кроткото однесување, ведриот разговор и љубезните постапки ќе го врзе срцето на децата за нивните родители со свилени нишки на љубовта и ќе го направи домот попривлечен, отколку најретките украси кои може да се купат со злато. {АД 426.4}

Ускладена природа. – Божја волја е личностите со најразлични карактери да живеат заедно. Во таков случај секој член на домот треба свето да ги почитува чувствата на другите и нивните права. На овој начин ќе се негува взаемната внимателност и поднесување, ќе исчезнат предрасудите, а грубоста во карактерот ќе се намали. Така, складноста може да се сочува, а усогласувањето на различните природи на секого му носи корист. {АД 427.1}

Ништо не може да го надополни недостатокот од учтивост. – Оние кои тврдат дека се Христови следбеници, а во исто време се груби, нељубезни и неучтиви во зборовите и однесувањето, не учеле од Исуса. Човекот кој се фали, кој е дрзок и кој осудува не е христијанин; да се биде христијанин значи да се биде близок до Христа. На однесувањето на некои кои тврдат дека се христијани, им недостасува толку многу љубезност и учтивост, така што за нивното добро се зборува како за зло. Не мора да се сомнева во нивната искреност, нивната исправност може да биде беспрекорна; но искреноста и исправноста не можат да го заменат недостатокот од љубезност и учтивост. Христијанинот треба да биде сочувствителен, а во исто време и вистинољубив, милостив и учтив, како и праведен и чесен. {АД 427.2}

Секое запоставување на усогласените постапки и нежното внимание на братот кон брат, секое запоставување на љубезните охрабрувачки зборови во семејниот круг, на родителите кон децата и на децата кон родителите, укажува на навиките кои го прават карактерот нехристијански. Ако се внимава на овие ситници, тие подоцна стануваат големи. Тие пораснуваат до големи размери. Тие го шират пријатниот мирис за живот, кој се крева кон Бога како свето кадење. {АД 427.3}

Многумина се желни за внимание. – Многумина длабоко копнеат за пријателско сочувство… Ние мораме да заборавиме на себе и секогаш да бараме можност дури и мала, за да покажеме благодарност за доброто кое сме го примиле од другите; ние мораме да бараме можности да ги охрабриме другите, и со своите нежни постапки и мали дела на љубов да им ги олесниме и симнеме нивните товари. Овие промислени услужливости, кои започнуваат во нашето семејство, преминуваат на семејниот круг и помагаат да се зголеми општата животна среќа. Запоставувањето на овие мали дела предизвикува горчина и страдање во животот. {АД 428.1}

Значењето на општествените односи. – Христијанството доаѓа во врска со светот и луѓето помеѓу општествените односи. Секој човек и секоја жена, кои ја вкусиле Христовата љубов и во срцето ја примиле божествената светлина, од Бога се повикани да ги осветлат мрачните патишта на луѓето кои не запознале подобар пат. {АД 428.2}

Со своите зборови и пријателската насмевка можеме да им изразиме илјадници мали вниманија, кои ќе ни возвратат. Неразумните христијани со својата невнимателност кон другите покажуваат дека не се во заедница со Христа. Невозможно е да се биде во заедница со Христа, а да се покажува нељубезност кон другите и да се запоставуваат нивните права. {АД 428.3}

Сите треба да станеме Исусови сведоци. Друштвеноста посветена на Христовата милост, треба да се прошири, ако сакаме да ги придобиеме душите за Спасителот. Светот нека види дека не сме себично преокупирани со своите грижи туку дека сакаме со другите да ги поделиме своите благослови и предности. Да покажеме дека нашата вера не нѐ прави бесчувствителни и строги. Сите оние кои велат дека го нашле Христа нека им служат на другите онака како што Тој им служел на луѓето. Во овој свет никогаш не смееме да оставиме погрешен впечаток дека христијаните се тажни и несреќни луѓе. {АД 428.4}

Ако во домот сме учтиви и благи, ние од него ќе понесеме мирис на пријатно расположение. Ако во својот дом покажеме трпение, поднесување, кротост и умереност, ќе бидеме во состојба да бидеме светлина. {АД 429.1}