Брзи, незрели бракови
Адвентен дом
Брзи, незрели бракови
Опасност од прерано стапување во брак. – Не треба да се охрабрува прераното склопување на браковите. Во заедница како што е бракот, не треба нагло да се влезе, без доволна подготовка и доволно развиени телесни и умствени способности. {АД 79.1}
Момчињата и девојките стапуваат во брак, иако нивната љубов и расудување не се зрели, иако им недостигаат благородни и возвишени чувства, тие стапуваат во брак целосно водени од своите младешки страсти… {АД 79.2}
Често последици од прерано склопените бракови биле несреќен живот или нечесни разделби. Пребрзите бракови, склопени без согласност од родителите, ретко биле среќни. Младешките чувства треба да се контролираат до времето на зрелост и искуство што ќе им овозможи чесно и сигурно да се развијат. Оние коишто не се воздржуваат се во опасност подоцна да бидат несреќни. {АД 79.3}
Кој не наполнил дваесет години, не може да процени дали некоја личност која е исто така млада, може да биде неговиот животен партнер. Кога таквите ќе станат позрели, тогаш ќе воочат дека еден со друг се врзани за цел живот, но можеби неспособни еден со друг да се усреќат. И тогаш наместо да го направат она што е најдобро во нивниот случај, почнуваат меѓусебно да се обвинуваат; темнината се проширува се додека еден кон друг не станат рамнодушни и невнимателни. Зборот „дом“ за нив не содржи ништо свето. Целата атмосфера е затруена со нељубезни зборови и горки префрлања. {АД 79.4}
Пребрзите бракови се причина за многу зла коишто денес постојат. Пребрзите бракови не придонесуваат ниту за телесното здравје ниту за умствената сила. За тоа доволно не се размислува. Многу млади постапуваат според нагоните. Овој чекор којшто може сериозно да влијае на доброто или злото, којшто може да биде доживотен благослов или проклетство, често се прави нагло и под влијание на чувствата. Мнозина одбиваат да ги послушаат христијанските совети и упатства. {АД 80.1}
Сатаната постојано се труди неискусната младина брзо да ја воведе во брачна врска. Не можеме да се гордееме со браковите кои денес се склопуваат. {АД 80.2}
Последиците од нагло склопените бракови, дури и помеѓу Божјиот народ, водат до поделби, разводи и големи неволји во црквата. {АД 80.3}
Какви разлики помеѓу Исаковото однесување и однесувањето на младите од нашето време, дури и помеѓу христијаните! Младите често мислат дека со исполнување на нивните чувства, она што се однесува само за нив, во што ни Бог, ниту нивните родители не може да имаат учество. Мнозина пред да достигнат до цела зрелост, сметаат дека се во состојба да го извршат својот избор без помош од родителите. Неколку години од брачниот живот обично се доволни за да им се откријат нивните грешки, но тогаш е предоцна да се спречат сите нивни кобни последици. Истиот недостаток на мудрост и самосовладување кои ги довел до брз избор, го прави злото сѐ поголемо, додека најпосле бракот не стане болен јарем. Мнозина така ја уништиле својата среќа во овој живот и својата надеж во идниот живот. {АД 80.4}
Оневозможена работата за Бога. – Има момчиња кои радосно ја прифатиле вистината и некое време исправно служеле на Господа, но сатаната околу нив исткајал мрежа од неразумни врски и несреќни бракови. Тој видел дека тоа би можело да биде најуспешен начин да ги заведе од светиот пат. {АД 80.5}
Покажано ми е дека денешната младина нема вистинско сознание за големата опасност која им се заканува. Има многу млади коишто Бог би можел да ги прими како соработници во разните предели на своето дело, но кај нив се појавил сатаната и ги вовлекол во неговата мрежа, така што тие се отуѓиле од Бога и останале без сила за Неговото дело. Сатаната е лукав и истраен работник. Тој добро знае како ќе ги улови невнимателните, и малкумина се такви кои можат да се извлечат од неговата мрежа. Тие не ја гледаат опасноста и не се пазат од неговото лукавство. Тој ги поттикнува своите чувства да ги подарат на друга личност, а пред тоа да не бараат мудрост од Бога или од оние кои Тој им ги праќал да ги предупреди, да ги укори и посоветува. Тие сметаат дека си се доволни самите на себе и не ги трпат советите од никого. {АД 81.1}
Совет до едно момче. – Твоите момчешки мисли за љубовта кон девојките не му дозволуваат никому да има убаво мислење за тебе. Ти си се направил себе си неспособен затоа што си им дозволил на своите мисли да лутаат по такви патеки. Со таквите постапки ќе стекнеш лошо друштво, со тоа ќе го расипеш својот пат и патот на другите. Вака го видов твојот случај, и ако и понатаму упорно продолжиш да одиш по својот пат, сите оние кои ќе се обидат да те посоветуваат, насочат или спречат, ќе наидат на твојот најодлучен отпор, затоа што твоето срце не е во согласност со вистината и правдата. {АД 81.2}
Нееднаквост во годините. – Момчето и девојката можат да бидат сиромашни, но ако се здрави располагаат со големо богатство. Но во повеќето случаи не би требало да бидат големи разлики во годините. Непочитувањето на ова начело може сериозно да го загрози здравјето на помладиот. Од таквиот брак децата често се лишени од телесната и умствена сила. Постариот родител не е во состојба да им пружи нега и пријателство кое го посакува нивниот млад живот, а со смртта на таткото или мајката можат да бидат лишени од љубовта и негата токму тогаш кога тоа им е најпотребно. {АД 81.3}

