Извор и цел на вистинското воспитување

Илустрација за поглавјето „Извор и цел на вистинското воспитување“

Воспитување

Извор и цел на вистинското воспитување

„Познавањето на Светиот е разум;’’

„Запознај се сега со Него”

(Изреки 9:10; Јов 22:21)

Нашите претстави за воспитувањето се премногу тесногради и збиени. Треба да имаме поширок поглед и да си поставиме повисока цел. Вистинското воспитување значи повеќе отколку само совладување на одредена наставна програма. Тоа е повеќе од подготовка за сегашниот живот. Тоа се занимава со целото човеково битие и се однесува со целиот период на неговото постоење. Воспитување значи складно развивање на телесните, душевните и духовните сили. Тоа го подготвува ученикот за радосна служба во овој и за повозвишена и порадосна служба во светот што ќе дојде.

Изворот на таквото воспитување е истакнат во овие зборови од Светото писмо, кои укажуваат на Бесконечниот: „Во Кого се сокриени сите богатства на мудроста и знаењето” (Колосјаните 2:3). „Во Него е советот и разумот” (Јов 12:13).

Светот имал свои големи учители, луѓе со џиновски интелект, кои многу го унапредиле човековото истражување, луѓе чии говори и давале поттик на човечката мисла и отворале поглед кон нови подрачја на човечкото знаење; овие луѓе биле вреднувани и почитувани како водачи и добродетели на својот народ; но постои Еден кој е повисок од нив. Ние можеме да го следиме редот на светските учители наназад до каде што допираат човечките извештаи; но Светлината била пред нив. Како што Месечината и планетите на нашиот Сончев систем ја рефлектираат сончевата светлина, така и големите мислители, доколку нивното учење е правилно, ги рефлектираат зраците на Сонцето на Праведноста. Секоја искра на мислата, секој блесок на интелектот потекнуваат од Светлината на светот.

Во наше време многу се зборува за природата и важноста на „повисоко воспитување". Вистинското „повисоко воспитување” го дава Оној во кого се мудроста и силата„ (Јов 12:13) од чија уста „доаѓа знаењето и разумот“ (Изреки 2:6).

Секое вистинско знаење и вистински развој имаат свој извор во познавањето на Бога. Каде и да се свртиме во физичкото, менталното и духовното подрачје; каде и да фрлиме поглед, исклучувајќи ги болните последици од гревот – секаде ни се открива тоа познавање. Со каква гранка на истражување да се занимаваме, со искрена намера да ја дознаеме вистината, ние доаѓаме во допир со невидливиот, моќен Ум кој делува во сѐ и преку сѐ. Човековиот ум доаѓа во врска со Божјиот ум, ограничениот со Неограничениот. Влијанието на таквата врска врз телото, умот и душата не може да се процени.

Во оваа врска се наоѓа највисокото воспитување. Тоа е Божјиот метод на развој. „Запознај се сега со него„ (Јов 22:21) – гласи Неговата порака до човештвото. Методот, опишан во овие зборови, бил применет во воспитувањето на таткото на нашиот род. Кога Адам во славата на безгрешната мажевност престојувал во светиот Едем, Бог го подучувал на тој начин.

За да разбереме што е сѐ вклучено во делото на воспитувањето, мораме да ја разгледаме човековата природа и целта што Бог ја имал при создавањето на човекот. Мораме да ја разгледаме исто така и промената во човековата состојба настаната со познавањето на злото, и планот што Бог го замислил за да може и покрај тоа да ја постигне возвишената цел што си ја поставил во воспитувањето на човечкиот род.

Кога Адам излегол од рацете на Создателот, тој по својата физичка, ментална и духовна природа бил сличен на својот Творец. „Бог го создаде човекот според Својот лик”. (Создавање 1:27); Божјата намера била во текот на својот живот човекот сѐ попотполно да го открива овој лик- поцелосно да ја одблеснува славата на Создателот. Сите негови таленти можеле да се развиваат; големината и силата на тие таленти требало постојано да се зголемуваат. Му биле понудени широки можности за обучување, и пред него се отворало славно подрачје за истражување. Тајните на видливата вселена – „чудесата на оној кој е совршен во знаењето” (Јов 37:16) – го повикувале човекот да ги проучува. Негово високо предимство било тоа што можел да разговара лице в лице, срце в срце со својот Создател. Да останел верен на Бога сето тоа засекогаш би било негово. Низ целата вечност би продолжил да придобива нови сокровишта на знаење, би откривал нови извори на среќа и би имал сѐ појасни и појасни претстави за Божјата мудрост, моќ и љубов. Сѐ повеќе би се приближувал кон исполнувањето на целта на своето постоење, сѐ попотполно би ја одблеснувал славата на својот Создател.

Но поради непослушноста сето тоа е загубено. Гревот ја расипал Божјата слика во човекот, речиси ја избришал. Човековите физички сили ослабнале, неговата ментална способност се намалила и неговата духовна визија се помрачила. Човекот станал подложен на смртта. Сепак, човечкиот род не е оставен без надеж. Бескрајната љубов и милост го создала планот на спасението, и животот на човекот му е подарен како време на проба. Да се обнови сликата на неговиот Создател во човекот, да се врати во состојбата на првично совршенство, да се поттикне развојот на неговото тело, умот и душата, за да биде остварена божествената цел на создавањето – тоа е делото на откупувањето. Тоа е целта на воспитувањето, големата цел на животот.

Љубовта, темел на создавањето и откупувањето, исто така е темел и на правилното воспитување. Тоа јасно се открива во законот што Бог го дал како водич низ животот. Првата и големата заповед гласи: „Љуби Го Господа, својот Бог – со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сета своја сила и со сиот свој ум” (Лука 10:27). Највисок развој на секоја умешност е токму љубовта кон Него, тоа бескрајно сезнајно Битие, љубов со сета сила, сиот ум и сето срце. Тоа значи дека Божјата слика треба да биде обновена во целото битие – во телото, во умот, како и во душата.

Втората заповед е слична на првата: „Љуби го ближниот свој како самиот себе!” (Матеј 22:39). Законот на љубовта налага да ги посветиме телото, умот и душата во служба за Бога и своите ближни. Оваа служба, која ни овозможува да бидеме благослов за другите, и нам ни донесува најголем благослов. Несебичноста е темел на секој вистински развиток. Со несебична служба ја развиваме секоја способност до највисока можна мерка. Сѐ повеќе и повеќе ние стануваме соучесници во божествената природа. Подготвени сме за Небото, бидејќи го примаме Небото во своите срца.

Бидејќи Бог е изворот на секое вистинско знаење, првата цел на воспитувањето, како што видовме, е да ги насочи нашите мисли кон објавата во која Тој Самиот ни се открива. Адам и Ева го примале знаењето во непосреден разговор со Бога; тие учеле за Него преку Неговите дела. Сѐ што е создадено, во своето првично совршенство, било израз на Божјата мисла. За Адам и Ева природата била полна со божествена мудрост. Меѓутоа, човекот преку престапот ја загубил можноста да учи за Бога во непосреден разговор со Него, а во голема мерка, и од Неговите дела. Земјата, расипана и осквернета од гревот, само нејасно ја одразува славата на Создателот. Сепак, вистина е дека поуките кои Тој ги запишал во природата сѐ уште не се избришани. На секоја страница од големата книга на Неговите создадени дела сѐ уште може да се препознае Неговиот ракопис. Природата сѐ уште зборува за својот Создател. Но, тие откровенија се непотполни и несовршени. Во нашата грешна состојба, со ослабнати способности и ограничени сфаќања, ние не сме способни правилно да ги протолкуваме. Нам ни е потребно поцелосно откровение на Божјото Битие, кое Самиот Бог ни го дал во Својата пишана Реч.

Светото писмо е совршено мерило на вистината, и како такво треба да му се даде највисоко место во воспитувањето. За да се здобиеме со воспитување достојно за тоа име, мораме да Го запознаеме Бога – Создателот, и Христа – Откупителот, како што се откриени во Светата Реч.

Секое човечко суштество, создадено според Божјиот лик, е надарено со способност слична на онаа на Создателот – индивидуалност, способност на мислење и дејствување. Луѓето кај кои оваа способност е развиена, се луѓе кои носат одговорности, кои се водачи во потфатите и кои влијаат врз карактерот на другите. Задача на вистинското воспитување е да ја развива секоја способност, да ги увежбува младите да мислат, а не само да ги одразуваат мислите на другите. Наместо да го ограничиме нивното проучување на она што луѓето го кажале или напишале, да ги упатиме учениците кон изворите на вистината, кон широките подрачја на истражување во природата и откровението. Нека размислуваат за големите факти за должноста и судбината, и нивниот ум ќе се развие и зајакне. Наместо образувани слабаци, од воспитните установи треба да излегуваат луѓе кои ќе бидат способни да мислат и дејствуваат, луѓе кои се господари а не робови на околностите, луѓе кои се одликуваат со широчина на умот, јасност на мислите и храброст во своите убедувања.

Таквото воспитување дава повеќе од обично дисциплинирање на умот; дава повеќе од увежбување на телото. Тоа го зајакнува карактерот, така што вистината и чесноста нема да им бидат жртвувани на некоја себична желба или световна амбиција. Тоа го зајакнува умот против злото. Наместо некоја страст, кога ќе земе замав, да стане сила што разорува, сите побуди и желби се доведени во согласност со големите принципи на правдата. Ако размислуваме за совршенството на Божјиот карактер, умот ќе биде обновен и душата одново создадена според Божјиот лик.

Кое воспитување може да биде повисоко од ова? Што може, по вредност, да се изедначи со него?

„Не може да биде купена со чисто злато,

ниту да се измери со сребро нејзината цена.

Не се мери таа со офирско злато,

ни со скапоцениот оникс, па ни со сафир.

Не се споредува со злато, со кристал,

ниту се дава за скапоцености од чисто злато.

А за корал и бисер нема што ни да се споменува,

зашто здобивањето со мудрост чини повеќе од рубини“

(Јов 28:15-18)

Божјиот идеал за Неговите деца е повисок од највисоката точка до која човечката мисла може да достигне. Побожноста – сличноста со Бога – тоа е целта што треба да се постигне. Пред ученикот се отвора пат на постојано напредување. Тој има цел која треба да ја постигне, стандард до кој треба да се издигне, кој содржи сѐ што е добро, чисто и благородно. Тој во секоја гранка на вистинското знаење ќе постигнува најголем можен успех за најкусо можно време. Неговите напори ќе бидат насочени кон целите кои се толку повисоки од себичните и минливите интереси колку што се небесата повисоки од Земјата.

Оној што соработува во остварувањето на божествената цел да им се пренесе на младите знаење за Бога и да се изгради нивниот карактер во согласност со Божјиот, извршува возвишена и благородна работа. Будејќи желба да се досегне Божјиот идеал, тој дава воспитување кое е високо како небото и широко како вселената; воспитување кое не може да биде завршено во овој, туку ќе продолжи во следниот живот; воспитување кое на успешниот ученик му дава препорака да помине од подготвителното училиште на Земјата во повисокото училиште, училиштето на Небото.