Прилагодливост

Адвентен дом

Прилагодливост

Прилагодени еден кон друг. – Во многу семејства ја нема онаа христијанска учтивост, онаа вистинска услужливост и меѓусебно почитување, што би ги подготвило членовите на семејството за брак и образование, за среќно сопствено семејство. Наместо трпение, љубезност, нежна учтивост и христијанска симпатија и љубов, се слушаат остри зборови, доаѓа до судир на мислењата, а се негува духот на критиката и диктаторството. {АД 83.1}

Често се случува личностите пред венчавката да немаат доволно прилики да ги запознаат навиките и склоностите на другиот, а што се однесува до нивниот секојдневен живот, тие се странци уште пред самиот олтар. Мнозина многу доцна воочуваат дека не се еден за друг, а несреќата која трае цел живот е последица на нивната врска. Вообичаено страдаат сопругата и децата поради невнимание и неспособност или поради пороците на сопругот и татко. {АД 83.2}

Светот денес е полн со беда и грев, поради тоа што многу бракови се лошо склопени. Во многу случаи се доволни само неколку месеци за мажот и жената да воочат дека нивните природи никогаш нема да се сложат. Резултат на тоа е во домот да преовладува несогласување таму каде што треба да постојат само небесната љубов и складност. {АД 83.3}

Дискусијата за нешто безначајно создава дух на огорченост. Отвореното несогласување и глодање внесува во домот неискажана несреќа и ги раздвојува оние кои би требало да бидат соединети во врската на љубовта. Така со неразумните бракови илјадници се жртвувале себеси, душата и телото и тргнале надолу по патот којшто води во пропаст. {АД 83.4}

Разлики во поделениот дом. – Среќата и напредокот во брачниот живот зависат од единството на двете страни. Како можетелесниот ум да се усогласи со умот кој станал Христов? Еден сее во тело, размислувајќи и постапувајќи според побудите на своето срце; друг сее во Духот, трудејќи се да ја совлада себичноста, да ги победи склоностите и да живее во послушност на Учителот, чиј слуга сака да биде. На тој начин постојано ќе се појавуваат постојаните разлики во вкусовите, склоностите и целите. Ако верникот не може со цврсто држење на своите начела да го придобие својот неверен пријател, тој како што најчесто е случај, ќе се отстрани и ќе ги жртвува своите верски начела за љубовта на другиот кој нема врска со небото. {АД 84.1}

Неразбирањето ги разорува браковите. – Многу семејства знаат само за несреќа; но сепак многу момчиња и девојки одат само по тој пат, затоа што сатаната ги води таму и ги уверува дека мораат да се земат за да бидат среќни, иако не се способни да владеат со себе и да се грижат за семејството. Оние кои немаат желба да се прилагодат еден кон друг, за да ги избегнат непријатните несогласувања и расправија не треба да го прават тој чекор. Меѓутоа, ова е една од привлечните замки во последните денови, во кои илјадници доживеале пропаст во овој и во идниот живот. {АД 84.2}

Последици од слепата љубов. – Оние кои ги зафатила оваа заразна болест слепа љубов ја жртвуваат секоја своја способност. Изгледа како да им недостасува здраво расудување, а нивните постапки предизвикуваат неодобрување за сите оние кои се во нивна близина… Кај мнозина, кризата од оваа болест го достигнува својот врв во незрелиот брак и кога ќе застари бракот и маѓепсничката сила на заедништвото, една или двете страни ја гледаат својата вистинска состојба. Тогаш согледуваат дека не биле еден за друг, иако се врзани за цел живот. Поврзани меѓусебно со најсвечени ветувања, изнемоштените срца го гледаат несреќниот живот што мора да го водат. Тие треба да направат најдобро што можат во ситуациите во кои се наоѓаат, но мнозина не го сакаат тоа. Тие или ќе го презрат своето брачно ветување или јаремот кој упорно го ставале себе си на врат, ќе го направат толку тежок, што поединци кукавички ќе му стават крај на својот живот. {АД 84.3}

Поради тоа, животна задача на мажот и жената е да пронајдат начин како можат да го избегнат сето она што создава раздор и да го сочуваат недопрен венчаниот завет. {АД 85.1}

Искуството на другите е една опомена. – Братот А. има природа со која сатаната успешно си поигрува. Неговиот брак би требало да им послужи на младите за пример. Неговата сопруга во изборот на брачниот партнер ги следела чувствата и нагоните, а не разумот и здравото расудување. Дали нивниот брак бил плод на вистинска љубов? Не, никако. Нивниот брак бил плод на нагони слепи и несвети страсти. Ниту еден од нив не бил подготвен да преземе одговорност во заедничкиот живот. Кога новото заедништво избледело, кога се запознале меѓусебно, дали нивната љубов станала посилна, нивните чувства подлабоки, а нивниот живот се претопил во прекрасна складност? Напротив, сѐ било обратно. Најлошите црти од нивниот карактер почнале да се истакнуваат; и наместо нивниот заеднички живот да стане живот на среќа, тој станувал сѐ потежок. {АД 85.2}

Во минатото примив многу писма од различни личности кои склучиле несреќни бракови, а тие страшни истории коишто ми се доверени се такви што предизвикуваат болка во срцето. Не е лесно да се одлучи што да се советуваат тие несреќници или како да им се олесни нивното тешко бреме; нивното жално искуство би требало да биде опомена за другите. {АД 85.3}