Четивото и неговото влијание
Адвентен дом
Врата која мораме да ја чуваме
Хранете ја детската душа со вистинска храна. – Детскиот чувствителен ум, во текот на својот развој, тежнее кон знаење. Самите родители мораат да бидат добро упатени, за на умот на своите деца да му дадат вистинска храна. Како телото така, и умот добива сила од храната што ја прима. Тој се развива и се подига со чистите и силни мисли, но целосно се осиромашува со земните мисли. {АД 410.1}
Родители, вие треба да одлучите дали разумот на вашите деца ќе биде пронижан со благородни или со расипани мисли. Вие не можете нивниот темпераментен ум да го оставите невработен, ниту со негодување ќе го искорените злото. Погрешните мисли можете да ги потиснете само со всадување на вистински начела. Ако во срцето на своите деца, родителите не го посеат семето на вистината, непријателот ќе посее какол. Доброто и разумно упатство е единствена заштита од лошите сознанија кои го расипуваат доброто однесување. Вистината ќе ја заштити душата од постојаните искушенија, на кои треба да им се спротивставиме. {АД 410.2}
Родителите треба да ја надгледуваат навиката на читањето. – Многу млади сакаат да читаат. Тие се подготвени да читаат сѐ што ќе им дојде при рака. Ги повикувам родителите на таквите деца да ја надгледуваат нивната желба за читање. Не дозволувајте на вашите маси да има весници и списанија, во кои се наоѓаат љубовни приказни. Нивното место пополнете го со книги кои ќе им помогнат на младите во куќата на својот карактер да го употребат најдобриот материјал Божјата љубов и страв, познавањето на Христа. Поттикнете ги своите деца својот ум да го збогатат со корисно знаење, со она што е добро да ги исполнат душите и да завладеат со неговите моќи, не оставајќи место на изопачените мисли. Ограничете ја желбата за читање на она што не нуди добра храна за умот. {АД 410.3}
Родителите мораат да настојуваат од својот дом да го отстранат секое влијание кое не води кон добро. Во овој поглед некои родители мораат многу да научат. На оние кои слободно читаат романи и лесни приказни во весниците би им рекла: Вие сеете семе чија жетва не би сакале да ја жнеете. Од таквото читање не се добива духовна сила. Всушност тоа ја уништува љубовта кон чистата вистина на Речта. Со посредство на лесните приказни од весниците и романите, сатаната со нереални и незначајни мисли го исполнува умот кој би требало внимателно да ја проучува Божјата реч. На овој начин тој на илјадници и илјадници им одзема време, сила и самодисциплина кои се потребни за сериозните животни проблеми. {АД 411.1}
Децата треба да го читаат само она што ќе им донесе задоволство и разонода, а не обесхрабрен ум и заморено тело. Ако се навикнат на љубовни романси и приказни од весниците, полезните книги и списанија ќе им станат омразени. Повеќето деца и млади сакаат да читаат; ако ние не го избереме она што ќе го читаат, тие ќе го направат тоа сами. Тие можат да најдат штетно четиво секаде околу себе и набрзо ќе го прифатат; но ако им дадеме чисто и добро четиво, тие со текот на времето ќе го засакаат. {АД 411.2}
Изградете правилен вкус. – Книжевниот вкус мора да се изгради со најголема грижа. Родителите мораат многу рано да им го откријат Писмото на младиот ум на своите деца, за правилно да ги обликуваат способностите на расудување. {АД 411.3}
Не ги штедете напорите да развиете правилни навики за учење. Ако умот талка, вратете го. Ако интелектуалниот и моралниот вкус се расипани со раздразливи и возбудливи, нереални приказни и затоа е тешко да се поттикнат правилните размислувања, тогаш мора да се преземе сериозна борба за да се совлада таквата склоност. Љубовта кон нереалните, измислени приказни мора брзо да се искорени. Спроведете строги правила за умот да се задржи на добар пат. {АД 411.4}
Не негувајте површен вкус. – Што да читаат нашите деца? Ова е сериозно прашање, кое заслужува сериозен одговор. Ме вознемирува кога во домовите на почитувачите на саботата гледам списанија и весници со приказни во продолженија кои на умот на децата и младите не оставаат добар впечаток. Ги набљудував оние кои така развиле склоност кон измислени приказни. Тие имале можност да ја слушнат вистината, да се запознаат со причините за нашата вера; но тие пораснале лишени од вистинската и практична побожност. {АД 412.1}
Читателите на измислените приказни му попуштаат на злото кое го уништува духовниот живот и ја затемнува убавината на светите страници. {АД 412.2}
Поплава од штетни книги. – Светот е преплавен со книги кои би требало да се запалат, а не да се разделуваат. Книгите со возбудлива содржина се печатат и издаваат само поради стекнување на пари, младите не би требало никогаш да ги читаат. Таквите книги имаат сатанска привлечност… {АД 412.3}
Навиката за читање приказни е едно од средствата кои сатаната ги користи за да ги упропасти душите. Таа создава лажно, нездраво возбудување, ја разгорува фантазијата, оневозможува дејствување на умот и го онеспособува за секоја духовна служба. Таа ја одбива душата од молитви и љубовта кон духовните вредности. {АД 412.4}
Делата исполнети со нереалност, лесномисленост и возбудливост, во голема мера се проклетство за читателот. Писателот можеби тврди дека дава морална поука; дека своето дело го пронижал со големи чувства, но тие често служат само за да ја прикријат бесмисленоста и безвредноста. {АД 413.1}
Неморални писатели. – Друг извор на опасности од кои мораме постојано да се чуваме се делата на неморалните писатели. Таквите дела ги вдахнал самиот непријател на вистината и никој не може да ги чита, а душата да не ја изложи на опасност. Вистина е дека некои, кои ги читале таквите дела можат на крајот да закрепнат; но сите кои се под нивното лошо влијание стапнуваат на сатанското тло, а тој тоа добро го користи. Бидејќи попуштиле на неговите искушенија, тие се лишени од мудрото расудување и силата да им се спротивстават. Неверството и неморалот со заведувачка сила се врежуваат во умот. {АД 413.2}
Митови и бајки. – Во воспитувањето на децата и младите сказните, митовите и измислените приказни денес имаат голема улога. Книгите со вакви содржини се користат во училиштата и можат да се најдат во многу домови. Како родителите христијани можат да им дозволат на децата да користат книги исполнети со лаги? Кога децата прашуваат за значењето на приказната која е спротивна на учењето на нивните родители, тие одговараат дека тие приказни не се вистинити. Меѓутоа, тоа не ги отстранува лошите последици од нивната употреба. Мислите кои се наоѓаат во овие книги ги заведуваат децата. Тие им даваат погрешен поглед на животот и во нив ги всадуваат желбите за она што е нереално… {АД 413.3}
Во рацете на децата или младите никогаш не треба да ставите книги кои содржат искривена вистина. Да не дозволиме нашите деца, во текот на стекнување на образование да примаат идеи кои подоцна ќе се покажат како семе на гревот. {АД 413.4}
Уништување на умствените способности. – Има малку стабилни умови поради што родителите се несфатливо невнимателни кон својата должност да ги зајакнат слабите и да ги отстранат лошите црти на карактерот. Тие забораваат дека на нив почива најсвечената обврска да внимаваат на склоностите на секое дете дека нивна должност е да ги учат своите деца на добри навики и правилно размислување. {АД 414.1}
Негувајте ги моралните и умствени способности. Не дозволувајте овие благородни способности да ослабат и да бидат расипани од многу читање приказни. Познавам силни умови кои ја изгубиле рамнотежата и станале делумно примамени или парализирани од неумереното читање. {АД 414.2}
Детето и возбудливото четиво. – Читателите на возбудливи приказни стануваат неспособни за секојдневните животни должности. Тие живеат во нереален свет. Имав можност да набљудувам деца на кои им било дозволено често да читаат такви приказни. И во домот и надвор од него тие биле немирни, занесени, неспособни да разговараат за било што освен за најобичните работи. Верската мисла и разговор биле целосно непознати за нивниот разум. Изградувајќи ги барањата за возбудливи приказни, тие го расипале својот вкус и умот не е задоволен сѐ додека не се нахрани со таа нездрава храна. За оние кои уживаат во такво четиво, не можам да најдам подобро име од умствени пијаници. Неумереното читање влијае на мозокот, како што неумереното јадење и пиење влијаат на телото. {АД 414.3}
Пред да ја прифатат сегашната вистина, некои изградиле навика на читање романи. Кога се приклучиле на црквата, тие настојувале да се ослободат од тие навики. На такви личности да им се понуди четиво слично на она кое го отфрлиле е исто како да му се понуди алкохолен пијалак на пијаница. Попуштајќи му на искушението на кое постојано се изложени тие наскоро ќе го изгубат своето воодушевување за разумното четиво. Таквите не ги интересира проучувањето на Библијата. Нивните морални моќи слабеат. Гревот изгледа сѐ помалку одвратен. Во нив полека се јакне неверството и одбивноста кон практичните животни должности. Како умот се изопачува, така станува сѐ поподготвен да прифати секакво возбудливо четиво. На тој начин на сатаната му е отворен патот целосно да ја преземе душата. {АД 414.4}
Површно читање. – Изложени на застрашувачката поплава од печатен материјал, кој постојано тече од печатницата, старите и младите стекнуваат навика да читаат брзо и површно, а умот ја губи способноста да мисли поврзано и живо. Освен тоа голем дел од весниците и книгите кои, како жабите во Египет ја преплавуваат земјата, не се само тажни, празни и штетни туку и порочни и понижувачки. Нивна цел не е само да го отрујат и упропастат умот туку и да ја расипат и уништат душата. {АД 415.1}
Нашите списанија и весници. – Има такви кои тврдат дека се верници кои не го земаат Review (Гласник) , Signs (Знаците и времето) , Инструктор или Good Health (Животот и здравјето) , но земаат еден или два световни весници. Нивните деца особено се заинтересирани за читање на измислени и љубовни приказни кои ги наоѓаат во тие весници, а кои нивниот татко може да ги купи иако тврди дека не може да ги купи нашите весници и изданија за сегашната вистина… {АД 415.2}
Родителите треба да ги чуваат своите деца и да ги поучуваат да негуваат чисти мечтаења, а како од шуга да ги избегнуваат стриповите со сентиментални содржини кои се појавуваат во весниците. На вашите маси и во вашите библиотеки треба да има изданија со морална и верска содржина за да можат вашите деца да го изградат вкусот за возвишеното четиво. {АД 415.3}
Целта на читањето. – Бидејќи гледам опасност која им се заканува на младите од непристојно четиво, не можам, а повторно да не упатам опомени кои ги примив со оглед на ова големо зло. {АД 416.1}
Малку се сфаќа штетата која ја доживуваат работниците во допирот со она што е од сомнителен карактер. Она со што се во допир го привлекува нивното внимание и го поттикнува нивното интересирање. Цели реченици се врежуваат во помнењето. Се јавуваат мисли. Речиси несвесно читателот потпаѓа под влијание на писателот, а умот и карактерот го примаат злото. Оние на кои верата и самословладувањето им слабее, тешко можат да ги отстранат мислите кои им ги нуди таквата литература. {АД 416.2}
О, кога младите би размислувале за влијанието кое го имаат овие книги на умот! Можете ли по такво четиво, да ја отворите Божјата реч и со интересирање да ги читате зборовите на животот? Зар не сфаќате дека Божјата книга е незаменлива? Магијата од тие љубовни приказни го окупира умот, го уништува неговото здравје и го прави невозможно да го насочите на важните, свечени вистини кои одлучуваат за вашата вечност. Вие грешите против своите родители кога на толку бедна цел и го посветувате времето кое ним им припаѓа, грешите и кон Бога, затоа што го трошите времето кое би требало да му биде Нему посветено. {АД 416.3}
Деца, имам вест за вас. Денес одлучувате за својата иднина и ѕидате зграда на карактер кој ќе ве исклучи од Божјиот рај… Исус, Спасителот на светот, е тажен кога гледа семејство во кое децата немаат љубов за Бога, не ја почитуваат Неговата реч, затоа што се окупирани со читање на приказни. Времето поминато на овој начин ве лишува од желбата да станете корисни во извршувањето на домашните должности; тоа ве онеспособува да станете глава на семејството. Тоа сѐ повеќе и повеќе ќе ве заплеткува во сатанската замка… Некои книги содржат прекрасни начела, но вие ги читате само поради случувањата. Кога од книгите кои ги читате би го собрале само она што би ви помогнало во изградба на карактерот, вашето читање би ви донело некакво добро. Додека ги земате книгите и листате страница по страница, дали се прашувате: Која е целта од моето читање? Дали тежнеам да го стекнам потребното знаење? Не можете да изградите вистински карактер, ако во темелот ставате дрво, сено и слама. {АД 416.4}
Сејте семе на библиската вистина. – Постои голема сличност помеѓу необработеното поле и неизградениот ум. Во умот на децата и младите непријателот сее плевел, и ако родителите не внимаваат, тој ќе никне и ќе донесе лош род. За обработување на полето на умот и сеењето на скапоценото семе на библиската вистина, потребна е постојана грижа. Децата треба да се поучуваат да ги отфрлат неважните возбудливи приказни, а да го прифатат корисното четиво кое ќе го поттикне умот да се заинтересира за библиските случувања, историјата и доказите. Четивото кое ќе ги осветли светите Списи и ќе ја поттикне желбата за проучување не е опасно туку е корисно. {АД 417.1}
Невозможно е младите да имаат здрав ум и исправни верски начела ако не уживаат во истражувањето на Божјата реч. Оваа книга содржи неинтересна историја, го покажува патот на спасение во Христа и служи како водач во подобар и поблагороден живот. {АД 417.2}
Петнаесетти дел
ВРЕДНОСТИ КОИ ГО КРАСАТ СЕМЕЈНИОТ ЖИВОТ

