Воспитување во семејството
Адвентен дом
Воспитување во семејството
Подготовка за брак е значаен дел од воспитувањето. – По ниедна цена не треба да се склопува брак, ако двете страни не ги познаваат практичните домашни должности. Сопругата треба да биде толку просветлена, што нејзиниот ум и однесување се такви што секогаш е подготвена правилно да ги воспитува децата кои можеби ќе ги има. {АД 87.1}
Многу млади жени, кои се сметаат за добро воспитани, кои многу успешно го стекнале своето образование во некое училиште, за жал не се упатени во практичните животни должности. Ним им недостасува неопходното знаење за правилно водење на семејството, што е одлучувачко за нејзината среќа. Тие се во состојба да зборуваат за возвишената женска работа и за нејзините права, а и самите се далеку од овој идеал. {АД 87.2}
Правото на секоја Евина ќерка се состои во тоа таа да стекне темелно познавање на домашните должности, да биде упатена во секоја домашна работа. Секоја млада жена треба да биде воспитана така што, доколку биде повикана да ја заземе позицијата на сопруга и мајка, на тоа подрачје да може да ја има улогата на кралица. Таа треба да биде целосно оспособена да работи и да ги поучува своите деца и да управува со своите домашни, или ако е потребно, и самата да произведе работи потребни за домаќинството. Нејзина должност е да го знае составот на човечкото тело и начелата на хигиената, прашањата за исхраната и облекувањето, работата и рекреацијата, како и сето останато што е тесно поврзано со напредокот во нејзиниот дом. Нејзино право е да ги запознае најдобрите методи на лекување за да може да им помогне на своите деца во болест, а не своето скапоцено богатство да го препушти на непознати медицински сестри и доктори. {АД 87.3}
Сфаќањето дека непознавањето на корисната работа е одлика на отмен маж или жена е спротивно на Божјата замисла при создавањето на човекот. Неработењето е грев, додека непознавањето на секојдневните должности е плод на лудост која во подоцнежниот живот многу негативно ќе се одрази. {АД 88.1}
Младите жени мислат дека не е отмено да се готви и да се извршуваат другите видови на работа во домот; и заради тоа многу девојки кои се мажат и кои треба да се грижат за семејството малку знаат за должностите кои ја очекуваат сопругата и мајка. {АД 88.2}
Во животот на младите треба да постои закон да не стапуваат во брак ако не знаат како да се грижат за децата во семејството. Тие мора да знаат како треба да се грижат за тој дом кој Бог им го дал. Додека не ги запознаат добро Божјите закони кои управуваат со нивниот организам, тие нема да ја разберат својата должност кон Бога и кон себе. {АД 88.3}
Во училишната програма треба да се вметне и предметот домаќинство. – Воспитанието кое момчињата и девојчињата кои одат во училиште треба да го примат во текот на училишниот живот, заслужува особено внимание. Во работата за изградување на карактерот многу е важно учениците кои поаѓаат во нашите училишта да бидат научени да ја прифатат работата која што им е одредена, отфрлајќи ја секоја склоност и мрзеливост. Тие треба да се навикнат на должностите од секојдневниот живот. Треба да учат своите должности во домот да ги извршуваат темелно и добро, со што помалку врева и неред. Сето тоа треба да биде направено пристојно и уредно. Кујната и сите останати делови од куќата треба да се одржуваат така што ќе бидат чисти и пријатни. Книгите треба да се остават настрана додека не дојдат на ред и не треба да се запишат повеќе предмети отколку што може да се совладаат без да се запостават должностите во домот. Проучувањето на книгите не смее да го преокупира умот, и да се запостават должностите во домот од кои зависи удобноста на заедницата. {АД 88.4}
Во извршувањето на овие должности треба да се победат навиките на несмасност, површност и неуредност; затоа што ако не се искоренат, овие навики ќе се видат во сите фази на животот и ќе ја оневозможат полезната служба во животот. {АД 89.1}
Неопходно е познавањето за водење на домаќинството. – За полезност или среќа на еден ученик не е одлучувачко проучувањето на многу предмети кои го преокупираат неговото време, но за секое момче или девојче многу е значајно темелно да ги познава секојдневните должности. Ако е потребно, девојката треба да го запостави учењето на францускиот јазик или математика, па дури и клавир, но неопходно е да знае да направи добар леб, да скрои фустани кои добро ќе стојат и способно да извршува многу должности во домаќинството. {АД 89.2}
За здравјето и среќата на целото семејство ништо не е поважно од вештините и мудроста на готвачката. Со лошо подготвената храна таа може да ги попречи и дури и да ги наруши работните способности на возрасните како и развојот на децата. Подготвувајќи храна прилагодена за потребите на организмот, која во исто време е привлечна и вкусна, таа може да направи толку добра колку што во друг случај би направила зло. Значи, животната среќа е поврзана со верно извршување на секојдневните должности. {АД 89.3}
Обратете внимание на начелата на хигиената. – Во начелата на хигиена спаѓаат исхраната, работата, негување на децата, лекување на болните и многу други нешта на кои треба да им се посвети многу повеќе внимание отколку што тоа вообичаено се прави. {АД 89.4}
Ревносниот наставник во предавањата за хигиената ќе ја искористи секоја прилика за да укаже на потребата за совршена чистота којашто мора да се сочува во личните навики и во човековата околина… Поучете ги своите ученици дека чистата спална соба, целосно чиста кујна и убава и вкусно наместена маса, многу повеќе ќе придонесат за среќата на семејството и ќе предизвика признание од секој разумен посетител, отколку многу скапоцен мебел во дневната соба. Дека „душата… е поважна од јадењето, а телото од оделото“. Денес не е помалку важна оваа поука отколку тогаш кога пред 1800 години ја изговорил божествениот Учител. {АД 90.1}
Младата жена треба да биде вредна. – Ти имаш необични карактерни црти кои мораш сериозно да ги дисциплинираш и одлучно да ги контролираш пред да станеш сигурна дека си подготвена да влезеш во брак. Затоа од срцето мораш да ги отстраниш мислите за бракот сѐ додека не ги победиш недостатоците од својот карактер, затоа што нема да бидеш среќна сопруга. Ти си го запоставила учењето за тоа како темелно се извршуваат домашните обврски. Ти не си ја воочила потребата од стекнување на работна навика. Еднаш обликуваната работна навика никогаш нема да биде изгубена. Така ќе бидеш подготвена да се соочиш со ситуациите во животот и ќе бидеш способна да ја исполниш својата улога. Ќе научиш да ја сакаш активноста. Ако ја засакаш полезната работа, твојот ум ќе биде преокупиран со твојата работа и така нема да имаш време да се препуштиш на фантазијата. {АД 90.2}
Извршувањето на полезната работа, на твојот немирен и незадоволен ум ќе му даде сила, способност и привлечна, скромна, достоинственост која кај другите ќе предизвика почитување. {АД 91.1}
Вредноста од практично воспитување на девојките. – Мнозина кои сметаат дека нивниот син мора да се школува и така да се подготви за живот, сосема поинаку размислуваат кога станува збор за нивните ќерки; не мислат многу за тоа дали е подготвена да биде независна и самостојна. Тие обично во училиштето малку учат за она што би можело да им помогне во работата во секојдневниот живот. Бидејќи во домот не е упатена во тајните на кујната и домашниот живот, таа расте целосно бескорисна, на товар на своите родители… {АД 91.2}
Девојката што научила да се грижи за себе, способна е да се грижи и за другите. Таа никогаш нема да биде на товар на семејството или општеството. Ако среќата не ја послужи, таа ќе го пронајде своето место во животот, во кое ќе може чесно да го заработи својот леб и да им помогне на оние кои зависат од неа. Девојките би требало да бидат оспособени за некоја професија, за доколку е потребно да заработат за својот живот. Покрај другите чесни професии, секоја девојка треба најпрво да научи да ги води домашните работи, да биде готвачка, домаќинка, кројачка. Таа треба да го знае сето она што домаќинката треба да го знае без оглед на тоа дали нејзиното семејство е богато или сиромашно. И тогаш, ако се случи нешто, таа е подготвена за неволја, затоа што не зависи од ситуацијата. {АД 91.3}
Познавањето на домашните обврски за секоја жена е од непроценлива вредност. Има многу семејства чија среќа е упропастена поради неспособноста на сопругата и мајка. Не е толку важно нашите ќерки да учат сликање, рачна изработка, музика или дури и математички операции, или убаво изразување, колку што е важно да научат да кројат, да ги шијат и да ги поправат своите облеки, или да подготват добра и вкусна храна. Кога девојчето ќе наполни девет или десет години, треба да ѝ се доверат дел од домашните должности, во зависност од тоа колку и се можностите и треба да се смета за одговорна за начинот на извршување на тие обврски. Еден мудар татко, на прашањето што ќе направи со своите ќерки, одговорил: „Имам намера да ги предадам да учат занает кај нивната способна и вешта мајка, кај која ќе ја научат вештината на правилно користење на времето за да можат да бидат добри сопруги и мајки, глава на семејството и полезни членови во општеството“. {АД 91.4}
Сопругот треба да биде штедлив и вреден. – Во старо време постоел обичај младоженецот пред склопување на бракот, според своите можности, да му исплати на таткото на својата вереница една сума на пари или да му даде нешто друго за таа вредност. Тоа било потврда за сигурноста на брачната заедница. Татковците сметале дека нивните ќерки нема да бидат среќни со мажи кои не се подготвени да го издржуваат своето семејство. Ако не се одликувани со штедливост и со работна способност во водењето на работите и стекнување на имот, родителите на девојките се плашеле дека нивниот живот ќе биде безвреден. Покрај тоа постоела и можност да се проверат оние кои не можеле да платат. Ним им било дозволено да работат за таткото чија ќерка ја сакале, а должината на траењето на таквата работа била одредувана според вредноста на бараниот мираз. Ако за тоа време вереникот бил верен во својата служба и ако се утврдило дека во сѐ друго бил чесен, ја добивал ќерката за жена. Таткото обично миразот кој го примил ѝ го предавал на девојката на денот на венчавката… {АД 92.1}
Тој стар обичај, иако понекогаш злоупотребен, како од страната на Лаван, донесувал добри плодови. Кога од вереникот се барало со работа да ја стекне својата невеста, се спречувал прераниот брак, а тоа било прилика да се испита постојаноста на неговите чувства како и неговата способност да се грижи за семејството. Во наше време многу зло произлегло од спротивните постапки. {АД 92.2}
На никого не може да му се прости работната неспособност. За мнозина може да се каже: тој е љубезен, пријатен, дарежлив, добар човек, христијанин; но не е способен да ги води своите работи. Што се однесува до трошење на средствата, тој е вистинско дете. Неговите родители не го научиле да разбере и постапува во согласност со начелата на животната самостојност. {АД 93.1}

