Атмосферата во домот

Адвентен дом

Атмосферата во домот

Домот е центар на сите активности. – Општеството е составено од семејства и тоа е такво какво што го прави главата на семејството. Бидејќи од срцето „излегува животот“ домот е срцето на општеството, на црквата и народот. Од влијанието на домот зависи и доброто на општеството, напредокот на црквата и благосостојбата на народот. {АД 15.1}

Посветлата или потемна иднина на општеството ќе зависи од држењето и моралот на младите кои се развиваат околу нас. Од воспитанието кое го добиваат во младоста, од развојот на нивниот карактер во детството добрите навики, самоконтролата, воздржувањето, ќе зависи и нивното влијание во општеството. Ако младите останат непросветени и препуштени самите на себе, тие стануваат своеволни, неумерени во апетитот и во страстите и нивното влијание во општеството ќе биде од истата природа. Нивните сегашни пријателства, навики кои ги изградуваат и начелата кои ги прифаќаат, ќе бидат показатели за состојбата во општеството во годините кои се приближуваат. {АД 15.2}

Најубава претслика за небото. – Домот мора да биде сето она што овие зборови го прикажуваат. Тој треба да биде малечко небо на Земјата, место во кое се негува љубовта, наместо намерно да се гуши. Нашата среќа зависи од негувањето на таа љубов, разбирањето и вистинската љубезност еден кон друг. {АД 15.3}

Најубава претслика на небото е домот во кој владее Господовиот Дух. Кога е исполнета Божјата волја, сопружниците меѓусебно ќе се почитуваат и ќе ги негуваат љубовта и довербата. {АД 15.4}

Значењето на семејната атмосфера. – Атмосферата која владее со душите на татковците и мајките ја исполнува целата куќа и се чувствува насекаде во домот. {АД 16.1}

Родителите во голема мера ја изградуваат атмосферата во семејниот круг, и ако дојде до несогласување помеѓу таткото и мајката и децата ќе го примат истиот дух. Настојувајте атмосферата во вашиот дом да се исполни со нежна внимателност. Ако сте се отуѓиле еден од друг и не сте христијани кои живеат според Библијата, вратете се кај Бога. Вашиот карактер кој се обликува во времето на проба, ќе биде карактер кој ќе остане за Христовото доаѓање. Ако сакате да бидете свети на небото, морате прво да бидете свети на Земјата. Особините на карактерот кои ги развивате во животот нема да се променат ниту со смртта ниту со воскресението. Исус нема да го промени вашиот карактер. Делото на преобразба мораме денес да го доживееме. Нашиот секојдневен живот ја одредува нашата вечна судбина. {АД 16.2}

Изградувајте чиста атмосфера. Секој христијански дом треба да има правила и родителите со свои зборови и меѓусебен однос треба да им дадат на своите деца скапоцен, жив пример од она, што сакаат тие да станат. Постојано употребувајте пристојни зборови и применувајте ја вистинската христијанска учтивост. Учете ги децата и младите да се почитуваат себе си, да бидат верни на Бога, верни на начелата. Учете ги да го слушаат и почитуваат Божјиот закон. Овие начела ќе управуваат со нивниот живот, а со дружењето ќе се пренесат и на другите. Така тие ќе изградат чиста атмосфера, чие влијание ќе ги охрабри послабите души на патот кон светоста и небото. Секоја поука нека го подига и облагородува карактерот, а затоа пак извештаите во небесните книги ќе бидат такви што нема да се засрамите на судот. {АД 16.3}

Децата кои ги примаат овие упатства ќе бидат подготвени да ги прифатат одговорните места, и затоа со зборови и со пример постојано ќе им помагаат на другите да го прават она што е добро. Оние на кои не им е затапена моралната чувствителност ќе ги ценат вистинските начела. Тие правилно ќе ги ценат своите природни дарови и најдобро ќе ги искористат своите телесни, умствени и морални моќи. Таквите души цврсто се утврдени против искушението; нив ги опкружува ѕид кој не може лесно да се сруши. {АД 17.1}

Бог сака нашето семејство да биде претстава за небесното семејство. Родителите и децата треба ова постојано да го имаат на ум, однесувајќи се како членови на Божјото семејство. Тогаш со својот живот ќе му покажат на светот што можат да станат семејствата кои го сакаат Бога и кои ги држат Неговите заповеди. Со тоа Христос ќе се прослави; Неговиот мир, милост и љубов ќе се разлеваат низ семејната средина како скапоцен мирис. {АД 17.2}

Многу зависи од таткото и од мајката. Тие мораат да бидат цврсти и љубезни во примената на своите поуки, сериозно работејќи за да создадат уреден и беспрекорен дом, кој ќе ги привлече небесните ангели подготвени да донесат мир и свето влијание. {АД 17.3}

Домот нека биде весел и среќен. – Весел и среќен дом, за себе и за своите деца, ќе изградите со тоа што ќе ги негувате доблестите на Спасителот. Ако го воведете Христос во својот дом, ќе можете да го разликувате доброто од злото. Тогаш ќе бидете во состојба да им помогнете на своите деца да станат дрво на правдата кое дава плодови од Светиот Дух. {АД 17.4}

Неволјите може да надојдат, но тие се судбина на човештвото. Трпеливоста, благодарноста и љубовта нека ја сочуваат сончевата светлина во срцето, иако денот може да биде и облачен. {АД 18.1}

Домот може да биде едноставен, но тој секогаш може да биде место на кое се слушаат радосни зборови и се исполнуваат делата на љубовта, каде што учтивоста и љубовта се постојани гости. {АД 18.2}

Спроведете правила во домот мудро и со љубов, а не со железна палка. Децата со доброволна послушност ќе одговорат на законот на љубовта. Пофалете ги своите деца секогаш кога можете. Настојувајте да им го направите животот што посреќен… Облагородете им ги основите на срцето, изразувајќи им љубов и сочувство, подготвувајќи ги за семето на вистината. Имајте на ум дека Господ не ѝ дава на Земјата само облаци и дожд, туку и прекрасни сончеви зраци, кои прават семето да расте и цвета. Имајте на ум дека на децата им се потребни не само опомени и укори, туку и охрабрувања и пофалби, пријатна топлина на вашите љубезни зборови. {АД 18.3}

Не дозволувајте во вашиот дом да дојде до расправија. „А премудроста која доаѓа од горе, таа најнапред е чиста, а потоа мирна, кротка, покорна, полна со милост и добри плодови, без хирови и нелицемерна. А плодот на правдата во мир им сее на оние кои го прават мирот“. Нежноста и мирот се потребни во нашите домови. {АД 18.4}

Негувајте ги врските со нежност. Од сите врски на Земјата семејната врска е најтесна, најнежна и најсвета. Таа е одредена да биде благослов на човештвото. Таа е благослов секаде каде што во брак се влегува разумно, во Божји страв и со трезвено прифаќање на одговорностите. {АД 18.5}

Секој дом треба да биде место на љубовта, место на кое престојуваат Божјите ангели, кои со нежното влијание дејствуваат на срцата на родителите и децата. {АД 18.6}

Нашите домови мораат да станат Ветил, а нашите срца светилишта. Секогаш кога во душата се негува Божјата љубов, ќе владее мир, светлина и радост. Со љубов изнесете го пред своето семејство Божјата реч и прашајте: „Што рекол Бог?“ {АД 19.1}

Христовата присутност во домот. Домот кој е украсен со љубов, сочувство и нежност е место кое ангелите со радост го посетуваат и на кое се слави Бог. Влијанието на грижливо сочуван христијански дом во годините на детството и на младоста, е најсигурна заштита од световната расипаност. Во атмосферата на таквиот дом децата ќе научат да ги сакаат своите родители и својот небесен Татко. {АД 19.2}

Потребно е да се подигне цврста ограда помеѓу младите и влијанието на световноста, уште во времето на нивното детство. {АД 19.3}

Секое христијанско семејство треба да ја претставува светата сила и убавина на христијанското влијание… Родителите треба да бидат свесни за своите обврски да го сочуваат својот дом од секоја дамка на моралното зло. {АД 19.4}

Божјата светост треба да проникне во домот… Родителите и децата треба да научат да соработуваат со Бога. Своите навики и постапки треба да ги усогласат со Божјите планови. {АД 19.5}

Семејните односи со своето влијание треба да осветуваат. Христијанските домови кои се основани и водени во согласност со Божјиот план, се силна помош во обликувањето на христијанскиот карактер… Родителите и децата треба да се соединат во слога и љубов со Оној кој единствено може да ја сочува човечката љубов чиста и благородна. {АД 19.6}

Најважна работа која треба да се изврши во христијанскиот дом е настојувањето Христовиот Дух да се всели во него, за секој негов член да може да биде подготвен да го земе својот крст и да појде по Исус. {АД 20.1}