Дисциплина

Воспитување
Дисциплина
„Изобличувај, прекорувај,
охрабрувај со сета трпеливост"
(2. Тимотеја 4:2)
Поуката за послушноста е една од првите поуки кои детето треба да ги научи. Тоа може да научи да слуша уште пред да биде доволно зрело да расудува. Оваа навика треба да се развива со љубезни, истрајни напори. Така во голема мерка можат да се избегнат подоцнежните судири помеѓу волјата и авторитетот, кои толку придонесуваат за создавање на отуѓеност и горчина кон родителите и учителите, а многу често и отпор кон секој авторитет, како човечки така и божествен.
Целта на дисциплината е увежбување на детето да владее со себеси. Тоа мора да научи да се потпира и да управува со себеси. Затоа, штом ќе се стекне со способност на расудување, треба да се придобие неговиот разум да се согласи на послушност. Сите постапки кон него треба да бидат такви што ќе покажат дека барањето за послушност е оправдано и разумно. Помогнете му да согледа дека сѐ е подложно на законот и дека непослушноста на крајот доведува до пропаст и страдање. Кога Бог вели: „Немој", Тој од љубов нѐ предупредува на последиците од непослушноста, за да не спаси од зло и губитоци.
Помогнете му на детето да согледа дека родителите и учителите се Божји претставници и дека, кога делуваат во согласност со Него, нивните прописи во домот и училиштето се и Негови прописи. Како што детето е должно да им биде послушно на родителите и наставниците, така и тие, од своја страна, се должни да Му бидат послушни на Бога.
Родителите и учениците мораат да се трудат да го насочуваат развојот на детето, не попречувајќи го со прекумерна контрола. Премногу надзор е исто толку штетно како и премалку. Настојувањето да се „скрши волјата на детето” е тешка грешка. Умовите се различни; иако принудувањето може да обезбеди привидна послушност, тоа кај многу деца предизвикува уште поодлучна побуна во срцето. Дури и кога родителот или учителот ќе успее да ја постигне саканата контрола, последиците за детето нема да бидат ништо помалку штетни. Дисциплинирањето на едно човечко суштество кое навлегло во разумни години мора да се разликува од обучување на немо животно. Животното го учиме само на покорност кон господарот. За животното господарот е и ум, и расудување и волја. Оваа метода, понекогаш применувана во воспитувањето на децата, ги прави само малку подобри од автомати. Нивниот ум, волјата и совеста стојат под контрола на другите. Не е Божја намера така да се владее со нечиј ум. Оние кои ја ослабнуваат или уништуваат индивидуалноста, преземаат одговорност која може да има само лоши последици. Додека се под контрола, децата можат да изгледаат како добро обучени војници; но кога контролата ќе исчезне, се гледа дека на карактерот му недостасуваат сила и цврстина. Бидејќи никогаш не научиле да управуваат со себе, тие не познаваат никакви ограничувања освен барањата на родителите и учителите. Кога тие ќе исчезнат, младите нема да знаат како да се служат со својата слобода, и често се предаваат на уживања што ги водат во пропаст.
Бидејќи покорувањето на волјата за некои ученици е многу потешко отколку за други, учителот мора да настојува, колку е можно повеќе, да ја олесни послушноста кон своите барања. Волјата треба да се насочува и обликува, а не да се занемарува или крши. Чувајте ја силата на волјата; таа е неопходна во борбата на животот.
Секое дете мора да ја согледа вистинската сила на волјата. Треба да му се помогне да разбере колкава е одговорноста поврзана со оваа дарба. Волјата е управувачка сила во природата на човекот, таа е способност за одлучување и избор. Секое човечко суштество, надарено со разум, има способност да го избере доброто. Во секое животно искуство, Божјата Реч ни зборува: „Денес изберете кому ќе му служите!" (Исус Навин 24:15) Секој може да ја стави својата волја на страната на Божјата волја, може да избере да Му биде послушен, и поврзувајќи се на тој начин со божествените сили, може да стане толку цврст што ништо нема да може да го принуди да прави зло. Во секое младо суштество, во секое дете, лежи сила која со Божја помош да изгради чесен карактер и да живее полезен живот.
Родителот или учителот кој со такво поучување му помага на детето да владее со себеси, извршува најполезна работа и постигнува траен успех. На површниот набљудувач неговата работа можеби нема да му делува особено полезна; таа нема да биде ценета толку високо како работата на оној кој умот и волјата на детето ги потчинува на својата апсолутна власт; но подоцнежните години сепак ќе ги покажат резултатите од подобрата метода на воспитување.
Мудриот воспитувач ќе се труди да ја придобие довербата на учениците со своето постапување кон нив и кај нив да развие чувство на чест. Врз децата и младите поволно делува кога им се укажува доверба. Мнозина помеѓу нив, дури и малите деца, имаат многу развиено чувство на чест; сите сакаат со нив да се постапува со доверба и почитување, и тоа е нивно право. Не треба да се наведуваат на помислата дека не можат ниту да излегуваат ниту да влегуваат без постојана придружба. Недовербата деморализира и ги предизвикува истите оние зла кои сака да ги спречи. Наместо постојано да надгледуваат, како да очекуваат некакво зло, учителите кои се дружат со своите ученици ќе го согледаат делувањето на немирниот дух и ќе се потрудат да ги стават во движење оние влијанија кои ќе му се спротивстават на злото. Наведете ги младите да почувствуваат дека им верувате и само ретки помеѓу нив нема да се потрудат да покажат дека ја заслужуваат довербата.
По истото правило, подобро е да се замоли отколку да се наредува; оној на кого сме му се обратиле на таков начин има можност да ја покаже својата верност кон вистинските принципи. Неговата послушност попрво е последица на избор отколку на принудување.
Правилата што владеат во училницата треба, колку е тоа можно, да бидат израз на мислење на целото училиште. Секоја одредба во нив треба да им биде објаснета на учениците така што тие ќе се уверат во нејзината праведност. На тој начин, тие ќе чувствуваат одговорност да настојуваат правилата, кои се донесени со нивна соработка, бидат почитувани.
Правила треба да има малку, и тие мораат да бидат добро обмислени; кога еднаш ќе се усвојат, истите мораат и да се применуваат. Кога ќе сфати дека нешто не може да се менува, умот се навикнува и прилагодува; но можноста за промена буди желба, надеж и несигурност, а последиците се вознемиреност, раздразливост и непослушност.
Мора да се објасни дека Божјото владеење не познава нагодби со злото. Ни во домот ни во училиштето непослушноста не смее да се толерира. Ниту еден родител или учител, кому му лежи на срце доброто на оние што му се доверени, нема да се нагодува со тврдоглавата самоволност која отфрла авторитет, или прибегнува кон изговори, или заобиколувања за да ја избегне послушноста. Само лажната чувствителност, а не љубовта се пазари со злото, се обидува преку ласкање или подмитување да обезбеди согласност, и конечно прифаќа некоја замена наместо она што го барала.
„На лудите гревот им е шега" (Изреки 14:9). Мораме да се чуваме од несериозно однесување кон гревот. Неговата власт над грешникот е страшна. „Нечесниот ќе биде фатен од сопственото беззаконие и ќе го држат јажињата на неговите гревови" (Изреки 5:22). Најголемото зло што можеме да му го нанесеме на детето или младиот човек е да му дозволиме да се заплетка во синџирите на лошата навика.
На младите им е вродена љубов кон слободата; тие копнеат по независност; но мораат да сфатат дека тие непроценливи благослови можат да се уживаат единствено во послушноста кон Божјиот закон. Овој Закон е чувар на вистинската слобода и независност. Тој го набројува и забранува она што понижува и заробува, и така на послушниот му овозможува заштита од силата на злото.
Псалмистот вели: „Ќе одам слободно, зашто ги барам Твоите повелби”. „Твоите сведоштва се моја наслада и мои советници” (Псалм 119:45, 24).
Во својот напор да го поправиме злото, мораме да се чуваме од тенденцијата да наоѓаме грешки и осудуваме. Постојаното осудување внесува немир, а не поправа. Атмосферата на немилосрдна критика кај мнозина, особено кај оние кои се најчувствителни, ја убива волјата за работа. Цветовите не расцутуваат под здивот на остриот ветер.
Детето кое често се укорува поради некоја посебна мана, почнува таа мана да ја смета за своја карактеристика, особеност против која секоја борба е залудна. На тој начин се создаваат обесхрабрување и безнадежност, често сокриени под наметката на рамнодушност или покажување храброст.
Вистинската цел на укорот се постигнува дури кога самиот престапник е наведен да ја согледа својата грешка и кога неговата волја е поттикната да ја исправи. Кога ќе го постигнете ова, укажете му на изворот на простувањето и силата. Трудете се да ја сочувате неговата самопочит и да го вдахнете со храброст и надеж.
Ова е најубавата, но и најтешка работа, која некогаш им била доверена на човечките суштества. Таа бара најнежна тактичност, најголема чувствителност, познавање на човековата природа и небесна вера и трпение, подготвеност за работа, за будност и за чекање. Според тоа, нема ниту една поважна работа од оваа.
Оние кои сакаат да управуваат со другите, мораат прво да научат да управуваат со себеси. Избувливото однесување со детето или младото суштество само ќе го наведе на негодување. Кога родителот или учителот ќе стане нетрпелив или е во опасност да зборува неразумно, тогаш нека замолкне. Во молчењето се крие чудесна сила.
Учителот мора да биде подготвен на соочување со изопачените склоности и закоравените срца. Но, во постапувањето со нив никогаш не смее да заборави дека и самиот некогаш бил дете, на кое му била потребна дисциплина. Дури и сега, иако ги ужива сите предности на своите години, образованието и искуството, и тој често греши и потребно му е човечко сочувство и трпение. Воспитувајќи ги младите, тој мора да има на ум дека се занимава со оние чии тенденции кон злото се слични на неговите. Тие мораат да научат речиси сѐ, а на некои учењето им паѓа многу потешко отколку на другите. Со слабиот ученик мора да се постапува трпеливо, да не се осудува поради незнаењето, туку да се искористи секоја можност за негово охрабрување. Со чувствителните, нервозни ученици, мора да се постапува многу нежно. Свеста за сопствената несовршеност мора да го наведе учителот да биде секогаш сочувствителен и трпелив кон оние кои и самите се борат со тешкотии.
Правилото на Спасителот – „Како што сакате да ви прават луѓето вам, така правете им и вие ним“ (Лука 6:31) – мора да биде правило на сите кои се занимаваат со воспитување на деца и млади. Тие се помлади членови на Господовото семејство, сонаследници со нас во благословот на животот. Христовото правило мора свето да се почитува во однесувањето со најмрзеливите, со најмладите, со најнеумешните, па дури и со оние што грешат и се непокорни.
Ова правило ќе го наведе учителот да го одбегнува, колку е тоа можно, јавното изнесување на грешките и маните на ученикот. Тој ќе се труди да го избегне укорувањето или казнувањето во присуство на други. Нема да исклучи ученик сѐ додека не направи сѐ што е можно за тој да се поправи. Но, кога ќе стане јасно дека понатамошниот престој во училиштето нема никаква полза за ученикот, а тој со својот инает или непочитување на авторитетот ја загрозува управата на училиштето и со своето влијание ги расипува другите, неговото исклучување станува неопходно. Меѓутоа, мнозина срамот од јавното исклучување би ги навел на крајно непромислени постапки и би ги одвел во пропаст. Во најмногу случаеви, кога отстранувањето е неизбежно, не е потребно тоа да се прави јавно. Советувајќи се со родителите и со нивна соработка, учителот треба во тајност да го организира неговото заминување.
Во ова време кога младите се особено загрозени, кога искушенијата ги напаѓаат од сите страни и кога е толку лесно да и се препуштиш на струјата, потребен е најсилен напор да се плива против неа. Секое училиште треба да биде „град на прибежиште" за младите изложени на искушение, место каде кон нивните лудости ќе се постапува трпеливо и мудро. Учителите кои ја разбираат својата одговорност ќе отстранат од нивите срца и животи сѐ што би можело да ги спречи да имаат успех во постапувањето со самоволните и непослушните. Љубовта и нежноста, трпението и владеењето со себеси, во секое време ќе бидат закон на нивниот говор. Милосрдноста и сочувството ќе бидат соединети со праведноста. Тие нема да го пренагласуваат укорот, кога ќе биде неопходен, туку ќе го искажат со едноставни зборови. Љубезно ќе му ги изнесат на престапникот неговите грешки и ќе му помогнат да се поправи. Секој вистински учител ќе чувствува дека, ако веќе мора да згреши, тогаш е подобро да биде премногу благ отколку премногу строг.
Многу млади за кои се мисли дека се непоправливи, не се во срцето толку тврди како што изгледаат. Мнозина кои се сметаат за безнадежни, би можеле да се поправат со мудра дисциплина. Тоа се често токму оние чии срца најбргу се топат под влијание на љубезноста. Учителот треба да ја придобие довербата на оние кои се изложени на искушение и, во многу случаи, ако го забележува и развива доброто во нивниот карактер, ќе успее да го поправи злото воопшто не свртувајќи внимание кон него.
Божествениот Учител има трепение кон заблудените и кон сите нивни изопачености. Неговата љубов не оладува. Неговите напори да ги придобие не престануваат. Тој со раширени раце, секогаш одново со добредојде, чека да ги пречека заблудените, бунтовните, па дури и отпаднатите. Неговото срце е трогнато од беспомошноста на малото дете изложено на грубости. Крикот на страдното човечко суштество никогаш не допира залудно до Неговото уво. Иако во Неговите очи сите се скапоцени, сепак грубите, мрзливите и тврдоглавите најмногу ги привлекуваат Неговите симпатии и љубовта, зашто Тој ја проценува последицата според причината. Оној кој најлесно им подлегнува на искушенијата, кој е најмногу наклонет да греши,
е посебен предмет на Неговото внимание.
Секој родител и секој учител треба да ги негува особините што ги има Оној Кој се изедначува со нажалените, страдните и искушуваните. Тој мора да биде оној што може да биде „благ кон оние кои не знаат и се заблудени, зашто и Самиот е со слабости” (Евреите 5:2). Исус со нас постапува многу подобро отколку што сме заслужиле; и ние мораме да постапуваме со другите како што Тој постапува со нас. Родителите и учителите не можат да се оправдаат ако не се однесуваат онака како што би се однесувал Спасителот во слични околности.
Поднесување на дисциплината на животот
По дисциплината во домот и училиштето, сите мораат да се соочат со строгата дисциплина на животот. На секое дете и на секое младо суштество мораме да му објасниме како мудро да се соочи со неа. Вистина е дека Бог нѐ љуби, дека се труди да нѐ усреќи, и дека ние никогаш не би морале да го запознаеме страдањето ако секогаш сме го почитувале Неговиот закон; но не помала е и вистината дека на овој свет, како последици од гревот, секој мора да поднесува страдања, неволји и товари. На децата и младината цел живот ќе им служи на добро ако ги научиме храбро да се соочат со сите неволји и потешкотии. Иако мораме кон нив да покажеме сочувство, тоа никогаш не смее да биде такво што ќе ги наведе да се самосожалуваат. Ним им е потребно нешто што ќе ги поттикне и зајакне, а не нешто што ќе ги ослабне.
Тие мораат да научат дека овој свет не е место за одржување свечени паради, туку бојно поле. Сите се повикани, како добри војници, да поднесуваат тешкотии. Мораат да бидат силни и да се однесуваат како луѓе. Учете ги дека вистинската сила на карактерот се тестира преку подготвеноста да носат товар, да издржат на тешко место, да извршат работа која мора да биде извршена, иако не донесува никакво земско признание или награда.
Вистинскиот начин на соочување со пробата не е нејзино одбегнување, туку трансформирање. Тоа се однесува на целата дисциплина, како онаа во раните, така и онаа во подоцнежните години. Запоставувањето на најраното воспитување на детето и со тоа поврзаното засилување на неговите зли тенденции, многу го отежнува неговото подоцнежно образование, а често, од дисциплината прави болен процес. Тој процес секако ќе биде болен за пониската природа, бидејќи доаѓа во судир со вродените желби и склоности; но таа болка исчезнува пред поголемата радост.
Детето и младото суштество треба да научат дека секоја грешка и секоја мана, секоја тешкотија, што сме ја совладале, станува скала кон она што е подобро и повозвишено. Со такви искуства постигнале успех сите кои некогаш живееле живот вреден за живеење.
„Висините која ја постигнува човек,
не е достигната со ненадеен скок;
Тој морал да работи, па дури и во ноќта
кога другите биле во среде длабокиот сон”.
„За да станеш восок
мораш да најдеш темел
што е цврст и што не се колеба
Не смееш да дозволиш
светот да те врзе
гордоста и себичноста
треба да се остави”.
„Сите обични нешта,
настаните на секој ден,
кои со часот почнуваат и завршуваат;
Нашите задоволства и незадоволства
се како скалила на кои можеме да се искачиме”.
Ние треба да „гледаме не на она што е видливо, туку на она што е невидливо; зашто видливите нешта се поминливи, а невидливите се вечни” (2. Коринтјаните 4:18). Отфрлувајќи ги себичните желби и склоности, ние го заменуваме она што е безвредно и минливо за она што е скапоцено и трајно. Тоа не е жртва, туку непроценлива добивка.
„Нешто подобро!” е лозинката на образованието, закон на секое вистинско живеење. На местото на она што бара да отфрлиме, Христос ни нуди нешто што е многу подобро. Младите често се стремат кон цели, потфати и уживања, кои не мораат да делуваат како за лошо, но на кои им недостасува највозвишеното добро. Тоа го застранува животот од неговата најблагородна цел. Самоволните мерки или директните закани можеби нема да успеат да ги наведат младите да се откажат од она што им е мило. Да ги насочиме кон она што е подобро од покажување, честољубивост, и задоволување на сопствените каприци. Да ги донесеме во допир со повистинска убавина, со повозвишени принципи и поблагороден живот. Да ги наведеме да гледаат во Оној кој е „сиот од љубезност”. Кога погледот еднаш ќе се насочи кон Него, животот наоѓа свое средиште. Воодушевувањето, благородната предаденост и огнената ревност на младите тука ја на наоѓаат својата вистинска цел. Должноста станува уживање, а жртвата задоволство. Да се слави Христос, да се стане сличен на Него, да се работи за Него, тоа е најголемата животна амбиција и најголема радост.
„Зашто, Христовата љубов нѐ опфаќа” (2. Коринт. 5:14)
