Изградба и опремување на домот

Адвентен дом

Изградба и опремување на домот

Обезбедете вентилација, сончева светлина и канализација. – При ѕидање на зградите, без разлика дали се јавни или приватни за живеење, треба да се предвиди добра вентилација и многу светлина. Црквите и училишните простории често во овој поглед имаат недостатоци. Недостатокот од соодветна вентилација е причина за поспаност и тромавост која го упропастува дејството на многу проповеди, а работата на учителот станува напорен и безуспешен труд. {АД 148.1}

Колку што е возможно, сите згради за живеење треба да се градат на повисоко исушено земјиште… За ова често недоволно се мисли. Постојаното лошо здравје, сериозните заболувања и честата смртност се последица од влажната и маларична земја. {АД 148.2}

Во зградите за живеење многу е важно да се обезбеди добра вентилација и многу сонце. Покрај мноштвото светлина, треба да се настојува воздухот слободно да струи во секоја просторија. Спалната соба треба да се изгради така што воздухот постојано ќе струи во неа. Ниту една соба не е добра за спиење, ако секојдневно не може да биде изложена на сончева светлина и не струи чист воздух. Во повеќето земји спалните соби треба да имаат уреди за затоплување за да можат во студено и влажно време да се стоплат и исушат. {АД 148.3}

За гостинската соба треба да се грижите како и за просториите коишто се користат постојано. Како и другите спални соби и таа треба да има воздух и сонце, како и уред за греење, за да се исуши влагата која секогаш се собира во простории кои долго не се употребувани. Кој и да спие во соба којашто не е изложена на сонце или во кревет којшто не е доволно проветрен, го изложува на опасност своето здравје, а често и животот… {АД 148.4}

Оние коишто се грижат за постарите домашни, треба да имаат на ум дека ним им се потребни топли и удобни соби. Силата исчезнува со годините и се намалува способноста за отпорност на болести; оттука на постарите им е потребна поголема сончева светлина и свеж чист воздух. {АД 149.1}

Одбегнувајте ги низините. – Ако сакаме во нашите домови да владеат здравјето и среќата, мораме да ги ѕидаме таму каде што ги нема нездравите испарувања, маглата којашто може да се сретне во низините, за да можеме да ги искористиме сите благослови кои ни ги дава небото. Отфрлете ги тешките завеси, отворете ги прозорците и капаците, не ѝ дозволувајте на никаква лозница, без оглед колку и да е убава да ги засенува прозорците, како ниту дрвјата да стојат блиску до домот и да го затскриваат од сончевата светлина. Сонцето може да ги избледи завесите и теписите, а на рамките на сликите да им го одземе сјајот, но на вашите деца ќе им подари здрави и румени образи. {АД 149.2}

Дворот околу куќата. – Дворот кој е украсен на места со засадени дрвја и грмушки, малку оддалечени од куќата, делува пријатно за семејството; а ако добро се негуваат, тие нема да му штетат на здравјето. Меѓутоа, дрвото со сенка и грмушки непосредно околу куќата не е здраво, затоа што го спречува слободното струење на воздухот и ги задржува сончевите зраци. Поради тоа се јавува влага во куќата, особено во влажните годишни времиња. {АД 149.3}

Природната убавина влијае на домот. – Бог ја сака убавината. Тој ги облекол земјата и небото во убавина и со татковска радост ги набљудува своите деца опкружени со она што го создал. Тој сака своите домови да ги опкружиме со убава природа. {АД 149.4}

Речиси сите жители на селото, можат без оглед на имотната состојба околу своите домови да имаат малку тревна површина, неколку дрвја со сенка, украсни грмушки или миризливо цвеќе. За среќата на еден дом тоа вреди повеќе од секое вештачко украсување. Тоа во семејниот живот ќе внесе благородно влијание, кое ќе ја зајакне љубовта кон природата, а членовите на домот меѓусебно ќе ги поврзе и приближи кон Бога. {АД 150.1}

Мебелот треба да биде едноставен. – Нашите неприродни навики не лишуваат од многу благослови и радости и нѐ онеспособуваат да живееме полезен живот. Убав и скапоцен мебел не е само расфрлање на пари, туку и она што е илјада пати поскапоцено. Тој во домот ни донесува тежок товар на грижи, труд и неволји… {АД 150.2}

Наместете го својот дом со едноставен мебел, со предмети со кои лесно се ракува, кои лесно се чистат и кои без големи трошоци можат да се заменат. Со многу вкус можете да направите многу едноставниот дом да стане пријатен и привлечен, ако во него владеат љубовта и задоволството. {АД 150.3}

Среќата не се наоѓа во празниот сјај. Колку е поедноставен редот во добро среденото домаќинство, толку домот ќе биде посреќен. {АД 150.4}

Чувајте се од натпреварувачкиот дух. – Животот за мнозина значи разочарување и умор, затоа што на себе товарат непотребни работи во желба да ги задоволат помодарските обичаи. Нивните мисли постојано се оптоварени со грижа како да ги задоволат потребите коишто произлегле од злоба и разгаленост… {АД 150.5}

Трошоците, грижите и трудот се расфрлаат на она што иако не е штетно, не е ниту потребно, а што со некоја повредна намера би било од поголема полза за напредок на Божјите дела. Луѓето копнеат по луксузен живот и ги жртвуваат здравјето, силата и средствата само за да го исполнат. Помеѓу луѓето од иста општествена положба, за жалење е појавата на натпреварувачкиот дух, кој го поттикнува расфрлањето во облекување и набавка на предмети за домаќинство. Пријатниот збор „дом“ е изменет, затоа што значи „нешто со четири ѕида, исполнето со скапоцен мебел и украси“ додека неговите станари се во постојана напнатост, предизвикана од желбата да ги задоволат барањата на обичаите во различните подрачја од животот. {АД 151.1}

Мнозина во својот дом се несреќни затоа што толку се трудат да го сочуваат надворешниот изглед. Трошат многу пари и неуморно работат, за со своето расфрлање да стекнат пофалба од своите пријатели на кои всушност не им дошло до нив и нивниот напредок. Еден предмет по друг се купува како неопходен за домот, сѐ додека не се натрупа мноштво од скапи додатоци, кои му угодуваат на окото и ја задоволуваат злобата и честољубието, но воопшто не ја зголемуваат удобноста на семејството. Сето тоа барало трошење на сила и трпение и пропаднато скапоцено време, коешто треба да се посвети за служба на Бога. {АД 151.2}

Скапоцената Божја милост се нашла на второ место зад она што навистина не е важно; мнозина ја губат можноста да бидат среќни, додека собираат материјални добра за уживање. Најпосле утврдиле дека нивниот имот не им го пружил она задоволство коешто го очекувале од него. Бесконечната трка по работа, неуморната грижа за разубавување на својот дом, за да можат пријателите и гостите да се воодушевуваат, никогаш не можат да го надополнат времето и средствата кои се потрошени за тоа. Тоа е ставање на претежок јарем на вратот. {АД 151.3}

Две различни посети. – Во некои семејства премногу се направило. Чистотата и редот се значајни за удобноста, но во овие доблести не треба да се претерува, така што животот на домашните ќе се претвори во мака и горчина. Во некои домови, кои многу ги почитуваме, постои вкочанета точност во однос на распоредот на мебелот и на сѐ останато, со што човекот не може да се согласи исто како што не може да се согласи и со нередот. Бездушниот ред на кој се покорува целата куќа, го оневозможува наоѓањето на вистински одмор кој се очекува во вистинскиот дом. {АД 152.1}

Не е пријатно кога во текот на кратката посета на саканите пријатели, ќе забележите дека метлата и крпата за прав се во постојано движење, а времето кое сте сакале да го поминете во пријатен разговор со своите пријатели, домаќините го посветуваат на темелното чистење, истражувајки по аглите сокриени зрнца на прав или остаток од пајажина. Иако тоа можеби го прават од почит кон вашето присуство во куќата, тоа ве доведува до мачно осведочување дека вашето друштво за вашите пријатели е од помало значење отколку нивните поими за совршена уредност и чистота. {АД 152.2}

Чиста спротивност на ваквите домови беше домот што го посетивме минатото лето (1876) . Неколку часови од нашата посета во тој дом не поминаа во неполезна работа или извршување на нешто што би можело да се направи во некое друго време, туку времето го поминавме разговарајќи пријатно и полезно, што значеше одмор за умот и телото. Куќата беше модел на удобност, иако во ништо не се претерувало. Сите соби беа добро осветлени и проветрени… што беше повредно од најскапите украси. Салоните со својот изглед не го замараа окото, затоа што разновидниот мебел беше вкусно поставен. {АД 152.3}

Повеќето столици беа за лулање или за одмор и со различен изглед, прилагодени според потребите на членовите на семејството. Тука имаше ниски и високи тапацирани столици; потоа широки и удобни потпирачи, а кај некои и помали; имаше и удобни софи; сѐ како да зборуваше: Одморете се на мене. Имаше и маси на кои беа ставени книги и списанија. Сѐ беше уредно и привлечно, но без онаа строга уредност која како да опоменува дека никој ништо не смее да допре или да мрдне од место. {АД 153.1}

Сопствениците на оваа удобна куќа биле во состојба своето престојувалиште скапо да го наместат и украсат, но тие мудро се определиле за удобност, а не за расфрлање. Во таа куќа ништо не беше толку добро да не смее да се употребува, а завесите и капаците не ги чуваа теписите и мебелот од сончевата светлина. Светлината и чистиот воздух, кој им го дал Бог, заедно со мирисот на цвеќето од градината имаа слободен пристап. Семејството беше исто како и нивниот дом; беа радосни и пријатни, направија сѐ за да се чувствуваме пријатно, не нѐ опсипуваа со толку внимание кое кај нас би создало чувство дека сме им на товар. Чувствувавме дека ова место е место за одмор. Тоа беше дом во вистинска смисла на зборот. {АД 153.2}

Како да го украсите домот? – Строгата точност којашто ја споменавме како непријатна страна на многу домови, не е во согласност со големиот план на природата. Бог не одредил полското цвеќе да расте во леи со означени рабови, туку го расеал како бисери на зелен тепих, за да ја украсува земјата со разновидност на своите облици и боја. Дрвјата во шумите не изникнале во редови. Окото и умот се одмараат кога преоѓаат преку пејзажот, преку шумата, ридовите и долините, рамнините и реките, уживајќи во бесконечната разновидност на облици и бои, во убавината на дрвјата, грмушките и цвеќињата, во огромната градина на природата. Во неа децата, младите и старите можат подеднакво да најдат одмор и задоволство. {АД 153.3}

Овој закон на разновидност може да се примени и во домот. И тука треба да постои складност во боите и распоредот на мебелот; но за добар вкус не е потребно секое парче мебел во собата да биде од ист изглед, материјал и украси. Напротив, за окото многу е поудобно да се создаде складност во разновидноста. {АД 154.1}

Дали некоја куќа е поскромна или поимотна, нејзиниот мебел поскап или не, помеѓу ѕидовите на тој дом нема да има среќа ако духот на нејзините домашни не е во согласност со божествената волја. Во домот мора да владее задоволство. {АД 154.2}

Најдобриот дел во домот, најосветлените и најдобрите соби, како и најсоодветниот мебел треба да го користат секојдневно оние кои живеат таму. Тоа ќе го направи домот привлечен за сите домашни и пријатели кои нѐ сакаат, на коишто можеме да им бидеме на благослов како и тие нас. {АД 154.3}

Имајте ги на ум удобноста и пријатноста на децата. – За да бидат децата задоволни и среќни во своите домови не е потребно богата средина и скап мебел, туку е потребно родителите да им укажат нежна љубов и грижливо внимание. {АД 154.4}

Четирите ѕида, скапоцениот мебел, дебелите теписи, елегантните огледала и убавите слики на ѕидовите не го прават „домот“ ако има недостаток од сочувство и љубов. Тој свет збор не припаѓа на блескавите куќи во кои радоста на семејниот живот е непозната… {АД 155.1}

Всушност, удобноста и доброто за децата е последното нешто за кое се размислува во ваквиот дом. Мајката не се грижи за нив затоа што најголемиот дел од времето го троши на надворешниот изглед, на задоволување на барањата на современото општество. Нивните умови не се воспитувани; тие стекнуваат лоши навики и стануваат немирни и незадоволни, бидејќи во својот дом не наоѓаат задоволство туку само непријатни забрани. Така тие неподготвени влегуваат во големиот свет, ненасочени од влијанието на домот и од нежниот совет на семејното огниште. {АД 155.2}

Не зборувајте им онака како што сум слушнала да зборуваат многу мајки: „За тебе во салонот нема место. Не седнувај на софата затоа што е прекриена со сатенска прекривка. Не сакаме да седиш на таа софа“. А кога ќе отидат во друга соба, тогаш им велат: „Овде не смееш да растураш“! Кога ќе отидат во кујна, готвачката им вели: „тука ми пречите. Излегувајте од тука, затоа што создавате врева; ми досадувате“! Каде да одат за да го добијат потребното воспитание? На улица. {АД 155.3}

Љубовта и љубезноста се поскапоцени и од луксузот. – Во нашите семејства внесуваме премногу грижи и товар, а премалку природна едноставност, мир и среќа. Помалку грижете се за она што ќе каже светот, а повеќе внимание посветете на членовите на семејниот круг. Помеѓу членовите во домот треба да има помалку однесување според световните обичаи, а повеќе нежност и љубов, ведрина и христијанска учтивост. Има многумина кои мораат да научат како да го направат домот привлечно место за радост. Благодарните срца и љубезните погледи вредат повеќе од богатството и луксузот, а задоволството во едноставните работи ќе го направи домот среќен ако во него има љубов. {АД 155.4}

Исус, нашиот Откупител, одел по Земјата во достоинство на еден цар. Но, сепак, бил кроток и смирен во срцето. Тој бил светлина и благослов на секој дом, затоа што со себе носел ведрина, надеж и охрабрување. О, кога би биле задоволни со помалку желби во срцето и со помалку труд за нештата до кои тешко доаѓаме, а со кои сакаме да ги разубавиме своите домови, додека не се грижиме за кроток и смирен дух кој Бог го цени повеќе отколку бисерот. Вредностите како: едноставност, смиреност и вистинска љубов и од наједноставниот дом би направиле рај. Подобро е радосно да се претрпи секоја штета, отколку да се запостави мирот и задоволството. {АД 156.1}

Седми дел

ГОСПОДОВО НАСЛЕДСТВО