Семејството и градот
Адвентен дом
Семејството и градот
Опасност од градскиот живот. – Животот во градовите е лажен и неприроден. Постојаното тежнеење да се дојде до пари, виорот на возбуди и желбата за уживање, жедта за расфрлање, раскош и претерување – сѐ се тоа сили кои кај поголемиот дел од човештвото го одвраќаат умот од вистинската животна цел. Тие ја отвораат вратата на илјадници зла. На младите влијаат речиси со неодолива сила. Една од најподлите и најопасни искушенија која ги напаѓа децата и младината во градовите е љубовта кон задоволствата. Тука се многубројните празници; игрите и коњските трки, кои ги привлекуваат илјадници од нив, а виорот од возбуди и желби за уживање ги одвлекуваат од сериозните животни должности. Парите коишто би требало пополезно да се употребат, се расфрлаат за забава. {АД 135.1}
Мисли на здравјето. – Физичката околина во градовите често е опасна за здравјето. Можноста од чести заболувања, валканиот и нездрав воздух, неисправната вода, нечистата храна, пренаселените, мрачни, нездрави престојувалишта, се некои од многуте зла во градовите. {АД 135.2}
Божја волја не била луѓето да се трупаат по градовите, стеснети на терасите и во изнајмените простории. Во почетокот Бог на нашите први родители им дал место покрај прекрасните погледи и звуци во кои сака и денес да уживаме. Колку повеќе ќе се приближиме до овој првобитен Божји план, толку подобро ќе го сочуваме здравјето на телото умот и душата. {АД 135.3}
Изворот на беззаконие. – Градовите се полни со искушение. Ние треба така да ја планираме својата работа, што доколку тоа е возможно, да ја сочуваме својата младина од градското зло. {АД 136.1}
Децата и младината мораме грижливо да ги чуваме. Нив мораме да ги сочуваме од изворот на беззаконие кое постои во нашите градови. {АД 136.2}
Врева и метеж. – Не е по Божја волја Неговиот народ да се насели во градовите, во кои владее непрестајна врева и метеж. неговите деца треба да се сочуваат од тоа затоа што трпи цел организам, оптоварен од забрзаноста, трката и вревата. {АД 136.3}
Тешкотии на животот во град. – Животните ситуации во градот стануваат сѐ потешки и потешки. Пред нас се сериозни тешкотии и затоа за многу семејства напуштањето на градовите ќе стане неопходно. {АД 136.4}
Опустошување кое нѐ очекува. – Близу е времето кога големите градови ќе бидат избришани и на таа опасност сите мора да бидат предупредени. {АД 136.5}
О, кога Божјиот народ би бил свесен за доаѓањето на времето кога ќе исчезнат илјадници градови, во кои денес скоро целосно владее идолопоклонството! {АД 136.6}
Поради световни интереси и љубовта кон добивката. – Родителите често се невнимателни кон влијанијата кои ги опкружуваат своите деца. При изборот на домот, тие повеќе мислат за своите земни интереси отколку за моралната и општествена атмосфера, а децата склопуваат пријателства кои се штетни за развојот на побожноста и обликувањето на вистинскиот карактер… {АД 136.7}
Што правите вие родители, вие, кои ги осудувате Хананејците поради жртвувањето на децата на Молох? Вие ја принесувате најскапоцената жртва на својот бог мамон. И тогаш кога вашите деца ќе пораснат несакани и со нељубезен карактер, кога ќе покажат склоност кон неверство, вие ја обвинувате својата вера, затоа што не можела да ги спаси. Вие го жнеете она што сте го посеале последица од својата себична љубов кон светот и запоставувањето на силите на Божјата милост. Вие го преселивте своето семејство во местото на искушение, а Божјиот ковчег, вашата слава и заштита е оставен настрана; Господ не направил чудо да ги избави вашите деца од искушение. {АД 137.1}
Градовите не нудат напредок. – Нема ниту едно семејство од стотина кои со животот во градот напредувале телесно, умствено или духовно. Верата, надежта, љубовта и среќата можат пред сѐ да се најдат на оддалечени места, опкружени со полиња, ритчиња и дрвја. Отстранете ги своите деца од пренаселените градови од вревата и вревата на градскиот сообраќај, па нивниот ум ќе стане многу поздрав. Ќе воочите дека нивното срце полесно ја прима вистината на Божјите зборови. {АД 137.2}
Совет за оние кои го напуштаат селото. – Многу родители се селат од своите селски домови во град, сметајќи го за подобро или пополезно место. Меѓутоа, со оваа промена тие ги изложуваат своите деца на многу големи искушенија. Момчињата немаат работа и затоа тие брзо го прифаќаат уличното воспитание и чекор по чекор одат сѐ подлабоко во расипаност, сѐ додека не го изгубат секој интерес за она што е добро, чисто и свето. Колку би било подобро родителите со своето семејство да останале на село, каде што околностите за стекнување на телесните и умствени сили се многу подобри. Учете ги младите да обработуваат земја и пуштете ги да спијат во сладок сон на умор и простодушност. {АД 137.3}
Поради незаинтересираност на родителите, младите во нашите градови ги расипуваат своите патишта и ја валкаат својата душа пред Бога. Тоа секогаш е последица на неработењето. Поправните домови, затворите и бесилките раскажуваат тажна приказна за родителската негрижа. {АД 138.1}
Подобро е да го жртвувате сето друго и сето она што овој свет ви го нуди отколку да се изложите на опасноста за скапоцените души кои ви се доверени на ваша грижа. На нив ќе навалат искушенија и треба да ги поучите како можат да се одбранат од нив. Но ваша должност е да го прекинете секое влијание, да ја скршите секоја навика и да ја пресечете секоја врска која би ве спречувала без никакви пречки, искрено и со цело срце, заедно со своето семејство да се предадете на Бога. {АД 138.2}
Наместо пренаселените градови, побарајте некое повлечено место каде што вашите деца, колку што е возможно, ќе бидат заштитени од искушението и тука учете ги и воспитувајте ги да бидат полезни. Пророкот Езекиел вака ги набројува причините кои го вовлекле Содом во грев и уништување: „Еве, ова беше беззаконие на сестрата твоја Содом: во гордост, во изобилството на леб и безгрижен мир беше таа и ќерките нејзини, а не му помагаа на сиромашниот и беспомошниот“. Сите оние коишто сакаат да ја избегнат судбината на Содом треба да се отстрануваат од патот кој ги навлекол Божјите судови на тој грешен град. {АД 138.3}
Кога Лот влегол во Содом, цврсто решил да се сочува од беззаконието како што му заповедал и на својот дом. Но страшно згрешил. Расипаната средина силно влијаела на неговата вера, а пријателството на неговите деца со жителите на Содом, направиле неговите интереси да се поистоветуваат со нивните интереси. Последиците добро ги знаеме. Мнозина сѐ уште прават слична грешка. {АД 138.4}
Сериозно размислете и бирајте го местото за својот дом што подалеку од Содом и Гомор. Не одете во големите градови. Ако е возможно, вашиот дом нека биде во тишина надвор од градот, дури ако и поради тоа никогаш не стекнете имот. Населете се таму каде ќе се чувствува најповолното влијание. {АД 139.1}
Господ ми наложи да го опоменам нашиот народ да не се натрупува по градовите и тука да најде дом за своето семејство. Речено ми е да им кажам на татковците и мајките: Настојувајте своите деца да ги задржите на својот имот. {АД 139.2}
Време е да ги напуштиме градовите. – Мојата вест гласи: Извадете ги своите семејства од градовите. {АД 139.3}
Дојде времето семејствата да почнат да ги напуштаат градовите, како што Бог ќе им ги отвора патиштата. Децата треба да се однесат на село. Родителите треба да најдат соодветно место според своите можности. Иако домот може да биде мал, покрај него треба да имате и малку земја за обработување. {АД 139.4}
Пред да се излее преполната чаша на Божјиот гнев на жителите на светот, Господ ги повикува сите вистински Израелци да се подготват за тој настан. Тој на родителите им упатува гласна опомена: Соберете ги своите деца во своите домови; одвојте ги од оние кои не ги почитуваат Божјите заповеди, кои проповедаат и прават зло. Излезете од големите градови колку што можете побрзо. {АД 139.5}
Бог ќе му помогне на Својот народ. – Родителите можат да изградат мали куќи на село, каде што ќе имаат своја земја за обработка, каде што ќе имаат овоштарник и градина, во која ќе негуваат зеленчук и други плодови коишто ќе го заменат месото штетно за крвта во нашите вени. На такви места децата нема да ги опкружува расипничкото влијание на градскиот живот. Бог ќе му помогне на Својот народ да најде такви домови надвор од градовите. {АД 139.6}

