Приказ на неговите методи

Илустрација за поглавјето „Приказ на Неговите методи“

Воспитување

Приказ на неговите методи

„Го јавив името Твое на луѓето што си Ми ги дал"

(Јован 17:6)

Методите со кои се служел Христос како учител, се најпотполно прикажани во подготвувањето на дванаесеттемина први ученици. Врз овие луѓе требало да почиваат тешки одговорности. Тој ги избрал како луѓе кои ќе може да ги вдахне со Својот Дух, кои ќе можат да бидат оспособени да го продолжат Неговото дело на Земјата тогаш кога Тој ќе мора да го напушти. Им го укажал предимството, повеќе отколку на сите други, да бидат во Неговото друштво. Со личен допир го втиснал печатот на Својата личност врз тие избрани соработници. „И Животот се јави” – вели омилениот Јован – „и видовме, и сведочиме” (1. Јованово 1:2).

Само со таква заедница – заедница на ум со умот и срце со срцето, на човечкото со божественото – може да се пренесе онаа животворна енергија која делото на вистинското воспитување треба да ја даде. Само животот раѓа живот.

Во подготвувањето на Своите ученици, Спасителот го применувал системот на воспитување воспоставен на почетокот. Дванаесеттемина првоизбрани, заедно со уште неколкумина други кои служењето на потребите на учениците повремено ги здружувало со нив, го сочинувале Христовото семејство. Тие биле со Него во домот, на масата, во собата, во полето. Го следеле на Неговите патувања, ги делеле Неговите грижи и потешкотии и, онолку колку што било можно за нив, учествувале во Неговата работа.

Понекогаш ги подучувал додека седеле заедно на падината на некој рид, понекогаш покрај морето, или од рибарски чамец, а понекогаш по пат, додека оделе. Кога и да му зборувал на мноштвото, учениците биле околу Него. Настојувале да Му бидат колку е можно поблиску, за да не загубат ниту една од Неговите поуки. Биле внимателни слушатели, со желба да ги разберат вистините кои требале да ги проповедаат во сите земји и на сите генерации.

Првите Христови ученици биле одбрани од редовите на обичните луѓе. Овие галилејски рибари биле скромни, необразовани луѓе; луѓе неупатени во учењата и обичаите на рабините, но прекалени со строгата дисциплина на тешката работа и неволјата. Тоа биле луѓе природно способни и со поучлив дух; луѓе кои можеле да бидат подготвени и изградени за делото на Спасителот. На патеките на обичниот живот има многу трудбеници, кои од ден на ден трпеливо ги извршуваат своите вообичаени должности, несвесни за притаените способности кои, кога би биле ставени во дело, би ги вброиле меѓу големите светски водачи. Такви биле и луѓето кои Спасителот ги повикал да бидат Негови соработници. Тие го имале предимството три години да се подготвуваат кај најголемиот Воспитувач што светот некогаш Го запознал.

Овие први ученици ги карактеризирала изразита разноликост. Тие требале да бидат учители на светот, а сепак многу се разликувале според своите карактерни црти. Тука бил Леви Матеј, цариник, повикан од еден живот на деловна активност и подложност на Рим; ревнителот Симон, непопустливиот непријател на царскиот авторитет; Петар, избувлив, самоуверен и со добро срце и Андрија, неговиот брат; Јуда Јудеецот, угладен, способен, но со алчен дух; Филип и Тома, верни и искрени, но со срце бавно за верба; Јаков Алфеев и Јуда Јаковов, помалку истакнати меѓу браќата, но енергични луѓе, упорни и во своите мани и во доблестите; Натанаил, како дете по искреноста и довербата; и синовите Заведееви, честољубиви, но со верни срца.

За да можат успешно да го извршуваат делото за кое биле повикани, овие ученици, кои толку се разликувале по природните особини, по воспитувањето и животните навики, морале да постигнат единство на чувствата, мислите и дејствувањето. Христова цел била да го изгради тоа единство. За да го постигне тоа, Тој настојувал да ги обедини со Себе. Целта на Неговиот труд околу нив е изразена во Неговата молитва до Отецот: „За да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно… и да узнае светот дека Ти си Ме пратил, и нив си ги возљубил, како Мене што Ме возљуби” (Јован 17:21-23).

Христовата моќ која преобразува

Од дванаесеттемина ученици, четворица требале да имаат водечка улога, секој на своето посебно подрачје. За да ги подготви за тоа, Христос ги подучувал предвидувајќи сѐ. Јаков, одреден да умре со брза смрт од меч, Јован, кој требал најдолго од сите браќа да Го следи својот Учител во работата и прогонството; Петар, пионер во пробивањето на вековните огради и во проповедањето на незнабожечкиот свет; и Јуда, способен да се истакне над своите браќа во службата, а сепак во своето срце да кове планови за чии последици малку мислел – тоа биле оние за кои Христос најмногу се грижел и кои најчесто и најгрижливо ги подучувал.

Петар, Јаков и Јован се стремеле да бидат покрај својот Учител во секоја поволна прилика и нивната желба била исполнета. Помеѓу дванаесеттемина, тие биле во најтесна врска со Него. Јован можела да го задоволи само уште поголема блискост и тој и го постигнал тоа. На оној прв состанок покрај Јордан, кога Андреј, слушајќи Го Исус, отрчал да го повика брата си, Јован седел молчејќи, задлабочен во размислувањето за чудесни теми. Тој Го следел Спасителот како желен и внимателен слушател. Сепак, карактерот на Јован не бил без мана. Тој не бил некој благ, занесен „сонувач”. Него и неговиот брат ги нарекувале „синови на громот” (Марко 3:17). Јован бил горд, честољубив, воинствен; но под сето тоа небесниот Учител видел топло, искрено и верно срце. Исус ја осудил неговата себичност, ја разочарал неговата честољубивост и ја испитал неговата вера. Но, му го открил она по што копнеела неговата душа – убавината на светоста, Својата сопствена љубов која преобразува. „Го јавив името Твое на луѓето”, Му рекол Исус на Отецот, „што си ми ги дал од светот” (Јован 17:6).

Јован по природа копнеел по љубов, симпатија и другарство. Тој се припил до Исуса, седел покрај Него, се потпирал на Неговите гради. Како што цветот ги впива сонцето и росата, така и тој ги впивал божествената светлина и животот. Го гледал Спасителот со обожување и љубов, сѐ додека сличноста со Христа и заедницата со Него не станале негов единствен копнеж и додека во неговиот карактер не се одразил карактерот на неговиот Учител.

„Гледате”, пишува тој, „каква љубов ни дал Отецот: да се наречуваме Божји деца. Затоа светот не нѐ познава нас, зашто не Го позна Него. Возљубени, сега сме Божји деца, и уште не се откри што ќе бидеме; но знаеме: кога Тој ќе се појави, ќе Му бидеме слични, зашто ќе Го гледаме онаков каков што е. И секој, кој ја има оваа надеж во Него, се очистува самиот, како што е и Тој чист” (1. Јованово 3:1-3).

Од слабост до сила

Приказната на Петар го прикажува Христовиот метод на воспитување подобро од приказната на било кој друг ученик. Смел, борбен, со голема самодоверба, со голема моќ на забележување и избувлив во одлуките, брз во одмаздувањето, а сепак великодушен во простувањето, Петар често грешел и често добивал укори. Но, исто така често добивал и јасни признанија и пофалби за својата срдечна верност и предаденост на Христа. Трпеливо, со непристрасна љубов, Спасителот се трудел околу овој темпераментен ученик, настојувајќи да ја ограничи неговата доверба во себе и да го научи на понизност, послушност и доверба.

Меѓутоа, лекцијата била само делумно научена. Самоувереноста не била искоренета.

Исус често, кога товарот тешко го притискал Неговото срце, копнеел да им ги изнесе на учениците сликите на Своето искушение и страдањата. Но, им биле затворени. Тие не сакале да знаат и затоа не го виделе тоа. Самосожалувањето, кое се плашело од заедница со Христа во страдањата, го натерало Петар да воскликне со неодобрување: „биди милостив кон Себе, Господи; тоа никогаш нема да ти се случи!” (Матеј 16;22). Неговите зборови ги одразувале мислите и чувствата на дванаесеттемина.

И така оделе понатаму додека кризата се наближувала; фалбаџии, кавгаџии, однапред делејќи ги владетелските почести и не сонувајќи за крстот.

Искуството на Петар е поука за сите нив. Оној што се потпира врз себе доживува пораз во искушението. Христос не можел да ги спречи сигурните последици на злото кое сѐ уште не е отфрлено. Но, како што Неговите раце биле подадени да спасат кога брановите се заканувале да го потопат Петар, така и Неговата љубав била поттикната да го спаси кога длабоките води ја преплавувале неговата душа. Додека се наоѓал на самиот раб на пропаста, фалбените зборови го доведувале Петар сѐ поблиску и поблиску до амбисот. Постојано го добивал предупредувањето: ќе „одречеш дека Ме познаваш" (Лука 22:34). Ожалостено, верното срце на ученикот се отворило со зборовите на изјавата: „Господи, готов сум да одам со Тебе и в затвор, и на смрт!” (Лука 22:33); и Оној Кој ги испитува срцата му ја упатил на Петра тогаш малку вреднуваната порака, но која во темнината што бргу се спуштала, ќе внесе зрак на надеж: „Симоне, Симоне, ете, сатаната посака да ве просее како пченица; но Јас се молев за тебе, за да не се намали твојата вера. А ти, кога еднаш ќе се обратиш, зацврсти ги своите браќа!” (Лука 22:31,32).

Кога во судницата биле изговорени зборовите на откажување; кога Петровата љубов и верност, разбудени од погледот на Спасителот полн со сожалување, љубов и жалост, го одвеле него во градината во која Христос плачел и се молел; кога неговите покајнички солзи капеле на земјата кој била натопена со капките крв од Христовата предсмртна борба – тогаш зборовите на Спасителот: „Јас се молев за тебе… а ти кога еднаш ќе се обратиш, зацврсти ги своите браќа”, биле поддршка на неговата душа. Христос не го препуштил на очајанието иако однапред знаел за неговиот грев.

Ако погледот што Исус го фрлил кон него одразувал осуда наместо сожалување; ако пропуштил да зборува за надежта додека го претскажувал неговиот грев, колку би била длабока темнината што го опкружувала Петар! Колку нездраво би било очајувањето на таа измачена душа! Во тој час на потешкотија и одвратност кон себеси, што би можело да го задржи да не тргне по патот по кој тргнал Јуда?

Оној Кој не можел да го поштеди Својот ученик од тешкотија, не го препуштил самиот на неговата горчина. Неговата љубов никогаш не престанува ниту заборава.

Човечките суштества, и самите препуштени на злото, се наклонети да постапуваат грубо со оние кои се во искушение и кои скршнуваат од вистинскиот пат. Тие не можат да го испитуваат срцето, ниту ги познаваат неговите борби и болката. Ним сѐ уште им е потребно да дознаат дека постои укор кој го изразува љубовта, удар кој ранува за да излекува, предупредување кое зборува за надеж.

На Јована кој стоел крај Христа во судницата, кој стоел покрај Неговиот крст и кој прв од дванаесеттемина бил на гробот – не Јована, туку Петра го предупредил Исус по Своето воскресение. „Туку одете, кажете им на Неговите ученици и на Петра’, рекол ангелот, ‘дека Тој отиде пред вас во Галилеја: таму ќе Го видите” (Марко 16:7).

Кога Исус за последен пат се сретнал со учениците покрај морето, Петар, испитан со прашањето „Ме сакаш ли?” – кое му било поставено три пати, повторно го добил своето место помеѓу дванаесеттемина. Му било доверено Христовото дело; требал да го пасе Господовото стадо. На крај, како Своја последна порака, Христос му наложил: „Ти следи Ме!” (Јован 21:17,22).

Сега можел да ги разбере сите зборови. Петар сега можел подобро да ја разбере поуката што Христос ја дал кога го поставил детето среде учениците и ги повикал да станат слични на него. Запознавајќи ги поцелосно и своите сопствени слабости и Христовата сила, тој бил подготвен да има доверба и да слуша. Можел да го следи својот Учител потпирајќи се на Неговата сила.

А при крајот на своето искуство во работата и жртвата, ученикот кој некогаш бил толку несоодветен да го разбере крстот, бил подготвен радосно да го положи својот живот за евангелието, единствено чувствувајќи дека за него, кој се откажал од Господа, е премногу голема чест да умре на истиот начин на кој што умрел и неговиот Учител.

Чудесната промена во Петар била плод на божествената благост. Тоа е животна поука за сите кои се трудат да одат по стапките на големиот Учител.

Поуки со љубов

Исус ги укорувал Своите ученици. Тој ги потсетувал и предупредувал: но Јован и Петар и нивните браќа не Го напуштиле. И покрај укорите, тие одлучиле да останат со Исус. А ни Спасителот не ги напуштил нив поради нивните грешки. Тој ги прифаќа луѓето онакви какви што се, со сите нивни мани и слабости, и ги подготвувал за Својата служба, доколку тие би сакале да бидат дисциплинирани и подучувани.

Но, помеѓу дванаесеттемина бил и еден на кого сѐ до крајот на Својата работа, Христос не му упатил ниту еден збор на директен укор.

Со Јуда меѓу учениците дошол и елементот на противништво. Тој се придружил со Исус, чувствувајќи ја привлечноста на Неговиот карактер и животот. Искрено копнеел за промена во себе и се надевал дека ќе ја искуси соединувајќи се со Христа. Но, оваа желба не надвладеала во него. Него го придвижувала надежта во себичните добивки и во световното царство кое, што очекувал Христос да го воспостави. Иако ја признавал божествената сила на Христовата љубов, Јуда не и се покорувал на нејзината власт. Продолжил да ги вреднува своето сопствено расудување и ставови, и да негува тенденција кон критикување и осудување. Христовите побуди и постапките кои толку често ја надминувале неговата моќ на разбирање, кај него буделе сомнеж и несогласување, и тој своите лични сомневања и амбиции незабележливо ги пренесувал и на учениците. Голем дел од нивните расправии околу првенството и нивното незадоволство со Христовите методи потекнувале од Јуда.

Исус одбегнувал директен судир, гледајќи дека спротивставувањето би довело само до уште поголема закоравеност. Христос настојувал да ја излекува тесноградата себичност на животот на Јуда доведувајќи го во допир со Својата пожртвувана љубов. Во Своето учење изнесувал принципи кои во корен ги погодувале самољубивите амбиции на ученикот. Така биле давани поука по поука и многупати Јуда разбрал дека со тоа бил прикажан неговиот карактер и означен неговиот грев; но не сакал да се покори.

Спротивставувањето на повикот на милоста, како резултат донело да силата на злото конечно надвладее. Гневен поради укорите и очаен поради пропаста на своите честољубиви сништа, Јуда ја продал својата душа на демонот на алчноста и одлучил да го предаде својот Учител. Од пасхалната соба, од радоста на Христовото присуство и светлината на бесмртната надеж, тој отишол да го изврши своето зло дело – во најкрајната темнина, каде што нема надеж.

„Исус знаеше од почетокот, кои не веруваат и кој ќе Го предаде” (Јован 6:64). Сепак, иако знаел сѐ, Тој не задржал ниту еден повик на милост или дар на љубов.

Гледајќи во каква опасност се наоѓа Јуда, Тој го земал во Својата близина и го вовел во тесниот круг на Своите одбрани и доверливи ученици. Од ден на ден, додека Неговото срце го притискал најтежок товар, Исус ја поднесувал болката на постојаниот допир со тој тврдоглав, полн со сомнежи и тмурен дух; Тој бил сведок на постојаното, тајно и подмолно противништво помеѓу Своите ученици и се трудел да го искорени. И сето тоа само на таа загрозена душа да не и биде ускратено ниту едно спасоносно влијание!

„Големи води не можат

да ја угаснат љубовта,

ниту реките да ја потопат”.

„Зашто љубовта е силна како смртта”

(Песна над песните 8:7,6)

Што се однесува до Јуда лично, Христовото дело на љубов немало успех. Меѓутоа, во однос на неговите другари, учениците, тоа не било така. Ним тоа им овозможило поука, чие влијание го чувствувале низ целиот живот. Тоа им било пример за нежност и долготрпение, кој секогаш ќе влијае на нивното однесување кон оние кои се во искушение и кои скршнале од вистинскиот пат. Но, тоа овозможило и други поуки. При изборот на дванаесеттемина, учениците многу сакале Јуда да влезе во нивниот круг, и неговото пристапување го сметале за многу значаен настан за апостолскиот собир. Јуда повеќе од нив доаѓал во допир со светот, бил со добро однесување, остроумен и способен да управува со работите и, бидејќи високо ги вреднувал своите способности, ги навел учениците и тие да го вреднуваат на ист начин. Но, методите што тој сакал да ги воведе во Христовото дело биле втемелени на световни принципи и под влијание на световната политика. Тие биле насочени кон придобивање световни признанија и почести – кон здобивање на царството од овој свет. Влијанието на овие желби врз животот на Јуда им помогнало на учениците да ја разберат спротивноста помеѓу принципите на самовозвишувањето и Христовиот принцип на понизност и самопожртвуваност – принцип на духовното царство. Во судбината на Јуда тие виделе кон што води служењето на себеси.

За овие ученици Христовата мисија конечно ја постигнала својата цел. Малку по малку, Неговиот пример и Неговите поуки за самооткажувањето го обликувале нивниот карактер. Неговата смрт ја уништила нивната надеж во световна големина. Падот на Петар, отпадот на Јуда, нивниот личен пораз кога во мигот на опасност се откажале од Христа, ја изгониле нивната горделива самоувереност. Ја согледале својата сопствена слабост; делумно ја согледале и големината на делото што им е доверено; почувствувале потреба Учителот да ги води на секој чекор.

Знаеле дека Тој лично веќе нема да биде со нив и ја разбрале, како никогаш порано, вредноста на можноста да одат и разговараат со Испратениот од Бога. Многу од Неговите поуки, кога ги изговарал, тие ниту ги вреднувале ниту ги разбирале; сега сакале повторно да ги повикаат во сеќавање, повторно да ги слушнат Неговите зборови. Колкава радост им влевало сега Неговото ветување:

„Подобро е за вас Јас да си отидам, зашто, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го испратам”. „Зашто ви соопштив сѐ што чув од Мојот Татко”. „А Утешителот, Светиот Дух, Кого Мојот Отец ќе го испрати во Мое име, ќе ве научи сѐ и ќе ве потсети на сѐ што ви реков” (Јован 16:7; 15:15; 14:26).

„Сѐ што има Отецот – Мое е”. „А кога ќе дојде Тој, Духот на Вистината, ќе ве упати во сета вистина… зашто ќе земе од Моето и ќе ви јави” (Јован 16:15,13,14).

Учениците виделе како Христос од Маслинската гора, од нивна средина заминува на Небото. И кога Небото Го примило, до нив допрел одекот од Неговото проштално ветување: „И еве, Јас сум со вас, во сите дни до свршетокот на светот” (Матеј 28:20).

Тие знаеле дека Тој и понатаму сочувствува со нив. Знаеле дека имаат претставник, застапник, пред Божјиот престол. Своите молби ги упатувале во Исусово име, повторувајќи го Неговото ветување: „Што и да молите од Мојот Отец, во Мое име, ќе ви даде” (Јован 16:23).

Сѐ повисоко и повисоко ја подавале раката на верата, имајќи силна причина: „Христос е Оној кој умрел, но уште и воскресна – Кој е од десната страна на Бога, и Кој се застапува за нас” (Римјаните 8:34).

Верен на Своето ветување, член на Божеството, прославен во небесните дворови, Тој на Своите следбеници на Земјата им дал од Својата полнота. Неговото устоличување од десната страна на Бога било објавено со излевање на Духот врз Неговите ученици.

Благодарение на Христовиот труд, овие ученици биле наведени да ја почувствуваат својата потреба од Духот; благодарение на поуката на Духот, тие целосно се подготвиле и тргнале да го извршат своето животно дело.

Тие веќе не биле необразовани и недоделкани. Веќе не биле собир на нескладни и противречни елементи. Нивната надеж повеќе не била насочена кон световна големина. Биле „едонодушни”, со „еден ум и една душа”. Христос ги исполнувал нивните мисли. Нивна цел било напредувањето на Неговото царство. Со умот и карактерот тие станале слични на нивниот Учител, а луѓето „ги препознаа дека тие беа со Исуса” (Дела 4:13).

Тогаш Христовата слава се открила така како што никогаш порано смртните луѓе немале можност да ја видат. Мнозина, кои се потсмевале на Неговото име и ја презирале Неговата моќ, одлучиле да бидат ученици на Распнатиот. Со помош на Светиот Дух овие скромни луѓе што Христос ги одбрал, го потресле светот со нивното дело. Во една единствена генерација евангелието му било објавено на секој народ под небото.

Истиот Дух, кој Го испратил наместо Себе за да им биде учител на Неговите први соработници, Христос Го овластил да им биде учител и на Неговите соработници денес. Тој ветил: „Еве, Јас Сум со вас во сите дни, до свршетокот на светот” (Матеј 28:20).

Присуството на истиот Водич во воспитното дело денес ќе доведе до истите резултати како и некогаш. Тоа е целта кон која се стреми вистинското воспитување; тоа е делото што тоа, по Божја волја, треба да го изврши.