Првото училиште за децата

Адвентен дом

Првото училиште за децата

Божјиот првобитен план за воспитување. – Семејството било во центарот на системот на воспитание кој бил воспоставен во Едем. Адам бил „син Божји“ (Лука 3:38), и децата на Севишниот примале поуки од својот Татко. Нивното училиште било семејно училиште во вистинска смисла на зборот. {АД 181.1}

Во периодот на патријарсите воспитанието претежно се добивало во семејството. Во така основаните училишта Бог обезбедил најдобри услови за развој на карактерот. Луѓето кои Тој ги водел, сѐ уште живееле онака како што Тој одредил на почетокот. Оние кои се оддалечиле од Бога, си граделе градови за себе, во нив се собирале, уживале во сјајот, раскошот и порокот, коишто и денешните градови ги прават гордост и проклетство на светот. Но луѓето кои цврсто се држеле за Божјите начела на животот престојувале во полињата и на ридовите. Тие обработувале земја и чувале крупен и ситен добиток, и во тој слободен и независен живот, кој им давал можности за работа, проучување и размислување, учеле од Бога и ги поучувале своите деца за Неговите дела и патишта. Тоа е метод на воспитание кој Бог сакал да го воспостави во Израел. {АД 181.3}

Во секојдневниот живот семејството било и училиште и црква, а родителите биле учители како во световното така и во верското подрачје. {АД 182.1}

Семејниот круг е училиште. – Во Својата мудрост Господ одредил семејството да биде најголемата воспитна установа. Воспитанието на детето треба да започне во домот. Тоа е Неговото прво училиште. Тука тоа од родителите ќе добие поуки кои ќе го водат целиот живот поуки за почитување, послушност, стравопочитување и самосовладување. Влијанието на семејното воспитание е сила којашто одлучува помеѓу доброто и злото. Тие во секој поглед делуваат тивко и постепено, но ако се позитивни, ја претставуваат далеку достижната сила којашто води кон вистината и правдата. Ако детето во домот правилно не се воспита, сатаната ќе го воспита преку своите орудија. Тогаш од колкава важност е училиштето во домот! {АД 182.2}

Гледајте на семејниот круг како на училиште во кое ги подготвувате своите деца за извршување на должноста во домот, во општеството и во црквата. {АД 182.3}

Воспитанието во домот е од вистинска важност. – Тажен е фактот кој речиси сите го признаваат и го осудуваат, дека воспитанието на младите во домот денес целосно е запоставено. {АД 182.4}

Нема поважна работа од онаа која е доверена на основачите и чуварите на домот. Ниту една работа, која е доверена на луѓето, не остава поголеми или подолготрајни последици од работата на татковците и мајките. {АД 182.5}

Иднината на општеството денес ја одредуваат младите и децата, а што ќе бидат тие, зависи од домот. Недостатокот на правилно домашно воспитание може во најголема мера да се земе како причина за болести, сиромаштија и злосторство кои се вистинска несреќа за човештвото. Кога животот во домот би бил чист и чесен и кога децата, кои излегле од домот би биле подготвени да ги прифатат одговорностите и опасностите во животот, до какви промени би дошло во светот! {АД 182.6}

Сето останато на второ место. – Секое дете кое дошло на свет е сопственост на Исуса Христа и тоа треба да се воспита со зборови и пример да го сака и слуша Бога. Меѓутоа, најголем број од родителите го запоставиле делото кое им го доверил Бог и изостанало воспитанието и подготовката на децата да го познаваат и сакаат Исуса Христа, почнувајќи од првите денови на развојот на детскиот ум. Со сериозен труд родителите треба да го следат и воочат почетокот на отворањето на детскиот ум; во животот и домот сѐ останато нека биде на второ место, освен позитивните должности коишто им се доверени од Бога да ги воспитуваат своите деца во Господовата наука и со совет. {АД 183.1}

Родителите не треба да дозволат со нив да управуваат деловните грижи, светските обичаи и начела, како и модата и заради тоа да ги запостават своите деца во раното детство и да не им дадат соодветно воспитание во текот на нивниот развој. {АД 183.2}

Една од најсилните причини што денес во светот постои толку зло е тоа што родителите се презафатени со она што е помалку значајно, а го запоставиле она што е најважно како да се прилагодат на задачата и трпеливо и љубезно да ги поучуваат своите деца кон Господовите патишта. Кога би можеле да ја отстраниме завесата, би виделе како многу, многу деца кои тргнале на погрешен пат, поради ова невнимание се изгубени за позитивното влијание. Родители, зар можете да дозволите тоа да се случи во Вашиот живот? Никаква друга работа не би смеела да ви биде толку важна за да ве спречи на своите деца да не им го посветите сето потребно време, за да можете да им помогнете да сфатат што значи целосно да се слуша и да се верува во Господа… {АД 183.3}

Што ќе пожнеете како награда за својот напор? Ќе ги најдете своите деца покрај себе, подготвени да соработуваат со вас во она што им го советувате. И тогаш ќе констатирате дека својата работа можете лесно да ја извршите. {АД 184.1}

Божјите наставници во семејното училиште. – Родителите треба себе си да се сметаат како Божје орудие за воспитување на своите деца, како што тоа бил Авраам, да се држат до Господовите патишта. Тие треба грижливо да го истражуваат Светото писмо, да знаат што е Господов пат, за да можат да му го откријат на својот дом. Пророкот Михеј напишал: „Што сака Господ од тебе освен да го правиш она што е добро, да ја сакаш милоста и да одиш смирено со својот Бог“. (Михеј 6:8) За да бидат вистински учители, родителите мораат да бидат ученици, кои постојано примаат светлина од Божјата реч, а таа скапоцена светлина со пример и зборови внесува воспитание кај нивните деца. {АД 184.2}

Според светлината којашто ми ја даде Бог, знам дека сопругот и сопругата во својот дом треба да бидат проповедник, доктор, болничар и учител, кој ги врзува своите деца за себе и за Бога, учејќи ги да ја избегнуваат секоја навика која на било кој начин би била против Божјото дејствување во телото, учејќи ги да се грижат за секое Негово дело. {АД 184.3}

Мајката мора да го стави на прво место воспитувањето на своите деца. Додека на таткото почиваат тешки и важни должности, мајката со своето постојано дружење со децата, особено додека се мали, секогаш мора да биде нивен близок учител и пријател. Таа треба да вложи голем труд кај своите деца да ја развие смислата за чистота и уредност и да им помогне да ги обликуваат правилните навики и вкус; таа треба да ги развива во нив внимателноста, самодовербата и подготвеноста да помогнат на другите, да живеат, дејствуваат и работат, свесни дека секогаш се наоѓаат пред Божјите очи. {АД 184.4}

Постарите сестри можат силно да влијаат на помладите членови на семејството. Помладите, поттикнати од примерот на постарите, повеќе би ги прифатиле начелата откриени со жив пример отколку со често повторување на правилата. Најстарата ќерка треба да го смета за христијанска должност помагањето на мајката во носењето на нејзините многу тешки товари. {АД 185.1}

Родителите треба голем дел од своето време да го поминат во домот. Со поуки и пример нека ги учат своите деца да го сакаат Бога и да живеат во Господов страв. Учете ги да бидат разумни, друштвени, сочувствителни; да негуваат навика на грижливост, штедливост и самоодрекување. Покажувајќи им на децата љубов во својот дом, сочувство и охрабрување, родителите можат да им пружат сигурна заштита од многу световни искушенија. {АД 185.2}

Подготовка за црковното училиште. – Нашите момчиња и девојчиња треба во училиштето во домот да се подготват за училиштето во црквата. Како учители во домот, родителите треба постојано да размислуваат и сите сили на своето битие да ги посветат на Бога, затоа што така ќе ја исполнат својата возвишена и света задача. Грижливото и доследно поучување во домот е најдобрата подготовка со којашто децата може да се подготват за училиштето во животот. {АД 185.3}

Божјото упатство на прво место. – Имаме библиски начела според кои треба да се управуваат сите, и родителите и децата, возвишено и свето мерило од кое нема отстапување. Божјите упатства мораат да бидат на прво место. Таткото и мајката во семејството нека ја отворат Божјата реч пред Оној кој ги испитува срцата и искрено да се запрашаат: „Што вели Господ“?{АД 185.4}

Учете ги своите деца да ја сакаат вистината затоа што е вистина. Така тие треба да бидат осветени со вистината и оспособени да му пристапат на големиот испит, на кој набрзо ќе се види дали се подготвени да влезат во возвишеното дело и да станат членови на царското семејство, деца на небесниот Цар. {АД 186.1}

Подготовка за претстојните случувања. – Сатаната ја собира својата војска. Дали сме лично подготвени за страшната борба која што е непосредно пред нас? Дали ги подготвуваме своите деца за големата криза? Дали се подготвуваме себеси и своите домашни да ја сфатат положбата на нашиот духовен непријател и начинот на неговото војување? Дали нашите деца изградуваат навики на одлуки да останат цврсти и непоколебливи во секое начело и должност? Го молам Бога да ни помогне сите да ги разбереме знаците на времето и себе си и своите деца да ги подготвиме така што во времето на борба Бог може да биде наша заштита и одбрана. {АД 186.2}