Предност на животот надвор од градот

Адвентен дом

Предност на животот надвор од градот

Парче земја и удобен дом. – Должност на родителите е колку што е возможно да изградат дом на село за своите деца. {АД 141.1}

Татковците и мајките кои имаат малку своја земја и удобен дом се слични на цареви и царици. {АД 141.2}

Ако сте повикани да ги напуштите градовите и да се преселите на село, не сметајте го тоа како лишување од животните предности. Овде богатите благослови ги чекаат оние кои се подготвени да ги примат. {АД 141.3}

Економска сигурност. – Господ често давал упатства на Својот народ да ги изведат своите семејства од градовите и да се населат некаде на село, каде што можат да негуваат сѐ што е потребно за живот; затоа што во иднина ќе се појави сериозен проблем за купување и продажба. Сега е време да обрнеме внимание на упатството кое постојано ни се повторува: излезете од градовите во село, каде што куќите не се збиени една до друга и каде што нема да имате никакви неволји. {АД 141.4}

Совет за жителите на градот. – Добро би било за вас да ги напуштите тешките грижи и да најдете засолниште надвор од градот каде што моралот на младите не е изложен на такво штетно влијание. Вистина, ни во најмалото место нема да бидете целосно ослободени од неволјите и од тешките грижи; но таму би избегнале многу зло и би ја затвориле вратата на поплавата од искушенија кои што се закануваат да завладеат со умот на вашите деца. Ним им е потребна работа и разновидност. Постојаната едноличност во нивниот дом ги прави незадоволни и вознемирени и тие се навикнуваат да се дружат со расипаните градски пријатели и така да стекнат воспитание од улица… {АД 141.5}

Животот надвор од градот за нив би бил многу полезен; активен живот во природа го развива здравјето на умот и телото. Тие мораат да имаат градина која што ќе ја обработуваат, во која можат да најдат и забава и полезна работа. Одгледувањето на билките и цвеќињата ќе го подобри вкусот и размислувањето, додека запознавањето на прекрасните и полезни Божји дела ќе влијае во подигањето и облагородувањето на умот, насочувајќи го кон Создателот и Господарот на сѐ. {АД 142.1}

Богат благослов за луѓето на село. – Земјата крие во себе благослов за оние коишто имаат храброст, волја и истрајност да ги собираат нејзините богатства… Многу земјоделци не ги примиле соодветните благослови од својата земја затоа што сметале дека работата во земјоделието е понижувачка; таквите не се во состојба во неа да согледаат благослов кој ги чека нив и нивните семејства. {АД 142.2}

Работата која го оживува умот и облагородува карактерот. – Обработувајќи земја, внимателниот работник ќе воочи дека кај него се отвораат ризници за коишто не сонувал. Никој не може успешно да се занимава со земјоделство или со овоштарство ако не ги почитува законите на таа работа. Мора да се проучуваат посебните потреби на секоја билка. Различните видови бараат различно земјиште и соодветна нега, а покорувањето на законите кои управуваат со секој од нив е услов за успех. Вниманието кое го бара пресадувањето, да не се скине или погрешно постави жиличка од коренот, грижата за младите билки, кроењето, полевањето, заштитувањето од мраз ноќе и сонцето дење, борбата против плевелот, болеста и штетните инсекти, севкупното негување и уредување, не само што ги нуди значајните совети за развиток на карактерот туку покажува и дека со самата работа се постигнува развој. Учејќи се на грижливост, трпение, темелност, послушност на законот, ние го стекнуваме најважното воспитание. Постојаниот допир со тајните на животот и убавината на природата, како и нежноста потребна за грижа околу овие прекрасни дела на Божјото создавање, придонесуваат за оживување на умот и облагородување и подигање на карактерот; а научените поуки му помагаат на работникот поуспешно да постапува со луѓето. {АД 142.3}

Бог ќе дава упатства. – Оној кој ги учел Адам и Ева во Едем како да работат во градината, и денес ќе ги поучува луѓето. Оној кој ора со плуг и сади и сее семе, ќе ја добие потребната мудрост. Земјата ги чува своите скриени богатства, а Бог сака илјадници и десетици илјади од оние коишто се насобрале во градовите со намера да заработат ситници, да излезат и да обработуваат земја… Оние кои ќе ги преселат своите семејства надвор од градовите, ќе ги населат таму каде што има помалку искушенија. Децата кои се со родителите, кои Го љубат и се плашат од Бога, во сѐ имаат поголема можност да учат од Големиот Учител, кој е Извор на секоја мудрост. Тие ќе имаат подобри можности да се подготват за небесното царство. {АД 143.1}

Божјиот план за израелската земја. – Поради непослушноста на Бога, Адам и Ева ја изгубиле едемската градина, а поради гревот паднало проклетство на целата Земја. Меѓутоа, доколку Божјиот народ ги следел Неговите упатства, нивната земја би станала убава и плодна. Самиот Бог им дал упатства за обработка на земјата, а тие би требало да соработуваат со Него во нејзиното обновување. Така, под Божјото управување, целата земја би станала жив пример за потврда на духовната вистина. Како што земјата ќе ги даде своите плодови според природните закони, така и со послушност кон Неговиот морален закон, срцето на народот ќе ги одржува вредностите на Неговиот карактер. {АД 143.2}

Духовните поуки од секојдневниот живот. – Бог нѐ опкружил со величествени глетки од природата за да го привлече и разбуди нашето интересирање. Тој сака да ја поврземе величественоста на природата со Неговиот карактер. Ако грижливо ја проучуваме книгата на природата, ние во неа ќе пронајдеме богат извор кој ни открива љубов и бескрајна Божја сила. {АД 144.1}

Христос ги поврзал Своите поуки не само со денот за одмор туку и со работната седмица… Во орањето, во копањето, во сеењето и жнеењето, Тој нѐ учи да ја видиме сликата на дејствувањето на неговата милост во срцето. Така, во секоја полезна работа во секојдневниот живот Тој сака да ја најдеме поуката од божествената вистина. Тогаш нашиот секојдневен труд нема повеќе да го окупира нашето внимание и да нѐ наведе да заборавиме на Бога; туку непрестајно ќе нѐ потсетува на нашиот Создател и Избавител. Мислата за Бога ќе се провлекува како златна нишка низ сите домашни грижи и работи. Славата на Неговото лице пак ќе ја согледаме во лицето на природата. Постојано ќе примаме нови поуки за небесната вистина и ќе се претвораме во обличје на Неговата чистота. {АД 144.2}

Слични закони управуваат со природата и човештвото. – Големиот учител ги доведувал своите слушатели во допир со природата за да можат да го слушаат гласот кој зборува од сѐ што е создадено; и кога би им се разнежнило срцето, и умот би станал подготвен да прими, Тој би им помогнал да ја разберат духовната поука за глетката на која почивале нивните очи… Во неговите поуки имало нешто што го привлекувало секој ум, го допирало секое срце. Така секојдневната работа, наместо да биде само бесконечен круг на маки, со постојано потсетување на духовното и невидливото би можел да ја работи работата со полет и радосно. {АД 144.3}

Би требало и ние така да поучуваме. Децата нека научат во природата да го гледаат одразот на Божјата љубов и мудрост; мислата за Него нека биде поврзана со птиците, цвеќето и дрвото; видливото нека им биде толкувач за невидливото, а сите случувања во животот средство за божественото проучување. {АД 145.1}

Додека така учат да ги извлекуваат поуките од сѐ што е создадено и од сите искуства во животот, покажете им дека истите закони коишто управуваат со природата и случувањата во животот мораат да управуваат и со нас; дека се дадени за наше добро; и дека само со нивна послушност можеме да најдеме вистинска среќа и да постигнеме успех. {АД 145.2}

Давајте практични поуки од земјоделството. – Од речиси безбројните поуки кои ги стекнуваме во различните процеси на растење, некои од најскапоцените се кажани во параболата на Спасителот за семето кое расте. Таа нуди поуки и за старите и за младите… {АД 145.3}

Никнувањето на семето претставува почеток на духовниот живот, а развојот на билката е слика за развојот на карактерот… Кога родителите и учителите настојуваат да ги искажат овие поуки, мораат да го прават тоа на практичен начин. Децата сами го подготвуваат земјиштето и сеат семето. Додека тие работат, родителот или учителот може да објасни дека срцето е како градина во која се сее доброто или лошо семе и дека срцето мора да се подготви за семето на вистината како што и градината се подготвува заприродното семе… Никој не зема необработено парче на земја, очекувајќи дека веднаш ќе ожнее род. Внимателна, истрајна работа мора да се вложи во подготовка на земјиштето, во сеење на семето и во негување на билките. Така мора да биде и кај духовното сеење. {АД 145.4}

Лошите навики се слични на плевел. – Ако е возможно, домот треба да биде надвор од градот, каде што децата ќе имаат земјиште за обработка. Секое дете нека добие парче земја. И додека ги поучувате како се подготвува градината за времето на сеење, ја објаснувате важноста од корнењето на секој плевел, учете ги, исто така, колку е важно да се отстранат од животот лошите и штетни постапки. Учете ги дека лошите навики мораат да се искоренуваат од животот како што плевелот мора да се искорне од градината. Ќе биде потребно време да ги прифатат овие поуки, но сето тоа ќе биде богато наградено. {АД 146.1}

Околината на домот е доказ за нашата вера. – Родителите пред Бога се должни својата животна околина да ја усогласат со вистината којашто ја исповедаат. Тогаш своите деца можат правилно да ги поучуваат и тие ќе научат земниот дом да го поврзуваат со небесниот. Колку што е можно повеќе, земното семејство мора да биде пример за семејството на небото. Тогаш искушението да се попушти на она што е ниско и подло, нема да се пројави во својата сила. Децата треба да се поучуваат дека тука се само на проба, а да се воспитуваат да се подготват за становите коишто Христос ги подготвува за оние кои Го љубат и кои ги држат Неговите заповеди. Тоа е највозвишената родителска должност. {АД 146.2}

Родители, најдете дом во некое село. – Сѐ додека Господ ми дава сила да му зборувам на Неговиот народ, нема да престанам да ги повикувам родителите да ги напуштат градовите и да најдат дом надвор од градот, каде што ќе можат да обработуваат земја и да учат од книгата на природата поуки за чистотата и едноставноста. Делата во природата се Господови неми проповедници, кои треба да нѐ учат на духовните вистини. Тие ни зборуваат за Божјата љубов и ја откриваат мудроста на Големиот Уметник. {АД 146.3}

Сакам убаво цвеќе. Тоа нѐ потсетува на Едем и ни асоцира на блажената земја, во која наскоро ќе влеземе ако останеме верни. Господ ги насочува моите мисли кон цвеќето и дрвјата, кои го зацврстуваат нашето здравје. {АД 147.1}